Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25-ти декември 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 101 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016).
2. Анета Индовска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата членот 101 од Законот за работните односи според кој работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и скратено работно време поради грижа за дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби и спреченост за нега на дете до тригодишна возраст, бил уреден спротивно со членовите 9 и 32 од Уставот, бидејќи одредена категорија на вработени лица ги ставала во поповолна положба во однос на сите останати, односно законодавецот истите неоправдано ги фаворизирал.
Со ставот 4 на членот од Законот, бил уреден исклучок од забраната за отказ, меѓутоа тој исклучок се однесувал само за случаи на потешки прекршувања на договорните обврски, односно поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски за кои се дава отказ без отказен рок согласност закон и колективен договор, што упатувало на применливост само на одредбите од членот 82 од Законот за работните односи, а тоа повлекувало факт дека работодавачот кон категоријата работници со права за време на бременост, раѓање и родителство, не можел да го примени членот 81 од Законот, посветен на откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски со отказен рок.
Според подносителката на иницијативата тоа практично значело дека вработените од категоријата на работници со права за време на бременост, раѓање и родителство, имале право да ги чинат забранетите дејствија од членот 81 од Законот, притоа да останат несанкционирани, а тоа имало мошне негативни импликации на квалитетот на животот и особено на заштитата на човековите права, бидејќи работниците неопфатени со оваа категорија како нивни колеги, чувствувале обесправеност и поради немоќ да ја променат состојбата, станувале демотивирани за унапредување на работниот процес. Сето тоа негативно се одразувало не само кон квалитетот на работниот однос, туку и на општествениот живот и економски просперитет на општеството воопшто.
Законот за работните односи ја нормирал заштитата на споменатата категорија на работници со одредбите од членовите 8, 9-б, 25, 42, 77, 120, 124, 161, 162, 163, 164, 165, 166, 167, 168, 169, 170, 170-а, 171 и 248, што значело дека законодавецот во предметниот закон, одвоил најмалку 17 одредби за посебна заштита на споменатата категорија на вработени лица, но со дополнителната заштита за забрана за отказ, законодавецот истите неоправдано ги фаворизирал во однос на останатите, дури без да ги здружел малолетните работници во оваа група за заштита, со што оспорениот член 101 од Законот во однос на заштитената категорија на работници, уште еднаш се покажал како неуставен.
Во однос на ставовите 5 и 9 на членот од Законот, според кои работодавачот може да го откаже договорот за вработување поради потешки прекршувања на договорните обврски само по претходна согласност на синдикатот чиј член е работникот кој се штити од отказ, односно по претходна согласност на инспекторот на трудот доколку кај работодавачот не е формиран синдикат или работникот од ставот 1 на овој член не е член на синдикат, подносителката смета дека илузорно било очекувањето на законодавецот дека дозвола/согласност за откажување на договор за работа во конкретниот случај кон категоријата работници со права за време на бременост, раѓање и родителство, ќе дал синдикатот, односно надлежен инспектор за труд. Имено, тие не изведувале испитна постапка, не биле органи и институции за утврдување на факти, па за да ја дале потребната согласност ќе требало да веруваат во „испитната постапка” којашто ја спровел самиот работодавач. Таквата состојба, оспоруваната одредба во однос на ставовите 5 и 9, ја чинело во пракса неприменлива.
Поради изнесеното, со иницијативата се предлага поништување или укинување на членот 101 од Законот за работните односи.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 101 од Законот за работните односи, работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и скратено работно време поради грижа за дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби и спреченост за нега на дете до тригодишна возраст (став 1). Отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите од ставот 1 на овој член, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите од ставот 1 на овој член со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган (став 2). Околностите од ставот 1 на овој член не го спречуваат престанокот на договорот за вработување склучен на определено време, со истек на времето за кое тој договор е склучен (став 3). Забраната за отказ од ставот 1 на овој член не се однесува на откажување на договорот за вработување поради потешки прекршувања на договорните обврски, односно поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски за кои се дава отказ без отказен рок согласно закон и колективен договор (став 4). Работодавачот може да го откаже договорот за вработување поради основите утврдени во ставот 4 на овој член, само по претходна согласност на синдикатот чиј член е работникот кој се штити од отказ (став 5). Доколку синдикатот во рок од осум дена, не се изјасни за откажување на договорот од ставот 5 на овој член со давање или недавање на согласност, ќе се смета дека се согласил со одлуката на работодавачот (став 6). Доколку синдикатот не даде согласност за откажување на договорот за вработување на работникот од ставот 1 на овој член, работодавачот може во рок од 15 дена од денот на доставувањето на изјавата за недавање на согласност да поведе постапка за нејзино преиспитување со судска или арбитражна одлука (став 7). Постапката за преиспитување на согласноста од ставот 7 на овој член ја спроведува надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на поднесување на тужба од работодавачот (став 8). Доколку кај работодавачот не е формиран синдикат или работникот од ставот 1 на овој член не е член на синдикат, претходна согласност за отказот на договорот за вработување дава надлежниот инспектор на трудот (став 9). Во текот на постапката за претходна согласност во која учествува надлежниот инспектор на трудот, се применуваат роковите и дејствијата од ставовите 6, 7 и 8 на овој член (став 10).
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Со членот 41 од Уставот е определено дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.
Со членот 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, ги утврдил економските, социјалните и културни права, а со одредбите од членовите 40, 41 и 42, семејството и родителството, мајчинството, децата и малолетните лица, Уставот ги ставил под посебна грижа на Републиката.
Република Македонија има ратификувано повеќе конвенции од Меѓународната организација на трудот (МОТ) која организација е креатор и релевантен контролор во имплементацијата на меѓународните стандарди на трудот, меѓу кои и Конвенцијата број 158 за престанок на работниот однос на иницијатива на работодавачот, ратификувана од Република Македонија.
Конвенцијата со член 5 точки г) и д) утврдува дека, расата, бојата на кожата, полот, брачниот статус, семејните обврски, бременоста, верата, политичкото мислење, националното или социјалното потекло, како и отсуство од работа за време на породилното отсуство, не можат да се сметаат за основана и валидна причина за престанок на работниот однос.
Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (член 32 став 5 од Уставот).
Во смисла на наведената уставна одредба законодавецот со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016), ги уредил правата и обврските на работниците и работодавачот, уредил низа одредби за заштита на достоинството и заштитата на интересите на работниците во работниот однос, како и низа одредби за посебна грижа и заштита на определена категорија на вработени по основ на возраст, бременост, раѓање и родителство.
Законодавецот со член 77 точка 3 од Законот за работните односи, определил дека во неосновани причини за откажување на договорот за вработување спаѓа и одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство, нега на член на семејството и неплатено родителско отсуство.
Со оспорениот член 101 од Законот, законодавецот уредил забрана на работодавачот да му го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство (став 1), случаите во кои врачениот отказ е ништовен (став 2), дозоволеност на отказот на договорот за работа склучен на определено време со истекот на времето за кој е склучен (став 3), случаите во кои работникот ја губи заштитата од ставот 1 на оспорениот член од Законот (став 4), како и обврската на работодавачот во тие случаи за прибавување на согласност од синдикатот чиј член е работникот за откажување на договорот за работа (став 5), роковите за изјаснување на синдикатот со давање или недавање на согласност (став 6), правото на работодавачот да поведе постапка за преиспитување на изјавата за недавање на согласност со судска или арбитражна одлука (став 7), рок за постапување на надлежниот суд по поднесената тужба од работодавачот за преиспитување на изјавата за недадената согласност од страна на синдикатот (став 8), барање претходна согласност за отказот на договорот за вработување од надлежниот инспектор на трудот, доколку кај работодавачот не е формиран синдикат или работникот од ставот 1 на овој член не е член на синдикат (став 9) во кој случај се применуваат роковите и дејствијата од ставовите 6, 7 и 8 на овој член (став 10).
Подносителката на иницијативата смета дека законодавецот со дополнителната заштита на работниците за време на бременост, раѓање и родителство, правел неоправдана фаворизација на заштитената категорија работници во однос на сите други работници, дури и во однос на работниците кои уживаат посебна заштита со Законот, поточно, сите работници ги става во нееднаква положба во однос на работниците на кои за време на бременост, раѓање и родителство, работодавачот не смее да им го откаже договорот за вработување, што го правел оспорениот член од Законот, неуставен.
Околноста што оваа категорија на дополнително заштитени работници ја губеле заштитата согласно ставот 4 на оспорениот член од Законот, а тоа е во случај на потешки прекршувања на договорните обврски, односно во случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски за кои се дава отказ без отказен рок согласно закон и колективен договор, определени со членот 82 од Законот, според подносителката значело неприменување на членот 81 од Законот со кој е предвидено откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски со отказен рок.
Поточно, подносителката смета дека губењето на посебната заштита од оспорениот член 101 став 1 од Законот, поради прекршувањата на работните обврски од членот 82 од Законот, но, не и поради прекршувања на работните обврски наведени во членот 81 од Законот, значело дека сите кршења на работниот ред и дисциплина содржани во членот 81 од Законот, биле всушност дозволени за сите коишто ставот 1 на оспорениот член 101 од Законот ги заштитува, наведувајќи дека заштитената категорија на работници се здобивале со право практично несанкционирано да чинат со закон забранети дејствија.
Според подносителката на иницијативата, законодавецот неоправдано ја фаворизирал и ја штител оваа категорија на работници, бидејќи се дозволувало тие да останат неказнети, што било спротивно со членовите 9 и 32 од Уставот.
Од уставно-правен аспект, Судот не утврди спротивност на оспорената содржина на членот од Законот со одредбите на Уставот, напротив дополнителната заштита за работниците како што погоре е наведено наоѓа своја основа и издржаност во одредбите од членовите 40, 41 и 42 од Уставот, преку кои семејството и родителството, мајчинството, децата и малолетните лица, Уставот ги ставил под посебна грижа на Републиката, а воедно ваквата определба на законодавецот е во согласност и со Конвенцијата број 158 за престанок на работниот однос на иницијатива на работодавачот, која е ратификувана и од Република Македонија, а исто така Судот не утврди спротивност на оспорената содржина од членот 101 од Законот и од аспект на членот 9 од Уставот.
Членот 9 од Уставот ја забранува дискриминацијата на граѓаните во остварувањето на нивните слободи и права по основ на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба, наложувајќи еднаков третман на граѓаните пред Уставот и законите во остварувањето на нивните слободи и права независно од нивната припадност по кои било од погоре наведените основи.
Уставното начело за еднаквост на граѓаните го обврзува законодавецот при регулирањето на определени односи тие односи да ги уреди под еднакви услови што ќе важат за сите граѓани што се наоѓаат во таква положба.
Во конкретниот случај, дополнителната заштита на работниците од ставот 1 на оспорениот член 101 од Законот, изразена преку забрана на отказ поради бременост, раѓање и родителство, воопшто, според Судот не значи фаворизирање на работниците, едни во однос на останатите, бидејќи контекстот на заштитата во оспорениот член од Законот е во однос на состојбата во која се наоѓа работникот поради значењето кое го има бременоста, раѓањето и родителството и воопшто одгледувањето на децата, така што заштитата на овие состојби, изразена преку забрана на работодавачот да му го откаже договорот на работникот за време на тие состојби, подеднакво се однесува на секој работник кој ќе се најде во таа состојба, независно од припадноста по кои било од наведените основи од членот 9 на Уставот.
Воедно, контекстот на заштита, изразен преку забрана на работодавачот да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, има за цел елиминирање на можности работодавачот да му изрече на работникот престанок на работниот однос, токму поради потребата од отсуство или додека е на отсуство, на кој начин се штитат работниците од неосновани откази и губење на работното место за времетраење на овие состојби, посебно заштитени со Уставот, но и со меѓународните конвенции.
Наводите од иницијативата дека законодавецот, правејќи неоправдана фаворизација на вработените во однос на другите, дури и малолетните работници не ги здружил во заштитената категорија вработени од ставот 1 на оспорениот член од Законот, со што оспорениот член од Законот уште еднаш се покажал за неуставен, Судот не ги прифати како основани, бидејќи како што погоре е наведено контекстот на заштита е насочен кон состојбите во кои може да се најде работникот, така што заштитата од отказ, се однесува за секој работник, вклучително и за малолетниот работник, односно за сите кои ќе се најдат во такви состојби.
Оттука, ставањето на работниците во контекст едни со други од аспект на еднаквоста, преку тврдењето со иницијативата за неоправдано фаворизирање на работниците кои се во состојба на бременост, раѓање и родителство, во однос на сите други вработени кои не се во таква состојби, според Судот е неосновано.
Понатаму, наводите дека оспорениот член од Законот им давал право на заштитената категорија работници да чинат со закон забранети дејствија, односно да останат неказнети за кршење на работните обврски од членот 81 од Законот, а сите други да подлежат на казни, Судот ги оцени како неиздржани. Наведеното од причини што забраната, работодавачот да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, не значи дека прекршувањата на работните обврски од членот 81 од Законот, овие работници можат да ги прават, а притоа да немаат никакви последици за таквите дела, односно да поминат неказнето. Работниците за времетраењето на заштитените состојби (бременост, раѓање и родителство), се заштитени од отказ, но не и од дисциплински постапки и казни за сторените прекршувања на работните обврски.
Наводите дека штитењето на работникот од отказ за време на бременост, раѓање и родителство, имало мошне негативни импликации на квалитетот на животот и особено на заштитата на човековите права, така што фактот за нивната посебна заштита со оспорениот член 101 од Законот, кај останатите вработени создавало чувство на обесправеност, немоќ и демотивираност за унапредување на работниот процес, односно дека сето тоа негативно се одразувало не само кон квалитетот на работниот однос, туку и на општествениот живот и економски просперитет на општеството воопшто, според Судот се неприфатливи причини во поткрепа на наводите за неуставноста на членот 101 од Законот, со барање за негово поништување или укинување. Ова дотолку повеќе што се работи за чувствителни состојби како што се бременост, раѓање, родителство, посвојување, нега на дете со посебни потреби и слично, коишто треба да поттикнуваат сочувство, човечност и грижа за другите луѓе, особини кои водат кон повисока свест и посакувани однесувања кај луѓето воопшто.
Понатаму во контекст на ставот 4 на оспорениот член 101 од Законот со кој законодавецот пропишал губење на заштитата од отказ за време на бременост, раѓање и родителство, доколку работникот стори потешки прекршувања на договорните обврски наведени со членот 82 од Законот, се уредени одредбите од став 5 до став 10 на оспорениот член 101 од Законот, а суштината на нивното уредување се однесува на обврската на работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување поради основите утврдени во ставот 4 на овој член, да прибави согласност од синдикатот или инспекторот на трудот.
Според подносителката, ставовите 5 и 9 од оспорениот член 101 од Законот, во пракса биле неприменливи бидејќи илузорно било очекувањето на законодавецот дека синдикатот, односно надлежниот инспектор на трудот, ќе дале дозвола/согласност за откажување на договор за работа, затоа што тие не изведувале испитна постапка, не биле органи и институции за утврдување на факти, па за да ја дале потребната согласност, ќе требало да веруваат во „испитната постапка” која што ја спровел самиот работодавач.
Ваквите наводи Судот, исто така ги оцени како неосновани.
Имено, повредите од членот 82 од Законот, за кои е предвидено откажување на договорот за вработување без отказен рок, бараат „посебни испитни постапки”, неретко посебни управни и судски постапки за утврдување на истите. Законот не претендира, ниту синдикатот, ниту инспекторот за труд да спроведуваат комплицирани испитни постапки, со самото утврдување на рокот од 8 дена во кој тие треба да се изјаснат за откажување на договорот. Барањето за изјаснување е простор за уште една инстанца за произнесување во однос на основаноста на одлуката на работодавачот за откажување на договорот за вработување на наведената заштитена категорија на лица, меѓу другото и во функција на елиминирање на било какви можности од самоволие на работодавачот и енормно кршење на работничките права.
Воедно, можното недавање на согласност од страна на синдикатот или инспекторот за труд за откажување на договорот за вработување, не значи автоматски и апсолутна заштитеност на работникот од отказ и неможност на работодавачот да го откаже договорот за вработување. Ова дотолку повеќе што оспорениот член 101 од Законот, во ставовите 7 и 8, јасно уредува дека работодавачот може во рок од 15 дена од денот на доставувањето на изјавата за недавање на согласност да поведе постапка за нејзино преиспитување со судска или арбитражна одлука, односно дека постапката за преиспитување на согласноста од ставот 7 на овој член ја спроведува надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на поднесување на тужба од работодавачот, што значи дека законодавецот, оставил простор за преиспитување на изјавата за недавање на согласност од страна на наведените субјекти со судска или арбитражна одлука.
5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 101 од Законот за работните односи со одредбите од член 9 и 32 од Уставот, на кои се повикува подносителката со иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.73/2018
25-ти декември 2018 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски