Издвоено мислење по предметот У.бр.115/2017

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.115/2017 година, донесено на ден 05.12.2018 година, за не поведување на постапка за оценување на уставноста на член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијатива-та на подносителите Јадранка Мршиќ, Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ и Димитар Пејчиновски сите од Скопје, преку Игор Спировски, адвокат од Скопје, за поведување на постапка за оценување на уставност на член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016) со мнозинство гласови донесе Решение за не поведување на постапка за уставноста на оспорената одредба од Законот, бидејќи оцени дека таа одредба по сите основи е во согласност со Уставот. Изразувајќи несогласност со таквото Решение гласав против и го издвојувам своето мислење, затоа што сметам дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Решението на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок и правна заштита на сопстве-носта) член 9 став 2 (начела на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), член 30 став 1, 2 и 3 (се гарантира правото на сопственост… сопственоста создава права и обврски… и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес), а во врска со член 34 , член 35 и член 51 став 1 (во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот) од Уставот на Република Македонија.

При одлучувањето за основаноста на овие наводи, Судот би требало да утврди најпрвин дали осигурениците во првиот столб и осигурениците во двостолбниот систем се наоѓаат во суштински идентична положба, дали постои различен третман помеѓу нив со оспорената одредба и дали тој различен третман има објективно и разумно оправдување. Од одговорите на Владата на Република Македонија и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ние не можевме да утврдиме кое е оправдувањето за тоа само за осигурениците што ќе останат во првиот столб да има ограничување на највисокиот износ на пензијата, така што сметам дека на евентуалното проблематизирање на оспорената одредба на членот 230 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување од аспект на членот 9 и 30 од Уставот, би морало да претходи одржување на подготвителна седница на која овие спорни прашања би требало да бидат објаснети од страна на претставниците на законодавната и извршната власт, како и од претставници на науката и експерти од областа на пензискиот систем.

Но, за жал Судот на предлог да се одржи јавна расправа на која овие и други спорни прашања би требало да бидат објаснети со мнозински гласови зазеде став дека спорните прашања се јасни и дека не треба да се одржи јавна расправа, но јас имав поразличен став, дека доколку ќе имаше јавна расправа со учество на различите претставници ќе се развиваше една научна, правана дебата и исходот на оваа седница ќе дадеше јака подлога за подржувачите на нормата или за противниците на нормата и во евулутивен период законодавецот ќе ги доближуваше ставовите во врска со оваа проблематика.

Судот и со оваа Решение и со Решението под број У.бр.142/2012 зазеде став дека: „Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Според Судот, со наведените формулации во законските одредби од членовите 52 и 230 од Законот, не се врши дискриминација на осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и оние кои не пристапиле, од причина што самиот факт на припадност на определена групација зборува дека станува збор за лица осигуреници со различен статус (лица кои пристапиле и кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување), па оттука и дефинирањето, односно стекнувањата на правата од пензиското и инвалид-ското осигурување се различни, што значи за да има дискриминација, како што тврди иницијативата, осигурениците треба да имаат ист статус, што во случајов не е така. Ова дотолку повеќе за уредување на статусот и правата на осигурениците кои пристапиле во вториот пензиски столб се уредуваат со посебен закон-Законот за задолжително капитално финансирано пензиско уредување. Оттука, и наводот во иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност и со членовите 34 и 35 од Уставот, односно дека со истите се кршело правото на социјална сигурност, грижата на државата за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност според Судот е неоснован.“

Но, за жал, Судот и во ова решение не даде одговори на спорните прашања искажани во текот на седницата, и тоа:
– дека остварената старосна пензија преставува право од имотен, материјален карактер што е стекнато врз основа на лични вложувања на придонеси од плата на осигуреник,
– дека таквото ограничување се препишува само за една група осигуреници во рамките на системот на задолжително осигурување, односно пропишува различен третман на осигурениците,
– дека оспорениот член 230 од Законот преставува ограничување на нивното право на сопственост на остварената пензија,
– дека јавниот интерес за таквото ограничување не може да се согледа од самиот закон од причини што во ниту еден член законодавецот не утврдил која е потребата од јавен интерес, кој се задоволува со ограничувањето од првиот столб,
– дека и ограничувањето да се оправдува со потребата за обезбедување на финансиска стабилност на пензискиот систем како легитимна цел во јавен интерес, таквото ограничување не би било пропорционално на посакуваната цел.
– дека оспорената одредба пропишувала различен третман на осигурениците во рамките на пензискиот систем, овие осигуреници се третираат различно во однос на другите осигуреници кои останале само во првиот столб, а кои оствариле пензија под законскиот максимум и го добивале целиот износ на остварена пензија и, второ, осигурениците од првиот столб се третираат различно од осигурениците на двата столба, со оглед на тоа што за последниве не постоело ограничување на исплатата на остварената пензија,
– дека осигуреници што останале во првиот столб биле во потполно иста ситуација според условите за остварување на правото на пензија и според процентот на придонесот од плата,
– дека член 230 од Законот создава нееднаков третман на осигурениците само од првиот столб во однос на осигурениците од двостолбниот систем, бидејќи за осигурениците од двостолбниот систем не постои ограничување на највисокиот износ на пензија, и
– дека и едните и другите осигуреници се осигуреници на еден ист систем во којшто имаат исти обврски за плаќање на задолжителен придонес од плата во идентичен процент и остваруваат право на пензија под истите услови, принципот на еднаквост налага тие да бидат во еднаква положба при користењето на правата.

Од друга страна при одлучување судот не го имаше во предвид компаративното право и компаративната уставно-судска заштита. Судот писмено се обрати до Форумот на Венецијанската Комисија и ги упати меѓу другото и следниве прашања:

– Дали во вашето законодавство постои слична одредба за ограничување на највисокиот износ на пензијата?
-Доколку постои, на кои категории на пензионери се однесува?
– Дали ограничувањето се применува како темпорална мерка од привремен карактер или како трајна мерка? и
– Дали вашиот Уставен суд има релевантна уставно-судска практика?

Одговори беа добиени од повеќе држави. Кај повеќе држави нема ограничување, додека кај други држави каде има ограничување нема различите третман на осигуреници на еден ист систем во којшто имаат исти обврски за плаќање на задолжителни придонеси, дека ограничувањето се применува на сите категории на пензионери, кој ја определува највисоката пензија и кој се применува на сите категории на пензионери, а кај другите пак, не постои изречна одредба за ограничување на износот на пензијата за сите категории на осигуреници. Од анализите на пресметките на пензиите од првиот и двостолбниот систем приложени со иницијативата се согледуваат следните разлики:
-дека осигурениците од првиот и од двостолбниот систем плаќаат ист износ на пензиски придонеси и правото на пензионирање го остваруваат на иста возраст,
-дека осигурениците од првиот и од двостолбниот столб чии пресметани пензии се пониски од износот утврден со ЗПИО како најнизок износ на старосна пензија го примаат износот на така утврдениот најнизок износ на пензија,
-дека само осигурениците од првиот столб кои оствариле право на пензија со повисок износ од највисокиот износ на старосна пензија утврден со ЗПИО имаат различен третман во однос на иста категорија осигуреници од двостолбниот систем,
-дека пензиите на осигурениците од првиот столб кои оствариле пензиска основица повисока од износот на максималната пензија утврдена со Законот за пензиско и инвалидско осигурување се пониски од пензиите на осигурениците кои оствариле еднаков износ на просечна плата од работење, а се приклучени во двостолбниот систем. Причината за разликата на пензијата помеѓу овие две категории осигуреници е што нема ограничување на вкупниот износ на пензијата остварен од првиот и од вториот столб за осигурениците од двостолбниот систем,
-дека осигурениците кои своите пензии ги остваруваат од двостолбниот систем, а кои оствариле поголем износ на просечна плата добиваат повисок износ на пензија што ја остваруваат само од првиот столб од вкупната пензија на исти такви осигуреници кои останале во првиот столб, иако пресметката на пензијата се прави со пониска заменска стапка.
– дека заради различниот третман на максималниот износ на пензија на осигурениците од првиот и од двостолбниот систем, овие осигуреници што се членови на ист систем на задолжително пензиско осигурување и за кои важат исти правила во однос на износот на пензискиот придонес што го одвојуваат од платите и на условите за пензионирање, и уплатиле ист износ на пензиски придонеси во пензискиот систем, ќе остварат драстично различни износи на пензија.
-дека двостолбниот систем не обезбедува повисока пензија од онаа во првиот столб за сите осигуреници. Осигуреници со просечна плата во тек на работниот век што се вклучиле во двостолбниот систем остваруваат пониска пензија од исти такви осигуреници кои останале во првиот столб.

Од изнесените ставови и аргументи произлегува дека наведената одредба е престрога, спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 6 каде како темелен вредност на уставниот поредок и базични уставни норми има израз на политичката филозофија на едно современо граѓанско општество. Темелните вредности на уставниот поредок ја осветлуваат концепцијата, структурата и содржината на Уставот. Во Република Македонија слободно е се што со Устав не е забрането.

Владеењето на правото подразбира дека сите акти на државните органи мора да бидат засновани на прописите содржани на највисокиот правен акт на државата-Уставот и подведување на сите органи на власта под Уставот и законите.

Не е случајно, што Уставот како темелен вредност ја предвидува правната заштита на сопственост, која го добива третманот на највисока правна заштита во истото рамниште, како заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Исто така наведената одредба е спротивна на член 9 став 1 дека граѓаните се еднакви во слободите и правата… и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, според моето гледиште со членот 230 од наведениот закон, граѓаните не се еднакви во слободите и правата и дека граѓаните не се еднакви пред Уставот и законите од првиот и вториот столб. Дека сите осигуреници во Република Македонија, било да се во првиот столб или и во првиот и во вториот столб се осигуреници на задолжително осигурување и плаќаат ист процент на придонеси од 18 % од своите плати, условите и пензиските основици за пензионирање за сите нив се исти, исто се пресметува пензиската основица, а различна е само висината на пензијата која е ограничена само за осигурениците во првиот столб. Согласно со членот 9 од Уставот на Република Македонија осигурениците во првиот столб и осигурениците од двостолбниот систем треба да се наоѓаат во идентична положба, дека со оспорената одредба постои различити третман и дека различниот третман нема објективно и разумно оправдување.

Наведената одредба не е во согласност и со членот 30 ставот 1 од Уставот, со која се гарантира сопственоста, а со оспорената одредба се повредува правото на сопственост, конкретно со оваа одредба сопственоста создава различити права и обврски на поединецот и на заедницата во општеството.

Од друга страна, согласно со членот 30 став 3 законодавецот не утврдил која е потребата од јавен интерес да се задоволи со ограничувањето на исплата на остварената пензија за осигурениците од првиот столб. Јавниот интерес очигледно е без разумна основа. Вмешувањето на законодавецот не е разумно и пропорционално со целта што треба да се оствари. Со ваквиот начин на уредување на ова прашање на пензионерите од првиот столб им се нанесува прекумерно оптоварување за разлика од пензионерите од вториот столб што ги надминува рамките на пропорционалност.

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, на меѓународните акти и компаративните согледувања, силните аргументи за несогласност на оспорената одредба со Уставот и околностите за тоа што Судот не поведе постапка за оценување на уставност на член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното Решение за не поведување на постапката.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.115/2017