Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за разрешување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, бр.08-4480/1 од 23 јули 2018 година, донесена од Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2018).
2. Борче Размоски од Ресен, Илче Мушаревски од Ресен и Влатко Сајкоски од Кичево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со: член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, кои се однесуваат на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија; потоа, со членот 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба; потоа со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите; и со член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот, според кој Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.
Во иницијативата, исто така се наведува дека оспорената одлука не била во согласност и со одредби од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од реботен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011, 148/2013, 41/2014, 130/2014, 53/2016 и 11/2018), и тоа со: член 3 став 2 според кој претседателот и членовите на оваа комисија ги именува и ги разрешува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија; и со член 4 став 1 од овој закон, според кој Собранието на Република Македонија го разрешува претседателот или членот на Државната комисија пред истекот на мандатот ако:
– тоа сам го побара,
– трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата што го утврдува Собранието на Република Македонија,
– е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци,
– ги исполни условите за старосна пензија,
– врши работи кои се неспојливи со функцијата член или претседател на Државната комисија, или
– настапи смрт на претседателот или членот.
Во иницијативата се укажува дека во член 3 став 2 од наведениот Закон јасно било утврдено дека Собранието на Република Македонија само на предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, можело да ги разреши претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а не на предлог на Владата на Република Македонија, имајќи во предвид дека со Решение У.бр.57/2017 од 11 јуни 2018 година Уставниот суд на Република Македонија уставно го проблематизирал член 4 став 2 од Законот, во кој било пропишано дека предлог за разрешување на претседателот и член на Државната комисија можела да поднесе до Собранието и Владата на Република Македонија, а потоа овој став од наведениот член од Законот Судот го укинал.
Имено, факт било дека оспорената одлука на Собранието на Република Македонија, е донесена на предлог на Владата на Република Македонија од 5 април 2018 година, со образложение дека претседателот и членовите на Државната комисија не покажале резултати во работењето.
Според наводите во иницијативата, Уставниот суд со свое Решение У.бр.57/2017 од 11 јуни 2018 година повел постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, каде било предвидено предлог за разрешување на претседател и член на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија, а и покрај тоа еден месец подоцна, Собранието на Република Македонија на предлог на Владата, ја донело оспорената одлука за разрешување, на седница на 23 јули 2018 година која била објавена во „Службен весник на Република Македонија“ број 137/2018 на 24 јули 2018 година, што укажувало на тоа дека Собранието на Република Македонија не го имало во предвид Решението на Уставниот суд.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за разрешување ја донело Собранието на Република Македонија, спротивно на член 3 став 2 од Законот, кој упатува дека предлогот за разрешување требало да биде доставен од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, но во случајов таков предлог од ова тело на Собранието не бил доставен до Собранието па оттука и не е јасно зошто во уводниот дел оспорената одлука се повикува на член 3 став 2 од Законот, а нема основ за тоа.
Со оглед на тоа што не бил исполнет ниту еден од императивно поставените услови во Законот за да може Собранието да ја донесе Одлуката за разрешување на претседател или член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, произлегувало дека со оспорената одлука се повредувале одредбите од Уставот и Законот кои се погоре изнесени, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја отстрани од правниот поредок.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 3 став 2, а во врска со член 4 став 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011, 148/2013, 41/2014, 130/2014, 53/2016 и 11/2018), Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 23 јули 2018 година, донела
О Д Л У К А
за разрешување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен:
1. Од функцијата претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен се разрешуваат:
а) од претседател:
– Ирена Брзанова,
б) од членови:
– Илче Мушаревски,
– Борче Размоски,
– Влатко Сајкоски,
– Јаготка Ивановска,
– Менсур Зенуни,
– Шериф Мемети,
– Благица Тодорова,
– Дарко Доневски,
– Снежана Филиповска Павлеска и
– Јетмир Лика.
2. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
Бр.08-4480/1 Претседател на Собранието
23 јули 2018 година на Република Македонија
Скопје м-р Талат Џафери
Оваа одлука била објавена на 24 јули 2018 година во „Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2018.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, произлегува дека во конкретниов случај оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истата не може да биде предмет на уставно-судска оценка.
Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши поименично разрешување од должност на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, од што произлегува дека по својата форма и содржина претставува поединечен акт и нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија. Со оспорената одлука не се уредуваат односи на неопределен број на субјекти на општ начин, поради што не се исполнети условите Уставниот суд да се впушти во одлучување и анализа на основаноста на наводите во иницијативата и истата следи да се отфрли согласно наведената деловничка одредба.
5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.118/2018
6 февруари 2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски