Издвоено мислење по предметот У.бр.128/2016

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992) по моето гласање против Решението У.бр.128/2016 донесено на 9 јануари 2018 година, за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за промена на името ОУ „Вера Циривири-Трена“ с. Дебреште во ОУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште Бр. 08-1536/8 од 21.05.2016 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

И З Д В О Е Н О  М И С Л Е Њ Е

Со означеното решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на горенаведената одлука со образложение дека „Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека од аспект на уставно – судска анализа на законитоста и уставноста на оспорената одлука, релевантно е дека се запазени фазите и дејствијата за донесување на одлуката и дека се спроведени согласно со членот 9 од Законот за установите“.

Спротивно на ставот на мнозинството судии во врска со горенаведеното решение, сметам дека Судот во овој предмет по поднесената иницијатива дал мошне оскудна правна аргументација односно не ги земал во предвид сите аспекти од значење за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука во целина.

Првенствено сметам дека при донесувањето на својата одлука, Судот мораше да ги земе во предвид уставните и законските одредби што се однесуваат на надлежноста на Општината односно на органите на општината, а посебно на Советот и градоначалникот како и на надлежноста на училишниот одбор на основното училиште.

Сметам дека наведената одлука на Советот на Општина Долнени, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 52 став 2 и член 115 став 2 од Уставот на Република Македонија, како и со член 21 и член 126 став 1 алинеја 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016 и 64/2018), со член 1 став 2, член 9 ставови 5 и 8 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија” бр. 32/2005 и 120/2005) и со член 7 став 3, член 41 и член 62 став 5 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002).

Имено, оспорената одлука сметам дека е нејасна, двосмислена, конфузна, контрадикторна и донесена од ненадлежен орган. Ова поради тоа што во називот на Одлуката и членот 2 од истата е пропишано дека Советот на Општината донел Одлука за промена на името на ОУ „Вера Циривири-Трена” с. Дебреште, а од друга страна во членот 1 од Одлуката е пропишано дека според доставеното барање од Советот на родители, Училишниот одбор на ОУ „Вера Циривири-Трена”, поради констатираната постапка што била спроведена донел Одлука сегашното ОУ „Вера Циривири-Трена” с. Дебреште да го промени во ОУ „Али Фетахи Окијар” с. Дебреште.

Исто така, сметам дека членот 3 од оспорената одлука во кој е пропишано дека „Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе биде објавена во Службен гласник на Општина Долнени” не е во согласност со членот 51 од Уставот според кој „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите” со член 52 став 1 од Уставот во кој е прецизно утврдено дека „Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила”, како и со член 7 став 3 и член 62 став 5 од Законот за локалната самоуправа според кои прописите на општината се објавуваат пред да влезат во сила, односно прописите влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.

Во основот за донесување на оспорената одлука освен член 28 став 1 точка 8 од Статутот на општината Долнени не е наведен ниту еден член од Законот за основното образование, Законот за установите, Законот за локалната самоуправа или било кој друг закон што претставува сериозен недостаток, со оглед дека согласно членот 96 и член 115 став 2 од Уставот, органите на државнта управа работите од својата надлежност ги вршат во рамките на Уставот и законите, односно Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и законите, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Во членот 21 од Законот за основното образование е уредено дека:
(1) Основното училиште има статут.
(2) Со статутот особено се уредуваат: организацијата и вршењето на воспитно-образовната дејност, називот, седиштето, управувањето и раководењето, правата и обврските на учениците, правата и обврските на вработените и други прашања од значење за работа на основното училиште.
(3) Статутот на основното училиште го донесува училишниот одбор.
(4) На статутот на основното училиште согласност дава Министерството.

Согласно член 126 став 1 алинеја 1 од истиот закон, Училишниот одбор на основното училиште: – донесува статут на основното училиште.

Според членот 1 став 2 од Законот за установите, одредбите на овој закон имаат супсидијарна примена и се применуваат доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Според член 9 став 5 од овој закон, називот на установа може да содржи име на историска или друга значајна покојна личност. За внесување на името на таа личност во називот на установата е потребна согласност од нејзините законски наследници до втор наследен ред, а ако нема наследници до втор наследен ред тогаш одобрување дава Министерството за култура.

Согласно член 9 став 8 од Законот „Установата може да го измени називот на установата само во согласност со основачот”.

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека Судот односно мнозинството судии, по прашањето за промена на името на основно училиште, морале да го земат во предвид фактот дали оспорената одлука е во согласност со Законот за основното образование како Lex specialis во однос на Законот за установите чии одредби имаат супсидијарна примена и се применуваат доколку со друг закон поинаку не е уредено. Во оваа смисла, во конкретниов случај, согласно член 21 од Законот за основното образование со Статутот кој го донесува училишниот одбор, меѓу другото, се уредува и називот на основното училиште, како и дека на Статутот на основното училиште согласност дава Министерството за образование. Притоа, согласноста е конкретен акт со кој се потврдува дека Статутот или неговите измени и дополнувања се донесени во постапка предвидена со Законот и по дадената согласност, се смета дека во целост е запазена постапката за негово донесување.

Оттука, сметам дека во конкретниов случај единствен орган кој може со статутарна одлука за измени на статутот да го промени називот на основното училиште „Вера Циривири-Трена” с. Дебреште е Училишниот одбор врз дадена согласност од Министерството за образование, а не и Советот на Општината Долнени со своја одлука да врши промени на името на основното училиште.

Во членот 41 од Законот за локална самоуправа е уредена работата на седниците на советот. Имено, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот (став 1). Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено (став 2). Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината (став 4). На седницата на советот по правило, се гласа јавно (став 5). За секоја седница на советот се води записник (став 6).

Исто така, основано може да се постави прашањето дали оспорената одлука е усвоена согласно член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа според кој за ова спорно прашање при гласањето мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината. Ова поради тоа што од Записникот од одржаната 46 седница на Советот на Општина Долнени на 27 мај 2016 година (кој Записник не беше приложен кон рефератот по дополнетата точка на дневниот ред за донесување на Одлуката за промена на името на основното училиште) само се констатира дека по точката 8 од дневниот ред гласале 8 членови „за”, 4 биле „против” и 1 бил „воздржан”, без притоа да се наведе дали за оспорената одлука гласале мнозинството од присутните членови на Советот на Општина Долнени кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општината.

Сметам дека, во однос на наводите во точка 4 од означеното решение на Судот, релевантно биле запазени фазите и дејствијата за донесување на одлуката и дека се спроведени согласно со членот 9 од Законот за установите, не би можел во целост да се согласам со оваа оценка на мнозинството судии. Ова од причина што од писмото на Генералниот конзулат на Република Турција заведено со број 26 – к/2017 година од 19 јануари 2017 година, со кое се дава согласност ОУ „Вера Циривири-Трена” с. Дебреште да се именува во ОУ „Алифетахи Окијар” с. Дебреште (кое писмо не беше приложено кон Рефератот односно Решението, јасно се гледа дека наведената согласност е дадена по веќе донесената Одлука на Советот на општина Долнени на ден 27.05.2016 година, како и Одлуката за измени и дополнување на Статутот на ОУ „Вера Циривири-Трена” с. Дебреште во ОУ „Алифетахи Окијар” с. Дебреште, заведена под број 02-60/2-1 од 11 март 2016 година (оваа одлука не беше приложена кон Рефератот) и дека не е јасно дали согласноста е од нејзините законски наследници до втор наследен ред, а ако нема наследници од втор наследен ред тогаш одобрување дава Министерството за култура.

Судската пракса на која се повикува во Рефератот е апсолутно неадекватна со овој предмет.

На крај, генералната и нецелосно елаборирана аргументација за неповедување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука изложена во Решението мислам дека неуспешно го оправдува заземениот став на Судот. Сметам дека Уставниот суд на Република Македонија требаше да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја укине.

Судија
на Уставниот суд Република Македонија
Јован Јосифовски

Решение У.бр.128/2016