У.бр.51/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 97/2015, 124/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016 и 71/2016).

2. ГТЗ „Плава Лагуна“, ЗГРТ „Панорама Плус“, ДТПУ „Радио Такси“, АС „Вардар,“ сите застапувани од полномошникот, Снежана Арнаудовска, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата член 8 став 1 точките 1, 2, 3 и 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 8, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Имено, во иницијативата се наведува дека со вака предви­дените услови кои превозникот требал да ги исполни за да добие лиценца, јасно произлегувало дека во една иста одредба од Законот се дозволувало лиценца за вршење на превоз во патен сообраќај да имаат и физички и правни лица, а потоа со истата одредба не се дозволувало физички лица да исполнат услови за добивање на лиценца, бидејќи еден од условите кои треба да ги исполни превозникот е да биде упишан во централен регистар односно да се регистрира како деловен субјект, што всушност се косело со истата регулатива со која се наведува дека лиценца може да земат и физички лица иако под ниеден услов и на никаков начин не може физичко лице да се стекне со лиценца, па на овој начин законодавецот ги изедначил физичкото лице и правното лице што претставувало колизија на законите и во самите законски одредби.

Освен тоа, со ваквата законска регулатива, а имајќи го во предвид член 55 од Уставот на РМ, не само што не била обезбедена еднаква правна положба на физичките и правни лица при вршењето на превоз во патниот сообраќај, туку применувајќи ги одредбите од овој член, физичко лице под ниеден услов не можело да се стекне со лиценца, при што на тој начин се зацврстувала монополската положба на правните лица бидејќи лиценцата може да гласи единствено на име на правното лице, па наместо физичко лице кое се стекнало и исполнило услови за добивање на лиценца да има слободен избор на вработување или самовработување, односно врз основа на така добиената лиценца да основа или да се вработи кај правно лице кое ќе биде регистрирано за вршење на оваа дејност и да има право да избира согласно исполнетите критериуми, односно наместо главниот акцент да е ставен на авто-такси возачот како физичко лице кој всушност и го врши превозот и има квалификации за вршење на оваа дејност, акцентот всушност се ставал на правните лица и можноста за стекнување во сопственост едно или повеќе регистрирани моторни возила, а не физичките лица кои ги управуваат тие возила.

Согласно на изнесеното, одредбата од членот 8 од Законот за патен сообраќај не била доволно јасна и прецизна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, иако оваа одредба опфаќа и засега голема категорија на граѓани кои никако не можат да бидат конкуренти на пазарот со своите лични способности и стручни квалификации, туку со материјалните добра кои ги поседуваат, како што се бројот на возила и сл., па на овој начин истата била во спротивност со членот 8 од Уставот на Република Македонија согласно кој темелните вредности на уставниот поредок се владеење на правото и основните човекови права, како и со членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 8 од оспорениот закон се предвидува дека:

“Лиценца од членот 7 став 1 точки 1 и 2 од овој закон може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1. да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај,
2. да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународиот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22 седишта по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, за линиски превоз на патници во Градот Скопје да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку едно возило со капацитет со најмалку 8 + 1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебените техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз,
3. да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата,
4. да има вработено авто – такси возачи во зависност од бројот на возила кои ги поседува минимум еден возач по возило и истите да поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска референтна рамка за јазици на Советот на Европа.
5. во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат и
6. управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност,
7. да има солидна финансиска состојба,
8. да има добар углед,
9. за вршење на меѓународен превоз на патници и стока да има вработено возачи кои имаат сертификат за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки.

Лиценца за меѓуопштински линиски превоз на патници и лиценца за меѓународен линиски превоз на патници се издава само на превозници кои поседуваат возила со минимум Еуро 2 еколошки стандард.

Одредбите од став 1 точка 6 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за вршење на авто такси превоз на патници за трговец поединец.

Одредбите од став 1 точка 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за вршење на превоз во внатрешниот патен сообраќај.

Одредбите од став 1 точки 1 и 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за превоз на патници и стока за сопствени потреби во внатрешиот и меѓународниот патен сообраќај.

Превозникот поднесува барање за добивање на лиценца (нова или продолжување) до Министерството за транспорт и врски или до градоначалникот на општината или до градоначалникот на Градот Скопје.

Доказите и податоците за исполнетост на условите од ставот (1) точки 1), 2), 3), 6), 7), 8) и 9) на овој член ги прибавува овластеното службено лице од Министерството за транспорт и врски кое ја води постапката за издавање лиценца е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето да ги побара доказите од надлежниот јавен орган.

Доказите и податоците за исполнетост на условите од ставот (1) точки 1, 4, 5 и 8 на овој член ги прибавува овластеното службено лице од општините, односно Градот Скопје како надлежен орган за издавање на лиценца за општински превоз на патници и авто такси превоз на патници кое е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето да ги побара доказите од надлежниот јавен орган.

Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараните докази од ставовите (7) и (8) на овој член да и достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

Овластеното службено лице во Министерството за транспорт и врски, општината, односно Градот Скопје е должно да одлучи по барањето за лиценца во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Доколку превозникот не ги исполнува условите за добивање на лиценцата, Министерството за транспорт и врски односно градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје ќе донесе решение со кое барањето ќе биде одбиено.

Против решението на Министерството за транспорт и врски со кое барањето за издавање на лиценца се одбива може да се изјави жалба во рок од одум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Против решението на градоначалникот на општината, односно против решението на градоначалникот на Градот Скопје со кое барањето за издавање на лиценца се одбива може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Министерството за транспорт и врски.

Општините и Градот Скопје доколку поседуваат во сопственост возила за превоз на патници со повеќе од 8 + 1 седиште за вршење на превоз не треба да поседуваат лиценца.

Организација на превоз може да врши и правно лице кое поседува лиценца за организација за превоз, кое во свое име, а за сметка на корисник на превоз склучува договор за превоз со превозник и кое не поседува возила со изводи од лиценца во согласност со овој закон. Организаторот на превоз не може да учествува на тендери и јавни набавки и истиот не може да биде и носител на договор за превоз на патници или на стока.”

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот призна­ти во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на пра­вото и слободата на пазарот и претприеништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македо­нија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот.

Со одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај се пропишани условите врз основа на кои може да се врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Оспорениот член 8 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од Законот предвидува дека :

“Лиценца од член 7 став 1 точки 1 и 2 од овој закон може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1. да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај,
2. да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународиот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22 седишта по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, за линиски превоз на патници во Градот Скопје да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку едно возило со капацитет со најмалку 8 + 1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоата­циони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз,
3. да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата,
4. да има вработено авто – такси возачи во зависност од бројот на возила кои ги поседува минимум еден возач по возило и истите да поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска референтна рамка за јазици на Советот на Европа.

Подносителот на иницијативата ги оспорува наведените законски решенија, од причина што смета дека истите биле во спротив­ност со уставните норми од причина што со законот се дозволувало лиценца да имаат и физички и правни лица, но за физичките лица во истиот член се наведува обврската на физичкото лице да биде упишан во Централниот регистар, односно да се регистрира како деловен субјект.

Меѓутоа, од анализата на наведените уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани од следните причини.

Во член 12 став 1 од Законот за трговските друштва јасно и децидно стои дека трговецот – поединец – физичко лице кое во вид на занимање врши некоја од трговските дејности определени во овој закон.

Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека одредбата на членот 8 од Законот за превоз во патен сообраќај не е доволно јасна и прецизна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како составен дел на владеењето на правото. Имено, оспоре­ниот член 8 од Законот јасно предвидува дека лиценца може да добие секое правно и физичко лице доколку ги исполнува условите дадени во истиот член од Законот. Фактот што Законот за превоз во патниот сообраќај не дава дефиниција за поимот физичко лице не ја чини одред­бата нејасна и непрезицна од причина што поимот е дефиниран во друга законска рамка која ги уредува прашањата за неговото функционирање, односно неговите права и обврски за вршење на одредена дејност. Имено, Законот за трговските друштва содржи цела глава за уредување на поимот физичко лице – трговец поединец кое самостојно врши определено занимање или дејност.

Поради наведеното , Судот оцени дека во иницијативата неосно­вано се тврди дека со оспорениот член од Законот се поттикнувало и монополско однесување и се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото гарантирано во членот 55 од Уставот. Имено, ова од причина што со оглед на тоа што анализата на законските одредби покажа дека станува збор за два различни субјекти на пазарот , според Судот, во иницијативата неосновано се тврди дека со оспорениот член од Законот се поттикнувало монополското однесување и се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото гарантирана во наведената уставна норма.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.51/2018
07.11.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски