У.бр.110/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1, член 7 став 2, член 8, член 11 став 1, член 12 став 4, член 24 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12, член 25, член 27, глава VII. „Управување и раководење со студентските домови (член 34, член 35, член 36, член 37, член 38, член 39, член 40, член 41, член 42, член 43 и член 44) од Законот за студентскиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2013, 30/2013, 120/2013, 41/2014, 146/ 2015, 30/2016, 178/2016 и 64/2018).

2. Александар Ташковски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот ги оспорува: членот 8, член 11 став 1, член 12 став 4, член 24 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12, членот 25, членот 27 и целата глава VII. „Управување и раководење со студентските домови“ во која се содржани членовите: 34, 35, 36, 37, 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44 од Законот за студентскиот стандард бидејќи биле во спротивност со членот 45 односно универзитетската автономија, а членот 1 и член 7 став 2 биле во спротивност со членот 45 од Уставот, како и со законските правни начела на Законот за високото образование.

Во причините за оспорување, подносителот на иницијативата истакнува дека оспорените законски одредби поттикнувале и создавале нееднаквост во академската заедница, поставувајќи ги студентите од постдипломски и докторски студии во дискриминирана состојба. Оваа ситуација се јавувала бидејќи подзаконските акти не биле во согласност со законите, а законите не биле во меѓусебна согласност, односно во согласност со Законот за високото образование како lех generalis.

Во наводите на иницијативата, подносителот наведува дека конкурирал за доделување на студентско легло во Министерството за образование и наука, но бил одбиен со образложение дека не доделувале легла на студенти од постдипломски студии при што, дискриминацијата од страна на Министерството за образование и наука преминала во виктимизација односно неповолен однос кон подносителот поради континуираните барања за отстранување на дискриминаторските норми на подзаконските акти кои ги носи Министерството. Според подносителот, кој не можел да си го оствари правото на образование, Републиката била насочена кон уназадување на младиот кадар, науката и дополнително со мешањето на извршната власт во студентското сместување не ја почитувала уставно гарантираната автономија. На овој начин се повредувала универзитетската автономија заштитена со членот 45 од Уставот и законските правни начела на високото образование и неприкосновеноста на автономијата.

Исто така, во иницијативата се наведува дека овие одредби биле во спротивност со Законот за високо образование и правниот поредок на Републиката бидејќи дискриминацијата на студентите од постдипломски и докторски студии за уживање на правото за студентско легло претставувала норма измислена од Министерството за образование.

Подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд на Република Македонија да ги укине оспорените законски одредби поради тоа што биле противуставни, противзаконити и не биле во согласност со начелото на еднаквост предвидено во членовите 9 и 45 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 од Законот за студентскиот стандард се однесува на предметот на уредување со овој закон; членот 7 став 2 уредува дека согласност на статутот на државниот студентски дом дава Министерството за образование и наука; според членот 8 Владата на Република Македонија во согласност со развојните документи донесува програма за остварување и развој на дејноста студентски стандард; членот 11 уредува дека државен студентски дом основа Владата; ставот 4 на членот 12 уредува дека поблиските прописи за исхрана на студентите во студентските домови ги утврдува министерот врз основа на мислење од надлежна установа од оваа дејност; членот 24 го уредува запишувањето и приемот на студентите во државните и приватните студентски домови; членот 25 се однесува на бодирањето на поднесените пријави за сместување во студентскиот дом; во членот 27 е уреден куќниот ред во студентските домови; во глава VII со наслов: УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ СО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ, се предвидени: членот 34 кој го уредува управниот одбор на студентскиот дом, членот 35 кој ги утврдува надлежностите на управниот одбор на студентскиот дом, членот 36 кој се однесува на органот на управување на приватниот студентски дом, членот 37 кој се однесува на директорот на студентскиот дом и ги утврдува условите потребни за избор на директор на студентски дом, членот 38 кој ги уредува надлежностите на директорот, членот 39 кој ја уредува постапката за избор на директор на студентски дом, членот 40 кој ги утврдува основите за престанок на мандатот на директорот, во членот 41 е пропишана постапката за разрешување на директорот на студентскиот дом, членот 42 кој се однесува на именување на в.д. директор на студентски дом, членот 43 кој се однесува на распоредување на разрешениот директор или неизбраниот директор и членот 44 кој се однесува на советот на станари на студентскиот дом.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, како и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, треба да содржи причини за нивното оспорување, одредби од Уставот, односно закон што се повредуваат со оспорените одредби и друго.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата во однос на содржината на: членот 8, член 11 став 1, член 12 став 4, член 24 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12, членот 25, членот 27 и целата глава VII. „Управување и раководење со студентските домови“ во која се содржани членовите: 34, 35, 36, 37, 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44 од Законот студентскиот стандард што според подносителот на иницијативата биле во спротивност со членот 45 односно универзитетската автономија, а член 1 и член 7 став 2 биле во спротивност со членот 45 од Уставот, како и со законските правни начела на Законот за високото образование, Судот утврди дека ваквите наводи не се основа за мериторно впуштање по иницијативата, бидејќи за истото е потребно иницијативата да содржи издржани аргументи и образложени причини за несогласноста на конкретно уредените содржини кои ги имаат оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

Во отсуство на аргументирани наводи и причини во која насока оспорените законски одредби се во спротивност со уставните одредби, како и од аспект на тоа како подносителот смета дека треба да биде уредено, преставува процесна пречка за мериторно одлучување по иницијативата во однос на членот 1, член 7 став 2, членот 8, член 11 став 2, член 12 став 4, член 24 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12, член 25, член 27 и глава VII (членови 34 до 44) од Законот за студентскиот стандард.

Исто така, имајќи во предвид дека подносителот на иницијативата бара и оцена на законитоста на оспоренот член 1 и член 7 став 2 од Законот за студентскиот стандард, што всушност претставува барање Судот да одлучува за меѓусебната согласност на оспорените законски одредби со одредбите на Законот за високото образование, што е надвор од утврдените надлежности на овој суд, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Од овие причини, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.110/2018
25 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски