У.бр.63/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија бр.30/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба се менува одредба која не постои во правниот промет имајќи ја во предвид одредбата од членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015). На тој начин,според наводите во иницијативата, се создавала правна несигурност и се повредувало начелото на владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од оспорениот закон во членот 17-ж став (1) зборовите: „Министерот надлежен за работите од областа на трудот или од него овластено лице“, се заменува со зборовите: „Министерството за труд и социјална политика“.

Ставот (2) се менува и гласи:

„(2) Против решението на Министерството за труд и социјална политика со кое е одбиено барањето за полагање на стручен испит кандидатот може да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македнија“ бр.30/2016) предвидува дека во членот 17-ж став (1) зборовите: „Министерот надлежен за работите од областа на трудот или од него овластено лице“, се заменува со зборовите: „Министерството за труд и социјална политика“. Ставот (2) се менува и гласи:

„(2) Против решението на Министерството за труд и социјална политика со кое е одбиено барањето за полагање на стручен испит кандидатот може да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

Меѓутоа, од увидот во Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015) поточно во член 3 неспорно произлегува дека во член 17-ж ставот (1) се брише. Ставот (2) станува став (1).

Од наведеното произлегува дека членот 2 од оспорениот закон менува дел од член од Законот кој повеќе не е во правниот поредок, што според Судот, истиот основано може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, со што се создава забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од оспорениот закон со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2018
3 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски