У.бр.76/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 40 и член 41 став 1 во делот на зборовите: „од член 40“, од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017).

2. Тони Цветковски, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 40 и член 41 став 1 во делот на зборовите „од член 40“ од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 40 и член 41 став 1 во делот на зборовите „од член 40“ од Кривичниот законик биле спротивни на член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Пропишаната одредба од членот 40 од Кривичниот законик, како и повикувањето на овој член во одредбата од ставот 1 на членот 41 од овој законик, биле во колизија со начелото на индивидуализацијата на казната односно во спротивност со приспособувањето на видот и висината на казната спрема личноста на сторителот. Со други зборови, со иницијативата се потенцира дека предвиденото ублажување на казната или примена на поблаг вид на казна било возможно единствено кога сторителот ќе ја признаел вината, без притоа законодавецот да води сметка дека осомничениот односно обвинетиот во една законита постапка би можел да ја докажува својата невиност.

Имено, кога во ист кривичен предмет се сообвинети повеќе лица, па доколку еден одлучи да даде изјава за признавање на вина, останатите лица не би имале друга алтернатива освен и тие да ги признаат делата кои им се ставаат на товар бидејќи ако се впуштат во понатамошната постапка, би биле оневозможени да добијат ублажување на казната под границата пропишана со закон со што не би била задоволена правдата во целост. Тие на некој начин се доведувале во ситуација да го прифатат овој кривично-правен институт и да не ја докажуваат својата невиност во судската постапка.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените законски одредби.

Воедно, во иницијативата се посочува и на интервентната Одлука У.бр.169/2016 од 16.11.2017 година на Уставниот суд, со која се укинати Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) и ставот 3 од членот 39 од Кривичниот законик, кој упатувал одмерувањето на казната судот да го врши согласно тој закон, при што ставот на Уставниот суд бил потенцирање на принципот на индивидуализацијата на казната за секој сторител посебно.

3. Судот на седницата утврди дека во Кривичниот законик, во главата трета со наслов „Казни“ (членови 32-47), во точката 2 со поднаслов „Одмерување на казната“ се содржани членот 40, насловен како „Ублажување на казната“ и членот 41, насловен како „Граници на ублажувањето на казната“ кои гласат:

Член 40

Судот може на сторителот да му одмери казна под границата пропишана со закон, во рамките предвидени во членот 41 од овој закон или да примени поблаг вид на казна во случај:

1) кога изрекува казна по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и
2) кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка.

Член 41

(1) Кога постојат услови за ублажување на казната од член 40, судот ќе ја ублажи казната во овие граници ако:

1) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од десет години, казната може да се ублажи до пет години затвор,
2) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од осум години, казната може да се ублажи до четири години затвор,
3) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од пет години, казната може да се ублажи до три години затвор,
4) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од четири години, казната може да се ублажи до две години затвор,
5) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од три години, казната може да се ублажи до една година затвор,
6) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од една година, казната може да се ублажи до три месеци затвор,
7) за кривичното дело е пропишана најмала мера на казна затвор под една година, казната може да се ублажи до 30 дена затвор,
8) за кривичното дело е пропишана казна затвор до три години со назначување на најмалата мера, наместо казна затвор може да се изрече парична казна, и
9) за кривичното дело е пропишана парична казна со назначување на најмалата мера, казната може да се ублажи до општиот законски минимум.

(2) При одлучувањето во која мера казната ќе ја ублажи според правилата од став 1, судот посебно ќе ја има предвид најмалата и најголемата мера на казна пропишана за кривичното дело.

Со иницијативата е оспорен членот 40 и членот 41 став 1 во делот на зборовите „од член 40“ од овој Закон.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда, а согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во Кривичниот законик, во главата трета со наслов „Казни“ се содржани повеќе членови (членови 32-47).

Според член 33 од Законикот, кој се однесува на видовите на казни:

(1) За кривични дела на кривично одговорните сторители може да им се изречат следниве казни:
1) казна затвор;
2) парична казна;
3) забрана на вршење професија, дејност или должност;
4) забрана на управување со моторно возило;
5) протерување странец од земјата; и
6) забрана за посетување на спортски натпревари.
(2) Казната затвор може да се изрече само како главна казна.
(3) Паричната казна може да се изрече како главна и како споредна казна заедно со казната затвор или со условната осуда со која е утврдена казна затвор.
(4) Ако за едно кривично дело се пропишани казната затвор или паричната казна, како главна казна може да се изрече само едната од нив, освен кога со закон е пропишано дека може да се изречат и двете казни.
(5) Заедно со главната казна може да се изрече една или повеќе споредни казни, под условите за нивното изрекување предвидени во законот. Со закон може да се пропише и задолжително изрекување на споредна казна.
(6) Казната забрана на вршење професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор.
(7) Казните забрана на управување со моторно возило и протерување странец од земјата можат да се изречат ако на сторителот му е изречена казна затвор или парична казна, условна осуда или судска опомена.
(8) Казната забрана на управување со моторно возило може да се изрече и како единствена казна на сторителот на небрежно дело за кое е пропишана парична казна или казна затвор до една година, ако делото го сторил под особено олеснувачки околности.
(9) Казната забрана за посетување на спортски натпревари може да се изрече ако на осудениот му е изречена казна затвор, парична казна, условна осуда или судска опомена.

Членот 34 од Кривичниот законик се однесува на законитоста во изрекувањето на казната и предвидува дека на сторител на кривично дело му се изрекува казната пропишана за стореното кривично дело, а поблага казна од пропишаната може да се изрече само под условите предвидени со овој законик. Според ставот 2 од истиот член, за кривични дела сторени од користољубие парична казна како споредна може да се изрече и кога не е пропишана со закон или кога со закон е пропишано дека сторителот ќе се казни со затвор или со парична казна, а судот како главна казна ќе изрече казна затвор.

Во делот од Кривичниот законик кој се однесува на одмерување на казната е содржан членот 39, кој се однесува на општите правила на одмерувањето на казната и гласи:

(1) Судот ќе му одмери казна на сторителот на кривично дело во границите што се пропишани со закон за тоа дело, имајќи ги предвид кривичната одговорност на сторителот, тежината на делото и целите на казнувањето.
(2) Судот ќе ги има предвид сите околности што влијаат казната да биде помала или поголема (олеснувачки и отежнувачки околности), а особено: степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето или повредата на заштитното добро, околностите под кои е сторено делото, придонесот на жртвата во извршувањето на делото, поранешниот живот на сторителот, неговите лични прилики и неговото однесување по стореното кривично дело, како и други околности што се однесуваат на личноста на сторителот.
(3) Кога судот одмерува казна ќе има предвид дали кривичното дело е сторено во поврат, a посебно ќе има предвид дали поранешното дело е од ист вид како и новото дело, дали се работи за продолжено кривично дело и дали постои исклучително висок степен на противправност што во корелација со другите околности под кои е сторено кривичното дело го оправдува изрекувањето на построга санкција.
(4) При одмерување на казната судот посебно ќе има предвид дали кривичното дело е сторено против лице или група на лица или имот, непосредно или посредно, поради нивната припадност на одреден пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или ратификуван меѓународен договор.
(5) При одмерувањето на паричната казна, судот ќе ја има предвид и имотната состојба на сторителот, водејќи притоа сметка за неговите други приходи, за неговиот имот и за неговите семејни обврски.

Во овој дел од Законикот е систематизиран оспорениот член 40 кој се однесува на ублажувањето на казната.

Членот 41 од Законикот се однесува на границите на ублажување на казната, а во ставот 1 се повикува на членот 40, односно „кога постојат услови за ублажување на казната од член 40, судот ќе ја ублажи казната во овие граници ако……..“. Во понатамошниот дел од одредбата посебно се наведени границите на ублажување на казната.

Останатите членови од оваа точка од Законикот се однесуваат на ослободување од казна, посебна основа за ослободување од казна, ослободување поради отстранување на штетните последици на кривичното дело, стек на кривични дела, продолжено кривично дело, одмерување казна на осудено лице, како и засметување на притворот и на поранешната казна.

Со оглед на тоа што ублажувањето на казната под границата пропишана со закон се предвидува во два случаи, и тоа: по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот; и кога обвинетиот ќе ја признае вината на главната расправа согласно со одредбите од Законот за кривичната, неопходно е да се земат во предвид и одредбите од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2010, 100/2012 и 142/2016) со кои се пропишува постапката на овие два случаи.

Законот за кривичната постапка во членот 329 предвидува дека обвинетиот може да поднесе изјава за признавање на вина во однос на сите или одделни кривични дела содржани во обвинителниот акт во рок од осум дена од приемот на обвинителниот акт.

Членот 333 од овој закон се однесува на текот на рочиштето за оцена на обвинителниот акт, а во членот 334 од овој закон, со наслов „Тек на рочиштето кога има изјава за признавање на вината“ е предвидено:

(1) Ако осомничениот кој има бранител поднел изјава за признавање на вина во однос на сите или одделни кривични дела содржани во обвинителниот акт, односно дал ваква изјава на рочиштето, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт проверува дали:
1) изјавата за признавање вина е дадена доброволно, свесно и со разбирање на последиците од неа, вклучувајќи ги и последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка и
2) постојат доволно докази за вината на осомничениот.
(2) Изјавата за признавање на вината се внесува во записник.
(3) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ја прифати изјавата за признавање на вината, по предлог од осомничениот и неговиот бранител или на предлог од јавниот обвинител може да се бара одлагање на рочиштето заради спроведување постапка за спогодување и доставување предлог-спогодба согласно со одредбите од членот 483 до 490 на овој закон.
(4) Во случај на предлог од ставот (3) на овој член судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го одлага рочиштето за период од 15 дена и определува датум за наредното рочиште.
(5) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не ја прифати изјавата за признавање вина тоа го констатира на записник, ги запознава присутните странки и рочиштето за оцена на обвинителниот акт продолжува.
(6) Поднесената изјава за признавање на вината, односно записникот во кој е содржана изјавата за признавање на вината која судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не ја прифатил не може да се користат како доказ во натамошната кривична постапка. Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе обезбеди поднесокот, односно записникот со изјавата за признавање на вината да се затвори во посебна обвивка и да се издвои од списите на предметот.

Според членот 335 од овој закон, кој се однесува на поднесувањето на предлог – спогодбата:

(1) Ако на рочиштето за поднесување на предлог-спогодба, јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител поднесат предлог-спогодба со елементи предвидени во членот 485 од овој закон, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ја оценува предлог-спогодбата.
(2) Ако ја прифати предлог-спогодбата, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт донесува пресуда согласно членот 490 од овој закон.
(3) Ако не ја прифати предлог-спогодбата, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт донесува решение за неприфаќање на предлог-спогодбата и одлучува во однос на обвинителниот акт.
(4) Предлог-спогодбата која не е прифатена не може да се користи како доказ во натамошната кривична постапка. Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе обезбеди записникот со изјавата за признавање на вината и предлог-спогодбата да се затворат во посебна обвивка која ќе се издвои од списите на предметот, во смисла на член 334 став (6) од овој закон.

Во членот 380 од овој закон, со наслов „Поука за правата и изјаснување за вина на обвинетиот“ е предвидено:

(1) По воведниот говор на тужителот, претседателот на советот ќе го праша обвинетиот дали разбира за што е обвинет и доколку се увери дека обвинетиот не разбрал за што е обвинет, накратко ќе ја изнесе содржината на обвинението на начин најразбирлив за обвинетиот.
(2) Претседателот на советот ќе го поучи обвинетиот за правото да молчи или да даде свој исказ и ќе го советува внимателно да го следи текот на главната расправа, при што ќе му укаже дека може да изнесува докази во своја одбрана, да им поставува прашања на сообвинетите, сведоците и вештаците, и да става забелешки во поглед на нивните искази.
(3) Потоа претседателот на советот ќе го повика обвинетиот да се произнесе во однос на сите кривични дела на обвинението дали се чувствува за виновен или не.

Според членот 381 од овој закон, кој се однесува на донесување на пресуда врз основа на признание на вината во текот на главната расправа:

(1) По поуката за правата на обвинетиот без оглед на природата и тежината на кривичното дело за кое се води постапката, обвинетиот може доброволно да ја признае вината во однос на едно или повеќе кривични дела од обвинението.
(2) По даденото признание за вината, судијата поединец, односно претседателот на советот е должен да испита дали признанието е доброволно, дали обвинетиот е свесен за правните последици од признавањето на вината, за последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка.
(3) По спроведувањето на дејствијата од ставот (2) на овој член од страна на судот, во доказна постапка ќе се изведат само оние докази што се однесуваат на одлуката за санкцијата.
(4) Во однос на пресудата или делот од пресудата што е донесена како резултат на признавањето на вината на обвинетиот во текот на главната расправа, обвинетиот не може да поднесе жалба поради погрешно утврдена фактичка состојба.

Понатаму, Судот ги имаше во предвид и одредбите од овој закон содржани во оддел Д „Забрзани постапки“, односно во глава 29 со наслов „Донесување на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот“ (членови 483 – 490).

Имено, според член 483 став 1 од Законот за кривичната постапка, до поднесување на обвинение, јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик. Според ставот 2 од овој член, јавниот обвинител е должен кон предлог-спогодбата, заедно со сите докази да приложи и писмена изјава потпишана од оштетениот во однос на видот и висината на имотноправното побарување. Според ставот 3 од овој член, спогодувањето се врши меѓу надлежниот јавен обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител.

Според членот 484 од овој закон, предмет на спогодувањето е видот и висината на кривичната санкција што ќе се предложи во предлог-спогодбата, а ако постои согласност од осомничениот предмет на спогодување може да биде и имотноправното побарување од оштетениот.

Членот 485 од овој закон се однесува на елементите коишто треба да ги содржи предлог – спогодбата.

Според членот 487 од овој закон, судијата на претходната постапка не смее да учествува во постапката за спогодување меѓу јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител.

Членот 488 (Постапување по предлог-спогодбата) од овој закон гласи:

(1) Во рок од три дена по приемот на предлог-спогодбата, судијата на претходната постапка закажува рочиште за оцена на предлог-спогодбата.
(2) На рочиштето ги повикува подносителите на предлог- спогодбата и должен е да испита дали таа доброволно е поднесена, дали осомничениот е свесен за правните последици од нејзиното прифаќање, за последиците сврзани за имотно-правното побарување и трошоците на кривичната постапка.
(3) Јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето не смеат да поднесат барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата. Доколку јавниот обвинител или осомничениот и неговиот бранител поднесат вакво барање, се смета дека се откажале од предлог-спогодбата и судијата на претходната постапка донесува решение во смисла на членот 489 став (1) од овој закон.
(4) Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител дека имаат право до донесување на одлуката да се откажат од предлог-спогодбата.
(5) Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и
осомничениот и неговиот бранител дека прифаќањето на предлог-спогодбата се смета за откажување од правото на жалба на донесената пресуда врз основа на предлог-спогодбата.

Членот 489 од овој закон се однесува на одбивањето на предлог- спогодбата:

(1) Ако судијата на претходната постапка утврди дека прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција, односно дека јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето поднеле барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог- спогодбата, донесува решение со кое ја одбива предлог- спогодбата и списите ги доставува до јавниот обвинител.
(2) Во случај на донесување на решението од ставот (1) на овој член, записникот од одржаното рочиште и предлог-спогодбата не може да се користат во натамошниот тек на постапката и со нив ќе се постапи на начин уреден во членот 336 став (4) од овој закон.
(3) Против решението донесено во смисла на ставот (1) на овој член не е дозволена жалба.

Според член 490 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако судијата на претходната постапка ја прифати предлог-спогодбата изрекува пресуда со која не смее да изрече кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог спогодбата.

5. Имајќи ги во предвид претходно наведените законски одредби, може да се заклучи дека оспорените одредби од Кривичниот законик не може да се разгледуваат изолирано, без притоа да се земат во предвид и одредбите од Законот за кривичната постапка.

Со новиот концепт во Законот за кривичната постапка од 2010 година се содржани одредби кои за прв пат во македонското казнено-процесно законодавство ја регулираат можноста за спогодување на јавниот обвинител и обвинетиот за видот и висината на кривичната санкција, предвидуваат поинаков статус на изјавата за признавање на вина во фазата на контрола на обвинението, на признанието дадено во текот на главната расправа во редовната постапка, како и во текот на расправата во делот на скратената постапка, различно од поранешната пракса со признанието што обвинетиот можеше да го даде само пред судот.

Со други зборови, со воведувањето на постапката за спогодување помеѓу јавниот обвинител, од една страна, и обвинетиот и неговиот бранител, од друга страна, е направена значајна промена во основните принципи на казнената постапка.

Новиот концепт на спогодување и признавање на вина претставуваат компромис односно спогодување на страните во постапката чијашто главна цел е заштита на фундаменталните социјални вредности, неопходноста од зголемување на ефикасноста на кривичната постапка и редуцирање на трошоците што и ја наметнало целисходноста и потребата од прифаќање на овие механизми како правен концепт на примена на елементи на договорно право.

Според одредбите од Законот за кривичната постапка, обвинетиот има право слободно да ја изнесе својата одбрана, да не биде присилен да даде исказ против себе или своите блиски или да признае вина, како и да се изјасни за фактите и доказите кои го товарат и да ги изнесе сите факти и докази кои му одат во прилог.

Судот е тој кој ги проверува елементите на даденото признавање на вина во текот на рочиштето за оцена на обвинителниот акт. Според член 334 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако осомничениот кој има бранител поднел изјава за признавање на вина во однос на сите или одделни кривични дела содржани во обвинителниот акт, односно дал ваква изјава на рочиштето, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт проверува дали: изјавата за признавање вина е дадена доброволно, свесно и со разбирање на последиците од неа, вклучувајќи ги и последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка и дали постојат доволно докази за вината на осомничениот. Оттука, судот е тој кој одлучува дали ќе ја прифати, или нема да ја прифати изјавата за признавање на вина.

Понатаму, во однос на признанието на вина во текот на главната расправа, судот е тој што цени дали признанието е дадено доброволно; дали обвинетиот е свесен за правните последици од признавањето на вината; дали обвинетиот е свесен за последиците сврзани за имотно – правното побарување; и дали обвинетиот е свесен за трошоците на кривичната постапка (член 381 став 2).

Покрај овие две фази од кривичната постапка, до поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик (член 483 став 1).

Имено, судот може од важни причини, од причини на целесообразност или во случај на признавање вина во случај на признавање вина во однос на дел од кривичните дела содржани во обвинението, или признавање вина од некои од сообвинетите во постапката, до завршувањето на главната расправа да одлучи постапката за одделни кривични дела или против одделни обвинети да се раздвои и посебно да се доврши или да му се предаде на друг надлежен суд (член 29 став 1 од Законот за кривичната постапка).

Оттука, поради изнесеното, Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата според кои кога во ист кривичен предмет се сообвинети повеќе лица, па доколку еден одлучи да даде изјава за признавање на вина, останатите лица не би имале друга алтернатива освен и тие да ги признаат делата кои им се ставаат на товар бидејќи ако се впуштат во понатамошната постапка, би биле оневозможени да добијат ублажување на казната под границата пропишана со закон, со што не би била задоволена правдата во целост.

Од друга страна, законодавецот во Кривичниот законик во членот 40 точно ги утврдил случаите кога судот може на сторителот да му одмери казна под границата пропишана со закон, во рамките предвидени со членот 41 или да примени поблаг вид на казна во случаите: кога изрекува казна по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот; и кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка.

Додека во членот 41 од Кривичниот законик точно се определуваат границите за ублажување на казната, односно според посебниот минимум на казната пропишана за казненото дело.

Оттука Судот оцени дека законодавецот со Кривичниот законик за секое казнено дело го определил видот на казната и ги поставил нејзините рамки односно ориентација по која судот треба да се води при изборот на казните. Со други зборови, постои систем на т.н релативно определени казни (комбинација на законско определување на казната и судско определување на казната во законските определени рамки), притоа оставајќи можност судот да може на сторителот да му определи и казна под пропишаната граница доколку осомничениот односно обвинетиот ја признае вината.

Уставотворецот со членот 14 од Уставот, предвидел дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна што ја објаснува улогата на Кривичниот законик преку пропишувањето на казните од една страна и давање можност за нивно ублажување под точно предвидени законски услови, од друга страна.

Целта на оспорените законски одредби од Кривичниот законик не е ставање во нееднаква положба на обвинетиот во кривичната постапка спротивно на членот 9 од Уставот на Република Македонија, затоа што на обвинетиот само му се остава можност за спогодување со јавниот обвинител за видот и висината на кривичната санкција преку признавање на вината во фаза на контрола на обвинението, или во текот на главната расправа во редовната постапка. Законот по ова прашање има облигаторен, а не императивен карактер за страните.

На крај, неосновани се наводите во иницијативата и во однос на интервентната одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.169/2016 од 16.11.2017 година со која се укинати Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) и ставот 3 од членот 39 од Кривичниот законик, од каде се наметнувала потребата и од укинување на оспорените одредби. Судот во наведената одлука, покрај другото, се водел и од фактот што во конкретниот случај утврдил ситуација во која со укинатиот закон наспроти Кривичниот законик, се уредени различни и паралелни правила за примена на институтот ублажување на казната, односно правилата од укинатиот закон отстапуваат од системските правни правила содржани во Кривичниот законик со што првенствено се нарушувало владеењето на правото и правната сигурност како основен елемент на владеењето на правото.

Од наведеното произлегува дека со оспорените одредби од Кривичниот законик е уреден институтот ублажување на казната и случаите во кои може судот да ја ублажи казната, или да примени поблаг вид на казна и границите за ублажување на казната, што е во корелација со концептот на признавање на вината и предлог-спогодбата воспоставен со новиот Закон за кривичната постапка.

Од сето погоре изнесено, Судот утврди дека членот 40 во целина и членот 41 (во оспорениот дел) од Кривичниот законик не ги става во нееднаква положба обвинетите лица во кривичната постапка спротивно на одредбата од член 9 став 2 од Уставот, според која граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, туку само ја предвидува можноста за ублажување на казната во границите предвидени со членот 41, а во точно уврдени случаи кога судот изрекува казна по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и кога обвинетиот ќе ја признае вината на главната расправа согласно одредбите од Законот за кривичната постапка.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2018
6.февруари 2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски