У.бр.109/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 160,161,162, 163, 164, 165, 166, 167, 168, 169, 170, 171, 172, 173, 174, 175, 176, 177, 178, 179, 180, 181, 182, 183, 184, 185, 186, 187, 188 и 189 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018).

2. Александар Ташковски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата, генерално се наведува дека со оспорените одредби од Законот се вршел директен упад во универзитетската автономија на начин што се прекршувал членот 45 од Уставот. Имено, одредбите не биле во согласност со уставно гарантираната автономија, законските правни начела на високото образование и законското дефинирање на автономијата. Со Законот се надминувале уставните гаранции за автономија и законското регулирање требало да биде само во рамки на основањето, вршењето на дејноста и престанок на високото образование, а не и повеќе од тоа, како што е сторено со оспорената законска регулатива која не дозволувала универзитетот да има „саморегулација“ согласно членовите 45 и 46 од Уставот.

Од овие причини со иницијативата всушност се оспорува егзистирањето, постоењето на наведените одредби од Законот, се негира целисходноста на законската регулатива во нумерички означените 29 члена од Законот, без да се дадат конкретни аргументи за уставно проблематизирање на секој од одделните членови од Законот кои со прашањата кои ги уредуваат се дел од комплексната материја на Законот за високото образование како целина. Иницијативата, во суштина е насочена кон оспорување на цел блок одредби од Законот, општо, од причини дека законодавецот не требал да креира одредби од предметната материја и дека тоа биле прашања за саморегулатива на универзитетите, но иницијативата не се занимава посебно со членовите и нивната конкретна содржина, и бара од Судот со уставно проблематизирање на истите, тој да креира нов концепт на Законот во целина.

3. Судот на седницата утврди дека во глава 11, со наслов „Наставно-научни, наставно-стручни, наставни, научни и соработнички звања“, во оддел 1 со наслов „Основни одредби„ се предвидени: членот 160 со кој се уредува прашањето на вработените лица на високообразовните установи; членот 161 кој се однесува на наставно-научни, наставно-стручни и наставни звања; членот 162 кој се однесува на асистенти, уметнички и стручни соработници; членот 163 со кој се уредува статусот на демонстратори. Во оддел 2 со наслов „Критериуми и услови за избор во наставн-научни, наставно-стручни, наставни и соработнички звања„ се предвидени: членот 164, кој уредува критериуми за избор во звања; членот 165, кој ги уредува видовите услови за избор во звања; членот 166 кој се однесува на општите услови за избор во наставно-научни звања; членот 167 со кој се уредуваат општите услови за избор во наставно-научни звања по стручно-уметнички предмети; членот 168 со кој се уредуваат општите услови за избор во наставно-стручни звања; членот 169 со кој се уредени општите услови за избор во наставни звања на висока стручна школа. Во оддел 3 со наслов „Постапка за избор во звања“ се предвидени: членот 171 кој се однесува на правила за постапката за избор во звања; членот 172 кој го уредува конкурсот за избор во звање и засновање на работен однос; членот 173 кој ја уредува постапката за избор; членот 174 кој го уредува засновањето работен однос; членот 175 кој ги уредува роковите за кои се вршат изборите; членот 176, кој се однесува на рокот за избор во повисоко звање, односно за повторен избор во звање; членот 177, кој се однесува на лицата кои не се избрани; членот 178 кој се однесува на предвремен престанок на изборот; членот 179, кој го уредува правото на вршење дејност во друга високообразовна установа; членот 180, ги уредува визитинг наставниците; членот 181, кој се однесува на афирмирани научници, иметници и стручњаци од практиката; членот 182, кој ги уредува насловните звања; членот 183, кој ја уредува еквиваленцијата на звања; членот 184, кој се однесува на почесен професор и почесен доктор на науки; членот 185, кој се однесува на професор емеритус; членот 186, кој го уредува платеното и неплатеното отсуство и саботна година; членот 187, кој го уредува престанокот на работен однос поради исполнување на услови за пензија; членот 188 го уредува рокот во кој се стекнуваат правата и обврските на лица избрани во звања од матичната комисија; и членот 189 кој ги уредува надоместоците за учество на меѓународни конференции и објавени трудови и пристап до бази на трудови.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/92), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата се утврди дека со неа се оспоруваат одредбите од Законот за високото образование од аспект на нивната целисходност во уредувањето на предметните прашања кои не требало да се дел од концептот на Законот и се негира потребата од нивно законско постоење во правниот поредок, па оттука Уставниот суд преку активирање на уставно-судскиот механизам со интервентно одлучување би ги отстранил оспорените законски одредби, а со тоа новиот концепт на Законот за високото образование би ги препуштил спорните прашања да бидат не законска, туку материја на „саморегулатива“ со актите на универзитетите. Меѓутоа, Судот нема надлежност да креира концепти на законите, не одлучува за целисходноста и потребата од законското нормирање и со тоа ниту за целисходноста на оспорените законски норми во рамки на комплексната материја на уредување на Законот за високото образование во целина и дали тие норми во концептот на Законот требале да постојат во правниот поредок, односно Судот да креира нов концепт на предметниот закон.

Со оглед на тоа што иницијативата не содржи причини за оспорување на уставноста конкретно за оспорените одредби од Законот, а се оспорува концептот на Законот поради постоењето на тие одредби во него и упатува на потребата Судот да го промени истиот со поведување на постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби и нивно укинување, всушност се бара Судот да креира законски решенија, што е надлежност на законодавната власт, а не надлежност на Уставниот суд.

Од овие причини Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2018
12 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски