У.бр.22/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување на Општинската јавна установа детска градинка „23 Август“- Берово за 2018 година, донесена од Советот на Општина Берово, бр.09-3223/1 од 27.12.2017 година („Службен гласник на Општина Берово“ бр.5/2018).

2. Градоначалникот на Општина Берово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Градоначалникот на Општина Берово, врз основа на членот 51 од Законот за локална самоуправа, со Решение бр.08-40/12 од 3.01.2018 година го запрел објавувањето на оспорената одлука, со образложение дека роковите за доставување и давање согласност на планот не соодвествувале со законски предвидените рокови од член 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на РМ“ бр.27/2014, 199/2014 и 27/2016), согласно кој вработувањата во институциите во јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување, кои функционерите кои раководат со институциите ги подготвуваат врз основа на методологија за планирање.

По повод запреното објавување на оспорениот акт, Советот на Општината донел Заклучок бр.09-260/1 од 18.01.2018 година со кој ја потврдил претходно донесената Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување на ОЈУДГ „23 Август“ – Берово за 2018 година бр.09-3223/1 од 27.12.2017 година.

Во иницијативата се наведува дека со така донесената Одлука и непочитувањето на членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор, се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 2 од Уставот на Република Македонија, поради што со иницијативата се бара оцена на нејзината уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 20-б став 2 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 ……. 27/2016), Советот на Општина Берово на седницата одржана на ден 27.12..2017 година донесе Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување на ОЈУДГ „23 Август“ Берово за 2018 година.

Во членот 1 е утврдено дека се дава согласност на наведениот годишен план, а во членот 2 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Берово“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно члено 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општинската јавна установа детска градинка „23 Август“-Берово,за 2018 година, донесена од Советот на Општина Берово,број 09-3223/1 од 27.12.2017 година, со образложение дека таа била донесена надвор од утврдените рокови од членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор.

Уставниот суд на Република Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека тој не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Станува збор за акт со кој се дава согласност на годишен план за вработување за 2018 година, за конкретна јавна институција.

Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт кој нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, барањето со иницијативата излегува надвор од рамките на утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија,

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.22/2018
30 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски