У.бр.168/2017 и У.бр.81/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10, Општина Кисела Вода Скопје, предлог план, плански период 2013-2018, донесена од Советот на Општина Кисела Вода – Скопје бр.07-18/11 од 27 мај 2014 година, („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр.7/2014).

2. Ѓорѓи Цветковски, Ивана Цветковска, Александра Цветковска, Ангел Стојчевски и Мирослав Стојчевски од Скопје, како и Надица Перовска од Скопје, поднесоа две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во првоподнесената иницијатива, Советот на Општината бил должен, согласно член 27 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013), во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, меѓутоа не постоела законска обврска Секторот за урбанизам и просторно планирање при Општината Кисела Вода во рок од 60 дена од донесување на Одлуката, да обезбеди документација за остварување на планскиот документ, како што во членот 5 се предвидувало во оспорената одлука. Исто така, не се водело сметка за објектите да се означат на ажурирана геодетска подлога каде би требало да бидат евидентирани постојните градби во урбаното подрачје. Воедно, не бил почитуван и членот 15-б од наведениот закон, каде било предвидено градежна парцела за изградба со намена домување во станбени згради, дека треба да изнесува најмалку 500 м2, но во планот имало градежни парцели помали од 500 м2.

Во постапката на донесување на планот, бил повреден член 24 став 9 од наведениот закон, со тоа што наместо надлежната стручна комисија од ставот 7 на овој член од Законот, одговорот по анкетните листови на граѓаните од јавната анкета ги давало лице од општинската администрација кое не било надлежно за урбанистичко планирање, немало соодветно образование, не било член на Комисијата и било дел од општинската администрација во одделението за утврдување со градежно земјиште и јавно наддавање.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во постапката на донесување на планот, и после втората јавна анкета, со нацрт-планот се претрпени промени на регулационите линии во однос на пристапната улица 5 во блок 7, на КП.бр.2840, 2841 и 2844, со што се добиле големи површини за градење на градежни парцели броеви 39 и 40, наспроти други градежни парцели, а со тоа се загрозиле основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот и се повредувал член 8 алинеја 10 од Уставот, кој утврдува дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на уставниот поредок .

Со иницијативата се предлага Судот да ги испита сите елементи во постапката за донесување на предметниот план дали биле во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и од аспект на согласноста со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.63/2012, 126/2012 и 19/2013).

Воедно, во иницијативата се укажува и на недоследноста и неусогласеноста на предметниот Детален урбанистички план со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, од аспект дека класите на објекти за домување во станбени куќи и домување во станбени згради, не биле со планот одделени како посебни наменски зони, како и немало показатели за густината на населеност.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука.Со иницијативата, исто така се предлага Судот да донесе и времена мерка, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената одлука.

Со иницијативата на Надица Перовска, се поддржува првоподнесената иницијатива и се наведува дека предметниот детален урбанистички план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план, тој не бил во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ б.63/2012) и се оспоруваат новопредвидени содржини со Планот. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на предметниот Детален урбанистички план.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Кисела Вода, на седницата одржана на 27 мај 2014 година ја донел Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10, Општина Кисела Вода, Скопје, предлог план, плански период 2013-2018, со која во членот 1 утврдил дека со Одлуката се донесува предметниот план, а во членот 2 го утврдил планскиот опфат на локалитетот на планот со површина 30,56 ха кој бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022. Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план во предлогот, содржел: текстуален дел на документациона основа, планска документација, нумерички дел и услови за изградба. Со членот 4 од Одлуката се утврдува дека предметниот план се заверува со печат и потпис на претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, а со членот 5 се утврдува дека Секторот за урбанизам и просторно планирање при општината Кисела Вода во рок од 60 дена од денот на донесувањето на оваа одлука ќе обезбеди документација за остварување на планскиот документ. Според членот 6, Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува и за неговата реализација се грижи наведениот Сектор на Општината. Според членот 7, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“.

Одлуката е заверена со број 07-18/1 на 27 мај 2014 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр. 7 на 3 јуни 2014 година.

4. Судот од списите по предметот утврди дека Советот на Општина Кисела Вода на седницата одржана на 27 мај 2014 година ја донело оспорената одлука .

Постапката на донесување на Планот била во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Од активностите кои биле преземени во текот на постапката за донесување на предметниот план, произлегува следнава документација која е доставена од Советот на Општина Кисела Вода како доносител на оспорената одлука:

– Предлог план Детален урбанистички план реон Ј, градска четврт Ј10, Општина Кисела Вода 1,
– Извештај од извршена стручна ревизија на Детален урбанистички план реон Ј, градска четврт Ј10, со технички број 40/13 заверено со бр.08-558/2 од 18.07.2013 извршена од Друштво за планирање, проектирање и инженеринг – Простор ДОО, Куманово, јули 2013 и одговор од ИН-ПУМА ДОО од јули 2013 година,
– Планска програма изработена во февруари 2013 од ИН-ПУМА ДОО Скопје, за Реон Ј, четврт Ј10, Општина Кисела Вода – Скопје, плански период 2013-2018,
– Мислење од Комисија за изготвување на стручно мислење по урбанистички плански документации по предлог план за ДУП за реон Ј, четврт Ј10, Општина Кисела Вода со бр.13-1352/6 од 20.09.2013 година и решение на Градоначалникот за формирање на таа комисија бр.08-3476/1 од 20.05.2013 година,
– Решение на градоначалникот на Општината за формирање на Комисија за спроведување на постапка за јавна анкета и јавна презентација- Општина Кисела Вода- Скопје, бр.08-4561/3 од 07.08.2013 година,
– Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета – Општина Кисела Вода бр.08-4561/2 од 7.08.2013 година,
– Соопштение од Општина Кисела Вода, бр.08-4561/1 од 7.08.2013 година објавено во јавните гласила за организирање на јавна презентација и јавна анкета во Дневник и Вест, понеделник 12.08.2013 година.
– Покани до правни лица за учество на јавна презентација на ден 15.08.2013 година,
– Записник од одржана јавна презентација по нацрт-ДУП со бр.13-66 од 3.09.2013 година,
– Извештај од спроведена јавна презентација и јавна анкета бр.13-66 од 10.09.2013 година,
– Одлука за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета – Општина Кисела Вода бр.08-5428/1 од 18.10.2013 година,
– Решение на градоначалникот на Општината за формирање на комисија за спроведување на постапка за повторна јавна анкета и јавна презентација – Општина Кисела Вода-Скопје, бр.08-5429/1 од 18.10.2013 година,
– Соопштение, Општина Кисела Вода бр.08-5430/1 од 18.10.2013 година објавено во јавните гласила за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета – Дневник и Вест, понеделник 21.10.2013 година,
– Покани до правни лица за учество на повторната јавна презентација,
– Записник од одржана повторна јавна анкета и јавна презентација по Предлогот на ДУП со бр.13-66 од 25.11.2013 година,
– Извештај од спроведена повторна јавна анкета и јавна презентација по Предлогот на ДУП со бр.13-66 од 25.11.2013 година,
– Мислење по Предлог планот издадено од Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот заведено под бр.13-80/2 од 13.01.2014 година,
– Мислење по Предлог план издадено од Град Скопје – Сектор за сообраќај заведено под бр.15-06/127 од 13.01.2014 година,
– Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.08-4743/1 од 30.08.2013 година,
– Позитивно мислење по Предлогот на планот, од Министерство за животна средина со бр.15-11251/2 од 5.12.2013 година,
– Согласност за Деталниот урбанистички план од страна на Министерството за транспорт и врски заведена под бр. 14-1874/2 од 31.01.2014 година, заведено во општина Кисела Вода под бр.13-66/25 од 4.02.2014 година,
– Копија од Записникот и извештајот за предлог планот, од Комисијата за урбанизам и комунални дејности на Советот на Општина Кисела Вода, заведен под бр.0711-52/2 од 26.02.2014 година.
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10 Општина Кисела Вода – Скопје, донесена од страна на Советот на Општина Кисела Вода под бр.07-18/11 од 27 мај 2014 година,
– Копија од Анкетен лист број 11 поднесен од Ѓорѓи и Божидар Цветковски од Скопје, и Одговор на Анкетен лист бр.11 од повторната јавна анкета по Предлогот на Деталниот урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10 како и доставницата за одговорот,
– Копија од Анкетен лист број 12 поднесен од Ѓорѓи Цветковски од Скопје и одговор на Анкетен лист бр. 12 од повторната јавна анкета по Предлогот на Деталниот урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10, како и од доставницата за одговорот,
– Достава на записници и решенија од страна на Министерство за информатичко општество, Државен управен инспекторат, бр.13-47/1 од 8.01.2014 година и број 13-105/1 од 13.01.2014 година,
– Записник од Министерство за информатичко општество, Државен управен инспекторат број 13-663/2 од 06.03.2014 година.

5. Постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена со примена на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013) кој важел во време на водењето на постапката.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место).

Според член 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 2 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од членот 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината,општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 7 од овој член од Законот, Советот на општината, општината на Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе, односно да не го донесе предлогот на планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно со законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлогот не е донесен.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на писмената документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, првата јавна анкета по нацрт-планот, не е спорно дека траела 10 дена од денот на објавување на соопштението во дневните весници Дневник и Вест на 12.08.2013 година и се спровела во просториите на месната заедница „Цветан Димов“ во Општината Кисела Вода. Комисијата формирана од градоначалникот на Општината со решение од 07.08.2013 година, во која членувале претставници од ИН-ПУМА, од Општината Кисела Вода и од Градот Скопје, ја спровеле јавната анкета и јавна презентација и ги разгледале доставените анкетни листови (164 анкетни листови), се произнеле по приговорите а во тие рамки од извештајот кој го изготвиле на 10.09.2013 година се гледа дека по однос на приговорот од анкетниот лист број 11 поднесен од Ѓорѓи и Божидар Цветковски и приговорот од анкетниот лист број 12 поднесен од Ѓорѓи Цветковски, истите биле разгледани од комисијата но не биле прифатени.

Согласно ставот 10 на членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, градоначалникот на Општината со решение од 18.10.2013 година донел одлука за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета по нацрт планот со цел преиспитување на планската документација и како резултат на приговорите од првата јавна презентација и јавна анкета, и со решение од истиот датум формирал комисија за спроведување на повторната постапка, со истите претставници како и првата комисија.

На 21.10.2013 година во весниците Вест и Дневник било објавено соопштението за одржување на повторна јавна презентација и јавна анкета, од кое може да се види дека јавната презентација ќе се одржи на 24.10.2013 год. а јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавување на соопштението.

Од Записникот на комисијата за спроведување на повторна јавна презентација и јавна анкета, број 13-66 од 25.11.2013 год. произлегува дека била спроведена повторната јавната презентација и јавна анкета. На јавната анкета биле поднесени 79 анкети листови по кои комисијата се произнела со прифаќање или неприфаќање на приговорите на граѓаните.

Од списите во предметот се гледа дека подносителите на анкетниот лист број 11 и анкетниот лист број 12 од првоспроведената јавна анкета биле писмено известени со писма број 13-66/24 и број 13-66/25 и двете од 13.01.2014 година, дека веќе била спроведена повторна јавна презентација и јавна анкета на 22.10.2013 година со цел да се преиспита планското решение поради неусогласеност на документацијата со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање во делот на дозволен колски пристап кон поедини градежни цели од непосредна улична мрежа и да се прилагоди согласно одредбите од наведениот подзаконски акт.

Воедно, во текот на постапката Државниот управен инспекторат како орган во состав на Министерството за информатичко општество и администрација, на ден 20.02.2014 година извршил контролен инспекциски надзор во Општината Кисела Вода, и по однос на постапката од јавната анкета, донел Записник број 13-663/2 од 06.03.2014 година од кој произлегува дека при надзорот во поглед на извршувањето на мерките од решението со забелешки на работата и извршениот увид во целиот предмет било постапено од страна на Општината, односно надлежната комисија за спроведување на јавната презентација и јавна анкета изготвила Извештај за прифатените и неприфатените забелешки од анкетните листови и бил даден одговор на сите поднесени анкетни листови кои биле уредно доставени до подносителите.

Министерството за транспорт и врски дало Согласност број 14-1874/2 од 31.01.2014 година на предлог-планот, а Советот на Општина Кисела Вода на седница одржана на 27.05.2014 година ја донело оспорената одлука за донесување на предметниот план, која потоа била објавена во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ број 7/2014.

Од изнесената анализа, како и правната и фактичка состојба произлегува дека уставноста и законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата, со оглед на тоа што во постапката се спроведени фазите на донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и во согласност со тоа и надлежното Министерство за транспорт и врски дало согласност на предлог-планот.

Во однос на наводите во иницијативите дека оспорената одлука не ги исполнила стандардите и нормативите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, имајќи ја во предвид определбата од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за согласноста на одлуките на органите на локалната самоуправа со подзаконските прописи, како и не ја оценува меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план, се утврди дека Судот не е надлежен да одлучува од аспект на овој навод во иницијативите. Судот исто така не се впушта во оценка на планираните содржини во урбанистичките планови, туку ја оценува законитоста на постапката за донесување на планот согласно законот кој важел во време на започнување на таа постапка, како и не ја цени меѓусебната согласност на детален урбанистички план со Генерален урбанистички план.

Имајќи го во предвид сето погоре изнесено, како и по повод барањето во иницијативата за донесување на решение за времена мерка, Судот оцени дека нема основ за уважување на барањето согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992).

Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2017
У.бр. 81/2018
24 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски