Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 ноември 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Решението за престанок на работниот однос поради исполнување услови за старосна пензија, бр.03-23/80 од 05.05.2017 година, донесено од министерот за одбрана.
3. М-р Борко Симоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение и на законитоста на решението означено во точката 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, членот 77 од Законот бил тесно поврзан и применлив исклучиво во согласност со условите за остварување на старосна пензија определени во членовите 5, 18, 19, 76 и 228 од истиот закон, па бидејќи во оспорената законска одредба не било прецизирано дека воениот персонал со повеќе од 25 години пензиски стаж, повеќе од 15 години стаж на работни места со зголемен стаж на осигурување и со над 55 години живот (маж) или со 50 години живот (жена), можат да заминат во старосна пензија кога ќе наполнат 64 години живот (маж) или 62 години живот (жена) и 15 години пензиски стаж (член 18 од Законот) или кога таа возраст и пензиски стаж ќе се намалат за тн.бенефициран стаж (членови 19 и 76 од Законот), при што пензиската основица ќе им се утврди врз основа на процентот пропишан во Законот за пензиското и инвалидското осигурување (член 228 од Законот), а до исполнувањето на наведените услови за старосна пензија тој воен персонал требало да има право на пензија поради престанок на потребата во Армијата при промена во актот за формација или поради промени во актот за систематизација на Министерството за одбрана (член 220 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија), при што висината на оваа пензија во секој конкретен случај се утврдува така што за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години, 80-те % се намалувале за 0,5%, за секоја година пензиски стаж (член 221 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија), произлегувало дека оспорениот член 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување можел различно да се применува, па и воениот персонал во Министерството за одбрана да се упатува во старосна пензија без да се исполнети условите за остварување на старосна пензија, а тоа не било во согласност со членот 8 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот), членот 9 (еднаквоста на граѓаните), членот 11 (забрана на понижувачко однесување и казнување), членот 12 (забрана на ограничување на слободата на човекот), членот 32 (правата на вработените да се уредуваат со закон и колективни договори), членот 50 (заштита на слободите и правата) и со членот 54 од Уставот (ограничување на слободите и правата само во случаи утврдени со Уставот).
Во иницијативата понатаму се наведува дека оспореното решение не можело да се заснова на членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување бидејќи подносителот на иницијативата не ги исполнувал условите за стекнување на право на старосна пензија со оглед дека немал 64 години возраст, ниту 40 години пензиски стаж, ниту пак имал возраст и стаж намален за тн.бенефициран стаж, а можел да оствари право на пензија поради престанок на потребата на службата, при што висината на пензиската основица би му била знатно поповолна согласно член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оспорената законска одредба и за оспореното решение, потоа да се поништи член 77 од Законот, а во однос на Решението предлага да се задолжи Министерството за одбрана да ги примени членовите 220 и 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека членот 77 од Законот определува дека на осигуреник од членот 11 став 1 точка 2 од овој закон (тоа е воениот и цивилниот персонал согласно со закон) кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години живот (маж), односно 50 години живот (жена), ако работниот однос му престане по потреба на службата, може да оствари право на старосна пензија.
Во однос на оспореното решение, Судот утврди дека со него се определува дека „на Симоски Милојко Борко, полковник на служба во ВП 2229 Куманово, му престанува работниот однос во Министерството за одбрана на Република Македонија по потреба на службата, со право на остварување на старосна пензија“ (точка 1) и дека „работниот однос на именуваниот му престанува со денот на конечноста на ова решение“ (точка 2).
5.а) Според член 34 од Уставот, „граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.“
Од изнесената уставна одредба произлегува дека социјалното осигурување, меѓу кое спаѓа и пензиското и инвалидското осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.
б) Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016) го уредува, покрај другото, задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигурениците, правата кои се остваруваат од ова осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).
Во член 11 став 1 точка 2 од Законот се определува дека воениот и цивилниот персонал согласно со закон се осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување.
Членот 18 од Законот, кој е посветен на старосна пензија, пропишува дека „осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Во членот 19 од Законот се уредува намалувањето на старосната граница за стекнување право на старосна пензија на осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење.
Главата VII од Законот е посветена на „Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови“ (членови 76-81), при што во член 76 став 1 точка 3 потточка б) од Законот се определува дека „на осигурениците од членот 11 став 1 точка 2 од овој закон стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и тоа секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување во вршење должност во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови, а кои ги утврдува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за одбрана.“
Членот 77 од Законот понатаму определува дека „на осигуреник од членот 11 став 1 точка 2 од овој закон кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години живот (маж), односно 50 години живот (жена), ако работниот однос му престане по потреба на службата, може да оствари право на старосна пензија.“
Членовите 78-81 од Законот го уредуваат намалувањето на старосната граница на воениот и цивилниот персонал вработен во Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана за стекнување на право на старосна пензија на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, начинот на утврдувањето на пензиската основица на овие осигуреници, како и изворот од кој се обезбедуваат средства за нивна исплата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека воениот и цивилниот персонал вработен во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана се осигуреници опфатени во единствениот систем на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување (членови 1 и 11), при што и тие осигуреници ги стекнуваат и остваруваат сите права кои произлегуваат од тој систем, па и право на старосна пензија (членовите 18 и 19), но истовремено во тој систем на осигурување се предвидува и исклучок на правото на старосна пензија од членовите 18 и 19 на Законот за дел од воениот и цивилниот персонал вработени во Армијата и Министерството, тоа се оние кои имаат над 25 години пензиски стаж од кои над 15 години на работни места со зголемен стаж на осигурување и над 55 години живот (маж) односно 50 години (жена), да можат да изберат дали ќе остваруваат право на старосна пензија или не (со продолжување на работниот однос кај друг работодавач на своја иницијатива) во ситуација кога работодавачот (Армијата на Република Македонија или Министерството за одбрана) утврдил престанок на нивниот работен однос поради потребата на службата (член 77).
Имајќи предвид дека правилото содржано во членот 77 од Законот е објективизирано преку должината на пензискиот стаж, должината на престојот на определени работни места и возраста на конкретниот осигуреник кој припаѓа на воениот и цивилниот персонал во Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана, како и преку оценката на работодавачот дека престанала потребата на службата од тие вработени, Судот оцени дека таквата одредба е доволно јасна, односно не и недостасуваат одредби од другите членови на Законот за пензиското и инвалидското осигурување како што смета подносителот на иницијативата, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорениот член 77 од Законот со одредбите од Уставот наведени во иницијативата. Прашањето на примената на оспорената законска одредба во секој конкретен случај, пак, може да се покрене пред други државни органи, па и редовен суд, со оглед дека тие одлучуваат врз основа на конкретни факти и докази и во постапка во која се споредуваат контрадикторните тврдење на спротивставените страни, а за што не е надлежен да одлучува Уставниот суд.
в) Во врска со односот, пак, меѓу членот 77 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од една страна, и членовите 220 и 221 од Законот за службата во Армијата на Република Македонија, од друга страна, Судот оцени дека тие одредби не се неконзистентни меѓу себе, односно не уредуваат иста материја на различен начин туку уредуваат различна материја. Имено, (1) членовите 220 и 221 пропишуваат дека Армијата на Република Македонија донесува промени во актот за формација, односно Министерството за одбрана донесува промени во актот за систематизација, а во членот 77 не се предвидува постоење на таков акт, (2) членовите 220 и 221 определуваат дека военото или цивилното лице вработено во Армијата или Министерството не може да се вклопи во новата организирана поставеност, а во членот 77 тоа исто така не е предвидено или (3) тоа лице не ги исполнува условите за унапредување и вклопување во новата поставеност, што повторно не е предвидено во членот 77 или (4) лицето го одбие понудено поставување, што исто така не е пропишано во членот 77, при што (5) лицето има над 25 години пензиски стаж (членот 77 бара и дополнителни услови-од тие години лицето да има над 15 години во трупа и над 55/50 години живот) и (6) не ги исполнува условите за старосна пензија, тогаш тие лица стекнуваат право на пензија до навршување на години на живот за остварување на правото на старосна пензија според прописите за пензиско и инвалидско осигурување (член 220 став 2 и член 221 став 2). Притоа, кои одредби од двата закони ќе ги примени работодавачот во секој конкретен случај е прашање на неговата визија за насоката на движењето на Армијата на Република Македонија и на Министерството за одбрана, а секое лице засегнато со таквата одлука на работодавачот има право пред надлежни државни органи да изнесува поинакви тврдења и да бара остварување на своите права засновани на соодветниот закон, со тоа што Уставниот суд не е надлежен да одлучува за правилна примена на законите во секој конкретен случај одделно.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашање за уставноста на член 77 од Законот и од наведениот аспект.
6. Во врска со оспореното решение, имајќи ја предвид содржината на Решението за престанок на работниот однос поради исполнување услови за старосна пензија, бр.03-23/80 од 05.05.2017 година, донесено од министерот за одбрана, Судот утврди дека со него не се уредуваат на општ начин права и обврски на неопределени субјекти, туку се определуваат права и обврски на конкретно лице, поради што Решението не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен акт, па Уставниот суд не е надлежен да одлучува за неговата законитост.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.69/2017
21 ноември 2018 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски