У.бр.115/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Јадранка Мршиќ, Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ и Димитар Пејчиновски, сите од Скопје, преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Подносителите на иницијативата се осигуреници кои оствариле старосна пензија во определен износ, односно висина согласно Законот, но Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не им ја исплатува во тој реален, остварен износ, туку им исплатува пензија во износ на највисоката пензија утврдена според оспорениот член. Бидејќи врз основа на оспорената одредба целосната исплата на пензиите им се ограничува, тие сметаат дека оспорениот член 230 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 и член 30, во врска со член 34 и член 35 од Уставот на Република Македонија.

Подносителите во иницијативата даваат хронологија на законската одредба за највисокиот износ на пензија укажувајќи дека таа потекнува уште од осумдесетите години, но дека по воведувањето на двостолбниот систем на задолжителното осигурување, била трансферирана во преодните и завршните одредби од Законот. Ограничувањето на пензијата се однесувало само на осигурениците од првиот столб и било замислено како преодно решение. Но со оглед на тоа што ситуацијата во која што постојат осигуреници само во првиот столб ќе траела три децении, подносителите сметаат дека оспорениот член 230 од Законот имал системски, материјално-правен карактер со трајни дискриминаторски и имотни последици на штета на овие пензионери.

Во иницијативата се цитираат релевантни одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и се укажува дека во системот на осигурување кој што се темели на принципот на комутативна правда, остварената старосна пензија претставува право од имотен, материјален карактер што е стекнато врз основа на лични вложувања на придонеси од плата на пензискиот осигуреник и битно зависи од остварените плати за време на работниот век.

Оспорената одредба од членот 230 од Законот според подносителите на иницијативата, пропишувала ограничување на правото на пензија како стекнато (остварено) имотно право во согласност со законот, при што таквото ограничување било пропишано само за една група осигуреници во рамките на системот на задолжителното пензиско осигурување, поради што постоел различен третман на осигурениците.

Во однос на несогласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и со членот 30 од Уставот, според мислењето на подносителите на инцијативата, остварената пензија, претставувала “сопственост“ во смисла на членот 30 од Уставот, но и согласно Европскиот суд за човекови права, кој правото на пензија го опфаќа под поимот “имот“ односно “сопственост“ чие мирно уживање го гарантира член 1 од Протоколот бр.1. (Kjartan Asmundsson v. Iceland,12.10.2004). Според подносителите на иницијативата, пропишувањето на највисок износ на пензија за осигурениците со оспорениот член 230 од Законот претставувало ограничување на нивното право на сопственост на остварената пензија, гарантирано со членот 30 од Уставот, но јавниот интерес за таквото ограничување не можел да се согледа од самиот закон од причина што во ниту еден член законодавецот не утврдил која потреба во јавен интерес се задоволува со ограничувањето на исплатата на остварената пензија за осигурениците од првиот столб, односно за кои цели се искористуваат “заштедите“ што се добиваат од лимитирањето на исплатата на остварената пензија. Поради отсуството на “јавен интерес утврден со закон“ како основа за ограничувањето на правото на сопственост на пензијата, подносителите заклучуваат дека оспорениот член од Законот не е во согласност со членот 30, како и со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот.

Подносителите сметаат дека дури и во случај ограничувањето да се оправдува со потребата за обезбедување на финансиска стабилност на пензискиот систем како легитимна цел во јавен интерес, таквото ограничување не би било пропорционално на посакуваната цел. Во поткрепа на ова тврдење подносителите наведуваат статистички податоци според кои бројот на лицата на кои им се ограничува исплатата на пензиите врз основа на оспорениот член во јуни 2017 изнесувал 1.971 или само 0.64% од вкупниот број па пензионери на тој датум (308.480). Ограничувањето на исплатата на пензијата остварена според условите во Законот на една мала група осигуреници со повисоки плати, според подносителите на иницијативата било арбитрерно, без објективно и разумно оправдување, затоа што на противречен начин го поткопувало основниот принцип на пензиското осигурување утврден со Законот – дека пензиите се утврдуваат врз основа и во зависност од платите и придонесите од плата и дека пензискот систем заснован на таа претпоставка е одржлив. Ограничувањето од членот 230 од Законот било исклучиво на штета на овие пензионери на кои им се одзема дел од пензијата што ја оствариле според одредбите од Законот. Таквата противречност на законските одредби, го повредувала принципот на владеење на правото.

Во однос на несогласноста со членот 9 од Уставот, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба пропишувала различен третман на осигурениците во рамките на пензискиот систем што одел во два правци – овие осигуреници се третирале различно во однос на другите осигуреници кои останале само во првиот столб, а кои оствариле пензија под законскиот максимум и го добивале целиот износ на остварена пензија и, второ, осигурениците од првиот столб се третирале различно од осигурениците на двата столба, со оглед на тоа што за осигурениците во вториот столб не постоело ограничување на исплатата на остварената пензија.

Оспорената одредба го префрлала целокупниот товар за обезбедување на минималната пензија само на еден мал дел осигуреници со повисоки остварени пензии, додека оставал огромниот дел од пензионерите да ја примаат целата остварена пензија, со што пензионерите со највисоки пензии биле доведени во нееднаква и неповолна положба пред законот во однос на оние пензионери кои ја примаат остварената пензија без ограничување.

Пензионерите со највисоки пензии, иако плаќале највисоки придонеси, во некои случаи не можеле да добијат ниту 50% од пензијата остварена според законот и утврдена со решение, а со тоа ниту да обезбедат економска благосостојба, што согласно законот би била заснована на нивниот придонес од платата.

Сите осигуреници што останале во првиот столб биле во потполно иста ситуација според условите за остварување на правото на пензија и според процентот на придонесот од плата, така што различниот третман на пензионерите со повисоки и пониски пензии не можел разумно да се објасни, ниту да се оправда и претставувал гола дискриминација по основ на имотна состојба, забранета со членот 9 од Уставот.

Оспорениот член 230 од Законот создавал нееднаков третман на осигурениците само од првиот столб во однос на осигурениците од двостолбниот систем, бидејќи за осигурениците од двостолбниот систем не постоело ограничување на највисокиот износ на пензија, иако и едните и другите осигуреници плаќале ист процент (18%) од платата како придонес од задолжителното пензиско осигурување. Ова според подносителите на иницијативата создавало парадоксална ситуација осигурениците од првиот столб да уплаќаат 18% придонес во тој столб, а да имаат ограничување на висината на пензијата односно да примаат помалку од остварената пензија, а осигурениците од двостолбниот систем со иста плата, во првиот столб да плаќаат само 12% придонес и притоа, да немаат ограничување при исплатата ниту на делот од пензијата од тој столб.

Подносителите сметаат дека критериумите за тоа дали лицата се во иста или битно слична ситуација или во сосема различна ситуација, морале да бидат суштински релевантни во даден контекст, а не формални и дека сите осигуреници на пензискиот систем, било да се само во првиот столб или истовремено и во вториот капитален столб, се осигуреници на задолжителното пензиско осигурување и плаќаат процентуално идентичен износ на задолжителен придонес од своите плати, односно лицата со иста плата плаќаат ист придонес за пензиско осигурување. Имајќи го предвид ова, принципот на еднаквост налагал тие да бидат во еднаква положба при користењето на правата што ги оствариле во тој систем и да ги трпат истите ограничувања, доколку такви оправдано постојат. Недоследноста на законодавецот ја покажувало арбитрерноста на ограничувањето кое нема разумна основа поради што било дискриминаторско и спротивно на членот 9 од Уставот.

Подносителите на иницијативата предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставнота на оспорениот член 230 од Законот и истиот да го поништи или укине.

Во прилог на иницијативата се поднесени решенијата за стекнување со право на пензија и чекови за исплатена пензија на подносителите на иницијативата како и документ насловен „Анализа на формирање на старосни пензии на осигуреницте од првиот и од двостолбниот пензиски систем на Република Македонија со симулирана пресметка“ изготвена од страна на д-р Јадранка Мршиќ, една од подносителките на иницијативата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016), За осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став (1) од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати (став 1). Според ставот 2 на истиот член, определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 8 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување и определува (во ставот 3) дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Членот 34 од Уставот предвидува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016), се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигурениците, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).

Според член 2 став 1 од овој закон, системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:

-задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност,
-задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, и
– доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Според член 2 став 2 од Законот, задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредени со посебни закони.

Согласно член 3 од Законот, со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Во членот 4 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Според членот 6 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат, освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со закон. Користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.

Во оспорениот член 230 ставови 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено:

(1) За осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став (1) од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.

(2) Определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.”

6. Уставниот суд веќe ја оценувал уставноста на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и со Решение У.бр.142/2012 од 14.11.2012 година, оценил дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 9, членот 34, членот 35 и членот 54 од Уставот, поради што не повел постапка за оценување на уставноста на истата.

Во цитираното решение, Уставниот суд оценил дека:

„Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните“.

Судот понатаму укажал дека: „со наведените формулации во законските одредби од членовите 52 и 230 од Законот, не се врши дискриминација на осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и оние кои не пристапиле, од причина што самиот факт на припадност на определена групација зборува дека станува збор за лица осигуреници со различен статус (лица кои пристапиле и кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување), па оттука и дефинирањето, односно стекнувањата на правата од пензиското и инвалидското осигурување се различни, што значи за да има дискриминација, како што тврди иницијативата, осигурениците треба да имаат ист статус, што во случајов не е така. Ова дотолку повеќе за уредување на статусот и правата на осигурениците кои пристапиле во вториот пензиски столб се уредуваат со посебен закон – Законот за задолжително капитално финансирано пензиско уредување. Оттука, и наводот во иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност и со членовите 34 и 35 од Уставот, односно дека со истите се кршело правото на социјална сигурност, грижата на државата за социјална заштите и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност според Судот е неоснован.

Неспорно е дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјална сигурност на граѓаните преку изграден систем на пензиско и инвалидско осигурување и во таа смисла да ја димензионира висината како на старосната, така и на инвалидската пензија и истовремено да ги определува критериумите и параметрите за утврдување на висината на овие пензии, притоа раководејќи се од начелото на социјалната сигурност. Оттука, определбата висината на инвалидската пензија да се намалува по 2015 година е прашање на политика и проценка на законодавецот, а сето тоа во зависност од економската моќ и актуелната општествена состојба. Од суштинско значење, според Судот, за уставноста на ваквите законски решенија е што определените критериуми и параметри за намалување на висината на пензијата се јасни, недвосмислени и прецизни и точно дефинирани во членовите 50 – 56 од Законот.

Законодавецот, според Судот, а во смисла на неговите ингеренции определени со Уставот, има основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката инвалидска пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера на живеење.

Поради наведеното, во случајов не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 52 став 1 и член 230 од Законот со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 54 од Уставот.“

Повикувајќи се на образложението од Решението У.бр.142/2012, судот со Решение У.бр.75/2017 од 29 ноември 2017 и Решение У.бр.103/2017 од 20 декември 2017 година ги отфрлил иницијативите со кои бил оспорен член 230 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот, односно како res judicata.

7. Ограничувањето на највисокиот износ на старосна пензија постоело и согласно претходно важечкиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување (од 1993 година), во кој првобитно одредбата за највисоката старона пензија била дел од материјалните одредби на Законот (член 36), за да со реформите на пензискиот систем и измените на Законот во 2000 година биде поместена во делот на преодните одредби (член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – „Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) со слична формулација како и сега оспорената одредба од членот 230 од Законот. И таа одредба била оценувана од страна на Уставниот суд на Република Македонија, кој со Решение У.бр.46/2002 од 15 април 2003 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2000) и на членовите 147 и 150 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93).

Уставниот суд во наведеното решение утврдил дека: „законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката старосна пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера. Притоа, со таквите норми е обезбедена еднаквоста меѓу граѓаните за иднина, а нееднаквоста која настанува како последица на различни правни решенија донесени во различен временски период е делокруг на Парламентот, не на Уставниот суд (во прашање е однос закон – закон) и е прашање на извршување на закон, што исто така не е делокруг на Уставниот суд.

Подоцна со Решение У.бр.91/2010 од 24 ноември 2010 година, Уставниот суд ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000).

8. Разликата со наведените предмети е тоа што со предметната иницијатива одредбата од членот 230 од Законот за ПИО за прв пат се оспорува од аспект на членот 30 од Уставот кој ја гарантира сопственоста. Главниот аргумент на подносителите на иницијативата е дека законското ограничување на процентот на највисокиот износ на пензија за осигурениците што останале во првиот столб претставува ограничување на нивното право на сопственост и дека за таквото ограничување не постоел јавен интерес утврден со закон.

При оценката на наводите во иницијативата Судот ги имаше предвид ставовите на Европскиот суд за човекови права, кој во својата судска практика многу пати има кажано дека самата Конвенција не гарантира право на државна пензија или слични парични давања финансирани од државата, но дека во случаите кога националното законодавство предвидува право на социјално давање што произлегува од систем на плаќање на придонеси, таквото право може да се третира како имотно право за целите на членот 1 од Протоколот бр.1. Намалувањето или прекинот на исплата на пензијата може да претставува вмешување во правото на сопственост што треба да се опрaвда. (Овие општи принципи на Европскиот суд за човекови права се резимирани во пресудата во случајот Valkov and others v. Bulgaria, app. 2033/04).

Оттука и за Уставниот суд исто така не е спорно дека пензијата претставува сопственичко право што е гарантирано со Уставот и со законот. Впрочем и самиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување во членот 6 го дефинира правото на пензија како неотуѓиво, лично материјално право што не може да се пренесе на други лица, и кое што може да се ограничи само под услови утврдени со законот.

Од друга страна пак, правото на пензија, во системот на пензиско осигурување што се темели на принципот на генерациска солидарност (членови 2 и 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување) не вклучува право на пензија во определен износ односно определена висина на пензијата. Така и Европскиот суд за човекови права во својата практика има укажано дека правото на пензија или кое и да било друго социјално давање во определен износ, како такво не е гарантирано со Протоколот 1 на Конвенцијата (Kjartan Asmundsson v. Island, appl. 60669/00, Maggio and Others v. Italy, no.46286/09) и др.

Поаѓајќи од членот 30 од Уставот, како и од наведената судска практика на Европскиот суд за човекови права, неспорно произлегува дека законското лимитирање на највисокиот процент на пензијата претставува вмешување во правото на сопственост на граѓаните односно осигурениците, што треба да се оправда со определена легитимна цел.

Подносителите на иницијативата, сметаат дека во Законот не можело да се види кој и каков јавен интерес задоволува ограничувањето на правото на сопственост на пензијата, бидејќи во ниту еден член законодавецот не утврдил која потреба во јавен интерес се задоволува со ограничувањето на исплатата на остврената пензија за осигурениците од првиот столб и за кои цели се искористувале „заштедите“ од лимитирањето на исплатата на остварената пензија.

Овие ставови во иницијативата за Судот се неприфатливи од причина што фактот дека во одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување не е формулран јавниот интерес за ограничување на највисокиот износ на пензијата, не значи дека таков јавен интерес не постои и дека тој не е легитимен.

Ограничувањето на највисокиот износ на пензијата според мислењето на Судот е мерка што се презема во јавен интерес, а тоа е обезбедување на долгорочна стабилност на пензискиот систем. Обезбедувањето на финансиска стабилност и одржливост, се едни од најголемите предизвици со кои што се соочуваат пензиските системи во европските земји, независно од степенот на нивниот економски развој, поради светскиот тренд на стареење на населението и зголемувањето на бројот на пензионерите во однос на осигурениците. Впрочем и Владата на Република Македонија во одговорот на наводите во иницијативата, укажува дека законодавецот, утврдувајќи ја највисоката пензија се раководел од начелото на социјална праведност со цел во случај на настапување на некој од осигурените случаи (старост, смрт, инвалидност) пензијата на одделни работници, односно осигуреници да се определува зависно од реалните финансиски можности на Републиката, а не од нивната пензиска основа, а притоа и со вака определената пензија на оваа категорија граѓани да не им се наруши материјалната и социјалната сигурност.

Со членот 1 од Уставот, Република Македонија, меѓу другото, е дефинирана како социјална држава. Социјалната праведност исто така е уставен принцип, бидејќи според член 35 од Уставот, Републиката е таа која што се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност. Начелото на социјалната праведност како и начелото на социјална солидарност се изразуваат преку обврската на државата да обезбеди пензии за сите пензионери, водејќи притоа сметка за личниот придонес на поединецот при определувањето на висината на пензијата, но истовремено и за потребата да се обезбеди долгорочна финансиска одржливост на пензискиот систем. Во таа смисла неспорно е дека со ограничувањето на највисокиот износ на пензијата се создаваат заштеди во пензискиот фонд и дека тие заштеди имаат влијание врз неговата финансиска состојба и финансиска одржливост. Притоа, не е спорно дека постојат и други методи и начини за да се постигне долгорочна финансиска одржливост на пензискиот систем, кои можеби и би биле поефикасни во споредба со ограничувањето на износот на пензиите. Некои од тие начини ги наведуваат и самите подносители во иницијативата (како на пр. подигање на старосната граница за пензионирање, воведување на прогресивен персонален данок со што пензионерите со повисоки пензии би плаќале поголем данок). Меѓутоа, сите овие мерки спаѓаат во доменот на политиките на државата во областа на пензискиот систем, во која што сфера државата има широк простор на дејствување. И во досегашната уставно-судска практика Уставниот суд во повеќе наврати (решенијата наведени погоре) укажувал дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјална сигурност на граѓаните и да ја димензионира висината на старосната пензија, да ги определува критериумите и параметрите за утврдување на висината на пензијата раководејќи се од начелото на социјалната сигурност.

Ваковото становиште има поткрепа и во судската практика на Европскиот суд за човекови права, кој во споменатиот предмет Валков и други против Бугарија (Valkov and others v. Bulgaria, Judgment of 25 October 2011) го анализирал пензискиот систем на Република Бугарија во кој исто така постои ограничување на највисокиот износ на пензиите. Во овој предмет Европскиот суд за човекови права потврдил дека во сферата на социјалните и пензиските права државата има широка маргина на проценка и дека во оваа сфера поимот „јавен интерес“ нужно е широк: „Маргината на проценка на законодавецот во имплементирањето на таквите политики според тоа треба да биде широка, така што неговата оценка за тоа што е во „јавен интерес“ треба да се почитува, освен ако не е очигледно без разумна основа. Меѓутоа, секое вмешување исто така мора да биде разумно и пропорционално со целта што треба да се оствари. Со други зборови, мора да се определи „фер баланс“ помеѓу барањата на општиот интерес на заедницата и заштитата на индивидуалните права“.

Според наше мислење, институтите на најниска и највисока пензија што постојат во сите пензиски системи засновани на принципот на генерациска солидарност, овозможуваат прераспределба на остварените приходи од корисниците со повисоки примања кон корисниците со пониски примања, така што на осигурениците кои примале пониски плати додека работеле, им се овозможува социјална сигурност за време на старост или во случај на други ризици, така што овие институти се во функција на уставните одредби за социјална правда и социјална сигурност од член 35 од Уставот.

За нас е неприфатлив ставот на подносителите, дека ограничувањето на највисокиот износ на пензија било арбитрерно и без објективно и разумно оправдување, бидејќи го поткопувало основниот принцип нa пензиското осигурување – дека пензиите се утврдуваат врз основа и во зависност од платите и придонесите од плата.

Имено, точно е дека тоа е еден од принципите што е утврден во член 4 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување според кој правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон. Меѓутоа, мора да се има предвид и уште еден друг важен принцип, а тоа е принципот на генерациска солидарност кој се применува само за осигурениците во првиот столб, односно лицата на кои се однесува оспорената одредба од членот 230 од ЗПИО. Примената на начелото на генерациска солидарност во задолжителното пензиско осигурување исклучува непосреден и сразмерен однос помеѓу уплатените придонеси и висината на пензијата, со оглед на тоа што врз основа на тој принцип, нa некои осигуреници им се определува пензијата во повисок износ од оној што би им следел врз основа на уплатените придонеси, додека пак на другите осигуреници пензијата им се определува во намален износ од оној што би им припаднал.

Пропорционалноста, според практиката на Европскиот суд за човекви права, исто така е еден од елементите за оценка на оправданоста на вмешувањето односно ограничувањето на правото на сопственост. Оценката на пропорционалноста и сразмерност значи дека правото на поединецот на мирно уживање на сопственоста мора да се мери со општиот интерес, односно целите кои мора да се остварат поради општите добра, така што „пропорционалноста нема да се постигне доколку на поединецот му е нанесено прекумерно оптоварување“ (Sporrong and Lönnroth v. Sweden, 23.09.1982).

Подносителите на иницијативата, во поткрепа на наводите од иницијативата (дека во некои случаи осигурениците не можат да добијат ниту 50% од износот на пензијата утврдена со решението, и дека со тоа не можат да обезбедат економска благостостојба што би била заснована на нивниот придонес од платата), ги имаат доставено решенијата за стекнување на пензија, како и чекови за исплатена пензија за определени месеци.

Во тој конктекст мора да се укаже дека во овој предмет Уставниот суд треба во границите на својата надлежност за уставно-судска контрола на нормите да оцени дали оспорената одредба, на апстрактно ниво, односно генерално, претставува прекумерно оптоварување на осигурениците на кои се однесува. Ефектите од примената на оваа одредба на конкретни случаи, преку постапката за пресметка на пензијата одделно за секој осигуреник на кого се однесува, секако дека се различни и се резултат на посебните околности на секој одделен случај, но поединечните случаи не можат да бидат предмет на оваа уставно-судска постапка.

Оттука, Судот смета дека лимитирањето на највисокиот износ на пензијата на 80% од просечната нето плата остварена во Републиката, зголемена за 2,7 пати, не може да се смета дека е прекумерно или неразумно, бидејќи и покрај ограничувањето, осигурениците на кои се однесува оваа одредба се пензионери со највисоки пензиски примања во земјата.

Поради наведеното Судот оцени дека не постојат основи за доведување под сомневање на оспорената одредба од членот 230 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и со уставната гаранција на правото на сопственост од членот 30 од Уставот на Република Македонија.

9. Во однос на наводите во иницијативата дека одредбата за највисокиот износ на пензијата била дискриминаторска и различно ги третирала осигурениците во првиот столб, како и осигурениците од првиот столб во однос на осигурениците од вториот столб Судот смета дека по однос на овие прашања веќе се има произнесено во наведеното Решение У.бр.142/2012 од 14 ноември 2014 година и дека не постојат основи за поинакво одлучување.

10. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот со мнозинство гласови го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2017
5 декември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.115/2017