У.бр.97/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Кодексот на етика на вработените во судската служба на Република Македонија (”Службен весник на Република Македонија” број 140/2010).

2. М-р Иван Колевски од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Кодексот означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот пропис било постапено спротивно на одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за судска служба, поради што се бара поништување или укинување на прописот од следните причини:

Оспорениот пропис бил донесен од страна на Советот на судска служба кој немал никаква законска надлежност за негово донесување, ниту согласно членот 9 од Законот за судска служба кој бил во важност во време на донесување на Кодексот, ниту согласно членот 14 од сега важечкиот Закон за судска служба. Со тоа Советот се поставил во својство на законодавец, со што го повредил начелото на владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, поради што бил спротивен на наведените законски одредби и на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Со оспорениот кодекс се пропишувале дополнителни права и обврски за вработените во судската администрација, како и дисциплинска одговорност за непочитување на истите, што било во спротивност со член 32 став 5 од Уставот и член 3 став 1 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014).

Во иницијативата подносителот се повикува на уставно-судската пракса на Уставниот суд искажана во предметот У.бр.56/2010 од 15.09.2010 година, во рамките на кој било одлучено дека за правата и обврските од работниот однос се одлучува во рамките на Уставот и законите и дека не може орган кој за тоа нема никакво овлстување, со подзаконски акт (како во случајов) да предвидува дополнителни права и обврски од работниот однос, со оглед дека тоа било во спротивност со уставното начело на поделба на власта.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот кодекс на етика на вработените во судската служба на Република Македонија има 10 члена.

Кодексот е дефиниран како збир на етички начела и правила на однесување кои секој вработен во судската служба е должен да ги почитува за време на вршењето на судската служба (член 1). Во Кодексот се уредени основните принципи по кои се раководи вработениот во судската служба (член 2), однесувањето на вработен во судската служба (член 3), извршување на обврски (член 4), заштита на податоци и дискреција (член 5), активности надвор од работното место (член 6), политичка активност (член 7), пријавување (член 8), спроведување на овој кодекс (член 9) и завршна одредба со која е определен датумот на влегување во сила на Кодексот (член 10).

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорениот кодекс на етика на вработените во судската служба на Република Македонија е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2010, на 21 октомври 2010 година, а осмиот ден од денот на објавувањето влегол во сила.

Во Кодексот не е наведен правен основ за негово донесување, но во време на донесување на Кодексот во сила бил Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010). Според член 3 став 1 од овој закон, судски службеник е лице кое во судовите врши стручни, управнонадзорни, административно-технички, извршни, статистички и материјалнофинансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работниот однос.

Со донесување на нов Закон за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014 33/2015, 98/2015 и 06/2016), статусот на судските службеници е променет. Имено, според член 3 став 1 од овој закон, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичкоаналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Согласно член 145 од истиот закон, со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да се применува Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010).

Според член 146 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува со денот на започнувањето на примената на Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“број 27/2014) и Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“број 27/2014)

Според член 53 од Законот за вработените во јавниот сектор и според член 113 од Законот за административните службеници, овие закони влегуваат во сила осмиот ден од денот на нивното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започнат да се применуваат една година од денот на влегувањето во сила.

Имајќи во вид дека наведените закони се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 од 04.03.2014 година, произлегува дека нивната примена е од 12 март 2015 година, од кога престанува да се применува Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010).

Според член 7 став 1 точка 8 од Законот за административните службеници, Министерството за информатичко општество и администрација го пропишува Кодексот за административни службеници.

Во оваа смисла, министерот за информатичко општество и администрација има донесено Кодекс за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183/2014).

Имајќи го предвид наведеното, според кое судските службеници, согласно новиот, важечки закон за судската служба, се лица со статус на административен службеник, произлегува дека за истите важи Кодексот за административни службеници донесен од министерот за информатичко општество и администрација. Во оваа смисла, овој кодекс е објавен и на веб-страната на Судскиот совет на Република Македонија.

Оттука, произлегува дека оспореникот кодекс на етика на вработените во судската служба на Република Македонија, донесен во време на претходниот закон за судска служба, со започнување на примената на новиот закон за судска служба според кој судските службеници се со статус на административни службеници и за нив важи кодексот за административни службеници, престанал да важи и не е во правниот поредок на Република Македонија. Поради тоа Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.97/2018
5 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски