Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на делот: „Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот,“ и делот: „утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците,“ од член 2 став 2 од Законот за минимална плата („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017).
2. Левица-Политичка партија од Скопје, преку застапникот д-р Здравко Савески до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од член 2 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата како оспорени се означуваат делови од член 1 став 1 алинеја 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) но оваа, според својата структура нема алинеи. Оттаму, предмет на анализа пред Уставниот суд е член 2 став 2, во означените делови и тоа од целината на Законот.
Иницијативата започнува со барање за поништување или укинување на оспорените делови од законската одредба или алтернативно: „целосна/делумна“ касација на одредбата како директно спротивна со Уставот на Република Македонија.
Според наводите во иницијативата оспорените делови биле во спротивност со: член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 11 став 3 (погрешно означен како став 2), член 32, член 34, член 35 став 1, член 51, член 54 и член 58 став 1 од Уставот.
Имено, Уставот на Република Македонија разликувал две категории поврзани со проблематиката на вработувањето и работништвото и тоа: слобода на работа и право на работа. Од вака поставениот концепт било евидентно дека немало ни логички, ни правни причини законодавецот да го нормира учинокот, утврден како еден од нужните услови за земање на минималната плата, да го остави на понатамошна регулација на пониско ниво, односно во рацете на работодавецот. Тоа во пракса можело да доведе до сосема нееднаков третман на работниците кои по природа на нештата се наоѓале во една иста или правна положба.
Вака оставениот нејасен и недоречен член внесувал огромна доза на непропорционалност и арбитрарност во утврдувањето на нормите кај компаниите, што пак можело да доведе до апсурдни (хипотетички, но и реални) ситуации двајца работници, во еден ист вид на компании, да имаат различна норма, за да земат иста минимална плата. Ова се косело со „здравиот разум“ и со граѓанската еднаквост, како нивно вродено лично право-кое ја обврзувало државата да презема ефикасни мерки за заштита, а не за стимулирање на оваа фактичка нееднаквост.
Сето ова директно и грубо го повредувало основното јуриспруденцијално начело на правна сигурност на вработените на кое се засновала и нашата Република.
Проблематично било тоа што не било прецизирано каква е таа „согласност на вработените“ која работодавачот морал да ја обезбеди, односно дали се давала во форма на „дозвола“, или „одобрение“; дали ја давал синдикатот или советот на вработените; што ако немало синдикат? Дали требало да биде во „усна“ или „писмена“ форма, како и тоа дали требало да се склучи во вид на поединечен колективен договор на ниво на работодавач. Ова од причина што Уставот предвидувал прашањата поврзани со работните односи да се регулираат исклучиво со закон и со колективен договор, а не со „некаков нов изум во трудовото право“, кое така „неумесно“ се нарекувал „согласност“ и кој можел во иднина да биде извор на многу различни шпекулативни толкувања во праксата.
Подносителот на иницијативата смета дека со опстојувањето на оспорената законска одредба, всушност би дошло до постоење на два/три/четири/пет и така натаму, паралелни и меѓусебно различни, односно противречни, нејасни и контрадикторни системи на третирање на нормираниот учинок. Тоа било во еклатантна спротивност со принципот на владеење на правото и со правната сигурност.
Оттаму, оспорениот член, според подносителот на иницијативата, внесувал огромна доза правна несигурност и се противел на инкорпорираниот принцип на уставност и законитост што го обврзувал законодавецот, при носење на законите, да конципира и формулира прецизни, недвосмислени и јасни правни норми усогласени со Уставот и со останатите закони во нашиот внатрешен позитивно-правен поредок. Само такви норми можеле да претставуваат солидна основа за постапување in concreto од страна на судовите, државните органи и нивните службеници. Во оваа смисла, во иницијативата се укажува на уставно-судската практика по предметите. У.бр.77/2011, У.бр.103/2010 и У.бр.188/2006.
Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека оваа, очигледно антиконституционална и конфузна законска одредба, која била инкомпатибилна со нашиот демократски уставен поредок, земајќи ја јавната полза и правичноста од тоа дејствие, требало што побргу да биде касирана и да не постои во правниот поредок како противуставна, крајно штетна и непропорционална.
3. Судот на седницата, утврди дека, според член 2 став 2 од Законот за минимална плата, нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот, секоја година, во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко-технолошка целина кај работодавачот.
Одредбата се оспорува по однос на делот: „Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот,“ и делот: „утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од суштината на членот 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони и други акти што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние акти кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на оние што престанале да важат.
Во конкретниот случај Уставниот суд со Одлука У.бр.133/2017 од 18 април 2018 година, меѓу другото, го укина член 2 став 2 во кој се содржани сега оспорените делови од законската норма. Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2018 од 10.05.2018 година.
Судот, имајќи предвид дека член 2 став 2 од Законот, а со тоа и оспорените делови, сметано од наведениот датум повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на нивната согласност со Уставот.
Оттаму, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.112/2017
30 мај 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски