У.бр.67/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 37 став 10 во делот „во процент“ и делот „точка 1“ и член 37 став 11 во делот „став 10 на“ од Законот за слободни економски зони („Службен весник на Република Македонија“ број 56/1999, 41/2000, 6/2002).

2. Игорчо Точев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делови од одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека цитираните делови од оспорените одредби може да ја проблематизираат операционализацијата во правниот поредок, а кое нешто не е во согласност со владеењето на правото пропишано како темелна вредност во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата се наведува дека од содржината на цитираните одредби, како единствен услов за примена на одредбите од ставовите 5, 6 и 7 на членот 37 од наведениот закон произлегува само во случај ако корисникот на слободната економска зона обезбеди извоз во процент утврден во член 25 став 1 точка 1 од овој закон, а каде што согласно член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободни економски зони ( „Службен весник на Република Македонија“ број 6/2002) точката 1 од ставот 1 на член 25 од наведениот пропис е бришан, а во ниту една друга одредба од Законот не се пропишува проценти за добивање олеснувања или други погодности за корисникот на слободната економска зона.

Исто така, подносителот наведува дека со членот 275 од Царинскиот закон објавен во („Службен весник на Република Македонија “број 39/2005) престануваат да важат одредби од Законот за слободни економски зони, но само одредби од Законот кои се однесуваат на царинските постапки за стока која се внесува или изнесува од слободната економска зона.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка и цитираните делови од оспорените одредби да се укинат.

3. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија на седница одржана на 29 јануари 2007 година донесе Закон за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007) кој влегол во сила 15 февруари 2007 година и согласно членот 51 со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанал да важи Законот за слободни економски зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.56/1999, 41/2000, 6/2002).

Со оглед на тоа што Законот за слободни економски зони во кој биле предвидени и оспорените деловите од наведените одредби, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени услови за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2018
17.10.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски