У.бр.23/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 209 став 2 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016 и 172/2016).

2. Миливој Мицевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира членот 209 став 2 од Законот за катастар на недвижности и членот 30, членот 51 и членот 110 од Уставот и наведува дека начинот на отстранувањето на грешки во катастарот на недвижности кој бил предвиден во оспорената законска одредба бил во спротивност на членот 30 од Уставот.

Во продолжение на иницијативата е наведено дека се работело за условните и заемни обврски во член 209 став 2 од Законот кои давале можност да се спречи исправка на грешки, а со тоа отсранување на сила претставувало незаконско одземање на сопственост кое било спротивно на член 30 од Уставот.

Исто така, во иницијативата се презентира можен случај како би се направила промена при одржување на катастарот на недвижности и се цитира членот 174 кој во претходниот Закон за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр.40/2008) се однесувал на отстранување на грешки, но истиот повеќе не бил во правниот промет.

Во иницијативата се наведува дека бил забележителен фактот дека целта на оспорената одредба во делот „што се утврдува со увид во правниот основ за запишување“ била нејасна и се поставувало прашањето во однос на утврдување на направена грешка при одржување на катастарот на недвижности со која била одземена сопственоста, но потоа со увид било утврдено дека немало правен основ односно истиот бил погрешно толкуван. Од тие причини во иницијативата се бара прецизирање на оспорената законска одредба со нова содржина која се предлага. Како дополнителна причина за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба било„ лошото судско искуство во примената на член 209 став 2 од Законот за катастар на недвижности, каде на барање за исправка на грешка судот не се впуштил да испита дали имало направено грешка, туку само се повикал на направени промени во катастарот на недвижности, без утврдување на правен основ и судот притоа го одбил барањето за исправка на грешка.“

Во иницијативата се бара укинување на оспорената законска одредба и потоа се предлага како треба да гласи „прочистената нова верзија на член 209 став 2“ од оспорениот Закон за катастар на недвижности.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 209 став 1 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016 и 172/2016) како грешки се сметаат грешки направени при прибирањето и запишувањето на податоците за недвижностите, а кои настанале: – по однос на податоците за недвижностите како резултат на грешка во пресметување на површината на парцелата, односно зградата или посебниот дел од зградата на парцелата, грешка при дешифрацијата на недвижностите, грешка при исцртување на граничната линија на катастарската парцела, како и грешка при исцртување и пресметување на податоците за инфраструктурните објекти. – во означување на адресните податоци за недвижностите и личните и адресните податоци за носителите на правата на недвижностите при внесувањето на податоците на катастарските планови и во електронската база на податоци (став 1). При одржување на катастарот на недвижности се отстрануваат и грешките кои се однесуваат на податоците за правата и за носителите на правата на недвижностите запишани при востановување и одржување на катастарот на недвижности, доколку не се извршени промени при одржување на катастарот на недвижности што се утврдува со увид во правниот основ за запишување (оспорен став 2). Грешките од ставовите 1 и 2 на овој член се отстрануваат по пријава на странка и по службена должност со потврда за исправка на грешка (став 3). Доставувањето на потврдите донесени по пријава на странка се врши до подносителите на пријавите, како и до носителите на правата запишани во катастарот на недвижностите на кои се однесува исправката на грешката, а доставувањето на потврдите по службена должност се врши до носителите на правата запишани во катастарот на недвижности на кои се однесува исправката на грешката. Доставувањето на потврдите се врши согласно со одредбите од членот 187 од овој закон (став 4).За отстранување на грешките од ставовите 1 и 2 на овој член не се плаќаат надоместоци (став 5).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека со неа се оспоруваат одредбите од Законот за катастар на недвижности со предлог во посебно оспорениот член 209 став 2 од Законот, да се внесе нова содржина „со која ќе се овозможело прецизирање на оспорената законска одредба која била нејасна во однос на практичната примена“.

Според тоа, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, произлегува дека оспорените одредби, а и Законот за катастар на недвижности не се оспоруваат поради нивната постојна содржина, туку поради содржина што ја немаат, од каде произлегува дека подносителот на иницијативата бара измена на нивната содржина на начин како што тој смета дека е потребно, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Воедно, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот нема надлежност да се впушта во оцена на проблемите кои се јавуваат во примената на законите.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот и наводите од иницијативата од друга страна, Судот оцени да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед дека наводите во иницијативата се сведуваат на барање на примена на законската норма.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.23/2017
9.07.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски