У.бр.102/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 17 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 67 став 2 и член 70 став 2 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. Влатко Илиевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека член 67 став 2 и член 70 став 2 од Законот го повредувале членот 9 од Уставот на Република Македонија со оглед дека тие законски одредби ги оневозможувале граѓаните кои наполниле 21 година да го оспоруваат татковството односно мајчинството, со што тие лица биле ставени во нерамноправна положба во однос на помладите граѓани. Подносителот на иницијативата наведува дека „ваквите одредби не се прилагодени на реалниот живот со оглед на фактот што граѓаните стекнуваат целосна деловна способност на 18 години, со што на ваквите граѓани им преостануваат само 3 години за самостојно да поднесат тужба за оспорување на татковство или мајчинство.“ Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека „нејасно е зошто и како законодавецот ја определил границата од 21 година за оспорување на татковство односно мајчинство имајќи предвид дека станува збор за право кое на ниту еден начин не е условено со возраста на граѓанинот.“

3. Судот на седницата утврди дека според член 67 став 2 од Законот „тужбата за оспорување на татковство детето може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.“

Во член 70 став 2 од Законот се определува дека „тужбата заради оспорување на мајчинство детето може да ја поднесе до навршување на 21 година од животот.“

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува согласноста на законските одредби со Уставот, а од изнесената одредба од Деловникот на Судот произлегува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај член 67 став 2 и член 70 став 2 од Законот за семејството се укинати со Одлука У.бр.153/2017 донесена од Уставниот суд на 20 јуни 2018 година, со што од денот на објавувањето на наведената одлука во „Службен весник на Република Македонија“ означените законски одредби не се повеќе во правниот поредок на Република Македонија, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2018
17 октомври 2018 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски