Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 алинеја 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 12/2014, 43/2014, 104/2015, 148/2015 и 192/2015).
2. Санде Пејоски од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата во Република Македонија досега не бил донесен Закон за судски вештачења и супер вештачења, поради што сите вештачења се вршеле од “вешти лица“, но не и од „судски вештаци“.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека директорот на Клиниката за психијатрија изготвувал вештачење, а неговите потчинети раководители на сектори,односно одделенија вршеле супер вештачења, што, според подносителот на иницијативата, било неразумно. Ваквиот начин на работа била груба повреда на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека според член 8 алинеја 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 12/2014, 43/2014, 104/2015, 148/2015 и 192/2015), вештачењето се врши,меѓу другото, и во медицина, (психијатрија, невропсихијатрија, хирургија, гинекологија, кардиологија, ортопедија и др.).”
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловнкот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по барањето.
Во иницијативата изречно се наведува дека оспорената одредба на член 8 алинеја 2 од Законот не содржела децидно наведување на вршење на вештачење од „судски вештаци“ во областа на медицината, а не само вештаци. Меѓутоа, според Судот,од причина што подносителот на иницијативата ја оспорува наведената законска одредба од аспект на тоа што истата треба да содржи, а не се оспорува нејзината согласност со уставните норми, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за уставноста на оспорената одредба од Законот за тоа што не регулира, односно уредува прашања на начин како што смета подносителот на иницијативата, поради што истовремено постојат и процесни пречки за одлучување по овие наводи во иницијативата.
Поради наведените аргументи Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.166/2017
3 октомври 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски