У.бр.128/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за промена на името на ОУ„Вера Циривири-Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи- Окијар“ с. Дебреште, заведена по број 08-1536/8 од 27.05.2016 година, донесена од Советот на Општина Долнени на седницата одржана на ден 27 мај 2016 година и објавена во („Службен гласник на Општина Долнени“ бр.6 од 3 јуни 2016 година).

2. Боше Милошески од Општина Долнени до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта, Советот на Општина Долнени на седницата одржана на 31 март 2016 година со дополнување на дневниот ред, под точката разно ја прифатил точката за промена на името на ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште. Точката била усвоена и била донесена Одлука за промена на името заведена под број 08-1072/5 од 31 март 2016 година. Според образложението на предлагачот за промена на името на училиштето, на седницата усно било пренесено дека Советот на родители и Училишниот одбор од училиштето имале состанок на кој одлучиле да го променат Статутот и името на училиштето, но не биле доставени писмени иницијативи од двата органи на училиштето.

Во иницијативата е наведено дека Советот на Општина Долнени постапувал без исполнување на ниеден законски предлог и донел одлука за промена на училиштето која била предложена како дополнителна точка на дневниот ред.

Подносителот на иницијативата, во тој период бил градоначалник на Општина Долнени и не го потпишал Заклучокот за прогласување на Одлуката за промена на името на училиштето поради тоа што сметал дека истата била незаконски донесена и дека била нарушена легитимноста на донесувањето на таков вид на одлуки од страна на Советот на Општината. Од тие причини се обратил до Советот наОпштината и го известил дека не ја прогласил одлуката и дека со заклучок ја вратил одлуката на Советот на Општина Долнени во негово понатамошно постапување.

На седницата одржана на ден 27 мај 2016 година Советот на Општина Долнени како дополнителна точка на дневниот ред по вторпат бил ставен Предлогот – одлуката за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, кој предлог бил прифатен во дневниот ред и била донесена оспорената Одлука за промена на името заведена под број 08-1536/8 од 27 мај 2016 година. Според наводите во иницијативата, оваа одлука била донесена без да биде разгледан предлогот за промена на името на училиштето од надлежната Комисија за општествени дејности на Општина Долнени која била надлежна за прашањето кое се однесувало за образованието во Општина Долнени и дека немало писмена согласност од роднините (законските наследници) на Али Фетахи Окијар ниту од Министерството за култура.

Во иницијативата се наведува дека при повторното донесување на Одлуката за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, не била во целост запазена законската процедура и подносителот на иницијативата во својство на тогашен градоначалник не ја прогласил со Заклучок во делот на членот 9 од Законот за установи, според кој било предвидено како се поставувало име на установа од страна на носителот на името, во конкретниот случај Али Фетахи Окијар, за кое немало согласност од неговите законски наследници или од страна на Министерството за култура.

Понатаму во иницијативата е наведено дека врз основа на сите незапазени законски одредби при донесувањето на оспорената одлука од страна на Советот на Општина Долнени за промена на името на училиштето тогашниот градоначалник, како подносител на иницијативата се произнел писмено со допис под број 09-1598/9 од 3 јуни 2016 година.

3. Судот на седница го уврди следниот текст на оспорената одлука: Врз основа на член 28 став 1 точка 11 од Статутот на Општина Долнени („Службен Гласник на општина Долнени“ бр. 08/05), Советот на Општина Долнени на седницата одржана на ден 27.05.2016 година донесе:

О Д Л У К А

За промена на името на ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште

Член 1

Според доставеното барање од Советот на родители, Училишниот одбор на ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, поради констатираната и постапката што е спроведена донесол Одлука сегашното „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште за промена во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште.

Член 2

Советот на Општина Долнени според горе наведените факти и фактичката состојба на ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште го менува името во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште.

Член 3

Оваа Одлука влегува во сила со денот на нејзино донесување, а ќе биде објавена во Службен гласник на Општина Долнени.

Претседател на Советот
на Општина Долнени
Хусеин Хасановиќ

4. Со цел да се утврди фактичката состојба Судот ја побара на увид потребната документација и со писмен допис од страна на Општина Долнени, заведно под број 02-428/2 од 25 март 2018 година до Уставниот суд на Република Македонија се доставени барани списи кон предметот:

Записник од одржаниот состанок на Советот на родители од ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, за промена на името на училиштето, заведен по број 02-50 од 7 март 2016 година, од каде може да се констатира дека како точка 3 од дневниот ред се дава мислење и едногласно се гласа од сите присутни членови на Советот на родители до ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште да се именува во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште;

Писмо заверено од Генералниот конзулат на Република Турција од во кое се изразува благодарност од страна на единствениот жив наследник на Али Фетахи Окијар до г-дин Садулалх Џемал, во својство на претседател на Асоцијацијата за култура, образование и спорт – Јакуп ефенди, заведено со број 26-к/2017 година од 19 јануари 2017 година;

Записник донесен врз основа на членот 44 од Статутот на Општина Долнени, од страна на Комисијата за општествени дејности, на седницата одржана на ден 31 март 2016 година, на која било разгледано Барањето за промена на името и за донесување на Одлука за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, заведен под број 08-806/2 од 31 март 2016 година;

Одлука за измени и дополнување на Статутот на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, заведен под број 02-60/2-1 од 11 март 2016 година со која престанува да важи статутот под број 03-26 од 2009 година и Одлука за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, заведен под број 08-1072/4 од 31 март 2016 година;

Записник од одржаната 44 седница на Советот на Општина Долнени на ден 31 март 2016 година, каде по предлог на советникот од редовите на ДПА Нерким Ибески се побара дополнување на дневниот ред со уште една точка за промена на училиштето од ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, заведен по број 08-1072/1 од 31 март 2016 година, од каде може да се констатира дека како точка 5 од дневниот ред се дало објаснение дека Советот на родители и Училишниот одбор имале состанок и одлучиле за промена на Статутот на училиштето и за промена на името и за тоа чласале 11 членови ЗА, 1 против и 1 воздржан.

Известување 03-1120/4 од 6 април 2016 година од градоначалникот на Општина Долнени доставено до Советот на Општина Долнени, дека ја враќа одлуката за повторно одлучување;

Записник од одржаната 46 седница на Советот на Општина Долнени на ден 27 мај 2016 година, каде по предлог на советникот од редовите на ДПА Нерким Ибески се побара дополнување на дневниот ред со уште една точка за промена на училиштето од ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, заведен по број 08-1536 од 21 мај 2016 година. Ова било ставено на гласање и 9 членови гласале ЗА, 3 биле против и 2 воздржани. Оттука може да се констатира дека по точка 8 од дневниот ред се гласа и 8 членови гласале ЗА, 4 биле против и 1 бил возджан;

Одлука за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, заведен под број 08-1536/8 од 27 мај 2016 година;

Известување 09-1598/9 од 3 јуни 2016 година од Градоначалникот на Општина Долнени доставено до Министерството за локална самоуправа во однос на тоа дека Одлуката за промена на името на ОУ „Вера Циривири-Трена“ с. Дебрештево ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште, заведена по број 08-1536/8 од 27.05.2016 година, донесена од Советот на Општина Долнени на седницата одржана на ден 27 мај 2016 година и објавена во („Службен гласник на Општина Долнени“ бр.6 од 3 јуни 2016 година), не била прогласена со заклучок, иако била донесена по вторпат од страна на Советот на Општина Долнени бидејќи била спротивна на Законот за установи и Законот за основното образование.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставнииот поредок на Република Македонија.

Во член 21 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 103/2008, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16 и 127/2016), 67/2017 и 64/2018), основното училиште има статут. Со статутот особено се уредуваат: организацијата и вршењето на воспитно-образовната дејност, називот, седиштето, управувањето и раководењето, правата и обврските на учениците, правата и обврските на вработените и други прашања од значење за работа на основното училиште (став 2). Статутот на основното училиште го донесува училишниот одбор (став 3). На статутот на основното училиште согласност дава Министерството (став 4).

Согласно член 126 став 1 од истиот закон, Училишниот одбор на основното училиште: – донесува статут на основното училиште.

Согласно член 22 став 1 од Законот за основно образование, Министерството води централен регистар на основните училишта основани на територијата на Република Македонија. Секоја општина за своето подрачје води регистар на основни училишта и за тоа доставува податоци до Министерството (став 2). Формата и содржината, како и начинот на водење на регистрите од ставовите 1 и 2 на овој член ги пропишува министерот.

Во член 9 став 1 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005, 120/2005 и 51/2011), називот на установата ја содржи ознаката “установа” и други ознаки кои упатуваат на видот и карактерот на дејноста и нејзиното седиште. Составен дел на називот може да биде цртеж, друг знак или графички облик. Називот на јавната установа (национална) го содржи грбот и името на Република Македонија. Називот на јавна установа на општината или на Градот Скопје го содржи името на Република Македонија и името на општината односно Градот Скопје. Приватна установа може во својот назив да ги користи изразите кои означуваат име на исторски места, државата или нејзините кратенки, како додатоци во фирмата само ако е дадено одобрување од Министерството за правда. Називот на установа може да содржи име на историска или друга значајна покојна личност. За внесување на името на таа личност во називот на установата потребна е согласност од нејзините законски наследници до втор наследен ред, а ако нема наследници од втор наследен ред тогаш одобрување дава Министерството за култура. Установата може да има и скратен назив. Називот може да се употребува и како трговска марка доколку со закон е определено. Установата може да го измени називот на установата само во согласност со основачот (став 2).

Во членот 13 од овој закон се уредени прашањата по однос на печатот и другите обележја на установите. Според ставот 1 од овој член од Законот установата има печат, а според ставот 2 печатот го содржи називот и седиштето на установата. Во средината на печатот на јавната установа е содржан и грбот на Република Македонија (став 3). Формата и содржината на печатот, изгледот на знаците, другите обележја како и начинот на нивното користење, се утврдуваат со статутот на установата (став 4).

Според член 32 став 1 од Законот, со наслов: „Акти на установата“, установата има статут. Со статутот особено се уредува: организацијата и начинот на вршење на дејноста, називот, седиштето, управувањето, работоводењето, контролата, правата и обврските на корисниците на јавната услуга и други прашања од значење за извршување на дејноста и работењето на установата во согласност со закон и актот за основање (став 2). Донесувањето на статутот на јавната установа како и неговото изменување го врши органот на управување на јавната установа во согласност со закон (став 4). На статутот на јавната установа согласност дава основачот или орган определен од основачот (став 5).

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека општината основа основното училиште како јавна установа во која се врши јавна услуга од јавен интерес во областа на образованието. Едни од основните белези на училиштето се и неговото име и назив. Општиот акт за изведувањето на дејноста и работењето на училиштето е статутот за кого согласност дава Министерството за образование и основачот, во конкретниот случај Општината Долнени. Добивањето на вака предвидената согласност се однесува и на измените и дополнувањата на основниот акт на работење. Притоа, согласноста е актот со кој се потврдува дека статутот или неговите измени и дополнувања се донесени во постапка предвидена со закон и дури по дадената согласност конкретниот акт станува полноважен. Исто така, произлегува дека името и називот на установата, односно училиштето е елемент кој е присутен не само во статутот, туку и во печатот на установата и со самото тоа и во актите што основно-образовната установа што ги води или издава во текот на остварување на основно образовниот процес. Исто така, името на основното училиште како негово основно обележје се јавува и на педагошката документација и педагошката евиденција.

Во конкретниот случај поаѓајќи од наводите во иницијативата по однос на тоа дека оспорената одлука била донесена без да биде разгледан предлогот за промена на името на училиштето од надлежната Комисија за општествени дејности на Општина Долнени која била надлежна за прашањето кое се однесувало за образованието во општина Долнени и дека немало писмена согласност од роднините (законските наследници) на Али Фетахи Окијар ниту од Министерството за култура, Судот смета дека истите се неосновани.

Имено, видно од доставената документација и од Записникот од одржаниот состанок на Советот на родители од ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, за промена на името на училиштето, заведен по број 02-50 од 7 март 2016 година може да се констатира дека како точка 3 од дневниот ред се дава мислење и едногласно се гласа од сите присутни членови на Советот на родители дека се предлага ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште да се именува во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште.

Исто така од доставеното во прилог писмо заверено од Генералниот конзулат на Република Турција, може да се констатира дека се изразува благодарност од страна на единствениот жив наследник на Али Фетахи Окијар до г-дин Садулалх Џемал, во својство на претседател на Асоцијацијата за култура, образование и спорт – Јакуп ефенди, заведено со број 26-к/2017 година од 19 јануари 2017 година, дека се дава согласност ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште да се именува во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште.

Од Записникот заведен под број 08-806/2 од 31 март 2016 година донесен врз основа на член 44 од Статутот на Општина Долнени, од страна на Комисијата за општествени дејности, на седницата одржана на ден 31 март 2016 година, може да се види дека било разгледано барањето за промена на името и за донесување на Одлука за промена на името на училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште во ООУ „Али Фетахи Окијар“ с. Дебреште. Понатаму, врз основа на приложениот Записник од одржаната 46 седница на Советот на Општина Долнени на ден 27 мај 2016 година, каде по предлог на советникот од редовите на ДПА Нерким Ибески било побарано дополнување на дневниот ред со уште една точка за промена на училиштето од ОУ „Вера Циривири – Трена“ с. Дебреште, за промена на името на училиштето, заведен по број 08-1536 од 21 мај 2016 година. Ова било ставено на гласање и 9 членови гласале ЗА, 3 биле против и 2 воздржани. Оттука може да се констатира дека по точка 8 од дневниот ред се гласало и 8 членови гласале ЗА, 4 биле против и 1 бил возджан.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека од аспект на уставно-судската анализа на законитоста и уставноста на оспорената одлука, релевантно е дека се запазени фазите и дејствијата за донесување на одлуката и дека се спроведени согласно со членот 9 од Законот за установите.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.128/2016
09.07.2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.128/2016