У.бр.125/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за распишување на референдум на локално ниво бр. 08-11800/4 донесена од Советот на Општина Охрид на 12.09.2017 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.12/2017).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Државниот инспекторат за локална самоуправа, со Решение У.бр.125/2017 од 30 мај 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законот.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Охрид на седница одржана на 12.09.2017 година донел Одлука за распишување на референдум на локално ниво.

Во членот 1 од оваа одлука е утврдено дека Советот на Општина Охрид по сопствена иницијатива распишува референдум на локално ниво на територијата на Општина Охрид, заради изјаснување на граѓаните околу овозможување на услови за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општина Охрид.

Во членот 2 е утврдено дека на референдумот на локално ниво, граѓаните на Општина Охрид ќе се произнесат по однос на следното референдумско прашање:

„Дали сте за населување и интеграција на мигранти, на територијата на Општина Охрид“
„ЗА“                              „ПРОТИВ“

На референдумот на локално ниво, граѓаните на Општина Охрид по однос на утврденото референдумско прашање можат да се изјаснат со „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Според членот 3 од Одлуката, изјаснувањето по однос на утврденото референдумско прашање од членот 2 на оваа одлука, се спроведува со цел граѓаните на територијата на Општина Охрид да одлучат дали Општината Охрид треба или не треба да овозможи неопходни услови за населување, домување и локална интеграција на мигранти кои би се затекнале на територијата на општината по најразлични законски основи.

Во членот 4 е утврдено дека референдумот се смета за успешен доколку по референдумското прашање гласале и се изјасниле повеќе од половината од вкупниот број на граѓани запишани во избирачкиот список за Општина Охрид.

Според членот 5 од Одлуката, доколку референдумот е успешен, а по однос на референдумското прашање мнозинството на граѓани со право на глас кои гласале се изјасниле со „ЗА“, одлуката на референдумот ќе се смета за донесена и општината е должна да овозможи услови за населување, домување и локална интеграција на мигранти на територијата на Општина Охрид.

Во членот 6 од Одлуката, е определено дека доколку референдумот е успешен, а по однос на референдумското прашање мнозинството на граѓани со право на глас кои гласале се изјаснатсо „ПРОТИВ“ одлуката на референдумот ќе се смета за донесена и општината е должна да го почитува референдумското изјаснување на граѓаните и да ги извести надлежните државни органи.

Со членот 7 е определено дека одлуката донесена на референдум е задолжителна и Советот на Општина Охрид е должен да постапи по истата, а во членот 8 од Одлуката е утврдено дека референдумот на локално ниво ќе се одржи на 15 октомври 2017 година, а гласањето ќе се спроведе во периодот од 07-19 часот.

Според членот 9, референдумот на локално ниво ќе го спроведат Општинската изборна комисија Охрид и избирачките одбори во надлежност на Општинската изборна комисија Охрид.

Во членот 10 од Одлуката е утврдено дека од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на локално ниво во „Службен гласник на Општина Охрид“ до денот на одржувањето на референдумот, не може да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.

Со членот 11 е утврдено дека примерок на Одлуката ќе се достави до Државната изборна комисија за навремено донесување на Упатство за подготовка, организирање и спроведување на референдум на локално ниво во Општина Охрид.

Според членот 12, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“, а ќе се објави во средствата за јавно информирање, на огласна табла и на веб страната на општината.

5. Според член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според Амандман XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучување за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Надлежноста на општините е уредена со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), кој во членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 22 од Законот за локална самоуправа е утврдена листата на надлежностите на општината и тие опфаќаат:
1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата – мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење;
3. Локалниот економски развој – планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4. Комуналните дејности – снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5. Културата – институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8. Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогодн и други несрсќи и од последиците предизвикани од нив;
11. Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12. Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13. Други работи определени со закон.

Непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините е уредено со повеќе одредби од Законот за локалната самоуправа во кои се уредени облиците на учество на граѓаните.

Според член 25 од Законот, граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Според член 28 од Законот, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење.

Според ставот 3 на овој член од Законот, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот (став 4).

Надлежностите на Советот се утврдени во член 36 од Законот, според кој советот: 1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.

6. Референдумот како облик на учество на граѓаните во одлучувањето е уреден со посебен закон – Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија” бр. 81/05).

Според членот 2 од наведениот закон, референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Референдумот на локално ниво е уреден со посебни одредби од Законот (членови 36 – 44):

Според член 36 од Законот, референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Според ставот 2 на овој член, Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.

Согласно член 37, одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.

Во членот 38 од Законот е определено дека референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Така според ставот 1 на овој член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

7. Според член 1 од Законот за азил и привремена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003, 66/2007, 142/2008, 146/2009, 166/2012, 101/2015, 152/2015, 55/2016 и 71/2016), кој важел во време на донесувањето на оспорената одлука, било предвидено дека со овој закон се уредуваат условите и постапката за добивање и престанок на право на азил на странец или лице без државјанство (во натамошниот текст: странец) кој бара признавање право на азил во Република Македонија, како и правата и должностите на барателите и лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија. Со овој закон се уредуваат и условите според кои Република Македонија може да даде привремена заштита, како и правата и должностите на лицата под привремена заштита.

Во членот 11 од Законот е утврден принципот на локално учество, кој значи обврска на единиците на локалната самоуправа да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под супсидијарна заштита во зависност на економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што одлучува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).

Согласно членот 12 од Законот, постапката за признавање право на азил во прв степен ја спроведува и донесува одлука Министерството за внатрешни работи преку организациона единица надлежна за азил (во натамошниот текст: Секторот за азил). Против одлуката од ставот 1 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.

Според член 47 став 2 од Законот, Министерството за труд и социјална политика со цел да ја олесни интеграцијата на барателите на право на азил или на лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија ќе изготвува соодветни програми за интеграција.

Според членот 48 од Законот, барателите на право на азил до донесување на конечна одлука во постапката за признавање право на азил имаат право на:
– престој;
– бесплатна правна помош;
– сместување и згрижување во прифатен центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика, доколку искаже потреба за истото;
– основни здравствени услуги согласно со прописите за здравственото осигурување;
– право на социјална заштита согласно со прописите за социјалната заштита;
– право на образование согласно со прописите за основно и средно образование;
– работа само во рамките на прифатниот центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика и како и право на слободен пристап на пазарот на труд за барател на право на азил на кој барањето за признавање на право на азил не му е решено во период од една година, по истекот на периодот од една година и
– контакти со Високиот комесаријат за бегалци, како и невладини хуманитарни организации заради давање на правна помош во постапката за признавање право на азил.

Министерството за труд и социјална политика за правата наведени во ставот 1 на овој член ги известува барателите на право на азил во писмена форма на јазик за кој разумно може да се претпостави дека го разбираат или во усна форма со помош на преведувач.

Министерството за труд и социјална политика се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил, додека се наоѓаат во прифатниот центар или друго место за сместување определено од ова министерство.

Во однос на признаените бегалци, во членот 52 од Законот е определено дека на признаениот бегалец му се обезбедува сместување, согласно со принципот на локално учество, преку давање соодветен стан на користење или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување, до обезбедување на средства за својата егзистенција, но најдолго две години од денот на доставувањето на решението за признавање на статус на признаен бегалец. Министерот за труд и социјална политика ги пропишува критериумите и начинот за користење на соодветен стан за сместување или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување на признаениот бегалец.

Според членот 55 од Законот за азил и привремена заштита, средствата за сместување, социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија. За сместување, остварување на правата од социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се грижи Министерството за труд и социјална политика.

Во однос на т.н. привремена заштита, во членот 62 од Законот за азил и привремена заштита е утврдено дека во случај на масовен прилив на лица кои непосредно доаѓаат од држава во која нивните животи, безбедност или слобода се загрозени со војна, граѓанска војна, окупација, внатрешен конфликт пропратен со насилство или масовно кршење на човековите права, Владата може да им даде привремена заштита. Владата периодично го преиспитува постоењето на околностите од став 1 на овој член и одлучува за продолжување на привремената заштита. Привремената заштита во Република Македонија не може да трае подолго од две години.

Цитираната регулатива од Законот за азил и привремена заштита е скоро идентична со Законот за меѓународна и привремена заштита на странците („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2018).

8. Во релевантните меѓународни акти – Европската повелба за локалната самоуправа во членот 4 од Повелбата кој се однесува на надлежноста на локалната самоуправа е утврдено дека локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.

Во меѓународните акти кои се однесуваат на бегалците најзначајна е Конвенцијата на ООН за статусот на бегалците од 1951година и нејзиниот Протокол од 1967 година, која претставува темел на модерната заштита на бегалците.

Во регулирањето на заштитата на бегалците, Конвенцијата тргнува од принципот на недискриминација, т.е. од обврската на државите-потписнички за нејзина доследна примена врз бегалците без дискриминација во поглед на расата, верата или земјата на потекло. На бегалците со Конвенцијата им се гарантирани повеќе права како што се правото да стекнуваат имот (член 13) право на пристап до суд (член 16), право на вработување и самовработување (член 17 и член 18), право на домување (член 21), право на образование (член 22), слобода на движење (член 26), право на лични исправи и патни документи (членови 27 и 28). Еден од основните принципи на Конвенцијата е и принципот односно забраната на протерување и враќање на територија каде што ќе биде загрозен нивниот живот (принцип non-refoulement).

9. Од наведените одредби на Уставот на Република Македонија произлегува дека референдумот е еден од облиците на остварување на власта на граѓаните и дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок. Уставната положба на локалната самоуправа понатаму е уредена со Амандманот XVII на Уставот, кој ги утврдува областите за кои е надлежна локалната самоуправа, дефинирајќи претходно дека станува збор за прашања од локално значење за кои граѓаните можат да одлучуваат непосредно и преку претставници.

Уставните надлежности на локалната власт понатаму се разработени во Законот за локалната самоуправа кој притоа јасно го утврдува принципот на супсидијарност определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.

Од наведените одредби од Законот за азил и привремена заштита произлегува дека во сферата на азилот и привремената заштита општините односно советите на општините немаат со закон утврдено право да одлучуваат, бидејќи сите постапки и дејствија поврзани со положбата на барателите на азил се во надлежност на Владата на Република Македонија, односно органите на централната власт, во прв ред Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.

Согласно законот, Министерството за внатрешни работи ја спроведува постапката за признавање на правото на азил преку Секторот за азил.

Министерството за труд и социјална политика изготвува програми за интеграција на барателите за азил, се грижи за нивно сместување и згрижување, за таа цел ги определува објектите што претставуваат прифатни центри за барателите на азил и раководи со тие прифатни центри. Министерството за труд и социјална политика исто така, се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил додека се наоѓаат во прифатниот центар или друго место за сместување и за остварувањето на нивните социјални права. Притоа, сите финансиски средства за овие намени се обезбедуваат од државниот Буџет.

Улогата на локалната власт во сферата на азилот е формулирана преку т.н. принцип на локално учество кој е дефиниран во членот 11 од Законот, според кој општините имаат обврска да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под супсидијарна заштита во зависност на економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што сепак одлучува Владата на Република Македонија.

Во конкретниот случај Советот на Општина Охрид со оспорената одлука распишал референдум на локално ниво заради изјаснување на граѓаните за населување и интеграција на мигранти на подрачјето на Општина Охрид.

Иако во оспорената одлука како правен основ за нејзиното донесување се наведени одредбите од членовите 25 и 28 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6 и 36 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, од анализата на нивната содржина неспорно произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа, согласно постојната законска регулатива, прашањето за населување и интеграција на бегалците не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежните министерства за внатрешни работи и труд и социјална политика.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека со оспорената одлука, Советот на Општина Охрид, спротивно на наведените закони, распишал локален референдум за прашање што не е во негова надлежност односно за прашање за коешто тој не е овластен со закон да одлучува, со што постапил спротивно на Амандман XVII од Уставот, како и спротивно на членовите 20, 28 и 36 од Законот за локалната самоуправа и на членовите 2, 36 и 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

10. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева,Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2017
9 јули 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски