У.бр.116/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, членовите 55, 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) по одржана јавна расправа на 3 мај 2018 година, на седницата одржана на 27 јуни 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека на лицата Гоце Марковски и Гораст Муратовски, двајцата од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Гоце Марковски и Гораст Муратовски, двајцата од Скопје, застапувани од полномошникот Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

Според наводите во барањето на ден 29.07.2017 година подносителите на барањето, кои биле членови на политичката партија „Левица“, заедно со уште две лица организирале мирен протест за време на презентација на воената опрема на САД и АРМ. За време на настанот сакале да испратат порака со приложување на транспарент напишан на платно „Против војната за профити“. Целта на членовите на политичката партија биле да покажат дека се против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со демонстрација на моќ во Македонија. Тие сметале дека со нивната парола испишана на платно, ќе испратат порака за, како што тие наведуваат: „Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образование и на добро здравство“.

Тројца од лицата биле активни членови на политичката партија „Левица“, додека еден од нив бил граѓански активист и новинар во невладината организација „Цивил“. Тие се движеле низ плоштадот “Македонија” кон Триумфалната порта, каде биле пресретнати од страна на полициските службеници при Министерството за внатрешни работи надлежни да го набљудуваат настанот на кој се презентирала воената опрема на САД.

Полициските службеници ги опоменале да заминат со транспарентот од плоштадот “Македонија”, по што лицата продолжиле кон Градскиот трговски центар- Скопје и се искачиле на вториот кат каде се обидувале да го истакнат транспарентот со пораката. Во тој момент од страна на полициски службеници, биле лишени од слобода со ставање на лисици на нивните раце. Во таа состојба биле држени околу 15 минути, по што во координација со свои претпоставени полициските службеници им ги извадиле лисиците од раце и биле легитимирани.

Нивното лишување од слобода, според наводите во барањето било пречка за поставување на нивниот транспарент и пренесување на нивната порака до јавноста.

Настанот бил пријавен во Секторот за внатрешна контрола, криминалистика, истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител на Република Македонија.

Со допис од 03.08.2017 година бр.14.3.2.1162/15 и 14.3.2.1162/16 Секторот за внатрешна контрола ги известил подносителите дека по извршената контрола утврдиле дека претставките биле основани. Истовремено, со известието подносителите биле информирани дека против полициските службеници биле преземени дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и известено било и Основното јавно обвинителство.

Понатаму, во барањето се наведува дека постапувањето на полициските службеници надвор од нивните законски овластувања е попречувањето на уставно загарантираната слобода на јавно изразување на мислата (член 16 од Уставот), како и спротивно на член 54 став 4 од Уставот, каде се наведува дека слободата на јавно изразување на мислата не може да биде ограничена, како што е во конкретниот случај.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека и Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права, во членот 10 ја гарантира слободата на изразување и правото на пренесување на информации и идеи без мешање на јавната власт. За Европскиот суд за човекови права, слободата на изразување претставува еден од основните принципи на едно демократско општество и еден од основните услови за нејзин напредок и за самостојно исполнување на секој поединец. Слободата на изразување не се однесува само за „информации“ или „идеи“ кои се позитивно примени и се сметаат за ненавредливи, туку и за оние кои навредуваат, шокираат или вознемируват. Оваа слобода може да биде предмет на исклучоци наведени во членот 10 став 2 од Европската конвенција, кои мора да се толкуваат строго, а ограничувањето мора да биде убедливо. Неопходноста треба да се сфати како „неопходна социјална потреба“, па државата да има одредена маргина на проценка дали оваа потреба постои.

Доктрината на „маргината на проценка“ му овозможува на Европскиот суд за човекови права да даде одреден простор на националните власти за автономно толкување на Конвенцијата, без притоа да бидат загрозени клучните цели и принципи на конвенциското право.

Во барањето се цитираат ставови на Европскиот суд за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата (случаи Acik and others V Turkey) каде Судот утврдил повреда на членот 10 од Конвенцијата бидејќи ограничувањето на слободата на изразување не било „неизбежно во едно демократско општество“. Како и случајот Karacsong and others V Hungary, каде Судот исто така утврдил повреда на слободата на изразување, а при тоа посебно испитувајќи: а) дали постоело ограничување на слободата на изразување; б) дали ограничувањето било во согласност со закон; в) дали ограничувањето имало легитимна цел и г) дали истото било неопходно во едно демократско општество.

Имајќи ги предвид наведените причини, подносителите на барањето сметаат дека Уставниот суд има доволно причини за утврдување повреда на принципите на забрана на дискриминација врз основа на политичка припадност и повреда на правата на слобода на јавно изразување на мислата.

Истовремено, се предлага Судот во смисла на деловничката одредба на членот 55 да одржи јавна расправа.

4. Судот на јавната расправа и на седницата, а од извршениот увид во доставените и прибавените докази утврди дека на ден 29.07.2017 година, г-дин Марковски и г-дин Муратовски, двајцата членови на политичката партија „Левица“, заедно со уште две лица, организирале мирен протест за време на презентација на воената опрема на САД и АРМ. За време на настанот сакале да испратат порака, со прикажување на транспарент испишан на платно „Против војната за профити“. Целта на членовите на политичката партија, била да покажат дека се против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со демонстрација на моќ во Македонија. Тие сметале декак со нивната парола испишана на платно, ќе испратат порака за како што тие наведуваат: „Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образоание и на добро здравство“.

Тројца од лицата, се активни членови на политичката партија „Левица“, додека еден од нив е граѓански активист и новинар во невладината организација „Цивил“. Тие се движеле низ плоштадот “Македонија” кон Триумфалната порта, каде биле пресретнати од страна на полициски службеници при Министерството за внатрешни работи, надлежни да го набљудуваат настанот на кој се презентирала воената опрема на САД.

Полициските службеници, ги опоменале да заминат со транспарентот од Плоштадот Македонија, по што лицата продолжиле кон Градскиот трговски центар. Истите биле на вториот спрат на Градскиот трговски центар, каде се обидувале да го истакнат транспарентот со пораката. Во тој момент од страна на полициски службеници, биле лишени од слобода со ставање на лисици на нивните раце. Во таа состојба биле држени околу 15 инути, по што во координација со свои претпоставени полициските службеници им ги извадиле лисиците од раце и биле легитимирани. Нивното лишување од слобода е пречка за поставување на нивниот транспарент и пренесување на нивната порака со јавноста.

Настанот е пријавен во Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител на Република Македонија.

Со допис од 03.08.2017 година, број 14.3.2.1162/15 и 14.3.2.1162/16, Секторот за внатрешна контрола ги известува подносителите, дека по извршените контроли, утврдиле дека претставките се основани. Со известието, се информираат подносителите дека против полициските службеници се преземени дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и известено е Основното јавно обвинителство-Скопје.

Народниот правобранител, со Известување НП.бр.2171/17, не информира дека постапката е во тек, за што ќе бидеме дополнително информирани.

Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди изврши проверки на наводите изнесени во претставките поднесени од лицата Гораст Муратовски и Гоце Марковски, за непрофесионално постапување на полициските службеници од СВР Скопје.

Од извршените проверки Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврдил дека полициските службеници при примена на средствата за присилба „зафат и полуга“ и средства за врзување „лисици“ ги пречекориле службените овластувања.

Постапувањето на полициските службеници било спротивно на одредбите на членовите 83 и 85 од Законот за полиција, спротивно на член 38 од Кодексот на полициска етика, што претставува потешко кршење на работниот ред и дисциплина утврден во член 208 став 1 точка 10 и точка 11 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изрекол задолжителна мерка овластениот предлагач да поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност пред надлежната комисија против четворица полициски службеници.

Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за преземените мерки и констатираната состојба доставил известување до ОЈО Скопје, заради запознавање и преземање на мерки од нивна надлежност.

Врз основа на наведеното Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР со бр.14.3.2-1162 од 1.08.2017 година донел Извештај, во кој децидно се наведува следното:

“ПРЕДМЕТ: Извршени проверки по претставки од лицата Гораст Муратовски од Скопје, Вулнет Махмути од с.Ласкарци Скопје и Гоце Марковски од Скопје, против полициски службеници вработени во СВР Скопје.

До Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди поднесени се претставки заведени со рег.бр.14.3.2-1162/1, рег.бр.14.3.2.-1162/2 од 31.07.2017 година и рег.бр.14.3.2-1162/3 од 01.08.2017 година, од страна на лицата Вулнет Махмути, Гораст Муратовски и Гоце Марковски. При што реагираат на непрофесионално постапување на полициските службеници вработени во СВР Скопје.

Во претставката г-дин Махмути наведува дека на ден 29.07.2017 година околу 19.00 часот случајно поминувал низ Плоштад „Македонија“ и видел дека се одржува протест, како граѓански новинар извадил мобилен телефон за да го сними настанот. Потоа се движел на први кат низ ГТЦ- Скопје каде што две лица го извадиле транспарентот и еден од полицајците го фатил за десната рака, еден од демонстрантите и му ставил лисици. Во следниот момент дојде еден полицаец и почнал да му става лисици за врзување и покрај тоа што му рекол дека не е дел од демонстрантите и дека случајно поминал, снимал бидејќи бил граѓански новинар, но тој му рекол дека немал право да коментира бидејќи снимал со телефон. После тоа го однеле на приземјето на Градски трговски центар- Скопје. Кога го симнале на приземјето го потпреле на ѕидот од Градски трговски центар – Скопје и во тој момент таму имало врзано и други лица. За двајца од нив во рокот од 10 минути им ги извадиле лисиците, а за него и за Гораст не можеле да најдат клуч за лисиците и ги држеле уште 10 минти по што ги ослободиле. Откога го одврзале му побарале лична карта по што тој им дал и еден од полицајците ги запиша неговите генералии на обично ливче. Еден од полицајците за 10 минути после сево ова ни рече дека сме предупредени по што не ослободија.

Во претставката г-дин Гораст наведува дека на ден 29.07.2017 година околу 19.00 часот учествувал на антивоен протест на првиот кат на Градски трговски центар- Скопје. Тој и уште едно лице го држеле транспарентот, двајцата биле културни, без никаква галама по одредено време се качиле неколку полициските службеници. Еден од нив тргнал насилно кон него, му ја фатиле десната рака, го повлекол и му ја ставиле раката позади. Истиот полицаец му ставил лисици и го симнал на приземјето од Градски трговски центар- Скопје. Кога го симнале на приземјето го потпреле на ѕидот од Градски трговски центар- Скопје и во тој момент донеле уште три лица врзани со лисици. За двајца од нив во рокот од 10 миниути им ги извадиле лисиците, а за него и за Вулнет Махмути не можеле да најдат клуч за лисиците и ги држеле уште 10 минути по што ги ослободиле. Откога ги одврзале им побарале лични карти по што тој им дал и еден од полицајците ги запиша неговите генералии на обично ливче. Еден од полицајците за 10 минити после сево ова им рекол дека се предупредени по што ги ослободиле. Гораст потенцираше дека полицаецот што му ги ставил лисиците му рекол дека бил „лишен од слобода“.

Во претставката г-дин Гоце Марковски наведува дека стоел во непосредна близина на лицата кои го држеле транспарентот и биле културни, без никаква галама или скандирање, со единствена цел пораката која била напишана на транспарентот да се испрати до граѓаните кои биле присутни на презентацијата на воената опрема. По одредено време се качиле неколку полициските службеници. Еден од нив тргна насилно кон Гоце, му ја фатил десната рака, го стиснал силно и го симнал на приземјето од Градски трговски центар- Скопје без да биде врзан со лисици. Кога го симнале на приземјето го потпреле на ѕидот од Градски трговски центар – Скопје без да биде врзан со лисици. Кога го симнале на приземјето го потпреле на ѕидот од Градски трговски центари во тој момент донеле уште три лица врзани со лисици. По околу 10 минути му побарале лична карта по што тој им дал и еден од полицајците ги запишал неговите генералии на обично ливче. Еден од полицајците после сево ова му рекол дека сте предупредени по што на другите три лица им ги одврзаа лисиците и ги ослободија.

Заради проверка на наводите изнесени во претставките, ОВККИПС оствари увид во службените материјали во врска со настанот, изготвени од полициски службеници вработени во СВР Скопје и изврши службен разговор со УПС Зоран Јовевски (главен инспектор во СВР Скопје), УПС Здравко Анчевски (самостоен инспектор во ЕЈРМ); УПС Ведат Сељман (полицаец во ОТПДВП); УПС Ивица Петрушевски (полицаец во ОТПДВП), УПС Сашо Стоилковски (полицаец во ЕЈРМ); УПС Даниел Окановиќ (пом.командир на ПС ОН Центар) и УПС Зоран Абаз (полицаец во ЕЈРМ); при што е констатирано следното:

Од страна на СВР Скопје ПС ОН Центар е изготвен оперативен план СД.бр.28.7.1.8.2433 од 27.07.2017 година за физичко обезбедување на настан на „Порта Македонија“ кој бил најавен за 29.07.2017 година со почеток во 18.00 часот, а по повод воена вежба „Dragon Guardian 17“ и обезбедување на ненајавен протест од политичка партија „Левица“. Согласно наведениот план биле предвидени 45 УПС од СВР Скопје како и еден вод полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции. За одговорен за целокупното обезбедување бил назначен гл.инс. ОКНПСОНРС – СВР Скопје Зоран Јовевски, а негов помошник бил пом.ком. на ПС ОН Центар Даниел Окановиќ. Околу 18.00 часот на паркингот на ЕВН бил одржан состанок на одговорниот и помошник одговорниот со полициските службеници кои биле ангажираи согласно планот и на истите им биле дадени конкретни задачи за постапување. Околу 18.40 часот пред ресторанот „Пелистер“ се собрала група од околу 15 граѓани кои истакнале југословенско знаме. Бидејќи истите сакале да стигнат до местото на кое се одвивала презентацијата на возилата, од страна на одговорниот Јовевски била издадена наредба да се направи кордон со цел да не им се дозволи движење кон порта “Македонија”. Околку 19.00 часот лицата почнале да се растураат на помали групи и да се упатуваат во повеќе правци, по што од одговорниот била дадена наредба да се следи движењето на граѓаните до нивно конечно растурање. Околу 19.05 часот Зоран Јовевски бил информиран дека една група од четири лица се наоѓа на првиот кaт на Градски трговски центар- Скопје и имале истакнато транспарент, при што од негова страна била дадена наредба да се изврши проверка на идентитет на лицата и да се утврди содржината на транспарентот. Од обавениот разговор со УПС кои ја следеле групата која се качила на првиот спрат на ГТЦ, беше појаснето дека групата имала истакнато транспарент со содржина „Против војните за профит“. Од страна на УПС на лицата им било кажано да го тргнат транспарентот и да се оддалечат од местото, но истите одбиле да го сторат тоа. Од таа причина УПС Ивица Петрушевски од (ОТПДВП) применил средство за присилба-физичка сила „зафат на десната рака“ врз лицето Гоце Марковски, а УПС Ведат Сељман (од ОТПДВП) применил средства за присилба физичка сила „зафат и полуга на левата рака“, како и средства за врзување „лисици“ врз лицето Вулнет Махмути.

УПС Јованчо Јаневски и УПС Зоран Манчев (двајцата од ЕЈРМ) примениле средства за присилба-физичка сила „зафат и полуга“, како и средства за врзување „лисици“ врз лицата Муратовски Гораст и Штерјов Никола кои го држеле транспарентот. По кратко време УПС лицата ги симнале на приземјето на ГТЦ и истите не се одведени во полициска станица, туку откако им бил утврден идентитетот, на лице место на истите им биле одврзани лисиците и биле пуштени да си одат.

Од страна на сите полициски службеници изготвени се службени белешки за појаснување во врска со случениот настан.

При увидот во видео материјалот кој е доставен во прилог на претставката може да се констатира дека УПС пристапуваат кон употребана средства за присилба- “полуга и зафат” на раката врз лицата кои го држат транспарентот, а подоцна врз истите лица применуваат и средства за врзување, иако лицата не даваат било каков отпор.

Од страна на горенаведените УПС кои примениле средства за присилба изготвени се извештаи за употреба на средства за присилба, а од страна на нивните непосредни старешини началникот на ЕЈРМ Мирослав Лазаров и началникот на ОТПДВП гл.инс. Славчо Јованов изготвени се извештаи за оценка на основаност, оправданост и правилност за употреба на средства за присилба, во кои што употребата на средствата за присилба е оценета како оправдана.

Во врска со преземените мерки константираната состојба од страна на ОВККИПС доставено е известување до ОЈО Скопје, заради запознавање и понатамошно постапување.

Врз основа на горенаведеното, ОВККИПС констатира дека полициските службеници: УПС Јованчо Јаневски, УПС Зоран Манчев и УПС Ведат Сељман неосновано примениле средства за присилба – физичка сила „зафат и полуга“, како и средства за врзување „лисици“, а УПС Ивица Петрушевски без основ применил средства за присилба-физичка сила „зафат и полуга“, иако лицата врз кои се применети средствата за присилба не давале никаков отпор ниту повод за примена на истите со што ги пречекориле службените овластувања.

Со ваквото дејствие полициските службеници постапиле спротивно на одредбите на членовите 83 и 85 од Законот за полиција како и член 38 од Кодексот на полициска етика, со што сториле потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина предвиден во член 208 став 1 точки 10 и 11 од Колективниот договор на МВР на РМ.

ОВККИПС согласно член 20 став 2 точка 6 и 7 од Правилникот за вршење на работата на СВКПС, наложува:

ЗАДОЛЖИТЕЛНИ МЕРКИ

– Согласно член 225 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.69 од 30.04.2015 година), а поради повреда на член 208 став 1 точка 10 и точка 11 од Колективниот договор на МВР раководителот на Организационата единица каде што работниците Јованчо Јаневски, Зоран Манчев, Ведат Сељман и Ивица Петрушевки се вработени, да поднесе предлог за утврдување на одоговорност за кршење на работниот ред идисциплина до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.”

5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 16 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институциите за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Согласно членот 21 од Уставот граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Во членот 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2010, 44/2014 и 150/2015), се предвидува дека со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификување меѓународни договори.

Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразување. Ова право ги опфаќа, вклучува слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество, претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштита од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувувањето на авторитетот и непристрасноста на судството.

Според член 14 од Конвенцијата, уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло раѓање или кој и да е друг статус.

Во врска со преземените дејствија од страна на припадниците на полицијата, релевантни се следниве одредби од Законот за полицијата.

Во член 1 од Законот, се предвидува дека со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Според член 2 од Законот за полиција, полицијата е дел од Министерството со кој се вршат полициските работи преку полициски службеници. Полициски службеник е овластено службено лице согласно со одредбите од Законот за внатрешни работи, униформиран и неуниформиран припадник на полицијата со полициски овластувања, кој ги врши полициските работи во согласност со закон.

Во членот 5 од истиот закон децидно се наведува дека полициските работи, во смисла на овој закон, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на:

– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните,
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори,
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определенимерки за гонење на сторителите на тие дела,
– одржување на јавниот ред и мир,
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата,
– контрола на движење и престој на странци,
– обезбедување на државната граница и контрола на преминување на државната граница,
– укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба,
– обезбедување на определени личности и објекти и
– други работи утврдени со закон.

Слободата на изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо врзано со човековата личност и е предуслов за остварување на многу други слободи и права. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Маккедонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Незамисливо е добро функционирање на демократските процеси без правото на слобода на изразување. Толеранцијата на искажаноста и на индивидуалните мислења е важен елемент за прогресот на демократијата. Токму од тие причини, правото на слободата на изразување има централно место меѓу правата и слободите гарантирани со Европската конвенција за човековите права.

Слободата на изразување практикувана од избрани политичари има „привилегиран статус“ со цел да се зајакне слободата на политичкото изразување.

Во конкретниов случај, исто така од суштинско значење е и начинот на собирањето и здружувањето на подносителите на барањето, односно дали истото е во духот на членот 11 од Конвенцијата. Имено, правото на слободно собирање е основно право во едно демократско општество и едно од темелите на таквото општество.

Слободата на собирање предвидено во членот 11 штити протест кој може да ги вознемири или навреди лицата кои се спротивставуваат на идеите или ставовите кои таквиот протест настојува да ги промовира. Било каква мерка со која се задира во слободата на собирањето, која не претставува повик на насилство или отфрлање на демократските принципи прават контрауслуга на демократијата и дури истата ја доведуваат во опасност.

Во рамките на правото на слободно собирање не спаѓа состојбата кога учесниците имат насилни мерки или пак, тие на друг начин ги негираат фундаментите на демократското општество.Само во овие случаеви се предвидени мерки кои се преземаат за време и после собирот, меѓу кои, е и апсење на учесниците. Дури и во услови кога постои отсуство на претходно одобрение на спонтан собир не може никогаш да претставува легитимен основ за растурање на протестантите и истото претставува непропорционално ограничување на слободата на мирно собирање и изразување на мислата.

Во случај на немање, односно неможност на утврдување докази дека групата во која присуствувале и подносителите на барањето претставувала опасност за јавниот ред, од суштинско значење е прашањето дали кај припадниците на полицијата постоело отсуство на трпение во намерата да се стави крај на протестот и воопшто дали таквата мерка која ја презеле припадниците на полицијата со ставање лисици на рацете и нивно лишување од слобода била пропорционална. Имено, природата и тежината на мерката, односно казната се фактори кои требало полицијата да ги земе во предвид при утврдувањето на пропорционалноста на интерференцата во однос на легитимната дел. Ова, од причина што, според Судот преземените дејствија против учесниците на мирен собир би биле од кривична природа, и во тој случај тие би налагале особено оправдување. Мирниот протест не треба во принцип да биде предмет на закана од кривична санкција, а уште помалку лишување од слобода, како што е во конкретниов случај.

Ограничувањето на слободата на изразување може да се оправда само со императивна неопходност и тоа наметнува постоење на итна општествена потреба, односно легитимна цел и неопходност во демократското општество.

Според Судот, дејствието на лишување од слобода на членовите на мирниот протест, односно преземање на дејствие од страна на припадниците на полицијата „ставање лисици на рацете“, според фактите кои се изнесени во барањето, како и од извештајот на Министерството за внатрешни работи, а што се потврди и од доказите, односно исказите на присутните на јавната расправа, претставува повреда на правото на слободно изразување на мислата, бидејќи со наведеното дејствие преземено од припадниците на полицијата по однос на припадниците на групата од мировниот протест им било попречено носењето на транспарентите во кои била изразена нивната мисла.

Меѓутоа, во конкретниов случај, со сигурност се утврди дека има повреда на правото на изразување на мислата,а во смисла на утврдените факти, кои најдоа поткрепа и во писмената документација и исказ на претставникот на Министерството за внатрешни работи. Оттука, според Судот, од целокупната документација и изведени докази се утврди дека со преземените дејствија од страна на припадниците на полицијата на барателите им се негирале фундаменталните права на граѓаните во демократското општество, а од друга страна, пак, без притоа да има оправданост за преземањето на конкретните мерки од страна на припадниците на полицијата, односно без постоење на пропорционално ограничување на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Понатаму, при утврдување на правната и фактичката состојба на работите во предметот се утврди дека протестот на јавно место не можел да предизвика нарушување на (јавниот ред) вообичаениот живот, вклучително и на сообраќајот, како и тоа дека во случајов имало основ властите да покажат одреден степен на толеранција во однос на мирните собири. Вистинскиот „степен на толеранција“, не може да се утврди in apstracto, туку мора да се земат предвид конкретните околности на случајот и особено нивото на “нарушување на вообичаениот живот”. Оттука, јасно произлегува дека треба да постојат индиции дека протестантите ги нарушиле темелите на демократското општество, за да има „легитимна цел“ припадниците на полицијата да ги преземаат наведените дејствија, што во случајов јасно и недвосмислено се утврди дека кај учесниците на протестот не постоело незаконско постапување кое би предизвикало оправдано постапување на припадниците на полицијата и пропорционално ограничување на слободата на мирно собирање и истовремено правото на слобода на изразување на мислата.

Имено, правото на слобода на изразување им е гарантирана на граѓаните со меѓународни правни акти за човековите права како Универзалната декларација за човековите права. Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права, Европската конвенција за заштита на човековите права и други акти, кои се ратификувани од страна на Република Македонија, притоа гарантирајќи и регулирајќи заштита на правото на слобода на изразување. Со тоа нашата држава презеде обврска за почитување, гарантирање и заштита на човековите права и слободи на изразување, кое во исто време е инкорпорирано во членот 16 од Уставот на Република Македонија. Имајќи предвид дека правото на слобода на изразување е уставна категорија, ова право понатаму е уредено преку низа закони и други акти. Во таа насока нашата земја има развиено правна и институционална рамка која треба да овозможи реализирање на ова право и да го разграничи од сличните и блиски концепти како говорот на омраза и клеветата и навреда.

Понатаму, Судот оцени дека за да се утврди дали постои ограничување на слободата на изразување, кое е во согласност со ставот 2 на членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, треба да се применува таканаречениот трипартитен тест, кој произлегува од самата формулација на ставот 2 на членот 10 од Конвенцијата и истиот се состои во испитување дали ограничувањето на слободата на изразување е пропишана со закон, дали е насочено како остварување на легитимна цел и дали е „неопходно во едно демократско општество“.

Во конкретниов случај, не се исполнети условите од ставот 2 на членот 10 од Конвенцијата, односно исклучоците кога ова право на слобода на изразување може да биде ограничено. Имено, од прибавените писмени докази во фаза на претходна постапка, како и од исказите на странките дадени во текот на јавната расправа неспорно се утврди дека на подносилите на барањето им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што со чинот на ставање на лисици на апликантите од страна на полициските службеници е повредено правото на изразување на нивното мислење искажано на транспарентот, а со кои дејствија полициските службеници постапиле спротивно на членовите 5 и 83 од Законот за полиција, како и член 38 од Кодексот за полициска етика. Исто така, неспорно се утврди дека протестот на јавно место не предизвикал нарушување на јавниот ред, станува збор за мирен протест без нарушување на темелите на демократското општество, поради што и не постоела „легитимна цел“ припадниците на полицијата да ги преземат наведените дејствија, поради што Судот оцени дека во случајов постои повреда на член 16 од Уставот, како и на член 10 од Конвенцијата. Ова, дотолку повеќе што, постапувањето на апликантите, истовремено е во согласност и со членот 21 од Уставот со кој се утврдува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола, како што всушност е во случајов.

По однос на правото на мирен протест, Европскиот суд за човекови права има повеќе одлуки каде нашол повреда на член 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права, меѓу кои е и Ezelin v France, пресуда од 26 април 1991 година.

Од целокупниот доказен материјал несомнено се утврди дека со преземените дејствија на барателите не се негираат фундаментите на демократското општество поради што не постои оправданост за преземањето на конкретните мерки од страна на припаниците на полицијата, со што со сигурност се утврди дека со своето постапување припадниците на полицијата ја повредиле слободата на мислата и јавното изразување на мислата, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

6. По однос на повредата на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност од изведените докази, Судот утврди дека е сторена повреда и на правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.

Имено, членот 1 од Протокол 12 од Европската конвенција за заштита на човековите права каде е предвидена општата забрана на дискриминација, утврдува дека: 1. уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја на кожата, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус, 2. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1.

Членот 1 од Протокол 12 е донесен со цел да се зацврсти еднаквоста и да се обезбеди забрана против акти на нетолеранција и дискриминација по сите основи, како и за ситуации кога се работи за исполнување на дискрециони овластувања од страна на државните органи или при кој било акт или пропуст на службено лице, токму како што е случај во конкретнава ситуација.

Политичката припадност ја покрива поврзаноста со определена политичка опција или партија, при што вклучува и состојба кога станува збор за формална припадност (односно членство), но и другите видови на врски преку кои може да се покаже поврзаноста со некоја политичка партија или опција.

Дискриминацијата на оваа основа често се појаснува преку содржината на правото на слобода на изразување. Ова го потврдува и практиката на Европскиот суд за човекови права при решавањето на случаи за дискриминација на оваа основа, од која може да се заклучи дека Судот би го решавал предметот од членот 14 во врска со членот 10 од Конвенцијата. Опсегот на правото во слобода на изразување најдобро е отсликан во предметот Handy Side против Велика Британија. Случајот Casstela против Шпанија е случај за јавно критикување на политиката на Владата во врска со Баскија. Во него Судот утврдил дека кривичното гонење на пратеник за наводна навреда на Владата е сериозна закана за слободата на изразување, бидејќи мислењето на апликантот било искажано во политички контекст, каде што и лежи суштината на демократијата.

Во случајот Feldek против Словачка била утврдена повреда на членот 10 во случај на клевета за изразено политичко мислење во публикација. Имено, апликантот тврдел дека министер на Владата има фашистичко минато, Судот утврдил повреда поради тоа што со изнесените ставови, кои ги квалификува како вредносна проценка за кои не е потребно лицето да изнесе докази, лицето критикувало лице кое како министер се смета за јавна личност, со што и границите на прифатливите критики треба да се толкуваат пошироко.

Пред Европскиот суд за човекови права се поднесени серија на случаи кои се однесуваат на прекршување на правото на собирање и здружување, а во врска со политичка припадност на апликантите.

Членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, предвидува дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Република Македонија наведените права во Конвенцијата ги уреди во националното законодавство изразено преку Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според член 1 став 1 од истиот закон, со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија и закон и ратификувани меѓународни договори.

Во членот 3 од Законот се наведува дека се забранува секоја дирекна или индиректна дискриминација повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.

Согласно член 5 точка 4 од Законот, дискриминаторско однесување и постапување е секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основа за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација базирана на која било од дискриминаторските основи.

Од доказите изведени во текот на постапката, како и од исказите на сослушаните присутни апликанти, според Судот, неспорно произлегува дека во конкретниов случај има дискриминаторско однесување од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи од причини што на критичниот ден 29 јули 2017 година, на плоштадот “Македонија” бил најавен настан од страна на полицијата, Армијата на Република Македонија, како и претставници на НАТО, на кој биле истакнувани воени оружја и воени експонати. Оттука, логично произлегува дека и од страна на овие претставници на наведените институции се сакало да се испрати јавна порака до граѓаните дека е неопходно и соодветно Република Македонија да влезе во НАТО.

Од друга страна, на истиот настан, наспроти наведената група, присутна е друга група на лица кои имаат сосема различно политичко уверување и истите се припадници на политичката партија „Левица“, кои се со став против антимилитаризмот.

Меѓутоа, според Судот, од изведените докази се утврди дека двајцата подносители на барањето за заштита на слободи и права ги имале заштитените карактеристики, односно обележја со кои се потврдува дека истите се припадници на политичката партија „Левица“. Имено, за мирниот протест, за кој во смисла на член 21 од Уставот, немаат обврска за претходно пријавување и посебна дозвола, биле информирани припадниците на Министерството за внатрешни работи и токму само против нив биле насочени одредени активности и дејствија, односно им биле ставени лисици на рацете и биле лишени од слобода и со што им се повредени правата на уставните слободи и права и тоа слобода на изразување од членот 16 и правото на еднаквост на сите граѓани, забраната на дискриминација предвидени во членот 9 од Уставот, како и во членовите предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, а во врска со членот 10 од истата конвенција.

Имено, полицијата била свесна и знаела дека овие лица се припадници на политичката партија „Левица“ бидејќи истите ги носеле симболите на политичката партија „Левица“, групирани посебно, односно одделно од другите присутни на манифестацијата, што упатува на фактот дека во конкретниов случај постои дискриминаторско однесување на припадниците на полицијата исклучиво само спрема подносителите на апликацијата со кое се создава различен, нееднаков третман во споредба со другите лица кои биле присутни на јавниот настан, кое однесување се заснова на политичка припадност на подносителите на барањето.

Различниот третман како основа за дискриминација се состои во тоа што на едната група на лица присутни на настанот кои го поминуваат овој настан и кои го разгледуваат оружјето не се попречуваат во искажување на својата мисла и не се лишуваат од слобода, а од друга страна, е присуството на подносителите на барањето кои не го попречуваат правото на ниту еден граѓанин, без да манифестират насилство, а единствено што сакале е испраќање на порака со транспарент на кој има напис „против војните за профит“, што значи изразување на својата мисла и јавното изразување на мислата, што е уставна категорија.

Дискриминаторското постапување на припадниците на полицијата со нивното преземање на физичка сила, со ставени лисици на рацете и нивно лишување од слобода, всушност го декларира институтот дискриминација со сите нејзини заштитни карактеристики и доведување на подносителите на барањето во неповолна состојба, нееднаква состојба, односно различен третман од сите присутни на настанот, каде како компаратор во конкретната ситуација се оние кои што покажувале воена опрема и јавно ја искажувале својата мисла и не биле понеповолно и различно третирани, ниту некое од нивните граѓански права било ограничено, за разлика од случајот со апликантите.

Од утврдената правна и фактичка состојба, Судот утврди дека во конкретниот случај постои дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, јасен и ратификуван меѓународен договор, односно е сторена дискриминација по основ на политичка припадност на барателите во остварувањето на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, со што се повредува членот 9, 16 и 21 од Уставот на Република Македонија, член 3 и 6 од Законот заспречување и заштита од дискриминација, како и на член 14 в.в. со член 10 од Европската конвенција за човекови права.

Тргнувајќи од уставно и меѓународно загарантираното право за јавното изразување на мислата, како и забраната за дискриминација по основ на политичка припадност, Судот оцени дека во конкретниот случај јавната власт не водејќи сметка за членовите 10 и 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, на барателите им го повредиле правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата гарантирана со член 16 од Уставот на Република Македонија, како и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, со што е сторена повреда од членот 110 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите : Насер Ајдари,Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати. Одлуката во делот по однос на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност е донесена со мнозинство гласови.

У.бр.116/2017
27 јуни 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски