У.бр.108/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици на ССОУ „Димитрија Чуповски”-Велес, донесено од Советот на Општина Велес на седницата одржана на 30.08.2018 година, број 25-4421/25 од 31.08.2018 година.

2. Градоначалникот на Општина Велес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Со иницијативата се наведува дека при донесувањето на оспореното решение не биле испочитувани законските прописи, конкретно член 28 став 2 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” број 44/1995,… и 64/2018), за што градоначалникот на Општина Велес, кој е подносител на иницијативата, согласно членот 51 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 27 став 1 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес” број 12/2006, 03/2009, 18/2010 и 15/2014), со Решение број 08-4438/24 од 03.09.2018 година, објавено во „Службен гласник на Општина Велес” број 14 од 03.09.2018 година, го запрел неговото објавување.

Советот на Општина Велес, по повод запреното објавување на оспореното решение, одржал седница на 12.09.2018 година, на која донел Заклучок број 25-4735/6 од 13.09.2018 година, за неусвојување на Решението од градоначалникот за запирање на објавувањето на оспорениот акт, а воедно со Заклучокот го потврдил претходно донесениот оспорен акт, по што градоначалникот врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија‟ број 5/2002) и членот 27 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес” број 12/2006, 03/2009, 18/2010 и 15/2014), донел Заклучок број 08-4774/5 од 14.09.2018 година, за објавување на Заклучокот за не усвојување на Решението за запирање на објавување на оспорениот акт. Заклучоците се објавени во „Службен гласник на Општина Велес” број 15 од 14.09.2008 година.

Подносителот на иницијативата смета дека давањето согласност за функционирање на наведените паралелки во форма со многу мал број на ученици, било погрешно толкување на одредбите од Законот за средното образование според кој паралелка можела да биде формирана и со помал број ученици, доколку основачот дал согласност за тоа, по претходна дадена согласност од Министерството, како и дека со постоењето на истите, дополнително се оптоварувал Буџетот на Општината, вклучувајќи ги сите трошоци за тековно одржување и материјални трошоци за вработените, од кои причини предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, негово поништување, како и Решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека актот кој се оспорува со иницијативата е со следната содржина:

Врз основа на член 28 став 3 од Законот за средното образование „Службен весник на Република Македонија” број 44/1995,…и 64/2018), член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 45 став 1 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес” број 12/2006, 03/2009, 18/2010 и 15/2014), Советот на Општина Велес на седницата одржана на 30.08.2018 година донесе:

Р Е Ш Е Н И Е
за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици на ССОУ „Димитрија Чуповски” – Велес

1. Со ова решение се дава согласност на ССОУ „Димитрија Чуповски” – Велес да формираат паралелки со помал број на ученици од законски предвидениот минимум за учебната 2018/2019 година и тоа:
– прва година:
· Болничар неговател – 1 паралелка,
· Козметички техничар – 1 паралелка,
· Хемиско технолошки техничар – 1 паралелка,
· Прехранбен техничар – 1 паралелка,
· Месопреработувач – 1 паралелка,
– втора година:
· Хемиско технолошки техничар – 1 паралелка,
· Прехранбен техничар – 1 паралелка,
– трета година:
· Фармацевтско лабораториски техничар – 1 паралелка,
· Прехранбен техничар – 1 паралелка,
· Козметички техничар – 1 паралелка,
– четврта година:
· Хемиско технолошки техничар – 1 паралелка,
· Прехранбен техничар – 1 паралелка.

2. Ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Велес‟.

Број 25-4421/25                                                                                                                                           Претседател
31.08.2018 година                                                                                                                         на Совет на Општина Велес
Велес                                                                                                                                                         м-р Душко Петров

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Решението за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици на ССОУ „Димитрија Чуповски”-Велес, донесено од Советот на Оштина Велес на седницата одржана на 30.08.2018 година, број 25-4421/25 од 31.08.2018 година.

Подносителот на иницијативата кој е градоначалник на Општина Велес, констатирал незаконитост на оспорениот акт, при што повикувајќи се на членот 51 од Законот за локалната самоуправа, презел дејствија за запирање на објавувањето на оспорениот акт, а воедно до овој суд достави иницијатива со која бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт.

Согласно погоре цитираниот член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, од содржината на оспорениот акт, произлегува дека тој не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Станува збор за конкретен акт со кој се дава согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во конкретна воспитно образовна институција, што значи со истиот не се уредуваат односи во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото. Суштинско обележје на правните акти подобни за уставно-судска контрола е нивната општост изразена преку содржани општи норми на однесување кои ќе се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно да уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со конкретно оспорениот акт.

5. Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт кој нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.108/2018
12 декември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски