Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 февруари 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 53/2013, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015, 31/2016 и 190/2017).
2. Адвокатот Бобан Богдановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот.
Со оспорената одредба се ограничувало правото на правните субјекти кои немаат приоритетна дејност-телекомуникациски услуги да поднесат барање за утврдување на правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства. Поради ваквата одредба, правните субјекти кои се иматели на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства, но кои немаат приоритетна дејност – телекомуникациски услуги, не можеле да го остварат правото на легализација на бесправните објекти согласно Законот.
Оспорената одредба не била во согласност и со член 6 став 1 од Законот за постапување со бесправни објекти, според кој подносител на барање за утврдување на правен статус може да биде физичко лице – државјанин на Република Македонија, правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија и институции кои се иматели на бесправните објекти.
Во иницијативата се укажува дека законите важат подеднакво за сите граѓани на Република Македонија и правни субјекти кои се регистрирани во трговскиот регистар.
Трговските друштва кои се регистрирани согласно Законот за трговските друштва можеле како предмет на работење да ги вршат сите дејности што не се забранети со закон.
Правните субјекти кои ќе регистрираат „општа клаузула за бизнис“ можеле да ги вршат сите дејности според Националната класификација на дејности (НКД).
Во иницијативата се наведува дека според Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, приоритетна дејност била дејност од НКД со чие вршење субјектот на упис има намера да оствари најголем дел од вкупниот приход во првата година во која извршил регистрација.
Според член 7-а став 2 од истиот закон, приоритетната дејност на ја исклучувала, ниту ограничувала примената на општата клаузула за бизнис на ниту еден субјект на упис.
Според член 7-а став 3 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, овластеното лице за упис во регистарот било должно да ја наведе во пријавата за упис приоритетната дејност, а според ставот 4, приоритетната дејност има важност до доделувањето на главната приходна шифра. Според член 9 став 1 од истиот закон, главната приходна шифра одговара на соодветната дејност од НКД од која субјектот остварил најголем приход во тековната година.
Според член 9 став 3 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Централниот регистар автоматски врши проверка на главната приходна шифра и во случај да утврди дека најголемиот остварен приход е од друга дејност, различна од онаа чија приходна шифра е упишана како главна, ќе ја внесе за главна шифрата на дејноста од која е остварен најголемиот приход.
Во тековното работење на правните субјекти била релативна главната приходна шифра на дејноста која се менувала автоматски во зависност од тоа од која дејност правниот субјект остварил најголем приход.
Но тоа не значело дека правниот субјект не врши и други дејности, освен дејноста која е запишана како приоритетна дејност, којашто можела да се менува секоја наредна година во зависност од остварениот приход.
Доколку кај правното лице би дошло до промена на приоритетната дејност-телекомуникациски услуги, тогаш тоа правно лице нема да може да поднесе барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, без оглед дали врши дејност во областа на телекомуникациите.
Со ваквиот пристап се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи се наметнувал правен режим според кој правните субјекти во областа на телекомуникациите да не можат да остваруваат поголеми приходи од друга дејност, бидејќи во спротивно ќе го изгубат својството на баратели за легализација на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства.
Поради наметнатиот правен режим, правните лица кои се иматели на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства биле спречени под еднакви услови да го утврдат правниот режим на ваквите електронски комуникациски мрежи и средства и биле оневозможени во иднина да ја штитат сопственоста на објектите кои што ги владеат, со што се создавала правна несигурност и неизвесност поради неутврдениот правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства.
Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, па по спроведување на постапката, да донесе одлука со која ќе ја поништи оспорената законска одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, барање за утврдување на правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства може да поднесе само правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност -телекомуникациски услуги.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се уредуваaт условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти (член 1).
Според членот 2 од Законот:
(1) Под бесправно изградени објекти, во смисла на овој закон, се подразбираат објекти од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, објекти од локално значење согласно со Законот за градење и објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и од локално значење и на објектите на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат (во натамошниот текст: бесправни објекти).
(2) Под објекти од локално значење, во смисла на овој закон, покрај објектите од ставот (1) на овој член се подразбираат и помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба (градби за кои согласно со Законот за градење градоначалникот на општината издава решение за изведување на градбатa), времени објекти наменети за домување, објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно со Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, како и објекти, односно посебни делови од објекти пренаменети без одобрение за пренамена.
(3) Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставовите (1) и (2) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина. Доколку одредени делови, односно нивоа од бесправниот објект не се функционална целина, тие делови не се предмет на утврдување на правен статус и за истите може да се води постапка за добивање одобрение за градење согласно со Законот за градење, ако по извршеното вклопување на делот од објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус, се предвидуваат услови за идна градба.
Согласно членот 2-а од Законот, предмет на овој закон не е кабелска канализација во која се поставени електронски комуникациски мрежи и средства (став 1). Кабелската канализација од ставот (1) на овој член се запишува во јавната книга за запишување на правата на недвижности со право на сопственост на Република Македонија врз основа на одлука на Владата на Република Македонија (став 2).
Според член 3 став 1 од Законот, под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправните објекти од значење за Републиката, бесправните објекти од локално значење и бесправните објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита во јавната книга за запишување на правата на недвижности и вклопување на истите во урбанистичко-планската документација, односно запишување на бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно со важечката урбанистичко-планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, бесправните објекти изградени во заштитен крајбрежен појас на вештачки езера и речни корита, бесправните објекти со намена домување во станбени куќи согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање кои се изградени во заштитен крајбрежен појас на природни езера, линиските инфраструктурни објекти и електронските комуникациски мрежи и средства во јавната книга за запишување на правата на недвижности согласно со закон.
Во согласност со член 4 став 1 од истиот закон, постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект ја спроведуваат органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и единиците на локалната самоуправа.
Според член 5 став 1 од Законот, за утврдување на правен статус на бесправен објект се поднесува барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на имателот на бесправен објект до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е изграден бесправниот објект, односно органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
Според член 6 став 1 од Законот, подносител на барање за утврдување на правен статус може да биде физичко лице – државјанин на Република Македонија, правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија и институции кои се иматели на бесправните објекти. Странски правни и физички лица можат да бидат баратели, доколку ги исполнуваат условите за стекнување на право на сопственост утврдени со Законот за сопственост и други стварни права.
Согласно член 8 став 1 од Законот, барање за утврдување на правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства може да поднесе само правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност – телекомуникациски услуги.
Според ставот 8 на истиот член, по исклучок од ставот (1) на овој член постапката за утврдување на правен статус се спроведува и доколку подносител на барањето е државен орган или друг субјект основан од Република Македонија.
Во согласност со член 21 став 1 од Законот, со решението за утврдување на правен статус на бесправен објект се потврдува дека бесправниот објект од значење за Републиката, бесправниот објект од локално значење и бесправниот објект на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита ги исполнува условите за вклопување во урбанистичко-планската документација и за запишување во јавната книга за запишување на правата на недвижности, односно дека бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно со важечката урбанистичко-планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, бесправните објекти изградени во заштитен крајбрежен појас на вештачки езера и речни корита, бесправните објекти со намена домување во станбени куќи согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање кои се изградени во заштитен крајбрежен појас на природни езера, линиските инфраструктурни објекти и електронските комуникациски мрежи и средства, ги исполнуваат условите за запишување во јавната книга за запишување на правата на недвижности.
Од анализата на наведените и другите одредби на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, произлегува дека законодавецот, во рамките на своето уставно овластување и слобода да ги уреди правните односи на начин за кој цени дека е најсоодветен за постигнувањето на целта на регулирањето на конкретните односи, се определил со посебен закон да ги уреди условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти, со што им се овозможува на граѓаните кои имаат бесправно изградени објекти истите да ги легализираат и да стекнат сопственост.
Притоа, неспорно е дека Уставот ја штити и гарантира сопственоста, но само онаа која е стекната на легален начин, според условите предвидени со закон, од каде произлегува дека Уставот не ги штити бесправно изградените објекти над кои нема востановено сопственост. За повреда, односно заштита на сопственоста на овие објекти единствено може да стане збор откако истите ќе бидат легализирани во постапка пропишана со закон (Решение на Уставниот суд, У.бр. 127/2013).
Законодавецот се определил прашањето за утврдување на правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства, во Законот да го уреди посебно од другите бесправно изградени објекти (член 8).
Во таа смисла, законодавецот пропишал дека во случаите кога станува збор за утврдување на правен статус на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства, барање за утврдување на правен статус на истите може да поднесе само правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност – телекомуникациски услуги (член 8 став 1), а по исклучок, постапката за утврдување на правен статус се спроведува и доколку подносител на барањето е државен орган или друг субјект основан од Република Македонија (член 8 став 8). Тоа значи дека законодавецот, имајќи ја предвид специфичноста на електронските комуникациски мрежи и средства, како и нивната функција како градби од јавен интерес, јасно и прецизно определил кој правен субјект може да покрене постапка за легализација на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства. Определбата правото на легализација на овие средства да биде ограничено само на правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност – телекомуникациски услуги, е проценка на законодавецот кој одлучува за оправданоста и целисходноста на законското решение, имајќи ја предвид спецификата и значењето на електронските комуникациски мрежи и средства, што е во согласност со неговите уставни овластувања.
Притоа, според Судот, ваквата регулатива не може да се прифати како повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, како што се наведува во иницијативата. Ова од причина што со истата се определува постапка за легализирање на бесправно изградени објекти, под еднакви услови за сите, а не се уредува вршењето на дејноста на правните субјекти.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека според изнесеното во иницијативата, право да поднесат барање за легализација на бесправно изградени/поставени електронски комуникациски мрежи и средства би требало да имаат сите правни субјекти кои се иматели на бесправните објекти, како што е пропишано во член 6 став 1 од Законот, независно дали се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност- телекомуникациски услуги, како што посебно пропишува член 8 став 1 од Законот, што всушност значи барање за поинакво уредување на предметната материја, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој единствено ја оценува согласноста на постојната регулатива со Уставот, а не уредува односи и не креира норми.
Оттука, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои со оспорената одредба од член 8 став 1 од Законот се повредувале владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, се неосновани.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.31/2018
13 февруари 2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски