У.бр.13/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.09-1484/8 од 03.03.2017 година за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 309 (опфат помеѓу: бул. „Партизански одреди“, ул. „Франклин Рузвелт“, бул. „Митрополит Теодосие Гологанов“ и бул. „8-ми Септември“) донесена од Советот на Општина Карпош-Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017 од 06.03.2017 година).

2. Лиљана Колевска, Цветан Јаневски и Менка Јаневска, сите од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се бара оцена на уставноста и законитоста на оспорената одлука и се наведува дека проблемите на подносителите на иницијативата започнале од 2001 година кога Педагошката академија, за нив непознати причини и со непознат правен основ, ја избришала КП 2403 од евиденцијата како нивна сопственост. Оваа парцела била одвоена и посебна во 2000 година, на неа постоел објект од времен каратер, кој бил цврста градба, па не било јасно зошто тие да не можат да си ја вратат сопственоста на слободниот дел од истата (градежно неизградено земјиште).

Во иницијативата се цитираат член 28 став 2 и членот 72 од Законот за денационализација и се дава приказ на комуникацијата на странките со разни институции и одговорни лица во врска со нивниот случај.

Подносителите на иницијативата појаснуваат дека трпат неправди особено поради тоа што за КП 2403 се менувале урбанистичките планови и условите за градење според барањата на лицата заинтересирани за градење на нивниот имот, а Градот Скопје и Општината Карпош тоа го овозможувале. Инаку пред да биде донесен оспорениот акт имало јавни анкети во 2010 и 2014 година, намената на земјиштето била В-2 или здравство и социјална заштита, но оваа намена била поништена од градоначалникот по добиеното мислење од Министерството за образование.

Од Уставниот суд се бара донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

Поднесокот, заради деловничките недостатоци е заведен како Р.бр.2/2018 по што е доставен поднесок со појаснување на иницијативата.

Во појаснувањето на иницијативата се наведува дека се оспорува наведената одлука со технички број 121/14-Изработувач Билд-ДООЕЛ Скопје. Подносителите на иницијативата на 22.11.2010 година и на 21.10.2014 година земале учество на јавната анкета огранизирана од Општината Карпош, но не добиле одговор, со што постапката за планирање не била запазена. Планот бил донесен без да се има предвид дека согласно член 72 од Законот за денационализација, од денот на стапување во сила на овој закон се забранува располагање со имотот кој е предмет на денационализација.

Кон поднесоците е доставена документација во врска со комуникацијата на странките, имотни листови, изводи од планови, скици и слично.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 26 став 4 алинеја 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија’ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) и член 39 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), Советот на Општина Карпош на шеесет и третата седница одржана на 03.03.2017 година ја донел оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 309.

Одлуката содржи седум одредби со вообичаена содржина за ваков вид на акти, заведена е под бр.09-1484/8 од 03.03.2017 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017 од 06.03.2017 година.

4. Од приложената и прибавена документација Судот ја утврди следната фактичка состојба:

А.Д. за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“-Скопје во јуни 2009 година изготвило сообраќаен и нивелациски план со технички брок 1549/2007 за планскиот период 2009-2014 година за потребите на Општина Карпош, Детален уранистички план „Владо Тасевски Дел А“.

Во врска со овој план (Владо Тасевски Дел А“) на 22.11.2010 година подносителите на иницијативата во анкетниот лист бр.1 ги истакнале своите забелешки со барање за одвојување и дооформување на КП 2403 како посебна градежна парцела.

Одлуката за донесување на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 е донесена од Град Скопје на 3 декември 2012 година (единаесет дена подоцна) и е објавена во “Службен гласник на Град Скопје“ бр.18/2012 година од 06.12.2012 година. Во генералниот план е определено дека поконкретното планирање ќе се врши според градски четврти.

Според документационата основа, прилог на урбанистичкиот план за четврт ССЗ02 од ГУП Скопје 2012-2022 изработена од Агенцијата за планирање на просторот на Република Македонија, градската четврт ССЗ02 е северозападниот дел на градот кој територијално припаѓа на општина Карпош и се наоѓа во границите на сообраќајниците: од север „Словенечка“, од исток Бул. „Никола Карев“, од југ со река Вардар и од запад ул. „Љубљанска“. Во овој опфат се наоѓа спорната недвижност.

Во членот 38 став 6 од Документационата основа е определено дека, во периодот од донесувањето на Генералниот урбанистички план за град Скопје 2012-2022 до усогласувањето на деталните урбанистички планови кои ги донесуваат општините во составот на градот Скопје, деталните урбанистички планови кои се на сила можат да се применуваат само и исклучиво во оние делови од планскиот опфат кои се во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022, односно не се спротивни ниту на една негова одредба.

Од увидот во „Службен гласник бр.13 на Општина Карпош од 6 декември 2010 година (две недели подоцна) Судот утврди дека Општината донела решение за објавување на Програмата за работа на Советот на Општина Карпош за 2011 година, во која, меѓу другото, е и донесување на ДУП за дел од МЗ Владо Тасевски-Дел А. Донесувањето на овој нов Детален план се наметнало од барањата, односно иницијативите на сопствениците на земјиштето за промена на Планот, како и заради усогласување со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Постапката за донесување на оспорената одлука започнува со донесување на решение бр.09-4286/1 од 18.06.2013 година за формирање на Комисија за давање на мислење за нацрт-планови и давање предлог до градоначалникот за одобрување на локална планска документација.

Според соопштението бр.09-3430/8 од 06.10.2014 година на градоначалникот на Општина Карпош во Општината се организира јавна анкета и јавна презентација на 15.10.2014 година.

На 21.10.2014 година подносителите на иницијативата земале учество во организираната јавна анкета и во анкетниот лист бр.189 ги изнеле своите забелешки.

Во заклучокот бр.33-3430/19 од 05.11.2014 година од горенаведената комисија е даден предлог за спроведување на повторна јавна анкета и јавна презентација заради големиот број на прифатени забелешки поради кои Планот претрпел значителни промени.

Според Одлуката бр.10-1089/1 од 03.02.2015 година определен е нов термин за јавна анкета и јавна презентација на 12.02.2015 година во траење од 10 работни денови, сметано од објавувањето на соопштението.

Според Извештајот бр.34-1089/14 од 19.02.2015 година и Известувањето бр.10/1089/22 од 07.05.2015 година на организираната јавна анкета и јавна презентација биле доставени 102 анкетни листови, од кои 43 не биле прифатени, 22 биле прифатени, 36 биле делумно прифатени, а 1 немал конкретна забелешка. Во Предлог-планот биле вградени прифатените забелешки од Извештајот на Комисијата.

На оваа јавна анкета подносителите на иницијативата не земале учество.

Со допис бр.45-465/9 од 05.02.2016 година Општина Карпош од Министерството за образование и наука побарало стручно мислење по Предлог-планот.

Според мислењето на наведеното министерство бр.10-5161/1 од 09.03.2016 година за Мининистерството не била јасна поделбата на градежната парцела 3.1 на две парцели со намена В-1 образование и наука и В-2-здравство и социјала, кое не било компатибилно со намената В-1, од каде поделбата на две парцели била неприфатлива.

Со допис бр.47-465/20 од 11.05.2016 година Општина Карпош го известува Министерството за образование и наука дека во целост постапило по изнесените забелешки.

Одлуката за донесување на оспорениот Детален урбанистички план е донесена под бр.09-1484/8 од 03.03.2017 година.

5. Постапката за урбанистичко планирање според фазите на донесување се спровела врз основа на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) кој бил во примена до 01.06.2015 година и одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016) кој сега е во сила.

Во член 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, кој престанал да важи на 01.06.2015 година, било предвидено дека, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според член 24 став 10 од Законот, доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Во член 32 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, кој сега е во сила, е предвидено дека субјектите кои ги вршат работите од областа на заштита на животната средина, заштита на културното наследство, заштитата и спасувањето, здравствената заштита, социјална заштита, образованието, земјоделието, водостопанството, транспортот и врските, воздухопловството, безбедноста, јавните патишта, како и субјектите надлежни за изградба и одржување на сообраќајна, водоводна, канализациона, електроенергетска, телекомуникациска, топловодна и гасоводна инфраструктура, должни се да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на просторниот план, урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација.

Во член 35 став 12 од Законот е предвидено дека, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 1 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем еурбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Според член 35 став 13 од Законот, доколку комисијата од став 1 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презенатција трае најмалку пет работни дена.

Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијативата и појаснувањето на иницијативата Судот утврди дека подносителите на иницијативата само се повикуваат на повреда на уставноста без да конкретизираат кои уставни одредби би биле повредени, од каде нема процесни претпоставки за мериторна оцена во оваа насока.

Повредата на законитоста, според подносителите на иницијативата произлегувала од околноста што истите како учесници на две јавни анкети не добиле одговор од Општината Карпош, без да се означи одредбата од Законот за просторното и урбанистичко планирање која би била повредена, но истата може да биде идентификувана.

Имено, според временскиот период на поднесување на забелешките (22.11.2010 година и 21.10.2014 година) во прашање е согласноста на оспорената одлука со член 24 став 9 од Законот што престанал да важи.

Според Судот нема услови за впуштање во анализа на согласноста на оспорената одлука по однос на можна повреда на оваа одредба, а заради отсуство на одговор од Општина Карпош во врска со спроведената анкета на 22.11.2010 година. Ова од причина што од приложената и прибавена документација произлегува дека спроведената анкета и не се однесува на постапка за планирање поврзана со оспорената одлука (Детален урбанистички план за Градска четврт 309), туку на претходна постапката за планирање или ДУП „Владо Тасевски дел А“, иако во двата плана спорната парцела била предмет на планирање. Впрочем во иницијативата не е содржано барање за оценување на уставност и законитоста на второозначената одлука.

При донесување на оспорената одлука била организирана јавна анкета со почеток на 15.10.2014 година, а подносителите на иницијативата дале свои забелешки на 21.10.2014 година. Истите не добиле одговор на истакнатите забелешки од причина што во постапката за планирање била организирана нова јавна анкета (почеток на 12.02.2015 година), а како резултат на големиот број на прифатени забелешки поради кои Планот претрпел значителни промени (член 24 став 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање што престанал да важи).

На новата јавна анкета од 12.02.2015 година подносителите на иницијативата не земале активно учество.

Според Судот при состојба кога се организира нова јавна анкета и јавна презентација настанува правна ситуација според која прифатените забелешки од претходно организирана анкета се вградуваат во предлог-планот, кој станува нов акт, по содржина на планирање и како таков подлежи на излагање на нова јавна анкета и презентација на која можат да се истакнуваат нови забелешки.

Оттаму, отсуството на одговор од страна на Општина Карпош на истакнати забелешки содржани во анкетниот лист бр.189 од 21.10.2014 година не е повреда на членот 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање кој престанал да важи.

Имајќи предвид дека Уставниот суд ја оценува согласноста на урбанистичките планови со Устав и со закон само од аспект на фазите на планирање, но не и од аспект на нивната содржина произлегува дека Судот не може да се впушти во оцена на основаноста на наводите за намената на спорната парцела (В-1 или В-2) или пак по однос на наводите кои се однесуваат на почитување на регулативата за денационализација. Ова и од причини што постапката за планирање не ги уредува сопственичките прашања, туку е само постапка во која се прикажуваат идејните решенија на конкретен урбан опфат.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорената одлука не е во спротивност со член 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање кој престанал да важи.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.13/2018
5 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски