Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 јуни 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани на трети лица во целина, донесена од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на 6 мај 2006 година и Тарифата за изменување и дополнување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани на трети лица донесена од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на 14 јули 2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр,144/2017).
2. Асоцијацијата на здруженија на работодавачи на трговски друштва за превоз на патници на Република Македонија-Исток, преку претседателот Горан Трпковски Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на тарифите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите изнесени во иницијативата оспорените акти и членови од истите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3,4 и 11, член 88,член 91, член 108, член 110 став 1 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму,во иницијативата се наведува дека Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани на трети лица, донесена од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на 06.мај 2006 година, првенствено не била објавена во „Службен Весник на Република Македонија“ што било спротивно на членот 52 од Уставот на Република Македонија.
Спротивно на уставната одредба, во членот 19 од оспорената тарифа, во делот насловен како Примена на Тарифата, е предвидено дека „Оваа тарифа (која всушност е подзаконски акт/ пропис) ќе се применува со денот на влегување во сила на Одлуката за утврдување минимална и максимална стапка на техничката премија на Владата на Република Македонија што според подносителот значело примената ќе започне спротивно на член 52 од Уставот.
Следователно на тоа, на 09.09.2008 година, врз основа на член 46 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2005, 70/2006 и 81/2008), Владата на Република Македонија, донела Одлука за утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност за 2008 година, која била објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2008 година.
Меѓутоа, и покрај предвиденото, оспорената тарифа не се применувала 8 години,односно, од 2008 година до јануари 2016 година, кога непосредно со примената за првпат од нејзиното постоење била запознаена јавноста.
Според подносителот со ваквиот чин бил повреден уставниот и меѓународниот принцип на правна сигурност како основно човеково право.
Понатаму, подносителот на иницијативата ја цитира содржината на членовите 88 и 91 од Уставот на Република Македонија, според кои се утврдени надлежностите на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт.
Оттука, според подносителот, ако се спореди одредбата од членот 19 од Тарифата и се доведе во корелација со членот 52 од Уставот, може да се заклучи дека Владата на Република Македонија преку Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност си дала дискреционо право да биде во улога на предлагач, законодавец и извршител на Тарифата, а такво овластување во претходно цитираниот член не е наведено со што директно се врши повреда на уставниот принцип на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска во делот на темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 4.
Во натамошниот текст од иницијативата се наведува дека како темелна уставна придобивка владеењето на правото не претставува факултативна обврска , туку претставува задолжителен императив за сите граѓани и државни органи кои при своето работење се должни да го применуваат овој принцип, а особено тоа важи за Владата на Република Македонија како извршен орган на Република Македонија. Оттука, заклучокот дека ваквото носење и примена на Тарифата е неуставно со што е повреден и член 51 од Уставот.
Според подносителот, во вакви случаи кога јавноста не е консултирана, кога во донесувањето на Тарифата немало вклучени ентитети да се изработи поширока правна анализа и мислење од поголем број на институции,репрезентативни здруженија на компании за превоз како и од осигурениците, да се направи анализа на фактичката состојба на компаниите осигуреници како многу важен фактор бидејќи стандардите и условите во кои во моментов работат превозниците не соодветствуваат со европските цени кои се поставени во Тарифата на премии,натаму во услови кога само зад затворени врати Комисијата дала свои категорични предлози до Владата на Република Македонија, а таа само ги прифатила, а потоа и по 8 години ги имплементирала во правниот поредок како готов производ и единствено само тогаш во тој момент била запозната јавноста со оспорената тарифа, би било крајно парадоксално да се утврди валидност на Тарифата и да се остави нејзиното понатамошно егзистирање во правниот поредок на Република Македонија.Тарифата како подзаконски акт е донесена и е започната примената пред нејзино објавување е повеќе од доволна причина да нема правно дејство во правниот поредок и треба веднаш да се стопира нејзината примена и да се поништи.
Во однос на оспорените членови 7 став 5, член 8 став 3 и член 8 став 8 алинеја 1 од Тарифата, подносителот ја цитира нивната содржина и наведува дека неприфатливо е преку ваквото драконско решение да се врши кумулирање / собирање на одговорноста и пресметка на малус-штета кон сите моторни возила од причина што предизвикуваат прекумерно оштетување кај другата договорна страна /договарач на осигурувањето во случај кога е сопственик на повеќе моторни возила со кои ја вршеле дејноста.Со други зборови доколку договарачот на осигурувањето заклучил осигурување за 20 возила и во тековната година штета причиниле 4 возила, разумно е доплатокот на премија на име малус за наредната година да се пресмета само за тие 4 возила , а никако и спрема останатите 16 возила од причина што тие не причиниле штета и би било неосновано солидарно да одговараат со оглед на фактот што согласно членот 195 од Законот за облигационите односи, солидарна одговорност за причинета штета и лицата кои ја причиниле работејќи независно едно од друго ако не може да се утврдат нивните удели во причинетата штета.
Во случаите кога уделите од причинетата штета се утврдуваат и никогаш не можат да останат непознати, се знае точно кое возило/ла од флотата причиниле штета, според подносителот спротивно е на основите на одговорност за штета и постоење на вина утврдени во членовите 141,145 и 164 од Законот за облигационите односи.
Според подносителот, уставната одредба од членот 51 од Уставот на Република Македонија, утврдува дека законите мора да бидат во согласност со Уставот и сите други прописи со Уставот и со Закон.Оспорената Тарифа со утврдената пресметка е во спротивност со сите претходно наведени одредби кои ја уредуваат вината и штетите од Законот за облигационите односи.Во вакви случаи правилата на Законот за облигационите односи се однесуваат конкретно на одговорниот и возилото со кое е причинета штета, а не пропишуваат солидарна одговорност или одговорноста на едно возило за штета да ја понесат сите возила на начин што доплатната премија на име малус ќе биде зголемена за сите возила од флотата како што тоа е уредено со Тарифата.Тоа значи една штета – одговорност за сите моторни возила и губење на попустот за сите моторни возила и зголемување на доплатокот на премија за наредната година за сите моторни мвозила од флотата.
Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иницијативата бара поништување на Тарифата во целина, а до донесување на конечна одлука на Судот, да се донесе Решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на оспорената тарифа.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 45 став 1 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2005), Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност,на седницата одржана на 6.5.2006 година, ја донела ТАРИФАТА на премии за осигурување на соопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
I. ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Примена на тарифата
Член 1
Оваа Тарифа се применува на осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети причинети на трети лица во согласност со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и Условите на осигурување од автомобилска одговорност.
Моторните возила кои се предмет на оваа тарифа се распоредени во следните Тарифни групи:
1. Тарифна група 1 – Патнички возила;
2. Тарифна група 2 – Товарни возила;
3. Тарифна група 3 – Автобуси;
4. Тарифна група 4 – Влечни возила;
5. Тарифна група 5 – Специјални возила;
6. Тарифна група 6 – Моторцикли;
7. Тарифна група 7 – Приклучни возила;
8. Тарифна група 8 – Моторни возила со странска регистрација;
9. Тарифна група 9 – Работни возила;
Тарифните групи се составен дел на оваа тарифа и истите се дадени во прилог на Тарифата.
Значење на одделни изрази
Член 2
Одделни изрази употребени во оваа тарифа го имаат следново значење:
(1) патнички автомобил е моторно возило наменето за превоз на лица кое покрај седиштето за возачот има најмногу 8 седишта и чија носивост изнесува најмногу 250 кг.
(2) товарно возило е моторно возило наменето за превоз на предмети со носивост преку 250 кг;
(3) комбинирано возило е моторно возило наменето за превоз на лица и предмети, чија носивост е најмногу до 3500 кгр и истото се осигурува според намената, односно според податоците во сообраќајната дозвола;
(4) Комби возило е моторно возило наменето за превоз на лица и предмети и истото се осигурува според намената, односно според податоците во сообраќајната дозвола при што:
– комби товарно, спаѓа во групата на товарни возила,
– комби патничко, спаѓа во групата на патнички возила,
(5) такси е патничко возило или товарно возило кое е регистрирано за јавен превоз и има ознака TAXI;
(6) автобус е моторно возило наменето за превоз на лица кое покрај седиштето за возачот има повеќе од 8 седишта;
(7) хотелски автобус е автобус кој се употребува исклучиво за превоз на гости на хотелот и нивниот багаж од/до железничка или автобуска станица, аеродром, пристаништа и излетнички места;
(8) автобус за работни и други организации е автобус кој служи исклучиво за превоз на членови на работни, општествени или спортски организации. Овде спаѓаат школски и полициски автобуси и автобусите кои служат за превоз на болни без лежаи;
(9) трактор е возило на моторен погон, конструирано да влече, притиска или носи орудија односно да служи за погон на такви орудија или за влечење на приклучни возила;
(10) моторцикл е моторно возило на две тркала, со бочна приколка или без неа, или моторно возило на три тркала ако неговата тежина не преминува 400 кг;
(11) велосипед со мотор е возило на моторен погон со две или три тркала чија зафатнина на моторот не преминува 50смЗ и кое на рамен пат не може да развие брзина поголема од 5о км на час;
(12) приколка – приклучно возило наменето да го влече возило на моторен погон;
(13) полуприколка е приклучно возило без предни осовини конструирано така што со своите предни делови се наслонува на влечно моторно возило. Полуприколката со седлестиот влекач не прави целина.
II. ОПШТИ ОДРЕДБИ ЗА ПРЕМИЈАТА
Премија
Член 3
Премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето – бруто премија се состои од техничка премија и дел на премија за вршење на дејноста на осигурувањето.
Техничката премија покрај дел од премијата наменет за исполнување на обврските од договорите за осигурување – ризико премија содржи и дел за оптеретување за сигурност.
Делот на премија за вршење на дејноста на осигурување не може да изнесува помалку од 15% од техничката премија и во него се вклучени издвојувањата на друштвата по однос на Законот за безбедност во сообраќајот, Закон за пожарникарство и др.). Делот на премија за вршење на дејноста на осигурување се додава на техничката премија, за сите Тарифни групи како и внатре во Тарифните групи. Делот на премија за вршење на дејноста на осигурување се утврдува со посебна одлука на Друштвото за осигурување.
Согласно Одлуката на Владата на Република Македонија за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија бр. 19-2573/1 од 7.06.2006 година, со оваа тарифа се утврдува висината на техничката премија по тарифни групи, искажана во процент од минималната односно максималната стапка на техничка премија за основен премиски степен 10 (премија без бонус и малус), искажана во денари.
Критериуми за утврдување на висината на премијата
Член 4
Премијата се утврдува врз основ на:
– Видот и намената на возилото;
– Техничките карактеристики на возилото (сила на моторот, носивост, работна зафатнина, број на регистрирани места и сл.);
– Видот на осигурувањето;
– Возраста на осигуреникот;
– Висината на осигурителното покритие;
– Бројот на пријавени штети во минатиот осигурителен период;
– Траењето на осигурувањето;
Други основи што се утврдени со оваа Тарифа.
Време за кое се пресметува премија
Член 5
Премијата, доплатоците и попустите утврдени во оваа тарифа се однесуваат за траење на договорот за осигурување од една година, доколку поинаку не е договорено.
Ако се договори осигурувањето да трае пократко од една година, премијата за осигурување изнесува:
до 7 дена 10% од годишната бруто премија
до 15 дена 15% од годишната бруто лремија
до 30 дена 20% од годишната бруто премија
до 60 дена 30% од годишната бруто премија
до 90 дена 40% од годишната бруто премија
до 120 дена 50% од годишната бруто премија
до 150 дена 60% од годишната бруто премија
до 180 дена 70% од годишната бруто премија
до 210 дена 80% од годишната бруто премија
до 240 дена 90% од годишната бруто премија
преку 240 дена 100% од годишата бруто премија
По исклучок, заради усогласување на траењето на осигурувањето со датумот на регистрација, премијата се пресметува сразмерно со временскиот период (по принципот про рата темпорис), односно не се пресметува по табелата за краткорочно осигурување.
Не може да се пресметува премија за траење на осигурувањето подолго од една година
Возила со посебни регистарски ознаки
Член 6
Возилата со посебни регистарски ознаки како што се:
– возилата на дипломатски и конзуларни претставништва, мисии на странски држави, претставници на меѓународни организации и други претставништва на странски;
– возилата на армијата и
– возилата на Министерството за внатрешни работи
и други возила со посебна регистрација, се сметаат за домашни моторни возила.
III. УТВРДУВАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА ВО ЗАВИСНОСТ ОД ОСТВАРЕН ШТЕТЕН НАСТАН
Бонус-малус систем
Член 7
Одредбите од оваа глава се однесуваат на осигурувањето на сопствениците на моторните возила опфатени со сите Тарифни групи од оваа Тарифа (Прилог – Табели на премија за осигурување од автомобилска одговорност по тарифни групи), освен на осигурувањето од автомобилска одговорност на сопствениците на странски моторни возила опфатени со тарифна група 8 и посебните видови на осигурувања од глава VIII на оваа тарифа.
Кога договорувачот на осигурувањето склучува договор за осигурување по прв пат, истиот плаќа премија според основниот премиски степен – 10.
Договорувачот на осигурувањето преминува во нов премиски степен во зависност од тоа дали во изминатиот период на осигурување по неговиот договор за осигурување било пријавена штета. Во случај на промена на друштвото за осигурување на договорувачот на осигурувањето му се признава премискиот степен врз основа на порано склучениот договор за осигурување како и со увид во Централната евиденција за штети при Националното Биро за осигурување.
На договорувачот на осигурувањето – осигуреникот кај кого во последниот период на осигурување по неговиот договор за осигурување не било пријавена штета, за следниот период на осигурување му се одобрува попуст на премијата, односно премин за еден премиски степен пониско во однос на премискиот степен во кој се наоѓал во претходниот период на осигурување. Најповолен премиски степен е 1.
За секоја пријавена штета во последниот период на осигурување по договорот за осигурување, договорувачот на осигурувањето преминува еден премиски степен повисоко во однос на премискиот степен во кој се наоѓал во претходниот период на осигурување.Најнеповолен премиски степен е 18 (оспорен член 7 став 5), од Тарифата од 2006 година,при што овој член има претрпено промени во 2017 година.
Премиските степени и премијата во % од премијата за основниот премиски степен 10 (100% премија во табелите по одделни тарифни групи) се следните:
СТЕПЕНИ НА БОНУС-МАЛУС
степен % од премијата за основениот степен 10
18. 175
17. 165
16. 155
15. 145
14. 135
13. 125
12. 115
11. 105
10. 100
9. 95
8. 90
7. 80
6. 75
5. 70
4. 65
3. 60
2. 55
1. 50
Во случај кога договорувачот на осигурувањето презентира доказ дека не бил виновен за причинување на штетата во периодот кога му бил пресметан малус (врз основа на пријавена штета), истиот има право на поврат на премија еднаков на разликата меѓу премијата без малус и премијата со малус.
Други одредби за бонус и малус
Член 8
На договорувачот на осигурувањето кој во континуитет имал склучено осигурување за шест или повеќе моторни возила и кај кого меродавниот технички резултат (однос меѓу ликвидирани и резервирани штети и полисирана техничка премија) во изминатите три години на осигурување изнесува помалку од 80%, му се одобрува попуст на премијата за следниот период на осигурување во висина од една половина (50%) од разликата помеѓу 80% и процентот на остварениот технички резултат.
На договорувачот на осигурувањето кој имал склучено осигурување до 5 моторни возила ако во изминатата година на осигурување биле пријавени две или повеќе штети за возилата со кои е причинета штета, односно за возилото што е заменето му се пресметува доплатна премија за следната година и тоа:
– 50% за пријавени две штети;
– 80% за пријавени три штети;
– 200% за пријавени четири и повеќе штети.
На договорувачот на осигурувањето осигуреникот кој имал склучено осигурување за шест или повеќе возила и кај кого меродавниот технички резултат во изминатата година на осигурување изнесува повеќе од 120% за следниот период на осигуреникот му се пресметува доплаток (малус) на премијата во висина од една половина од разликата меѓу процентот на остварен меродавен технички резултат и 120%, при што доплатокот не може да изнесува повеќе од 100% од основната премија ,согласно формулата.(оспорен член 8 став 3) од измените на Тарифата од 2017 година.
Ако договорувачот на осигурувањето склучил договор за осигурување со времетраење пократко од една година, ова осигурување не се зема како основа за намалување на премискиот степен во следниот период на осигурување, без оглед дали по неговиот договор за осигурување не било пријавена штета во периодот на осигурување. Во случај на пријавена штета, осигурувањето се зема како основа за зголемување на премискиот степен.
Во случај на промена на сопственоста на возилото, правото на бонус, односно обврската за плаќање на малус не се пренесува на новиот сопственик.
Ако во периодот на користење на правото на попуст, осигуреникот го отуѓи или одјави возилото кај надлежен орган, стекнатото право на попуст се пренесува и на новото возило, под услов возилото да е од иста тарифна група и по полисата на одјавеното, односно отуѓеното возило да не е пријавена штета.
Ако сопственикот по уништување на возилото, во рок една година склучи договор за осигурување за возило од иста тарифна група, стекнатото право на бонус, односно обврската за плаќање на малус се пренесува на новиот договор за осигурување.
При утврдувањето на меродавниот технички резултат се применуваат и следните одредби:
На возилата што договрувачот на осигурување – осигуренико, ги набавил во тековната година на осигурување не се пренесува бонусот или малусот, се до наредната година на осигурување кога и на тие возила ќе започне да се применува бонусот или малусот како за останатите возила од флотата (оспорен член 8 став 8 алинеја 1),од измените на Тарифата од 2017 година.
Одредбите за утврдување на премијата во зависност од техничкиот резултат се применуваат само на договорувачот на осигурување која на 31.12 од претходната година имал склучено осигурување на повеќе од 5 возила;
– Осигурувачот и договарувачот на осигурување имаат право да побараат повторна пресметка на бонусот, односно малусот, ако дополнително се увиди дека во пресметката не се земени оштетни барања што се основани, односно биле земени барања кои не биле основани.
IV. УТВРДУВАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА ВО ЗАВИСНОСТ ОД ВОЗРАСТА НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Возраст на договорувачот
Член 9
На договорувачот на осигурувањето кој во моментот на склучување на договорот за осигурување нема наполнето 22, односно 26 години или има наполнето 70 години му се пресметува доплаток на премија во % од премијата за основниот степен 10 (100% премија во Табелите по одделни Тарифни групи), намалена за бонусот односно зголемена за малусот и тоа:
Возраст на договорувачот Доплаток на премија
до 22 години 15%
од 22 до 26 години 10%
над 70 години 15%
V. ОБЕМ НА ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
Осигурително покритие во странство
Член 10
Ако е платена доплатна премија и за соодветното моторно возило е издадена зелена карта, во договорот за осигурување се обезбедува осигурително покритие за штети причинети во земјите членки на системот на зелена карта за времетраењето на важноста на зелената карта во висина на минималните осигурени суми во посетената земја, освен ако покритието од полисата за осигурување е поповолно за осигуреникот.
Учество во авто трки
Член 11
За проширување на обемот на покритие за учество на возилото во трки, вежби за трки, за брзински возења, се пресметува доплаток на премија во % од премијата за основниот степен 10 (100% премија во табелите по одделни тарифни групи), и тоа:
– 100% за учество на возилата во едно натпреварување;
– 500% без оглед на бројот на трките во текот на траењето на осигурувањето.
VI. ВИСИНА НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ
Висина на осигурителното покритие
Член 12
Премијата за осигурување што е утврдена во табелите по одредени тарифни групи обезбедува осигурително покритие во висина на минималните суми на осигурување согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот.
За зголемување на осигурителното покритие на барање на договорувачот на осигурувањето или по сила на закон, со договорот за осигурување од автомобиласка одговорност може да се договори повисока обврска на друштвото за осигурување од минималните суми на осигурување предвидени со Законот, и тоа:
– за 50% поголема сума на осигурување од минималната, со поголема премија од 5%;
– за 100% поголема сума на осигурување од минималната, со поголема премија од 10%;
– за 200% поголема сума на осигурување од минималната, со поголема премија од 15%;
– за 300% поголема сума на осигурување од минималната, со поголема премија од 20%;
– за 700% поголема сума на осигурување од минималната, со поголема премија од 35%;
VII. ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ
Пресметување на доплатоци и попусти
Член 13
Сите доплатоци и попусти предвидени во оваа тарифа се пресметуваат на премијата за осигурување.
Ако за осигурување на едно возило предвиден е само еден доплаток или попуст, истиот се пресметува на премијата за осигурување наведена во соодветната тарифна група од глава IX на оваа Тарифа.
Ако за осигурување на едно возило предвиден се неколку доплатоци или поусти, тогаш првиот доплаток или попуст се пресметува на начин утврден во претходниот став, а следните доплатоци и попусти се пресметуваат верижно т.е на премијата за осигурување зголемена или намалена за претходниот доплаток или попуст.
Во договорот за осигурување задолжително се наведуваат сите пресметани доплатоци или попусти.
Други одредби за примена на Тарифата
Член 14
За утврдување на основните податоци за возилото (вид, марка, тип, изведба, намена, запремнина на моторот, број на места, носивост и др.) меродавна е сообраќајната дозвола, односно потврдата за регистрација.
Ако за возилото кое се осигурува се уште не е издадена сообраќајна дозвола, односно потврда за регистрација тогаш меродавни се податоците од производителот на возилото или друг меродавен доказ.
Ако сообраќајната дозвола или другите документи дозволуваат повеќекратна можност за користење на возилото, се применува најголемата премија.
За возилата кои во текот на едногодишниот период на осигурување поради својата намена се употребуваат само кусо време (пр. комбајни, возила за чистење снег, моторни санки и сл.) годишната премија, прикажана во оваа Тарифа е неделива т.е. не може да се договори осигурување со основна премија помала од премијата за една година.
Ако возилото се одјави кај надлежен орган, осигурувањето се прекинува и се враќа неискористениот дел од премијата (про рата темпорис), ако во тој период не е пријавена штета.
Во случај на промена на намената на возилото во текот на траењето на осигурувањето се пресметува разлика помеѓу премијата за новата намена на возилото и порано пресметаната премија (про рата темпорис).
За случаите кои не се предвидени со оваа тарифа, премијата ја утврдува Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност.
Националното Биро за осигурување води регистар на штети и ги ажурира податоците од Централната евиденција на штети.
VIII. ПОСЕБНИ ВИДОВИ ОСИГУРУВАЊА
Општи одредби
Член 15
Покрај основниот вид на осигурување од автомобилска одговорност можат да се договорат и посебни видови осигурувања и тоа:
а) осигурување на возила за време на пробни возења и престој во складишта;
б) осигурување на возила за време на доопремување на сопствени оски (пер акс);
ц) осигурување на моторни возила со пробни таблици;
д) осигурување на возила за време на мобилизација од страна на властите и за време на разни самозаштитни акции
На посебните видови осигурувања не се применуваат одредбите за примена на табелата за пресметка на премијата за краткорочно осигурување и за начинот на пресметка про рата темпорис за бонус и малус и за приширување на обемот на покритие по оваа тарифа.
Осигурување на возила за време на пробни возења и возења и престој во складишта
Член 16
За осигурување на нови и половни возила во трговските организации, за време на пробни возења заради предавање и возење во складишта и за време на престој во складиштата од автоодгорорност, премијата за секое возило изнесува 2% од годишната премија за соодветното возило.
При склучување на договор за осигурување од претходниот став премијата се одредува според бројот на возилата од планот на набавка и продавање на моторни возила. Висината на премијата се одредува според постигнатата просечна премија за едно возило во минатата година, според просечната премија за возилото според планот на производството, односно набавката и продажбата ќе преовладува. Конечната пресметка на премијата се врши по истекот на тековната година на траење на осигурувањето на основа на вистински протизведените, односно набавени и продадени возила.
Договор за осигурување може да се склучи само за сите возила на пробни возења или во складишта.
Осигурување на возила за време на доставување на сопствени оски
Член 17
За осигурување на нови моторни возила за време на нивно доставување на сопствени оски во континуитет од местото на набавка, од граничен премин на РМ и сл. до складиште на трговски организации или од складиште до складиште, или од складиште до местото на живеење на купувачот од автоодговорност премијата за секое возило за одделна релација (растојание помеѓу две места) изнесува:
(а) 1% од годишната премија на соодвеното возило ако доставувањето се врши во истото место во кое возилото е ускладиштено;
(б) 2% од годишната премија за соодветното возило, ако доставувањето се врши на релација вон местото на ускладиштување на возилото.
Осигурување на моторни возила со пробни таблици
Член 18
За поединечното осигурување на моторни возила со пробни таблици од автоодговорност. премијата изнесува:
(а) за траење на осигурувањето до 5 дена
– патнички автомобили. 2 % од годишната премија;
– влечни возила. моторцикли. приколки. 1% од годишната премија;
– останати видови возила. 5.0 % од годишната премија.
(б) за секој понатамошен ден на траење на осигурувањето премијата се зголемува за 5 % од премијата од точка а) погоре.
IX. МЕЃУНАРОДНА КАРТА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Одредби за зелена карта
Член 19
За патување на осигуреници на моторни возила во земјите членки на системот на меѓународната зелена карта, кои регистарската таблица не е доказ за постоење на осигурување од автоодговорност, се издава меѓународна зелена карта како доказ за постоење на тоа осигурување.
Оваа карта се издава исклучиво за возила со македонски регистарски таблици.
За издавање на зелена карта се наплатува премија со посебна одлука која ја носи Националното Биро за осигурување.
Примена на Тарифата
Член 20
Оваа тарифа ќе се применува со денот на влегување во сила на Одлуката за утврдување минимална и максимална стапка на техничка премија на Владата на Република Македонија.
Составен дел на оспорената тарифа се и табелите на премии на осигурување од автомобилска одговорност по тарифни групи утврдени во членот 1 од Тарифата.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во јуни 2006 година донела и Упатство за примена на Тарифата на премии на осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани од трети лица.
Врз основа на членот 46 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр 88/2005), Владата на Република Македонија, на предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на седницата одржана на 7.6 2006 година, донела ОДЛУКА за утврдување на минималната и максималната стапка на техничката премија за осигурување од автомобилска одговорност за 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2006).
Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност за 2006 година.
Минималната стапка на техничка премија изнесува 5350 денари.
Максималната стапка на техничката премија изнесува 5600 денари.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека минималната односно максималната стапка на техничка премија се однесува на основниот премиски степен 10 ( премија без бонус и малус) од Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од автомобилска одговорност за штети предизвикани на трети лица.
Според член 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Владата на Република Македонија, врз основа на член 46 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2005, 70/2006, и 81/2008 ) на 9.09.2008 година,донела ОДЛУКА за утврдување на минималната и максималната стапка на техничката премија за осигурување од автомобилска одговорност за 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2008).
Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност за 2008 година.
Минималната стапка на техничка премија изнесува 3.745 денари.
Максималната стапка на техничката премија изнесува 3.920 денари.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека минималната односно максималната стапка на техничка премија се однесува на основниот премиски степен 10 (премија без бонус и малус) од Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од автомобилска одговорност за штети предизвикани на трети лица.
Според член 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Судот исто така утврди дека на 14 јули 2017 година, КОМИСИЈА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ОД АВТОМОБИЛСКА ОДГОВОРНОСТ, а врз основа на член 45 став (1) од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/05, 70/06, 81/08, 47/11, 135/11, 112/14 и 145/15), донела
Т А Р И Ф А
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ТАРИФАТА НА ПРЕМИИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА
ОД ОДГОВОРНОСТ ЗА ШТЕТИ ПРЕДИЗВИКАНИ НА ТРЕТИ ЛИЦА
Член 1
Во Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица, во членот 1 во став (1) по зборот „моторни“ се додаваат зборовите: „и приклучни“.
Во ставот (2) по зборот „моторните“ се додаваат зборовите: „и приклучните“.
Член 2
Во членот 3 во став (1) зборовите: „бруто премија“ се заменуваат со зборовите: „осигуреникот, e бруто премија која“.
Во ставот (4) зборовите: „бр. 19-2573/1 од 7.6.2006 година“ се заменуваат со зборовите: „објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2008 на 12.09.2008 година,“.
Член 3
Во членот 6 во став (1) зборот „Возилата“ се заменува со зборовите: „Домашни моторни возила се и возилата“.
Во ставот (1) во алинеја 2 сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка, а на крај од алинеја 3 се додава точка и запирка и сврзникот „и“.
Во ставот (1) по алинејата 3 се додава нова алинеја 4 која гласи: „други возила со посебна регистрација, се сметаат за домашни моторни возила“. На крајот од став (1) зборовите: „и други возила со посебна регистрација, се сметаат за домашни моторни возила“ се бришат.
Член 4
Во членот 7 во став (1) зборот „моторните“ се заменува со зборовите: „моторни и приклучни“, а зборовите: „опфатени со глава X на“ се заменуваат со зборовите: „предвидени со“.
Во ставот (2) по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“.
Во ставот (3) во првата реченица по зборовите: „Договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“, а во втората реченица по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“
Во ставот (5) по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“, а зборот „степени“ се заменува со зборот „степен“. По првата реченица се додава нова реченица која гласи: „Во случај на повеќе пријавени штети во рамки на еден штетен настан (сообраќајна незгода), истите се сметаат како една пријавена штета“.
Во ставот (7) по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“.
По ставот (7) се додава нов став (8) кој гласи:
„Правото на користење бонус или обврската за плаќање малус припаѓа на осигуреникот (сопственикот) на моторното или приклучното возило. Во случај кога за моторното или приклучното возило е склучен посебен договор за користење (лизинг), правото на користење бонус или обврската за плаќање малус припаѓа на корисникот на моторното или приклучното возило. Правото на користење бонус или обврската за плаќање малус се однесува и на корисници кои имаат склучено договори за користење (лизинг) на шест или повеќе возила.
Член 5
Во член 8 став (1) се менува и гласи: „На договорувачот на осигурувањето – осигуреникот кој во континуитет имал склучено осигурување за шест или повеќе моторни возила и кај кого меродавниот технички резултат во изминатите три години на осигурување изнесува помалку од 80%, за следниот период на осигурување му се одобрува попуст (бонус) на премијата во висина од една половина од разликата меѓу 80% и процентот на остварен меродавен технички резултат, согласно предвидена формула.
П – Премија за следниот период на осигурување,
ОП – Основна премија, и
МТР – Меродавен технички резултат (во %).“
Ставот (3) се менува и гласи:
„На договорувачот на осигурувањето – осигуреникот кој имал склучено осигурување за шест или повеќе моторни возила и кај кого меродавниот технички резултат во изминатата година на осигурување изнесува повеќе од 120%, за следниот период на осигурување му се пресметува доплаток (малус) на премијата во висина од една половина од разликата меѓу процентот на остварен меродавен технички резултат и 120%, при што доплатокот не може да изнесува повеќе од 100% од основната премија, согласно предвидена формула.
П – Премија за следниот период на осигурување,
ОП – Основна премија, и
МТР – Меродавен технички резултат (во %).“
Во ставот (4) по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“.
Во ставот (8) алинеја 1 се менува и гласи: „На возилата што договорувачот на осигурување – осигуреникот, ги набавил во тековната година на осигурување не се пренесува бонусот или малусот, се до наредната година на осигурување кога и на тие возила ќе започне да се пресметува бонусот или малусот како за останатите возила од флотата.“
Во алинеја 2 зборот „која“ се заменува со зборовите: „- осигуреникот, кој“, а зборовите: „на повеќе од 5 возила“ се заменуваат со зборовите: „за шест или повеќе возила“.
Во алинеја 3 зборовите: „договарувачот на осигурувањето“ се заменуваат со зборовите: „договорувачот на осигурувањето – осигуреникот“.
Член 6
Се додава нов член 8-а кој гласи:
„Меродавниот технички резултат се пресметува според формула каде:
МТР – Меродавен технички резултат (во %),
ЛШ – Износ на ликвидирани штети во пресметковниот период,
РКПП – Резерва за пријавени штети на крајот од пресметковниот период,
РППП – Резерва за пријавени штети на почетокот од пресметковниот период, и
ПТП – Полисирана техничка премија за сите возила од флотата во пресметковниот период.“
Член 7
Во насловот на делот V зборовите: „ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО“ се заменуват со зборот „ОСИГУРЕНИКОТ“.
Член 8
Во насловот на членот 9 зборот „договорувачот“ се заменува со зборот „осигуреникот“
Во членот 9 зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се заменуваат со зборот „осигуреникот“.
Во табелата зборот „договорувачот“ се заменува со зборот „осигуреникот“
Член 9
Во делот VII. ВИСИНА НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ, во член 12 став (2) по зборовите: „договорувачот на осигурувањето“ се додава зборот „- осигуреникот“.
Член 10
Членот 12 Пресметување на доплатоци и попусти станува член 12-а.
Член 11
Во членот 18 став (3) зборовите: „Националното Биро за осигурување“ се заменуваат со зборовите: „Владата на Република Македонија“.
Член 12
Оваа тарифа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок тоа го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Во согласност со член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт (став 1). Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 2).
Според член 91 од Уставот и Амандманот XXIV со кој се заменува алинејата 12 на членот 91 од Уставот, Владата на Република Македонија:
– ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
– предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
– предлага просторен план на Републиката;
– предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
– донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
– утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
– дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
– одлучува за признавање на држави и влади;
– воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
– донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
– предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
– предлага Јавен обвинител на Република Македонија по претходно мислење од Советот на јавни обвинители;
– врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и врши други работи утврдени со Уставот и со закон.
Според член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
Согласно член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој може да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.
6. Според член 1 од Законот за задолжително осигурувањево сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2005, 70/2006, 81/2008, 47/2011, 135/2011, 112/2014 и 145/2015), со овој закон се уредува задолжителното осигурување на: а) патници во јавен превоз од последици на несреќен случај – незгода; б) сопственици, односно корисници на моторни и приклучни возила; в) сопственици, односно корисници на воздухоплови и г) сопственици, односно корисници на бродови, односно чамци на моторен погон, од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот и други прашања од значење за задолжителното осигурување во сообраќајот.
Во членот 3 поднасловот „Договор за задолжително осигурување“ од Законот е предвидено дека:
(1) Сопствениците на превозни средства се должни пред да го пуштат превозното средство во сообраќај да склучат договор за задолжително осигурување со друштво за осигурување кое има дозвола за вршење на работи на задолжително осигурување.
(2) Регистрација на превозно средство, продолжување на регистрација, издавање на пробни таблички, како и издавање на налепница, може да се изврши откако на органот надлежен за регистрација ќе му биде поднесен доказ за склучен договор за задолжително осигурување најмалку за периодот на важност на регистрацијата.
(3) Со договорот за задолжително осигурување е опфатена и одговорноста на сите лица кои со согласност на сопственикот управуваат со превозното средство.
(4) Друштвото за осигурување, кое врши работи на задолжително осигурување, е должно да го склучи договорот за задолжително осигурување согласно со одредбите на овој закон, Условите за осигурување и Тарифите на премии.
Според член 9 од Законот,за се она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи и Законот за супервизија на осигурување.
Според член 14 од Законот поднасловот „Склучување на договор за осигурување од автомобилска одговорност, сопственикот, односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.
Во главата VII. Комисија за осигурување од автомобилска одговорност, односно во членовите 44,45,и 46 од Законот е предвидено:
Формирање на Комисија за осигурување од автомобилска одговорност
Член 44
(1) Владата на Република Македонија формира Комисија за осигурување од автомобилска одговорност (во натамошниот текст: Комисија).
(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е составена од три члена и претседател. Претседателот и еден член на Комисијата се именуваат на предлог на Министерството за финансии, еден член се именува на предлог на Агенцијата за супервизија на осигурување и еден член се именува на предлог на Националното биро за осигурување.
(3) Во случај на еднаков број гласови одлучувачки е гласот на претседателот.
Надлежности на Комисијата
Член 45
(1) Комисијата изготвува тарифа на премија за осигурување од автомобилска одговорност и предлага на Владата минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност. Тарифата по нејзино донесување се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
(2) Владата на Република Македонија, на предлог од Комисијата, донесува одлука за висината на дополнителната премија за издавање на меѓународни зелени карти.
(3) За целите на изготвување на тарифата на премија од автомобилска одговорност, изготвување на предлогот за висината на дополнителната премија за издавање на меѓународни зелени карти и утврдување на критериумите за надомест на штета, Комисијата може по потреба да ангажира актуари, правни и медицински експерти и други стручни лица.
(5) На барање на Комисијата, друштвата за осигурување и Националното биро за осигурување се должни да и достават осигурителни статистички податоци и други информации потребни за вршење на нејзините надлежности.
Утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија
Член 46
Владата на Република Македонија на предлог на Комисијата еднаш годишно ја утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност.
Од анализата на содржината на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица, произлегува дека со неа, а врз основа на законските овластувања на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност се уредуваат прашања кои се однесуваат на: осигурување на моторните и приклучните возила распоредени во тарифни групи, утврдено е значењето на оделни изрази кои се употребуваат во тарифата, премијата на осигурување, критериуми за утврдување на висината на премијата, времето за кое се однесува траењето на договорот за осигурување кое опфаќа премија, доплати и попусти, утврдување на бонус-малус систем во зависност од тоа дали со возилото е предизвикана штета, степени на бонус-малус, возраста на договарачот, обем на осигурителното покритие во земјата и во странство, висината на осигурителното покритие, пресметување на доплати и попусти, посебни видови на осигурувања, меѓународна карта на осигурување (зелена карта) и друго.
7. Имајќи ја предвид содржината на Тарифата од 2006 година, и нејзините измени од 2017 година, според наше мислење неспорно произлегува дека со неа се пропишуваат обврски за имателите на моторни и приклучни возила истите да ги осигураат од одговорност за штета или т.н осигурување од автомобилска одговорност за штета предизвикана на трети лица, и истата е пропис, за кој пак важи одредбата од член 52 став 1 од Уставот, според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со оглед на фактот што Тарифата од 2006 не е објавена во службеното гласило на Републиката, со што би била запознаена јавноста со нејзината содржина и би биле создадени услови за нејзина примена, фактот што нејзините измени и дополнувања во 2017 година се објавени, според наше мислење не значат дека објавените измени на Тарифата направени во 2017 година можат да егзистираат самостојно без основната Тарифа, затоа што измените се составен дел на целината на Тарифата, од кои причини основано може да се постави прашањето за согласноста на основната Тарифа и нејзините измени и дополнувања, кои преставуваат една целина, со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.
8. Во однос на наводите од иницијативата со кои подносителот предлага до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените тарифи, Судот смета дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
9. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во дадениот момент не е можно ниту пак е целисходно да се впуштиме во анализа на посебно оспорените одредби од Тарифата, од причина што без да бидат објавени, тие во суштина не се во правниот поредок и не може да бидат предмет на оценка пред Уставниот суд.
10. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.156/2017
11.06.2018 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски