У.бр.32/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 12/2014, 43/2014, 104/2015, 148/2015 и 192/2015) и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебна усогласеност на одредбата означена во точката 1 од ова решение со членот 236 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

3. Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се предвидувало исполнување на услови за вршење на вештачење, покрај оние што биле утврдени во Законот за парничната постапка.

Имено, подносителот на иницијативата изгубил спор пред Основниот суд Делчево затоа што во предметот вештачело лице кое не било регистрирано согласно членот 5 од Законот за вештачење, иако имало лиценца и било запишано во регистарот на вештаци. Одлуката била потврдена со одлука на Апелациониот суд Штип.

Во иницијативата се цитираат: член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 98от од Уставот, како и членот 236 од Законот за парничната постапка и се наведува дека со оспорената одредба се појавувала правна несигурност, а од причини што законите морале да бидат во согласност со Уставот и да се донесат со двотретинско мнозинство, што било принцип на владеењето на правото. Оттаму, оспорената одредба не била во согласност со Уставот и со Законот за парничната постапка.

4. Судот на седницата, утврди дека според член 5 став 1 од Законот за вештачење, вештачење може да врши:

– високообразовна установа, научна установа и стручна установа врз основа на овластувања утврдени со закон доколку имаат вработено најмалку две лица со лиценца за вештачење,
– трговец поединец – вештак основано согласно со Законот за трговските друштва кое ги исполнува условите од овој закон и има вработено најмалку едно лице со лиценца за вештачење и
– трговско друштво кое е регистрирано во согласност со Законот за трговските друштва и врши вештачење согласно со овој закон и има вработено најмалку две лица со лиценца за вештачење.

Установите и друштвото од ставот 1 алинеи 1 и 3 на овој член може да вршат и супер вештачење доколку имаат вработено најмалку три лица со лиценца за вештачење (став 2).

За одделни работи, утврдени со закон, вештачење може да врши орган на државна управа кој има вработено најмалку две лица со лиценца за вештачење, а супер вештачење може да врши доколку има вработено најмалку три лица со лиценца за вештачење (став 3).

Супер вештачењето го определува претседателот на советот или судија поединец по електронски пат со примена на правилото на случаен избор од Регистарот во присуство на двете странки, односно нивните полномошници (став 4).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXV на Уставот, со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во членот 1 од Законот за вештачење е определено дека, со овој закон се уредува вршењето на вештачење, областите, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите кои вршат вештачење, условите и постапката за полагање на стручен испит за издавање, продолжување, престанок или за одземање на лиценца за вештачење за вршење на вештачење од соодветна област, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци, како и други прашања кои се однесуваат на вештачењето.

Под изразот „вештак“ во смисла на одредбите од Законот за вештачење, согласно член 2 точка 5 се подразбира лице кое има лиценца за вештачење од соодветната област и е запишано во регистарот на вештаци. Според точката 8 од истиот член од Законот, „Регистар на вештаци“ е јавна книга во која се евидентираат лицата на кои им се издава, одзема, продолжува или им престанува лиценцата за вештачење од соодветната област, органот на државната управа, високообразовната установа, научната установа и стручната установа кои вршат вештачење, трговецот поединец-вештак и друштвата за вештачење.

Во оспорениот член 5 од Законот се определува дека вештачење можат да вршат: установи (алинеја 1), трговци-поединци (алинеја 2) и трговски друштва (алинеја 3) под услови определени во оваа и други одредби од Законот.

Во член 22 став 1 од Законот е определено дека, издадените, одземените, продолжените и лиценците кои престанале, органот на државната управа, високообразовната установа, научната установа, стручната установа кои вршат вештачење, трговецот поединец-вештак и друштвата за вештачење се евидентираат во Регистарот кој го води Министерството за правда.

Регистарот се доставува секоја година до крајот на март до судовите во Република Македонија и до Комората за вештаци (став 2).

Регистарот еднаш годишно се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и во електронска форма на веб страницата на Министерството за правда (став 3).

Формата и содржината на Регистарот и начинот на неговото водење ги пропишува министерот за правда (став 4).

Во членот 236 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), е определено дека вештачењето го вршат вештаци запишани во регистарот на вештаци.

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека истата има за цел да определи каков вид на правно лице (установа, трговец-поединец или трговско друштво) и под кои услови може да врши вештачење, од каде не станува збор за процесна одредба како што погрешно смета подносителот на иницијативата, туку за одредба која определува услови за вршење на дејноста вештачење. Цитираната одредба од Законот за парничната постапка пак, поврзана со оспорената одредба, како и со член 2 точки 5 и 8 и со членот 22 од Законот за вештачење укажува на тоа дека во постапката пред судовите вештачење вршат само вештаци запишани во регистарот на вештаци.

Од наведеното Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51 од Уставот и со Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.

Инаку, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, од каде Судот, како ненадлежен не може да се впушти во оцена на меѓусебната усогласеност на одредбите од два или повеќе закони.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, од каде во делот на иницијативата за оценување на согласност на оспорената одредба со членот 236 од Законот за парничната постапка се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.32/2018
12 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски