Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за дел од УЗ 2, дел од Блок 2.5 опфат 1, Општина Охрид, плански период 2011 – 2016, бр.07-8141/19, донесена од Советот на Општина Охрид на 25 декември 2013 година.
2. Блаже Блажески и Раде Блажески од Охрид, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била донесена без претходно Советот на Општината да донел генeрален урбанистички план, Деталниот урбанистички план усвоен со оспорената одлука не бил изработен врз основа на ажурирани катастарски планови, Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Охрид немала член кој е истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање, не била утврдена фактичката состојба за степенот на изграденоста на објектите според претходниот детален урбанистички план и не било побарано мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости пред донесување на оспорената одлука, поради што Одлуката не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот (темелна вредност: хуманизација на просторот, заштита и унапредување на животната средина и на природата), потоа со членовите 11, 14, 15, 15-б, 19, 21, 28, 31 и други членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со член 9 став 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро.
Во појаснување на претходните наводи, подносителите на иницијативата изнесуваат податоци во врска со нивната КП.бр.16670 во КО Охрид 3 која е опфатена со оспорената одлука, дека во 1963 и 1974 година добиле решение за локација и одобренија за градба врз основа на кои извршиле доградба и надградба на постојната индивидуална станбена зграда, дека во 1986, 1987 и 1988 година добиле решенија за локација врз основа на меѓусебна согласност со соседите-сопственици на КП.бр.16678 во КО Охрид 3 по кои платиле надоместок за уредување на градежното земјиште (за утврдување на степенот на уреденоста, за засолниште и слично) и за што добиле одобрение за градба во 1989 година, а потоа изградиле темели на доградба на нивната куќа и за тоа во 1991 година ги известиле Собранието на Општина Охрид, одделението на Републичката геодетска управа во Охрид и градежната инспекција. Но, од Изводот од катастарскиот план за КП.бр.16670 КО Охрид 3, што бил изваден во 2014 година, подносителите на иницијативата дознале дека линијата на раздвојување меѓу КП.бр.16670 и КП.бр.16678 не била онаква каква што била определена во документите од 1986, 1987 и 1988 година, поради што ги оспоруваат изнесените делови од постапката на усвојувањето на Деталниот урбанистички план донесен со Одлуката на Советот на Општината во 2013 година.
Со иницијативата се предлага Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорената одлука заради спречување да настанат штетни последици од примената на Одлуката.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општината, со Одлука бр.07-1438/2 од 30.06.2006 година, донел Генерален урбанистички план на Град Охрид објавен во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.7/2006 (страна 3 од одговорот на Општината и Извод од наведениот генерален урбанистички план на град Охрид, бр.09-1397/1 од 09.06.2010 год.). Понатаму, оспорениот детален урбанистички план бил изработен врз основа на Ажурирана геодетска подлога изготвена со Геодетски елаборат од Трговско друштво за геодетски работи Геодетска канцеларија „Раткушиноски“ од Струга, бр.06-129/11 од 28.03.2011 год. и заверен од Агенцијата за катастар на недвижности под бр.1110/7016 од 22.06.2012 год. (страна 3 од одговорот на Општината и од наведениот Геодетски елаборат). Потоа, Комисијата за изработување на извештајот од јавната анкета и јавната презентација за оспорениот детален урбанистички план, формирана од Градоначалникот на Општината, била определена со Решение бр.09-1369/13 од 24.07.2012 година и била составена од вработено лице во општинската администрација, носителот на изработувачот на Планот и од истакнат и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање кој имал овластување за изработување на урбанистички планови, тоа е планерот, потписник на планската документација бр.0.0032 од 14.07.2008 год. (страна 3 и 4 од одговорот на Општината и од наведеното решение).
Судот исто така утврди дека во рамките на документите врз основа на кои бил донесен оспорениот детален урбанистички план постоеле, покрај другото, и снимања на изградениот градежен фонд изработени согласно на соодветните подзаконски прописи, како и анализа на степенот на реализација на претходниот детален урбанистички план (страна 4 од одговорот на Општината и документационата основа за изработка на оспорениот план). Покрај тоа, Општина Охрид, со допис бр.11-8000/1 од 17.08.2012 год., побарало мислење, пред донесувањето на оспорената одлука, од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со заштита на Охридското езеро, на што Министерството одговорило со допис бр.11-8000/2 од 31.08.2012 год. дека опфатениот простор не се граничи со крајбрежјето на Охридското езеро, поради што „не е предмет на разгледување од аспект на заштита на Охридското езеро утврдена во Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на РМ“ бр.45/77), Законот за заштита на природата („Службен весник на РМ“бр.67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11 и 148/11) и Досието за номинација на Охридското културно-историско и природно наследство на Листата на УНЕСКО (1980).“ (допис бр.11-8000/2 од 31.08.2012 год., доставен од Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Охрид).
Судот, понатаму, утврди дека:
– на 29.06.2012 год. Советот на Општина Охрид донел Одлука за утврдување нацрт детален урбанистички план за дел од Урбаната заедница 2, дел од Урбан блок 2.5, опфат 1, Охрид 2011-2016, заведена под бр.07-2763/4.
– на 24.07.2012 год. Градоначалникот на Општина Охрид донел Решение за организирање на јавна анкета и јавна презентација за ДУП, за дел УЗ 2, дел од УБ 2.5, опфат 1 – Општина Охрид (2011-2016), заведено под бр.09-1369/11. На 25.07.2012 год. во (1) дневниот весник „Нова Македонија“ било објавено соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација за ДУП, за дел од УЗ 2, дел од УБ 2.5, опфат 1 – Општина Охрид (2011-2016), како и (2) на програмата на Радио Охрид.
– на 06.08.2012 год. била спроведена јавна презентација во малата сала на Општина Охрид, за што има Записник заведен под бр.1369/12-1, при што меѓу присутните граѓани не се потпишани Блаже и Раде Блажески-подносителите на оваа иницијатива.
– на 22.09.2012 год. бил изработен Извештај од општинската комисија, бр.09-1369/13-1, во кој се изнесени прифатените, делумно прифатените и неприфатените забелешки од граѓаните, како и образложение за таквото определување на Комисијата, при што меѓу анкетните листи доставени од граѓаните, во Извештајот не е евидентиран анкетен лист од Блаже и Раде Блажески-подносителите на оваа иницијатива.
4. а) Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
б) Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013), кој важел во време на донесувањето на оспорената одлука, „просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата“ (став 1).
Членот 7 од наведниот закон ги определува следните видови на планови: Просторен план на Република Македонија, генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Во член 11 став 1 од Законот се пропишува дека „детален урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен генерален урбанистички план.“
Според член 19 став 1 од Законот, „урбанистичките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон.“
Член 22 став 1 од Законот предвидува дека „плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.“
Со членот 24 на овој закон се определува дека: „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“ (став 1), „организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон“ (став 2), „за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“ (став 3). „За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение“ (став 4). „Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа“ (став 5), „јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината“ (став 6), „извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“ (став 7), „извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот“ (став 8). Ставот 11 од истиот член на Законот пропишува дека „времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.“
в) Од изнесената уставна одредба произлегува дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а од членовите 2 и 7 на Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека наведената темелна вредност се остварува преку изработување, донесување и спроведување на Просторен план на Република Македонија, генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место. Притоа, наведените урбанистички планови се изработуваат врз основа на ажурирани геодетски подлоги (член 19), а детален урбанистички план се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план (член 11).
Во однос на постапката на донесувањето на плановите, Законот определува дека тие се изработуваат во две фази, како нацрт на план и предлог на план (член 22 став 1), при што по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 1), за чие место и време се известува јавноста преку јавни гласила (член 24 став 11), јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време определени од градоначалникот на општината (член 24 ставови 5 и 6), јавната анкета трае најмалку десет работни дена и се врши на анкетни листови на кои се изнесуваат забелешки и предлози од заинтересирани физички и правни лица по нацртот на планот (член 24 став 4), а за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (член 24 став 3), со тоа што извештајот од јавната анкета содржи образложение за прифатените и неприфатените забелешки и него го изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината и составена од три члена од редовите определени во Законот (член 24 став 7) и извештајот е составен дел од одлуката за донесување на предлогот на планот (член 24 став 8).
г) Во врска со наводите во иницијативата, од одговорот на Општината и од приложените документи кон одговорот, произлегува дека (1) Деталниот урбанистички план донесен со оспорената одлука се однесува на плански опфат за кој е донесен Генерален урбанистички план со Одлука бр.07-1438/2 од 30.06.2006 година објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.7/2006, (2) Планот е изработен врз основа на Ажурирана геодетска подлога изготвена со Геодетски елаборат од Трговско друштво за геодетски работи Геодетска канцеларија „Раткушиноски“ од Струга, бр.06-129/11 од 28.03.2011 год. и заверен од Агенцијата за катастар на недвижности под бр.1110/7016 од 22.06.2012 год., (3) Комисијата за изработување на извештајот од јавната анкета и јавната презентација беше составена и од истакнат и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање кој имал овластување за изработување на урбанистички планови, тоа е планерот, потписник на планската документација бр.0.0032 од 14.07.2008 год., (4) имаше снимања на изградениот градежен фонд изработени согласно на соодветните подзаконски прописи, како и анализа на степенот на реализација на претходниот детален урбанистички план и (5) Општината побарала, со допис бр.11-8000/1 од 17.08.2012 год., и добила мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, бр.11-8000/2 од 31.08.2012 год., во врска со заштитата на Охридското езеро.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашање за согласноста на постапката на донесувањето на оспорената одлука со одредбите од Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро наведени во иницијативата.
д) Од друга страна, подносителите на иницијативата имале правна и фактичка можност да учествуваат во постапката на донесувањето на оспорената одлука и преку анкетен лист да ги изнесат своите забелешки и предлози во врска со линијата на раздвојување меѓу КП.бр.16670 и КП.бр.16678, но тоа не го направиле, па непреземањето на тие дејствија од нивна страна не може да биде основа за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.
5. Со оглед на тоа дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со наведените закони, Судот утврди дека нема услови за запирање на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука предвидени во членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.1/2018
28 ноември 2018 г.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски