У.бр.138/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 252 став 2 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016 и 83/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 251 став 1 точка 4, став 2 точка 4 и став 3 точка 4 од Законот означен во точката 2 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите во Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата формулациите на оспорените законски одредби не биле доволно јасни и прецизни и како такви не обезбедувале правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, ваквото недефинирање на видот и висината на казната би имало последица физичкото лице да не може да стекне услов за лиценца во испитен центар, со што се повредувал и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, што значело дека лицето трпи последици од недефинирано сторено дело за недефинирана казна и тоа автоматски по сила на закон, а не врз основа на правосилна судска одлука.

Оттука, според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби од членот 251 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9, членот 13 став 1, член 14 став 1, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

По однос на оспорениот дел од член 252 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека пропишувањето на наведениот услов намирување на финансиските обврски со уплата на сметка на надлежните институции, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување водело до состојба исполнување на обврските на правното лице во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не било дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапност на секое работно место секому, под еднакви услови, поради што оспорениот член бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 13 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, оспорениот член 251 од Законот предвидува дека:

(1) Лиценца за контролор се издавана физичко лице кое ги исполнува следниве услови:

1) има завршено најмалку високо образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за контролор и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

(2) Лиценца за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку високо образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

(3) Лиценца за вршење на работи на испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел) се издава на физичко лице, кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку средно образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и пропис и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

(4) Во случај на одземање на лиценците од ставовите (1) и (2) на овој член физичките лица може повторно да се стекнат со лиценца по истекот на една година од одземањето на лиценцата под услови и во постапка утврдени со овој закон.

Во Член 252 став 2 алинеја 1 од Законот се предвидува дека:

(2) Министерството за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата на испитниот центар, ако:
– финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции.

5. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со изнесените уставни одредби Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, при што, начинот на плаќање се уредува со закон.

Имајќи ја предвид одредбата од членот 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Според Судот, а поаѓајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорениот член 252 од Законот, како и наводите од иницијативата, пропишувањето на условот министерот за внатрешни работи со решение да му ја одземе лиценцата на испитниот центар ако финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции, излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено, а секако тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Дополнително, Судот оцени дека оспорената одредба не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма како нужен елемент за обезбедување на владеењето на правото. Ова, затоа што без прецизирање што се подразбира под “финансиските обврски”, односно без конкретно определување кои се тие финансиски давачки предвидени со закон чие неплаќање повлекува исклучително строга санкција- одземање на лиценца, остава простор за арбитрарност во примената на одредбата, што е недозволиво. Ова, поради тоа што наведената уставна норма не дава уставен основ законодавецот да регулира по сила на закон ограничување на сопственоста, односно вршење на дејноста за која испитниот центар е регистриран, а со тоа се ограничува и правото на располагање со сопствениот приватен капитал која како институт во себе ја содржи диспозицијата на сопственикот. Имено, лиценцата е исправа со која се дава овластување од надлежен државен орган со која се докажува дека се исполнети одредени пропишани услови за стручна оспособеност и овластување за извршување одредени работи. Токму поради тоа, и оспорената одредба треба да содржи јасни и прецизни причини поради кои на испитниот центар како правно лице би му се одземала лиценцата за работа. Создадената норма, според нас, треба да биде лесно разбирлива и за оној што ја креирал, но и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената законска одредба на членот 252 став 2 алинеја 1, основано може да се доведе под сомнение по однос на членовите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Meѓутоа, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 2 мај 2018 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија “ бр.83/2018 од 8 мај 2018 година.

Во член 28 став 1 од овој закон, се предвидува дека во членот 251 во ставовите1, 2 и 3 точката 4 се брише.

Согласно членот 95 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата(“ Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018 ), овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Наведениот закон е објавен во “Службен весник на Република Македонија” на 8 мај 2018 година и истиот во смисла на член 95 од Законот влегува во сила на 15 мај 2018 година и оттука, со влегување во сила овој закон, оспорениот член 251 во ставовите 1, 2 и 3 точка 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата бидејќи истите се бришани и не се повеќе во правниот поредок , Судот оцени дека не може да бидат предмет на уставно-судска анализа vis a vis наводите во поднесената иницијатива.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Поради променетата фактичка и правна состојба на работите по предметот, Судот оцени дека во конкретниот случај по однос на член 251 став 1 точка 4, став 2 точка 4 и став 3 точка 4 од оспорениот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, од причина што оспорените точки 4 на наведените ставови од членот 251 се бришани и се надвор од правниот промет, поради постоење на процесни пречки за одлучување на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати. Решението под точка 1 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.138/2017
27 јуни 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски