У.бр.143/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 44/2014, 129/2015, 152/2015, 39/2016 и 11/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1, член 2, член 4 алинеи 2, 6 и 7, член 7, член 9, член 11 став 2 алинеи 4 и 6 и став 3 и член 12 став 1 алинеи од 1 до 7 и став 2 од Законот означен во точката 1 од Решението.

3. Асоцијацијата на кабелски оператори АКО-СИЗ од Скопје и Стопанската интересна заедница на оператори на кабелска мрежа МК НЕТ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 1, прешироко бил поставен во Законот за филмската дејност бидејќи во него не било дефинирано што значи „филмска дејност”, кој ја вршел, начинот на кој се остварувала филмската дејност во Република Македонија, како и кои се учесниците во создавањето и искористувањето на филмската дејност. Во оспорениот член 1 од Законот, немало показатели дали Законот важел за филмската дејност која ќе се развивала на територијата на Република Македонија, односно за домашни филмови или Законот ќе важел за промоција, поддршка и развој на странски аудиовизуелни дела кои ќе транзитирале низ територијата на државата и ќе собирале субвенции од Агенцијата за филм, што според подносителите, било пракса во последните три години.

Текстот на оспорениот член 1 од Законот, упатувал на заклучок дека во блиска иднина директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија ќе ја водел уредувачката политика кај трговско радиодифузните друштва, па ќе можел на радиодифузерите да им посочува на кој начин и како да прикажуваат филмови на своите телевизии, бидејќи тој, односно Агенцијата била исклучиво надлежна за филмската дејност во Република Македонија.

Со ваквите одредби во Законот, кои биле двосмислени и немале рамка и начин на контролирање, ниту од законодавецот, ниту од Владата, односно ресорните министерства за култура и финансии, крајно се загрозувала правната сигурност на сите оние кои директно или индиректно учествувале во филмската дејност во Република Македонија.

Членот 2 од Законот, според кој развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија, бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 8, член 47 став 3 и член 51 став 1 од Уставот, со наводи дека законодавецот при определувањето на јавниот интерес не навел дали станува збор за производство и јавно прикажување на македонски филмови и дали станува збор за промоција и дистрибуција на домашни или странски филмови во Република Македонија во името на јавен интерес. Според подносителите, таа недореченост ја користел директорот на Агенцијата за филм, односно собраните пари од Буџетот на Републиката и надоместоците од правните лица од членот 12 од Законот, ги доделувал на странски фестивали организирани на територијата на Републиката, на кои, како што според подносителите било познато, исклучиво се промовирале филмови создадени во други земји. Во Преамбулата и членот 47 на Уставот, во Република Македонија не се предвидувал развој и поддршка на културно и уметничко творештво на земји од Европа и светот.

Конкретно, членот 2 од Законот подносителите го оспоруваат затоа што според нив надоместокот со Законот бил наменска јавна давачка и требало да оди од Агенцијата, директно кај македонските продуценти или оние кои создавале македонски филмови (со конкурс или сл.), како и кај оние кои биле задолжени за создавање, промоција и дистрибуција на македонски филм и спонзорирање на македонски филмски фестивали. Од доделувањето на парични средства за фестивали во кои се промовирале странски филмови во Републиката, граѓаните немале никаква корист, ниту ќе се зголемел филмскиот фонд на Републиката, а со тоа и развивала филмската дејност.

Членовите 7 и 9 од Законот за филмската дејност биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 и член 51 став 1 од Уставот со образложение дека Агенцијата за филм во себе ги содржела овластувањата кои ги имала законодавната, извршната и судската власт. Агенцијата пропишувала начела и правила во областа на филмската дејност, кои подоцна ги спроведувала, а за оние кои не се придржувале на правилата, можела да им изрекува казни. При формирањето на оваа културна установа, законодавниот дом излегол надвор од своите овластувања, доведувајќи ги граѓаните и јавноста во Република Македонија во заблуда дека се формира Агенција за филм, која во реалноста претставувала национална установа за филмска дејност на Република Македонија. Регистрирањето на Агенцијата за филм во Централниот регистар на Република Македонија како културна установа, повлекувало низа права и обврски кои биле спротивни на Уставот и Уставот ги забранувал, дел ниту биле предвидени (уставна празнина), од кои причини подносителите сметаат дека за правната судбина на вакви одредби кои предизвикувале правна несигурност, требало Уставниот суд да одлучува (да се уредело).

Оспорените одредби од член 11 став 1, став 2 алинеи 4 и 6 и став 3 од Законот, биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9, членот 30, членот 33 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот.

Уредувањето со оспорениот член 11 став 1, став 2 алинеи 4 и 6 од Законот, според коj средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон, како и дека Агенцијата стекнува средства и од надоместоци на правни лица утврдени во овој закон и приходи од управување со слободните парични средства на Агенцијата, според подносителите значело дека средствата прибрани од филмскиот надоместок, Агенцијата можела да ги користи како што сака (да ги вложува во банка и оплодува со камата, во хартии од вредност, да ги дава како спонзорства, подароци…), а според нивни сознанија, не бил регистриран пример Агенцијата за филм, вишокот на собрани средства да ги враќала во Буџетот на Република Македонија, што било спротивно со членот 33 од Уставот кој предвидувал дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а со Законот за филмската дејност не бил утврден начинот на кој Агенцијата ќе учествувала во намирувањето на јавните расходи.

По наведување на содржината на оспорениот став 3 на членот 11 од Законот, според кој доколку со работата на Агенцијата се остваруваат поголеми приходи од расходи, тие ќе се користат само за работите од членовите 4 и 10 од овој закон за кои е основана Агенцијата (членот 4 ги уредува работите кои се од национален интерес во филмската дејност, а членот 10 ги уредува надлежностите на Агенцијата) во иницијативата се наведува дека во тој случај вишокот на приходи ќе се користеле за „наводен” национален интерес во филмската дејност, меѓу кои и за производството на „други” аудиовизуелни дела од што се поставувало прашањето, кои се тие други аудиовизуелни дела, односно дали знаел некој да објасни. Или, за каква финансиска подршка на развојот на кината во Република Македонија можело да стане збор кога истата агенција 5% од приходот на правните лица кои вршат дејност „киноприкажување на филмови” им наплатувала надомест за филмска дејност, па не било јасно ниту за киноприкажувачите, ниту за нормативците, во што всушност се состоел националниот интерес?

Дефиницијата во однос на тоа што претставува национален интерес во филмската дејност било пропишано со членовите 60 и 61 од Законот за културата со кои се предвидувало финансирање на филмови од национален интерес исклучиво од средствата од Буџетот на Република Македонија, а не од надоместок кој го плаќале правни лица во приватна сопственост. Со законската можност да се финансираат (поттикнуваат) сценаристи, режисери и филмски продуценти со пари од државната каса се рушело уставно загарантираното право на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а со наметнување на двоен надоместок по сила на закон во името на јавен интерес, се рушело уставното начело за слободата на пазарот и претприемништвото, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите со иницијативата.

Членот 12 од Законот бил спротивен со член 8 став 1 алинеи 6 и 7, член 9 став 2, членот 30, членот 33, член 51 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот.

Со оспорениот член 12 од Законот со наслов „Основи за определување на надоместоци од правни лица”, според подносителите на иницијативата, не се утврдувале основите, туку висината на надоместокот-процентот кој се издвојувал од правните лица во приватна сопственост, не за развој на филмската дејност, туку за обезбедување на средства за работа на Агенцијата за филм, што било видно од членот 1 од Законот за филмската дејност во кој стоело дека со овој закон покрај вршењето на филмската дејност, се уредувало основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот на работата и други прашања поврзани со работењето на Агенцијата за филм, која според подносителите на иницијативата не била „непрофитна”, туку „профитна” државна агенција со својство на правно лице, без утврдена дејност во Законот, која согласно членот 11 од Законот, обезбедувала приходи од Буџетот на државата и од управувањето со слободните парични средства на Агенцијата, кои наместо да се враќале во касата на Буџетот и потоа наменски да се распределувале, врз основа на дискрециони овластувања на одговорните лица во името на јавниот интерес, се користеле за други намени, таксативно наброени во цитираниот член од Законот.

Агенцијата за филм имала организационен облик „културна установа” и регистрирана дејност „дејности на објектите за културни манифестации” па не можел да се избегне впечатокот дека во реалноста Агенцијата била национална установа, а националните установи до донесувањето на Законот за филмската дејност и формирањето на Агенцијата за филм, биле регистрирани за вршење на нестопански дејности и пред се биле непрофитни установи, односно работеле за давање на јавни услуги, а прибирале приходи согласно нивните потреби.

Воведувањето на спорните надоместоци со членот 12 од Законот, без основи-критериуми, нормативи и стандарди на начин и во постапка утврдени со овој закон, било противуставно. Во Законот за филмската дејност немало наведување кои јавни услуги ќе ги давала Агенцијата за филм на своите обврзници, поточно на кој начин таа ќе им возвратела. Станувало збор за наменска присилна давачка во правото позната како надомест. За разлика од овие давачки, кај придонесите како посебен облик на јавен приход постоела врска помеѓу обврската да се плател придонесот и посебната корист која се обезбедувала од обврзниците преку финансирањето на одредени потреби, односно добра, а висината на придонесот зависел од посебната корист на обврзникот.

Понатаму со иницијативата се наведува што било карактеристично за придонесите како наменски приходи, а што за даноците како општи приходи и како во економијата се делеле јавните приходи, така што немало дилема дека надоместокот за филмската дејност претставувал фискална давачка која требало да се слева во Буџетот на државата, а со оглед дека со оспорениот член 12 од Законот, не била утврдена горната граница за правните лица кои требало да издвојуваат средства од вкупниот годишен приход остварен за претходната година од дејноста, а ниту горна максимална граница на приходи кои и биле потребни на Агенцијата за филм за нејзиниот делокруг на работа, произлегувало дека надоместокот за филмската дејност бил утврден без јасна основица за утврдување на висината на надоместокот, поради што сите обврзници биле ставени во нерамноправен однос. Имало телевизии како ТВ 24 Вести кои во 2015 година не прикажувале филмови, а биле обврзани да плаќаат ист процент на надоместок како и телевизиите што прикажувале филмови. Во поткрепа на изнесеното, подносителите наведуваат дека Управниот одбор на Агенцијата за филм со Методологија за утврдување на надоместок, самоиницијативно, спротивно на Законот го намалил надоместокот за филмска дејност за одредени обврзници, најверојатно затоа што самите утврдиле дека истиот бил превисок.

Со иницијативата се посочува посебно да се има во предвид членот 80 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој за дозволата за телевизиско или радио емитување радиодифузерите со исклучок на јавниот радиодифузен сервис, плаќаат годишен надоместок на сметка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно со овој закон. Составен дел на дозволите бил програмскиот концепт во кој бил инкорпориран и надоместокот за емитување на филмска содржина, поради што подносителите сметаат дека воведувањето на дополнителен двоен надомест за емитување на филмски содржини со Законот за филмската дејност, било спротивно на членот 8 од Уставот на Република Македонија.

Во продолжение на иницијативата се наведува дека операторите кои овозможувале пристап до интернет биле ставени во најлоша положба и не знаеле зошто и од која причина биле задолжени да плаќаат политичка давачка, а интенцијата дека обврската на интернет провајдерите да плаќаат надомест поради тоа што директно или индиректно учествувале во филмската дејност било еднакво на лудост. Пред подносителите се поставува прашањето дали ЕВН учествувала во плаќањето на надоместоци за филмската дејност заради испорачаната струја без која не можело да се прават и емитуваат филмови, а ќе немало ниту интернет, односно, дали продавачите на телевизори и компјутери учествувале во плаќањето на надмест за филмската дејност, бидејќи ако не продавале, немало да гледаат телевизија.

Подносителите бараат Уставниот суд да се изјасни за критериумите врз основа на кои интернет провајдерите биле изедначени со оние кои директно или индиректно емитувале филмови, односно Уставниот суд да одговори на прашањето дали овие лица дистрибуирале филмови и прикажувале филмови. Тие само граделе и поставувале кабли за да можеле граѓаните да имаат пристап со поголем број на податоци од сите области и немале врска со сопственоста на веб-сајтовите и содржините кои се емитувале таму, односно не учествувале во филмската дејност, бидејќи за прикажување на филмови на интернет потребно било одредено лице да поседува своја страна-канал која имала свој сопственик. Оттука, се поставувало прашањето, што би било ако за сите дејности во Републиката би се вовел ваков надоместок, во кој случај интернет провајдерите би требало на сите да им платат, бидејќи на интернет имало секаква содржина, односно немало ограничување.

Од наведените причини, со иницијативата се бара укинување на оспорените законски одредби како противуставни.

4. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 1 од Законот за филмската дејност определува дека со овој закон се уредуваат вршењето на филмската дејност, основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Според оспорениот член 2 од Законот, развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија (во натамошниот текст: филмската дејност).

Според оспорениот член 4 алинеи 2, 6 и 7 од Законот, национален интерес во филмската дејност во согласност со овој закон помеѓу другото претставува и поттикнување на создавање на домашни сценарија (оспорена алинеја 2), поддршка на развојот на кината во Република Македонија (оспорена алинеја 6) и поддршка на дистрибуцијата на филмови во Република Македонија и во странство (оспорена алинеја 7).

Со оспорениот член 7 од Законот е определено дека заради поддршка, поттикнување и развој на филмската дејност, финансирање проекти од национален интерес за Република Македонија во филмската дејност, како и заради поддршка, презентирање и грижа за филмското творештво во Република Македонија, се основа Агенција за филм на Република Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата).

Според оспорениот член 9 став 1 од Законот, Агенцијата има својство на правно лице и е самостојна во својата работа. Агенцијата има Статут со кој се уредуваат знакот и името на Агенцијата, скратеното име, името за употреба во странство, седиштето, предметот и начинот на вршење на дејноста, организацијата на Агенцијата и други прашања од значење за работата на Агенцијата утврдени со овој закон (став 2). На Статутот на Агенцијата согласност дава Владата на Република Македонија (став 3). Агенцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија (став 4).

Според оспорениот член 11 став 1 од Законот, средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон.

Според оспорениот член 11 став 2 алинеи 4 и 6 од Законот, Агенцијата стекнува средства и од надоместоци на правни лица утврдени во овој закон (оспорена алинеја 4) и од приходи од управување со слободните парични средства на Агенцијата (оспорена алинеја 6).

Според оспорениот член 12 став 1 алинеи 1 до 7 од Законот, надоместоците од членот 11 став 2 алинеја 4 од овој закон, кои ги стекнува Агенцијата, се:

-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на национално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на регионално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на локално ниво,
-1% од приходот на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите,
-1% од приходот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет,
-5% од приходот на правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови,
-2% од приходот на правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови.

Според ставот 2 на членот 12 од Законот, надоместоците од ставот 1 алинеи од 1 до 7 на овој член, правните лица ги пресметуваат од вкупниот годишен приход остварен во претходната година од дејноста која претставува основа за утврдување на надоместоците од став 1 алинеи од 1 до 7 на овој член.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 2 од Уставот сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 од наведениот член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Со членот 47 од Уставот се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата. Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој. Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 1 од Законот за филмската дејност се пропишува дека со овој закон се уредуваат вршењето на филмската дејност, основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Според подносителите на иницијативата, членот 1 од Законот не бил уставен бидејќи во Законот не биле уредени одредби со кои би се дефинирале одредени употребени изрази во Законот, конкретно дефиниции за филмската дејност, кој истата ја вршел, начинот на кој се остварувала филмската дејност итн.

Законот за филмската дејност, меѓутоа, содржи дефиниција за филмската дејност (член 2 од Законот), а исто така филмската дејност, како дејност од областа на културата е регулирана и со Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ број 31/1998, … и 11/2018). Воедно, со целината на одредбите од Законот за филмската дејност е уредено и вршењето на филмската дејност.

Имајќи го предвид наведеното, а и поаѓајќи од надлежностите на Уставниот суд кој ја оценува уставноста на постојната содржина на законите и нивните одредби кои се во правниот поредок, а со иницијативата неуставноста на законската одредба се елаборира од аспект на отсуство на норми во Законот кои според подносителите требало да бидат уредени, Судот констатира процесни пречки за одлучување по иницијативата што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Според оспорениот член 2 од Законот, развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија (во натамошниот текст: филмската дејност).

Во однос на причините за оспорување на членот 2 од Законот за филмската дејност, Судот, исто така утврди дека тие не се доволна основа за мериторно впуштање по иницијативата. Ова од причини што аргументите за неговата неуставност, се образложуваат од аспект на недоволна уреденост на Законот, со наводи дека законодавецот при определувањето на јавниот интерес не навел дали станува збор за производство и јавно прикажување на македонски филмови и дали станува збор за промоција и дистрибуција на домашни или странски филмови во Република Македонија во името на јавен интерес, како и од аспект на тоа на кој начин и кому требало, а кому не требало да бидат доделувани паричните средства, со посочување дека во Преамбулата и членот 47 на Уставот на Република Македонија, во Република Македонија не се предвидувал развој и подршка на културно и уметничко творештво на земји од Европа и светот, со што и во овој случај Судот утврди отсуство на правни аргументи за уставно проблематизирање на одредбата од Законот, со што се настапени условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел, поради постоење процесни пречки за одлучување по истата.

Воедно, и во однос на оваа оспорена законска одредба, не се следени одредбите на Законот во целина, конкретно членот 4 (алинеи од 1 до 12) од Законот посветен на тоа што претставува национален интерес во филмската дејност, во што спаѓа и поттикнување на меѓународни филмски копродукции со странски продуценти согласно со ратификуваните меѓународни договори за оваа област (алинеја 3), потоа меѓународна промоција на филмското творештво преку учество на филмски фестивали и манифестации (алинеја 4), поддршка на домашни фестивали од меѓународно значење (алинеја 5) итн., а според член 118 од Уставот, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок.

Според оспорениот член 4 алинеи 2, 6 и 7 од Законот, национален интерес во филмската дејност во согласност со овој закон помеѓу другото претставува и поттикнување на создавање на домашни сценарија (оспорена алинеја 2), поддршка на развојот на кината во Република Македонија (оспорена алинеја 6) и поддршка на дистрибуцијата на филмови во Република Македонија и во странство (оспорена алинеја 7).

Со иницијативата како оспорени се наброени и наведените алинеи на членот од Законот, но, во иницијативата отсуствуваат наводи за нивната спротивност со Уставот, ниту има наведување со кои одредби од Уставот, членот 4 алинеи 2, 6 и 7 од Законот, е во спротивност, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата и причина за отфрлање на истата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Со оспорениот член 7 од Законот е определено дека заради поддршка, поттикнување и развој на филмската дејност, финансирање проекти од национален интерес за Република Македонија во филмската дејност, како и заради поддршка, презентирање и грижа за филмското творештво во Република Македонија, се основа Агенција за филм на Република Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата).

Според оспорениот член 9 став 1 од Законот, Агенцијата има својство на правно лице и е самостојна во својата работа. Агенцијата има Статут со кој се уредуваат знакот и името на Агенцијата, скратеното име, името за употреба во странство, седиштето, предметот и начинот на вршење на дејноста, организацијата на Агенцијата и други прашања од значење за работата на Агенцијата утврдени со овој закон (став 2). На Статутот на Агенцијата согласност дава Владата на Република Македонија (став 3). Агенцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија (став 4).

Наводите и причините во иницијативата за неуставноста на членовите 7 и 9 од Законот, подносителите ги темелат од аспект на тоа како тие ја подразбирале Агенцијата за филм, со наведување дека во реалноста не станувало збор за Агенција за филм, туку за национална установа, меѓутоа овие наводи не се правни аргументи и образложени причини за оспорување на уставноста на законските одредби, поради што Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата и во однос на овие оспорени членови од Законот, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според оспорениот член 11 став 1 од Законот, средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон.

Според оспорениот член 11 став 2 алинеи 4 и 6 од Законот, Агенцијата стекнува средства и од надоместоци на правни лица утврдени во овој закон (оспорена алинеја 4) и од приходи од управување со слободните парични средства на Агенцијата (оспорена алинеја 6).

Според оспорениот став 3 од член 11 од Законот, доколку со работата на Агенцијата се остваруваат поголеми приходи од расходи, тие ќе се користат само за работите од членовите 4 и 10 од овој закон за кои е основана Агенцијата. Притоа, членот 4 ги уредува работите кои се од национален интерес во филмската дејност, а членот 10 ги уредува надлежностите на Агенцијата.

Наводите од иницијативата за спротивноста на одредбите од член 11 став 1, став 2 алинеи 4 и 6 и став 3 од Законот со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9, членот 30, членот 33 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, се изнесени погоре и со истите во суштина преку поставени прашања во однос на дефиницијата што претставувал националниот интерес во филмската дејност, како и преку негирање на правниот статус на Агенцијата за филм кој го има согласно Законот за филмската дејност и воедно определувајќи ја истата како национална установа согласно Законот за културата, уставно се проблематизира определбата од член 11 став 1 од Законот во однос на изворите за финансирање на нејзиното работење, следствено и уставната оправданост на уредувањето во следниот став 2 алинеи 4 и 6 од членот 11 од Законот.

Поедноставно кажано, не било во согласност со Уставот, како извори за финансирање на филмската дејност, покрај Буџетот на Република Македонија, да бидат вклучени и приватните правни лица.

Во конкретниот случај се поставува прашањето дали е уставно оправдано уредувањето со оспорениот член 11 став 1 од Законот, според кое средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон.

Со членот 10 од Законот за филмската дејност се определени надлежностите на Агенцијата за филм и тоа:

-финансира проекти од национален интерес во филмската дејност,
-прибира средства за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност,
-ја предлага и ја спроведува стратегијата,
-го поттикнува развојот на домашни филмски сценарија,
-дава поддршка за реализација на меѓународни филмски копродукции во согласност со ратификуваните меѓународни договори за оваа област,
-остварува меѓународна соработка со институции, фестивали и други организации од филмската дејност и ја претставува Република Македонија на нив,
-врши активности за поттикнување на вложувањата во филмската дејност во Република Македонија во согласност со овој закон,
-соработува со здруженијата од областа на филмската дејност,
-води евиденција за филмски продуценти, филмски дистрибутери и киноприкажувачи во Република Македонија,
-води евиденција за снимените филмови што се финансирани со средства од Буџетот на Република Македонија,
-води евиденција за филмовите што се дистрибуираат во кината во Република Македонија,
-води евиденција за филмови што се снимаат во Република Македонија,
-врши контрола над наменското користење на средствата доделени од Агенцијата и
-еднаш годишно до Министерството за култура и до Владата на Република Македонија доставува годишен извештај за својата работа, со финансиски показатели и истиот го објавува на веб страницата на Агенцијата.

Од погоре цитираниот член на Законот, произлегува дека една од надлежностите на Агенцијата за филм е и прибирање на средства за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност (алинеја 2 од член 10 од Законот).

Од содржината на член 30 став 3 од Уставот, произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон.

Од погоре цитираната уставна одредба, произлегува дека Уставот не дефинира што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон, но од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот на Република Македонија на законодавецот му дал дискреционо право да оцени кога постои јавен интерес, а во таа насока да ги определи изворите за финансирање на дејноста која со закон е определена како дејност од јавен интерес.

Во оваа насока, законодавецот со членот 2 од Законот за филмската дејност, утврдил дека од јавен интерес за Република Македонија е развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови (во натамошниот текст: филмската дејност), а со членот 4 од Законот, понатаму уредил и што претставува националниот интерес во филмската дејност.

Оттука, во однос на оспорениот член 11 став 1 од Законот, според кој „средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон”, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот, на кои се повикуваат подносителите со иницијативата.

Во однос на уставната оправданост на член 11 став 2 алинеја 4 од Законот, според кој Агенцијата, помеѓу другото, стекнува средства и од надоместоци на правни лица утврдени во овој закон, Уставниот суд веќе се произнел со Решение У.бр.64/2014 од 8 јули 2015 година, со кое Уставниот суд, не повел постапка за оценување на уставноста на оваа законска одредба со образложение дека законодавецот има право да ги определи изворите на финансирање на дејноста која со закон е определена како дејност од јавен интерес.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за уставноста на член 11 став 2 алинеја 4 од Законот, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање на инцијативата во овој дел, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, поради одлучена работа.

Оспорениот член 11 став 2 алинеја 6 од Законот за филмската дејност, уредува дека Агенцијата стекнува средства и од приходи од управување со слободните парични средства на Агенцијата.

Судот, и во однос на оваа законска одредба констатира отсуство на издржани аргументи и образложени причини за нејзината спротивност со одредбите на Уставот, на кои се повикуваат подносителите со иницијативата, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради процесни пречки за одлучување по истата. Наведеното имајќи предвид дека наводите за уставно проблематизирање на законската одредба (целосно изнесени погоре), подносителите ја темелат на сопствено гледиште во однос на значењето на оспорената содржина, односно на сопствени заклучоци дека тоа уредување значело произволно користење на прибраните средства, односно како што сакала Агенцијата (да ги вложува во банка и оплодува со камата, во хартии од вредност, да ги дава како спонзорства, подароци…). Патем, во однос на средствата кои ги стекнува Агенцијата и како таа ги користи, треба да се има предвид дека согласно член 60 од Законот за филмската дејност, надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон, врши Министерството за култура.

Според оспорениот став 3 од членот 11 од Законот, доколку со работата на Агенцијата се остваруваат поголеми приходи од расходи, тие ќе се користат само за работите од членовите 4 и 10 од овој закон за кои е основана Агенцијата. Притоа, членот 4 ги уредува работите кои се од национален интерес во филмската дејност, а членот 10 ги уредува надлежностите на Агенцијата.

Тврдењето за неуставноста на член 11 став 3 од Законот, подносителите го темелат на сопствено видување во однос на уредената содржина, со наводи дека оспореното уредување значело произволно користење на прибраните средства, односно како што сакала Агенцијата, а и дека според нивни сознанија, не бил регистриран пример Агенцијата за филм, вишокот на собрани средства да ги враќала во Буџетот на Република Македонија, а и дека вишокот на приходи ќе се користеле за „наводен” национален интерес во филмската дејност…(наводите се погоре прикажани и се однесуваат и за оспорениот член 11 став 3 од Законот).

Меѓутоа, наводите за тоа како подносителите ја подразбираат оспорената содржина, а со тоа и заклучоци за нејзината спротивност со Уставот, не се аргументи и образложени причини за оспорување на уставност на законска одредба, од кои причини Судот констатира процесни пречки за одлучување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Воедно, дополнителна причина за отфрлање на иницијативата (по основ на член 28 алинеја 2 од Деловникот), е околноста што Уставниот суд, веќе одлучувал за уставноста на член 11 став 3 од предметниот закон, односно со Решение У.84/2016 од 22 февруари 2017 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2013, 18/2014, 44/2014, 129/2015 и 39/2016). Причините за оспорување на ставот 3 на членот 11 од Законот со таа иницијатива, се совпаѓаат и со предметната иницијатива, а Судот при одлучувањето навел дека тие изнесени наводи се неосновани, од причини што оспорениот член 11 став 3 од Законот воопшто не предвидува ослободување од обврската вишокот на буџетски средства на крајот од финансиската година да се вратат во Буџетот на Република Македонија, туку уредува како и за кои законски, строго определени намени (член 4 и член 10) може да се користи евентуалната разлика во приход по однос на расходот во текот на редовното работење.

Според оспорениот член 12 став 1 од Законот, надоместоците од член 11 став 2 алинеја 4 од овој закон, кои ги стекнува Агенцијата, се:

-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на национално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на регионално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на локално ниво,
-1% од приходот на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите,
-1% од приходот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет,
-5% од приходот на правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови,
-2% од приходот на правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови,
-3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница (укината алинеја) и
-3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината и исплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината (укината алинеја).

Според ставот 2 на членот 12 од Законот, надоместоците од ставот 1 алинеи од 1 до 7 на овој член, правните лица ги пресметуваат од вкупниот годишен приход остварен во претходната година од дејноста која претставува основа за утврдување на надоместоците од ставот 1 алинеи 1 до 7 на овој член.

Членот 12 од Законот за филмската дејност бил предмет на оцена пред овој суд, односно со Решение У.бр.64/2014 од 8 јули 2015 година, Уставниот суд, не повел постапка за оценување на уставноста помеѓу другото и на член 12 став 1 алинеи од 1 до 7 и став 2 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014 и 44/2014).

По повод повторно поднесена иницијатива, Уставниот суд, исто така со Решение У.84/2016 од 22 февруари 2017 година, помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста и на член 12 став 1 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2013, 18/2014, 44/2014, 129/2015 и 39/2016).

Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на одредбите од член 12 став 1 алинеи од 1 до 7 и став 2 од Законот за филмската дејност, а во конкретниот случај, Судот не најде основи за поинакво одлучување, утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата, поради одлучена работа.

6. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 од Законот за филмската дејност со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите со иницијативата. Во однос на член 1, член 2, член 4 алинеи 2, 6 и 7, член 7, член 9 и член 11 став 2 алинеја 6 од Законот, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата поради процесни пречки за одлучување по истата. Во однос на член 11 став 3 од Законот, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа и други процесни пречки за одлучување по иницијативата, а во однос на член 11 став 2 алинеја 4 од Законот и член 12 став 1 алинеи 1 до 7 и став 2 од Законот, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата, поради одлучена работа.

7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од Решението.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.143/2017
14 ноември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски