У.бр.103/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 5 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 од Законот за финансиска дисциплина („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013, 201/2014 и 215/2015).

2. Влатко Илиевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитира содржината на член 8 став 1 алинеја 7 (слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок) и член 55 став 1 од Уставот. Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од Законот се ограничувала слободата на учесниците во стоковно-паричните односи во врска со уредувањето на односите во делот на исполнувањето на паричните обврски. Ваквото ограничување било сторено преку закон и тоа претставувало недозволено мешање на државата, кое немало никакво оправдување, односно не можело да се оправда со постоење на одреден јавен интерес.

Според наводите во иницијативата со ваквото недозволиво ограничување, стопанските објекти биле ставени во неповолна положба, особено во услови на стопанска криза. Во иницијативата се наведува дека многу често во праксата и самиот доверител бил свесен дека на должникот му бил потребен подолг рок за исполнување на обврската, па согласно својата волја можел да прифати и подолг рок од оној кој сега законодавецот го пропишал. Во случај на неисполнување на паричната обврска на истите им следувала камата, а своето побарување можеле да го реализираат во посебна судска постапка и било нејасно зошто ваквото ограничување се однесувало само на приватниот сектор. Во иницијативата се предлага да се донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста.

3. Судот на седница утврди согласно член 5 став 1 од Законот, „во деловна трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор не може да се предвиди рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.“

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од член 5 став 1 од Законот веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.45/2014 од 15 октомври 2014 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност. И тогаш одредбата била оспорена од аспект на член 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот.

Судот во Решението укажал дека: „Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која се остварува, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Слободата на пазарот и претприемништвото е, исто така, темелна вредност на уставниот поредок, која е загарантирана со Уставот така што се обезбедува еднаквна правна положба на сите субјекти на пазарот, се спречува монополска положба и монополско однесување на пазарот и таа слобода може да се ограничи со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од изнесените законски одредби произлегува дека учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи, но во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, при што со Законот за облигационите односи или друг закон може да се определи некој елемент од облигациониот однос меѓу учесниците во прометот.

Во конкретниот случај, член 5 ставови 1 и 3 од Законот за финансиска дисциплина определува рокот за плаќање меѓу правните субјекти односно економските оператори во приватниот сектор да изнесува до 60 дена, односно до 120 дена при постоење изречна писмена согласност меѓу двете страни, без притоа да се фаворизира некој конкретен правен субјект (економски оператор) односно тие законски одредби се однесуваат подеднакво на сите правни субјекти (економски оператори), со што таквите законски одредби се движат во рамките определени во наведените уставни и законски одредби, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и со став 2, како и со членовите 51 и 55 од Уставот“.

Оттука имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.45/2014 од 15 октомври 2014 година веќе ја оценувал уставноста на член 5 став 1 од Законот за финансиска дисциплина и притоа оценил дека истиот е во согласност со Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, а во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.103/2018
05.12.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски