Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 164 став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 51/2011, 100/2012 и 142/2016).
2. Влатко Илиевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со членот 164 од Законот, се пропишувале општи насоки за условите за определување на притвор при што во ставот 3 се давале насоки на кои околности судот треба да води сметка при одлучувањето за определување на мерката притвор. Со ваквите насоки, преку користењето на терминологијата „ќе се води посебно сметка“, се пренагласувало значењето на „сразмерноста меѓу тежината на стореното кривично дело и казната која може да се очекува“. Судската пракса покажувала дека ваквата генерална одредба се прифаќала како modus vivendi во определувањето на мерката притвор, при што во недостиг од конкретни околности кои укажуваат на опасност од бегство, истата се користела како нивен супститут, со што се овозможувало арбитрарност во одлучувањето по истата, повредувајќи го на тој начин принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Постоењето на член 164 став 3 од Законот, кој во неговата примена од страна на обвинителството и судовите се користело како pamacea, односно како „решение за сите проблеми“ во објаснувањето на постоење на ризик од бегства кој (по потреба) се интерпретирал како постоење на „други околности кои укажуваат на опасност од бегство“ и се прикачувал кон условот пропишан во член 165 став 1 алинеја 1 од Законот, со што се повредувало и правото на слобода загарантирано со член 12 став 1 и став 2 од Уставот на Република Македонија.
Имено, подносителот на иницијативата, наведува дека судската прака покажувала дека како еден од главните аргумени на обвинителството (а кое во целост се прифаќало и од судот) при поднесување на барање за притвор било запретената казна за кривичното дело за кое определено лице било осомничено, кое се подведувало под фразата „други околности што укажуваат на опасност од бегство“.
Поради наведените аргументи, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот став 3 на членот 164 од Законот за кривичната постапка бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 12 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 164 од Законот за кривичната постапка:
(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.
(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.
(3) При одлучување за притворот особено за неговото траење ќе се води посебна сметка за сразмерноста меѓу тежината на стореното кривично дело, казната која може да се очекува според податоците со кои располага судот и потребите за определување и траење на притворот (оспорен дел).
(4) Во текот на целата постапка притворот ќе се укине веднаш штом ќе престанат причините врз основа на кои бил определен.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 12 ставови 1 и 2 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена и никому не може да му биде ограничена слободата освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Законот за кривичната постапка во оддел Г. Процесни мерки и дејствија за обезбедување на лице и докази во кој e поместена глава XVI со наслов: Мерки за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, и во истата е содржан членот 144 во кои се дефинирани мерките за обезбедување присуство на обвинетиот. Имено, согласно ставот 1 на овој член од Законот мерките кои можат да се преземаат спрема обвинетиот за обезбедување на негово приуство и за непречено водење на кривичната постапка се: покана, мерки на претпазливост, гаранција, приведување, лишување од слобода, задржување, краткотраен притвор, куќен притвор и притвор.
Во ставот 2 од истиот член е пропишано дека при одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува построга мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка. Судот, истовремено може да определи повеќе мерки од ставот 1 на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.
Определувањето на мерката притвор е уредено во членот 164 од Законот за кривичната постапка, кој е оспорен со иницијативата.
Имено, според оспорениот член 164 од Законот:
(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.
(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.
(3) При одлучување за притворот особено за неговото траење ќе се води посебна сметка за сразмерноста меѓу тежината на стореното кривично дело, казната која може да се очекува според податоците со кои располага судот и потребите за определување и траење на притворот.
(4) Во текот на целата постапка притворот ќе се укине веднаш штом ќе престанат причините врз основа на кои бил определен.
Членот 165 од Законот ги уредува основите за определување на мерката притвор, па така во истиот се предвидува следново:
(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, доколку притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, против тоа лице може да се определи притвор, ако: 1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство; 2) постои основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите; 3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува или 4) уредно повиканиот обвинет очигледно избегнува да дојде на главната расправа, или ако судот направил два обиди уредно да го повика обвинетиот, а сите околности укажуваат дека обвинетиот очигледно одбегнува да ја прими поканата.
(2) Во случајот од ставот (1) точка 1 на овој член притворот што е определен само поради тоа што не може да се утврди идентитетот на лицето, трае додека овој идентитет не се утврди.
(3) Во случајот од ставот (1) точка 2 на овој член притворот ќе се укине веднаш штом ќе се обезбедат доказите поради кои е определен притворот.
(4) Во случајот од ставот (1) точка 4 на овој член притворот трае до објавувањето на пресудата, а најдолго 30 дена. (5) Притвор нема да се определи врз основа на ставот (1) точка 2 на овој член ако обвинетиот дал изјава со која ја признал вината.
Од причина што правото на слобода претставува една од најважните темелни права, сметаме дека обврска на државата е да ја заштити слободата на граѓаните. Од тие причини примената на мерката притвор е сведена на исклучителни случаи за да се заштитат интересите на кривичната постапка во случаи кога тоа не може да се направи со некоја друга поблага мерка. На тој начин, истовремено, се остварува и почитувањето на едно од основните начела на кривичната постапка, а кое е економичноста и ефикасноста, како и судењето во разумен рок, со што се спречува долготрајноста на постапката. Имено, притворот е мерка која служи исклучиво за обезбедување на присуство на обвинетиот и секако упатено водење на кривичната постапка како и фактот дека оваа мерка е тесно поврзана со презумпцијата на невиност со цел постапката да може поскоро да заврши, односно да биде окончана и утврдено постоење на вина.
Од анализата на оспорениот став 3 на членот 164 од Законот за кривичната постапка јасно произлегува дека основната цел на оспорената одредба е да се води сметка за соодносот на затворската казна која може да биде одмерена во согласност со конкретните околности на случајот и времетраењето на притворот за да се оневозможи да трае неосновано долго. Законодавецот при нормирање на оспорената одредба, а посебно на институтот „притвор“ пропишал прецизни услови кога може да се изрекува мерката притвор, а воедно водел сметка да пропише услови за тоа надлежниот орган да се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, односно да не се применува пропишаната мерка ако истата цел може да се постигне со поблага казна, што е оставено на проценка на судот следствено на доказите утврдени во текот на постапката.
Меѓутоа, имајќи ги во вид фактот дека со наводите во иницијативата, не се оспорува уставноста на оспорениот член 164 став 3 од Законот(за што Уставниот суд е надлежен), туку јасно и децидно се наведува дека „и покрај постоењето на прецизни услови кога може да се изрече мерка притвор“, подносителот на иницијативата наведува дека судската пракса „покажува дека еден од главните аргументи за предлог изрекување на мерка притвор од страна на обвинителството, кој an bloc се прифаќа од Судот, е запретената казна за кривично дело за кое определено лице е осомничено, односно обвинето. Оттука, јасно и недвосмислено се утврдува дека подносителот на иницијативата упатува на критика,односно не соодветно постапување при примената на определениот член 164 став 3 од Законот од страна на надлежните органи, што не е во надлежност на Уставниот суд во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија.
Имено, според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот. Како во конкретниот случај со иницијативата се укажува на примената на законот, односно на начинот на применување на оспорениот член од страна на надлежните органи при изрекување на мерката притвор, а не се оспорува истиот од аспект на неговата согласност со одредби од Уставот, и покрај тоа што во иницијативата се наведени одредени членови од Уставот, но дадените аргументи не упатуваат на основ за тоа Судот да врши уставно-судска анализа во смисла на цитираниот член од Уставот.
Од наведените причини, Судот во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата ја отфрли поради ненадлежност.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот, со мнозинство гласови, го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.70/2018
31 октомври 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски