У.бр.105/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 34 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).

2. Влатко Илиевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот се ставале во поповолна положба оние кои го повредувале правото на првенствено купување, овозможувајќи краткиот рок во кој може да се поднесе тужба за повреда на правото, да го отуѓат својот сосопственички дел на штета на другите сосопственици кои имале право први да бидат понудени за откуп. Со тоа се повредувал членот 9 од Уставот во кој се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 34 од Законот за сопственост и други стварни права се предвидува дека ако сосопственикот што го продава својот сосопственички дел не им даде понуда на сите сосопственици, во таков случај сосопствениците на кои не им е дадена понудата можат по судски пат да бараат продажбата да се поништи и сосопственикот што го продава својот дел да постапи согласно со одредбите на ставовите 2 и 3 од членот 33 на овој закон.

Тужбата за повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рок од 30 дена од денот кога секој од сосопствениците дознал за продажбата за условите за продажбата.

Без оглед на тоа кога сосопствениците дознале за продажбата и за условите за продажбата, тужбата поради повреда на правото на првенствено купување не може да се поднесе по истекот на рокот од шест месеци од запишувањето во јавните книги, ако стварта е недвижна, а ако стварта е подвижна од денот на склучувањето на договорот(оспорен став).

Доколку сосопственичкиот дел им бил понуден на сосопствениците по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или по потешки услови, или продажбата е прикриена со замена, подарок или на друг начин, тогаш тужбата поради повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рок од една година од запишувањето во јавните книги.

Тужителот е должен во рокот за поднесување на тужбата поради повреда на правото на првенствено купување да го депонира износот кај основниот суд или нотар на име на куповната цена, што според склучениот договор стасал за плаќање до денот на поднесувањето на тужбата.

4. Во глава II од Уставот, со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ и потточка 1. “Граѓански и политички слободи и права” содржан е членот 9. Во наведениот член се предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената пложба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 1 од Законот за сопственост и други стварни права се уредуват правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот (член 1).

Во делот III од Законот се уредуваат подоблиците на правото на сопственост, каде е поместен членот 30 според кој кога една проста или сложена ствар е предмет на правото на сопственост на повеќе лица, ова право се јавува како сосопственост, заедничка сопственост или етажна сопственост.

Според член 31 од Законот сосопственост е сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел).

Кога предмет на правото на сосопственост се плодоносни ствари, плодовите и другите приходи од нив се распоредуваат меѓу сосопствениците сразмерно на големината на нивните делови, доколку поинаку не е договорено.

Ако сосопственичките делови на неподелената ствар не се определени се претпоставува дека сосопствениците имаат еднакви делови.

Сосопственост може да се заснова и на ствар која се наоѓа во различни облици на сопственост (мешана сопственост).

Според член 32 од истиот закон сосопственикот има право стварта да ја држи и да ја користи заедно со другите сосопственици сразмерно со својот дел, неповредувајќи ги притоа правата на другите сосопственици.

Сите сосопственици имаат владение врз целата ствар, но тие можат да одлучат меѓусебно да го поделат владението врз стварта и извршувањето на сите или на некои сопственички овластувања врз неа.

Сосопственикот може да располага со својот дел без согласност на другите сосопственици. Во случај на продажба на сосопственички дел другите сосопственици имаат право на првенствено купување.

Членот 33 од Законот предвидува сосопственикот кој има намера даго продаде својот сосопственички дел е должен на другите сосопственици со подавка преку нотар да им го понуди за продажба својот дел и да им ја соопшти цената и условите за продажба.

Ако сосопствениците на стварта на кои им се нуди сосопственичкиот дел од неа не се изјаснат дека ја прифаќаат понудата во рок од 30 дена од соопштението од подавката од ставот 1 на овој член, сосопственикот може сосопственичкиот дел да го продаде на друго лице.

Кога според условите на понудата цената треба во целост или делумно да се исплати во готово, изјавата за прифаќање може да има дејство само ако сосопствениците кои се согласни да го откупат сосопственичкиот дел во рокот предвиден во став 2 на овој член да му го исплатат на понудувачот целиот износ што според понудата треба да се исплати во готово или ако износот го депонираат кај основниот суд или нотар. Ако стварта е подвижна износот се депонира во местото каде што сосопственикот кој го продава својот сосопственички дел (продавачот) има живеалиште, а ако стварта е недвижна износот се депонира во местото каде што се наоѓа недвижноста.

Ако повеќе сосопственици под исти услови сакаат да го купат идеалниот дел од стварта, тогаш тој ќе му се предаде на оној сопственик кој ќе го одреди продавачот.

Со оспорениот член 34 од Законот се предвидува ако сосопственикот што го продава својот сосопственички дел не им даде понуда на сите сосопственици, во таков случај сосопствениците на кои не им е дадена понудата можат по судски пат да бараат продажбата да се поништи и сосопственикот што го продава својот дел да постапи согласно со одредбите на ставовите 2 и 3 од член 33 на овој закон.

Тужбата за повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рок од 30 дена од денот кога секој од сосопствениците дознал за продажбата за условите за продажбата.

Без оглед на тоа кога сосопствениците дознале за продажбата и за условите за продажбата, тужбата поради повреда на правото на првенствено купување не може да се поднесе по истекот на рокот од шест месеци од запишувањето во јавните книги, ако стварта е недвижна, а ако стварта е подвижна од денот на склучувањето на договорот.

Доколку сосопственичкиот дел им бил понуден на сосопствениците по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или по потешки услови, или продажбата е прикриена со замена, подарок или на друг начин, тогаш тужбата поради повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рок од една година од запишувањето во јавните книги.

Тужителот е должен во рокот за поднесување на тужбата поради повреда на правото на првенствено купување да го депонира износот кај основниот суд или нотар на име на куповната цена, што според склучениот договор стасал за плаќање до денот на поднесувањето на тужбата.

Од анализата на наведените уставни норми vis a vis законските одредби, а во корелација со наводите во иницијативата (кои се многу оскудни) Судот оцени дека истите не даваат доволно аргументи кои би овозможиле покренување на уставниот механизам за анализа на оспорената одредба.

Имено, во иницијативата само се наведува дека со ваквите одредби се ставаат во поповолна положба оние кои го повредуваат правото на првенствено купување овозможувајќи преку краткиот рок во кој може да се поднесе тужба за правото да го отуѓат сосопственичкиот дел на штета на другите сосопственици, кои имаат право први да бидат понудени за откуп.

Тргнувајќи од содржината на ваквиот навод, Судот оцени дека подносителот на иницијативата не го оспорува членот 34 став 3 од Законот vis a vis одредбите од Уставот за што е надлежен Уставниот суд, туку истиот дава оценка само по однос на примената на оспорената одредба поради постоење на, според него, краток рок за поднесување на тужба. Оттука, неспорно произлегува дека подносителот на иницијативата не ја оспорува содржината на оспорената одредба vis a vis одредбите од Уставот, туку само го наведува членот 9 став 2 од Уставот, без притоа да даде појаснување, односно причина во насока на постоење на повреда на член 9 став 2 од Уставот.

Од наведените причини, според Судот, во конкретниот случај не постојат основи Судот мериторно да се впушти во анализа на содржината на оспорениот член 34 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност за оценка на примената на оспорената одредба, како и поради тоа што постојат процесни пречки за одлучување по истата со оглед на тоа што на подносителот на иницијативата не му се допаѓа содржината, односно должината на одредениот рок за поднесување тужба.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски

У.бр.105/2018
28 ноември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски