Во периодот од 9-12 септември 2018 година, на покана на Уставниот суд на Република Македонија, делегација на Уставниот суд на Република Турција предводена од претседателот на Судот, г. Зухту Арслан и уште двајца судии и судија известител на Судот, ќе остварат билатерална средба со Уставниот суд на Република Македонија.
Во текот на работниот дел на билатералната средба, уставните судии ќе разговараат на теми: „Уставната жалба во Македонија и системот на индивидуалната уставна тужба во Турција“ и „Тужбите пред ЕСЧП и одлуките против двете држави“.
Делегацијата на Уставниот суд на Република Турција ќе биде примена и од Претседателот на Република Македонија, Н.Е. г. Ѓорѓе Иванов и од министерот без ресор во Владата на Република Македонија, г. Аднан Ќахил.
Оваа посета е продолжение на одличната соработка помеѓу двата уставни судови и е во рамките на Меморандумот за разбирање и билатерална соработка помеѓу уставните судови на Република Турција и Република Македонија склучен во 2007 година.