У.бр.18/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста на член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018).

2. Зорица Черкезова од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 19 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од ставот 1 на членот 19 од Законот за инспекцијата на труд не била во согласност со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015 и 65/2018), па поради тоа не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на државата.

Имено, оспорената законска одредба предвидувала рок од осум дена за поднесување на жалба против управниот акт, а не предвидувала рок од 15 дена како што пропишувал Законот за општата управна постапка, па поради тоа оспорената одредба од Законот за инспекцијата на труд била спротивна на Уставот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на ставот 1 од членот 19 од Законот за инспекцијата на труд и истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека во член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд е предвидено дека против решението на инспекторот за труд може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со иницијативата се оспорува член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018). Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, се утврди дека со неа се оспорува меѓусебната неусогласеност на одредбата од член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд со одредбата од член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, па поради тоа оспорената одредба требало да се укине со цел законодавецот да ја уреди со нова содржина соодветна на содржината во членот 106 став 1 од Законот за општата управна постапка кој предвидувал рок од 15 дена за поднесување на жалба против управен акт. Меѓутоа, Судот нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на законите, како што е во случајов помеѓу Законот за инспекцијата на труд, кој е посебен закон и Законот за општата управна постапка, кој е општ закон со супсидијарна примена кој допушта со посебните закони материјата на нивното уредување да се уредува посебно, ниту ја оценува целисходноста на законските норми, кое е прашање во надлежност на законодавната власт.

Воедно, Судот со свое Решение У.бр.16/2018 веќе отфрлил иницијатива со која се оспорувала одредбата од член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд, од истите причини како во случајов и со предметната иницијатива, поради погоре изнесеното.

Со оглед на наведеното, Судот утврди дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.18/2019
27 февруари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски