Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 31 октомври 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
2. Симеон Стојчевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се цитира во целост Решението У.бр. 140/2017 од 20 декември 2017 година на Уставниот суд на Република Македонија со кое Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015), донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Во продолжение на иницијативата се поставува прашањето за уставноста и законитоста на одредбите од членот 66 од оспорените правила во однос на членот 203 од Законот за сопственост и други стварни права, со образложение дека сопственикот на послужната ствар имал право на надоместок за утврдената службеност од страна на сопственикот на привелигираната ствар, т.е. дистрибутерот на топлинска енергија, без дадени дополнителни аргументи во тој правец.
3. Судот на седница утврди дека согласно член 66 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија,, со денот на влегувањето во сила на овие правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.
Во ставот 2 од овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
Според ставот 3 од наведениот член снабдувачот е должен да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективни објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година.
Во ставот 4 од Правилата е предвидено,трошокот за приклучување на потрошувачите од ставот 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот.
4. Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорената одредба од Правилникот, Судот утврди дека истата ја исцрпела својата содржина, која се однесува на тоа дека со оваа одредба се предвидува обврска, во определен преклузивен рок, сите претходно исклучени потрошувачи, кои се дел од колективните објекти за домување, а во состав на системот за дистрибуција на топлинска енергија, да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, во спротивност истите потрошувачи се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.
Во врска со наводите во новоподнесената иницијатива, во која се оспорува член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во однос на нејзината согласност во однос на членот 203 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) Судот утврди дека отсуствува потребната аргументација во тој правец.
Според Судот, во наводите на иницијативата дадена е констатација дека сопственикот на послужната ствар имал право на надоместок за утврдена службеност од страна на сопственикот на привелигираната ствар, т.е. дистрибутерот на топлинска енергија, но во конкретниот случај, подносителот на иницијативата со ништо не докажал дека постоела стварна службеност, а исто така било потребно да се приложат докази дека постоел основ за материјален надоместок. Во однос на тоа, Судот оцени дека ако сопственикот на послужната ствар и сопственикот на привелигираната ствар не се спогодат за надоместокот, висината на надоместокот ќе ја утврди судот во редовна судска постапка.
Имајќи го предвид изнесеното, а во врска со ново поднесената иницијатива, Судот го имаше во предвид фактот дека Уставниот суд на Република Македонија, по однос на оспорената одредба се има произнесено и во предметите У.бр 125/2012 од 22 мај 2013 година и У.бр. 94/2015 од 22 јуни 2016 година, при што иницијативите биле отфрлени. Согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.14/2018
31.10.2018 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски