Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 25 декември 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за за оценување на уставноста и законитоста на Мислењето на Владата на Република Македонија по Барање за автентично толкување на одредби од Царинскиот закон, поднесено од пратеник – Мира Стојчевска, заведено под број 44.1-8335/1-17 од 27 февруари 2018 година.
2. Сања Даневска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека со Мислењето на Владата се повредувал член 14 точка 1 од глава 2 од Уставот на Република Македонија, според кој „Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“ и дека со оспореното мислење на Царинската управа и се давала надлежност за поведување првостепена прекршочна постапка што било спротивно на членот 17 од Законот за даночна постапка.
Оспореното мислење било донесено по повод поднесено Барање за автентично толкување на член 4 точка 14 и член 264 став 1 точка 14 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“, бр.39/2005 … 23/2016), од пратеникот Мира Стојчевска и со истото било дадено мислење дека оспорените законски одредби биле јасни и немало потреба од давање на автентично толкување на истите, односно барањето било одбиено. Во иницијативата дадени се наводи дека царинскиот орган немал надлежност за поведување првостепена прекршочна постапка и се поставува прашањето, дали данокот на додадена вредност бил увозна давачка со еднаков ефект на царина при увоз на стоки. Ова од причини што доколку имало грешка во царинската декларација и притоа увозните давачки биле пресметани во помал износ, се сметало за царински прекршок и кога тие увозни давачки биле само по основ на данок на додадена вредност, додека, доколку увозните давачки биле платени во поголем износ царинскиот орган за повеќе уплатените средства упатувал на даночниот орган, што пак било контрадикторно, односно Управата за јавни приходи немала дадено надлежност за поведување на првостепена прекршочна постапка на царинскиот орган од каде произлегувало дека истиот немал ниту надлежност да изрекува прекршочни санкции.
Исто така, во поднесената иницијатива е даден предлог Судот да поведе постапка за утврдување кој е надлежен за поведување првостепена прекршочна постапка при помалку пресметан данок на додадена вредност во увозна царинска декларација.
3. Судот на седница утврди дека Владата на Република Македонија, на седницата, одржана на 27.02.2018 година го разгледа Барањето за давање на автентично толкување на член 4 точка 14 и член 264 став 1 точка 14 од Царинскиот закон, поднесено од пратеникот Мира Стојчевска и притоа го утврди следното мислење:
Со поднесеното барање, се бара автентично толкување на член 4 точка 14 и член 264 став 1 точка 14 од Царинскиот закон, во однос на тоа дали данокот на додадена вредност е увозна давачка со еднаков ефект на царина при увоз на стоки. Ова од причини што доколку има грешка во царинската декларација и притоа увозните давачки се пресметани во помал износ се смета за царински прекршок и кога тие увозни давачки се само по основ на данок на додадена вредност, додека, доколку увозните давачки се платени во поголем износ царинскиот орган за повеќе уплатените средства упатувал на даночниот орган што пак било контрадикторно, односно Управата за јавни приходи немала дадено надлежност за поведување на првостепена прекршочна постапка на царинскиот орган од каде произлегувало дека истиот нема ниту надлежност да изрекува прекршочни санкции.
Согласно член 4 точка 14 од Царинскиот закон, „увозни давачки” се царина и други давачки со еднаков ефект на царина кои се плаќаат при увоз на стока.
Согласно член 264 став (1) точка 14 од истиот закон, глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице и трговец поединец, ако: на царинскиот орган, директно или индиректно, во врска со спроведување на увозна царинска постапка му поднесе документи во кои се наведени невистинити податоци ако тоа предизвикува, или би можело да предизвика увозните давачки да не се платат или да се платат во помал износ или неосновано би се признала каква било царинска погодност, корист или право кое не му припаѓа (член 72 став 2).
Имајќи ја предвид дефиницијата за тоа што се подразбира под увозни давачки, се напоменува дека давачки со еднаков ефект на царина се прелевманите односно специфичните давачки кои се наплаќаат по единечна мера на количина на стока која се увезува. Меѓутоа, во членот 9 од Царинскиот закон е наведено дека царинскиот орган наплатува увозни и извозни давачки и други давачки и даноци во согласност со прописите со кои се регулирани овие видови на давачки и даноци. Доколку со прописите од ставот 1 на овој член не е поблиску уреден начинот на постапување на царинскиот орган при плаќање и поднесување на гаранција за обезбедување на овие давачки и даноци, царинскиот орган ги применува одредбите од царинските прописи.
Согласно член 72 став 1 од Законот, царинска декларација во писмена форма се поднесува на образец пропишан со Уредбата за спроведување на Царинскиот закон. Царинската декларација во писмена форма мора да биде потпишана и мора да ги содржи сите податоци кои се неопходни за спроведување на царинските прописи со кои е регулирана царинската постапка за која стоката е декларирана. Согласно став 3 од истиот член, министерот за финансии го пропишува начинот на пополнување на царинската декларација и кодексот на шифри кои се употребуваат при пополнување на царинската декларација.
Согласно член 258 од Царинскиот закон, неизвршувањето на дејствија утврдени со одредбите на царинските прописи или вршењето на дејствија спротивни на одредбите на царинските прописи претставуваат повреди на царинските прописи. Повредите на царинските прописи можат да бидат кривични дела или царински прекршоци.
Член 264 став 1 точка 11 од Царинскиот закон пропишува дека глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице и трговец поединец, ако во увозната царинска декларација наведе тарифна ознака во спротивност со податоците за видот на стоката во рубрика 31 од царинската декларација и која доведува до плаќање на увозните давачки или други давачки во помал износ (член 72 став (1)).
Согласно член 2 точка 11 од Законот за Царинската управа, царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа. Водење на прекршочна постапка, изрекување на прекршочна санкција и посебна прекршочна мерка за сторен царински прекршок согласно со закон е една од основните надлежности на Царинската управа, предвидено со членот 10 од Законот за Царинската управа.
Согласно член 2 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија” бр.44/99 … 189/16), предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е увозот на добра. Членот 31 пропишува дека за време на настанување на даночниот долг при увозот на добра се смета денот на настанување на обврската за плаќање на царината и другите увозни давачки,или денот на внесување на доброто во земјата, кога се работи за добро кое не подлежи на плаќање царина, а даночен должник согласно членот 32 е лицето кое увезува добра. При увозот на добра, данокот на додадена вредност го пресметува надлежниот царински орган кој ја спроведува постапката за царинење согласно член 40. Данокот на додадена вредност при увозот се плаќа во исто време кога се плаќаат царинските давачки согласно член 43 од истиот закон.
Согласно горе наведеното, Царинската управа има законска надлежност да наплатува увозни и извозни давачки и други давачки и даноци во согласност со прописите со кои се регулирани овие видови на давачки и даноци и при плаќањето на овие давачки и даноци се применуваат одредбите од царинските прописи.
Согласно член 250 од Царинскиот закон, увозните или извозните давачки се враќаат доколку се утврди дека кога тие биле платени нивниот износ не претставувал долг според закон или дека износот бил дополнително евидентиран во царинската евиденција спротивно на членот 234-а став (2) од овој закон.Согласно член 45 од Законот за данокот на додадена вредност, ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан за прометот кој го извршил, како и за прометот за кој тој е даночен должник според членот 32-а од овој закон, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое го искажува во даночната пријава. Ако даночниот обврзник не искаже такво барање, разликата се пренесува како даночна аконтација за следниот даночен период. Разликата на данокот од ставот 1 на овој член се враќа во рок од 30 дена по денот на поднесувањето на даночната пријава. Кога данокот на додадена вредност при увозот е пресметан и наплатен на добра кои се ослободени од данокот, или кога се наплаќа поголем данок од износот кој според овој закон се должи, наплатениот данок, односно повеќе наплатениот данок му се враќа на лицето кое нема или има делумно право да го одбие претходниот данок, во рокот од став 2 на овој член.
Решавањето на барањето за враќање на повеќе платен данок на додадена вредност е во надлежност на даночниот орган, согласно член 45 ставовите 1, 2 и 5 од Законот за данок на додадена вредност. Согласно член 9 став 1 од Царинскиот закон и член 21 од Законот за данок на додадена вредност, Царинската управа е надлежна за лресметка и наплата на увозни или извозни давачки, даноци, акцизи и други давачки утврдени со закон. Затоа во управните решенија за измена на податоци во царинската декларација, доколку има повеќе пресметан и платен данок на додадена вредност, Царинската улрава го констатира правото на враќање на ДДВ и го доставува решението за извршување до Управата за јавни приходи.
Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, се смета дека истата е јасна, односно во случајот нема потреба од давање на автентично толкување на членот 4 точка 14 и членот 264 став 1 точка 14 од Царинскиот закон од причина што Царинската управа е надлежна за наплата на данокот на додадена вредност при увоз на стока евидентиран и пресметан во царинска декларација во согласност со царинските прописи, па соодветно на тоа и за примена на прекршочните одредби при неправилна пресметка и наплата на истиот, додека Управата за јавни приходи е надлежна за враќање на повеќе платен данок на додадена вредност.
Неосновано е тврдењето на подносителот на барањето дека Управата за јавни приходи не и ја дала надлежноста на Царинската управа за поведување на првостепена прекршочна постапка по основ на ДДВ. Ова, ако се има предвид одредбата од член 258-а од Царинскиот закон, според која за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција и посебна прекршочна мерка за сторен царински прекршок, исклучива надлежност има прекршочниот орган утврден со Законот за Царинската управа. Искажувањето на невистинити податоци во царинската декларација, како што е и помалку пријавениот данок на додадена вредност претставува царински прекршок за кој исклучива надлежност има царинскиот орган.“
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото.
Меѓутоа, во конкретниот случај оспореното мислење се однесува на конкретен правен проблем, односно правна ситуација (утврдено мислење на Владата на Република Македонија по поднесено барање за автентично толкување), поради што не ги содржи потребните правни елементи, односно општи норми на однесување, и како таков, Судот утврди дека не е акт подобен за уставно – судска оцена, поради што во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на овој дел од иницијативата.
Во однос на наводите во иницијатива и предлогот до Уставниот суд, да поведе постапка со цел да утврди кој орган е надлежен за поведување првостепена прекршочна постапка при помалку пресметан данок на додадена врдност во увозна царинска декларација, Судот оцени дека во конкретниот случај не станува збор за судир на надлежности, од причина што водењето на прекршочна постапка, изрекување на прекршочна санкција и посебна прекршочна мерка за сторен царински прекршок согласно со закон е една од основните надлежности на Царинската управа, согласно со членот 10 од Законот за Царинската управа.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.44/2018
25.12.2018 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски