Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт „3 06“, опфат помеѓу бул. „Партизански одреди“, ул.„Московска“, бул.„Македонија“ и бул. „8-ми Септември“, Општина Карпош-Скопје, бр. 09-89/3 од 05.01.2016 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.2/2016).
2. Марија Петковска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителката на иницијативата, која е жител на Општина Карпош, односно истата е сопственик на посебен дел од стамбена зграда на ул.Букурешка, поточно на КП 3060/1, КП 3060/6 и КП 3060/15 каде постоело уредено јавно зеленило коешто пред донесувањето на оспорената одлука било предвидено со намена Д1- парковско зеленило, што на жителите на овој дел од населбата им создавало услови за хумано живеење, спорт и рекреација и повисок квалитет на животот, односно постојните згради и куќи биле населени пред повеќе од 50 години, од 1965 година, по земјотресот па се до сега. Населбата во тоа време била плански градена и урбанизацијата на истата била спроведена да овозможи мирен живот, со сите услови за хумано живеење по сите еколошки и урбанистички стандарди. Со донесувањето на оспорениот урбанистички план на конкретното јавно зеленило била предвидена изградба на 2 згради во еден парк и истите биле обележани како градежни парцели 5.44 и 5.45 со намена А2- домување во стамбени згради, со предвидени катност П+4+ПК и неверојатна висина од 17,70 метар и со самото тоа ќе била значително повисока од веќе постојните згради. Ново предвидените згради биле предвидени да се градат во целост на постоечкото јавно зеленило.
Понатаму, во иницијативта е наведено дека со евентуална изградба на ваквите згради животот на постојните станари во значителна мера изгубил на квалитет, со самото тоа што им бил затворен видикот како и дневната светлина во нивните станови, а најважно од се станарите го загубиле веќе постоечкото место за прошетки и рекреација. Во овој дел од населбата, просторот на кој биле предвидени за изградба два огромни објекти бил единствениот зелен простор на кој се простира детското игралиште кое било своевидна оаза, каде децата и возрасните секојдневно поминувале дел од слободното време. Со узурпација на овој зелен простор, мирот и спокојството ќе им биле скратени, ќе се оптеретел сообраќајот на сервисната улица „Букурешка“, безбедноста на децата кои дотогаш оделе до најблиското училиште и ќе била доведена во прашање, ќе се уништило зеленилото кое и онака го имало се помалку. Исто така, со зголемувањето на бројот на станови, ќе се зголемел и бројот на возила, што пак ќе се одразело на зголемено загадување на воздухот.
Во иницијативата е наведено дека со оспорената одлука бил прекршен член 4 став 1 и став 2 алинеја 3 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), од причина што биле прекршени во целост начелата кои што Советот на Општината Карпош требало да ги почитува во процесот на планирање и уредување на просторот и спротивно на интересот на граѓаните се мислело само на материјалниот интерес на општината. Оспорената одлука била спротивна на член 23 точка 4 и член 83 став 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (Сл.весник на РМ бр.126/12, 19/13, 95/13, 167/13, 37/14, 125/14 и 148/14) бидејќи се извршила пренамена на постоечкото јавно зеленило и се исцртала градежна маркица за изградба на стамбена зграда.
Одлуката за донесување на оспорената одлука била спротивна на Генералниот урбанистички план на Скопје, бидејќи во истиот во посебните услови по четврти-нумерички показатели била утврдена максимална дозволена густина на населеност од 415 жители на еден хектар. Согласно на моменталниот број на жители регистрирани во опфатот на оспорениот детален урбанистички план и драстичното зголемување на ново предвидени станбени единици недвосмислено доведувало до зголемување на бројот на жителите и можело да се утврди дека вака донесениот план во значителна мера ќе ја надминел максималната дозволена нето густина на населеност предвидена со Генералниот урбанистички план.
Според наводите во иницијативата постапката за донесување на деталниот урбанистички план не била спроведена согласно член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што јавната презентација и јавната анкета не била извршена согласно цитираната законска одредба. Исто така, нацртот на планот имал претрпено значајни промени во однос на донесениот план поради што било потребно спроведување на јавна презентација и јавна анкета по втор пат, која не била спроведена од страна на општината иако имало промена на регулационите линии, намената на земјиштето и во поголем обем на други параметри утврдени во планот.
Оттука, според наводите во иницијативата со оспорената одлука за донесување на деталниот урбанистички план во целост биле прекршени уставните и законските начела на правото на луѓето да живеат во хумани услови, целосно занемарувајќи ја потребата од квалитетен живот, со целосна посветеност само на материјалниот интерес на општината и некои поединци на терет на граѓаните. Со тоа наместо да се обезбедело унапредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на природата се создавал урбан хаос, поради што во иницијативата се предлага одлуката да биде укината.
3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 26 став 4 алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), Советот на Општина Карпош, на четириесет и четвртата седница одржана на 5 јануари 2016 година, донесе
ОДЛУКА
за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт „3 06“, опфат помеѓу бул. „Партизански одреди“, ул.„Московска“, бул.„Македонија“ и бул. „8-ми Септември“, Општина Карпош-Скопје
Член 1
Со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Градска четврт „3 06“, опфат помеѓу бул. „Партизански одреди“, ул.„Московска“, бул.„Македонија“ и бул. „8-ми Септември“, Општина Карпош-Скопје. Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.
Член 7
Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Карпош“.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, односно ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.95/2017 од 20 јуни 2018 година која е објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2018), ја укина оспорената Одлука и при тоа утврди дека „Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
Според Законот за животна средина (член 65 став 6), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член. Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон Согласно став 11 на истиот член, против одлуката од ставот (6) на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа. Според став 12 на овој член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена, но притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатува Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.
Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Карпош, на 04.06.2015 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр. 34-3079/17 од 06.07.2015 година. во која во точката 1 утврдил дека за планскиот документ Детален урбанистички план за Градска четврт „3 06“, опфат помеѓу бул. „Партизански одреди“, ул.„Московска“, бул.„Македонија“ и бул. „8-ми Септември“, Општина Карпош-Скопје, кој се носи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина. Во точка 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страната на Општина Карпош www.karpos.gov.mk. Во точката 3 од Одлуката, е наведено дека согласно критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијане врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од прилог 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на наведениот плански документ нема да има влијание врз животната средина од следните причини: бидејќи со планскиот документ кој се донесува ги потврдува намените на важечките ДУП-ови и усогласување со намените на ГУП на Град Скоје (2012-2022 година), има за цел рационално користење на земјиштето, се дефинираат и оформуваат урбанистички парцели, со што се решаваат имотно правните работи. Според точката 4 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба до градоначалникот на Општина Карпош во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страната.
Наведената одлука на 08.07.2015 година е доставена на мислење до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое доставило мислење до Општина Карпош, бр. 15/5963/2 од 27.07.2015 година, во кое наведува дека согласно Законот за животна средина, Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во постапката за носење на планска документација на наведениот ДУП, Министерството ја прифаќа. Се укажува дека одлуката заедно со формуларите задолжително се објавуваат на веб страната на органот кој го подготвува и носи планскиот документ.
Општина Карпош – Сектор за урбанизам, во одговорот на наводите во иницијативата доставен до Уставниот суд (акт.бр.45-7351/2 од 12.10.2017 година), наведува дека наведениот Детален урбанистички план бил изработен врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2014 и 37/2014). Во постапката за донесување на ГУП на Град Скопје 2012-2022 година (согласно кој бил изработен оспорениот ДУП) била спроведена Стратегиска оцена за влијание на животната средина и добиени биле сите позитивни мислења од надлежните институции. Понатаму, се наведува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (Бр. 34-3079/17 од 06.07.2015 година) била истакната на огласната табла јавно и транспарентно на увид на сите граѓани, во период од 15 дена, со што била запазена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план.
При вака утврдена правна и фактичка состојба, основано се поставува прашањето дали Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (Бр. 34-3079/17 од 06.07.2015 година) била истакната на веб-страната на Општина Карпош, како што пропишува Законот за животната средина, а како што стои и во самата одлука (точка 4). Ова од причини што во иницијативата се наведува дека ваква јавна објава подносителите на иницијативата не успеале да утврдат на веб-страната на Општината, а во одговорот на Општина Карпош стои дека одлуката била истакната на огласна табла во период од 15 дена, но не се доставува доказ за објавување на одлуката на веб-страната на Општината, од кој датум тече законскиот рок за запознавање на јавноста и за поднесување на жалба на истата.
Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.
Оттука, необјавувањето на одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што сметаме дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, со член 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 Законот за животната средина.
Во однос на предлогот во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, сметаме дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за прифаќање на ваквото барање.“
Оттука имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.95/2017 ја укинал оспорената одлука и истата веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се исполнети условите за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.111/2017
9.07.2018 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски