У.бр.24/2018-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: „III.2 Ангажман на блиски лица“ од 4-та страна на Изјавата за интереси содржани во Правилникот за формата и содржината на образецот на изјава за интереси („Службен весник на Република Македонија бр.146/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Владимир Клековски од Скопје со Решение У.бр.24/2018 од 7 ноември 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од одредбите од Правилникот за формата и содржината на образецот на изјава за интереси, означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за спречување на судир на интереси. Со истото решение Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на целината на означениот правилник.

4. Судот на седницата, утврди дека, врз основа на членот 20-г од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” бр.70/2007 и 114/2009), Државната комисија за спречување на корупцијата на 1 декември 2009 година донела Правилник за формата и содржината на образецот на изјава за интереси, кој содржи четири одредби.

Правилникот е донесен на 1 декември 2009 година под бр.12-1601/3.

Во продолжение на Правилникот следува образецот на изјавата за интереси, како составен дел на Правилникот. Образецот е составен од шест страници. На четвртата страна од образецот (стр. 71 од службениот весник), како појаснување на насловот. „III.2 Ангажман на блиски лица“ под блиски лица меѓу другите во алинејата 3 се наведени: роднините по крв во странична линија до четврти степен (брат и сестра на вашите родители, вашите први и втори братучеди), а во алинејата 5 се наведени: роднините по сватовство до втор степен (татко и мајка, брат и сестра и братучедите на вашиот брачен другар).

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на судир на интереси, поимот: „блиски лица“ употребен во Законот за спречување на интереси го има следното значење: „лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

Во членот 20-г од истиот закон, е предвидено дека формата и содржината на образецот за изјавата за интереси од членовите 20-а и 20-б на овој закон ги пропишува Државната комисија.

Од анализата на цитираните одредби Судот оцени во Законот за спречување на судир на интереси и во Правилникот е содржан ист степен на сродство, односно роднини по крв во странична линија до четврти степен и роднини по сватовство до втор степен.

Според Судот постои излегувањето надвор од уставната и законска рамка сторено со појаснувањето на алинеите 3 и 5 од четвртата страна од образецот (стр. 71 од службениот весник) содржано во заградите на образецот. Поконретно тоа се: делот „втори братучеди“ по однос на алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ по однос на алинејата 5.

Правната теорија (Семејното право во СФРЈ, д-р Војислав С.Бакиќ, 1988 година; Коментар на Законот за наследување, д-р Кирил Чавдар, 1996 и 1998 година и Семејно право, Лилјана Спирковиќ Трпеновска, 1997 и 2008 година) во Република Македонија, во зависност на основот на врската помеѓу сродниците разликува: крвно сродство во права линија, крвно сродство во странична линија и сродство по сватовство (при што степените на сродство се идентични како степените на сродство за брачниот другар). Притоа бројот на раѓања помеѓу сродниците го определува и степенот на сродство, според познатата максима на римското право: „quot sunt generations, tot sunt gradus“ или колку раѓања, толку степени на сродство. Поделбата на сродниците според нивниот најблизок заеднички предок е позната уште како парентеларен систем кој е во примена во наследните и воопшто во семејно-правните односи во Република Македонија.

Крвно сродство од прв степен постои само помеѓу родители и деца и обратно. Прв степен на сродство, но во странична линија, и тоа кај роднините по сватовство постои помеѓу: снаата и родителите на сопругот и зетот и родителите на сопругата (идентичен степен на сродство како на брачниот другар) и обратно.

Сродството по крв во страничната линија секогаш започнува од втор степен, односно е сродство помеѓу сестри и браќа од два или еден ист родител. Оттаму и сродството по сватовство помеѓу давателот на изјавата и браќата и сестрите на брачниот другар е странично сродство од втор степен.

Според наведеното, а следејќи ја правната теорија и законската рамка произлегува дека опфатот на лицата кои се во меѓусебно соодветно сродство, кој е од значење за појаснување на ангажманот на блиски лица на давателот на изјава на интереси кои вршат јавни овластувања за алинејата 3 (страна 4 од образец) се однесува на следните лица:

– брат и сестра на давателот на изјавата, како роднини по крв од втор степен странична линија, а кои не се означени како блиски лица;
– брат и сестра на родителите на давателот на изјавата, како роднини по крв од трет степен странична линија. Внуците од браќата и сестрите на давателот на изјавата се исто така роднини по крв од трет степен странична линија, но истите не се означени како блиски лица со давателот на изјавата и

– првите братучеди на давателот на изјавата, како роднини по крв од четврти степен странична линија.

Вторите братучеди на давателот на изјавата спаѓаат веќе во петти степен на роднини по крв во странична линија од каде со право во иницијативата се укажува на доуредување надвор од законската рамка.

По однос на алинејата 5 (страна 4 од образецот) односно појаснувањето на роднините по сватовство до втор степен според правната теорија и законската рамка се однесува на следните лица:

– Родителите на брачниот другар на давателот на изјавата, како роднини по сватовство од прв степен и
– Брат и сестра на брачниот другар на давателот на изјавата, како роднини по сватовство од втор степен.

Братучедите на брачниот другар (први, втори итн.) спаѓаат во четврти, петти итн. степен на сродство по сватовство од каде со право во иницијативата се укажува на доуредување надвор од законската рамка.

Од сето наведено произлегува дека делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: III.2 Ангажман на блиски лица од 4-та страна на Изјавата за интереси содржани во Правилникот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на судир на интереси. Ова од причини што прописите мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, а со доуредувањето очигледно е излезено надвор од законските рамки.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседа-телот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2018
25.12.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски