У.бр.21/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, бр.09-3222/1 донесена од Советот на Општина Берово на 27.12.2017 година.

2. Градоначалникот на Општина Берово до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 3 од Уставот на Република Македонија како и со член 20-б од Законот за јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија “бр.27/2014, 199/2014 и 27/2016).

Имено, со Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на општина Берово за 2018 година, донесена од страна на Советот на Општина Берово за 2018 година, бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година повреден е членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор, според кој „вработувањата во институциите на јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување, кои функционерите кои раководат со институциите ги подготвуваат врз основа на Методолигија за планирање.

Функционерот кој раководи со институцијата е должен, најдоцна до 31 март, да го изготви и да го достави планот на согласност до органот надлежен за буџетот на институцијата. Органите надлежни за буџетот на институцијата се должни да дадат согласност, односно да дадат забелешки во однос на планот најдоцна во рок од еден месец од приемот на барањето.

Функционерот кој раководи со институцијата е должен да постапи по забелешките дадени од органот надлежен за буџетот, односно да го усогласи планот.

По добивањето на согласноста, односно по усогласување на планот, функционерот на институцијата е должен веднаш, а најдоцна до 10 мај да го донесе планот и истиот да го достави на мислење до Министерството за информатичко општество и администрација.

Советот на Општина Берово не ги испочитувал законски предвидените рокови и актот го донел на 27.12.2017 година, надвор од законски предвидениот рок.

3. Судот на седницата утврди дека, градоначалникот на Општина Берово на образец за годишен план за вработување на 19.12.2017 година број 01-3041/1 донел Годишен план за вработување во Општина Берово.

Во Годишниот план во табеларен приказ е утврдено:

Дел I „Состојба во тековната година“, табела 1 се прикажани
– Моментално вработените во институцијата (49) од кои 48 Македонци и 1 Ром;
– Планирани пензионирања и заминувања во тековната година (3), од кои тројца Македонци.
– Планирани нови вработувања во тековната година нема.
Дел II „Планирани движења на кадарот во следната година“, табела 2 во кој е прикажано:
– Планирано пополнување на работни места преку унапредување и/или распоредување во следната година.
– Планирано испразнување на работни места преку објавување на трансфер листа во следната година.
– Планирано испразнување на работни места преку пензионирања и најавени заминувања во следната година.
– Планирани пензионирања по припадност на заедницата.
Дел III „Планирани нови вработувања во следната година“
– Планирано пополнување на работни места преку нови вработувања во следната година (8).
– Број на работни места кои се планира да се пополнат преку нови вработувања во следната година (8).

4. Понатаму, Судот утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ“ бр.5/02) и член 20-б став 2 од Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2014…..27/2016), Советот на Општина Берово на седницата одржана на ден 27.12.2017 година, донел

О Д Л У К А
за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година

Член 1

Се дава согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, бр.01-3049/1 од 19.12.2017 година.

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Берово“.

5. Исто така, Судот утврди дека врз основа на член 51 став 2 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ“ бр.5/02), член 63 став 3 од Статутот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр. 13/02, 18/07, 30/08 и 20/10) , Советот на Општина Берово на седницата одржана на 18.01.2018 година донел

З А К Л У Ч О К
за потврдување на Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година Бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година

1. Советот на Општина Берово ја потврди Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година.

2. Овој заклучок влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Берово“.

6. Воедно, Судот утврди дека врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ“ бр.5/02) и член 62 став 1 од Статутот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр.13/02, 18/07, 30/08 и 20/10), градоначалникот на Општина Берово донел

З А К Л У Ч О К
за објавување на Заклучокот бр.09-259/1 од 18.01.2018 година за потврдување на Одлуката бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година

Се објавува З А К Л У Ч О К О Т бр.09-259/1 за потврдување на Одлуката бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, што Советот на Општина Берово го донесе на седницата што се одржа на 18.01.2018 година.

7.Градоначалникот на општината, врз основа на член 50 став 1 точка 3 и член 51 став 3 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ“ бр.5/02) и член 62 став 1 од Статутот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр.13/02, 18/07, 30/08 и 20/10), а во врска со Заклучокот Бр.09-259/1 од 18.01.2018 година за потврдување на Одлуката Бр.09-3222/1 од 27.12.2017 година, за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, Градоначалникот на Општина Берово донел

З А К Л У Ч О К
за објавување на

О Д Л У К А Т А
за давање на согласност на
Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година

Се објавува ОДЛУКАТА Бр.09-3222/1 за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година, што Советот на Општина Берово ја донесе на седницата што се одржа на 27.12.2017 година.

Во врска со Одлуката, Градоначалникот ќе поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста пред Уставниот суд на Република Македонија, согласно Законот за локална самоуправа.

8. На 30.01.2018 година градоначалникот на Општина Берово поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на ОДЛУКАТА за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Берово за 2018 година.

9. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во членот 20-а поместен во глава IVa „ВРАБОТУВАЊЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР“ од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 27/2016), е предвидено донесување на годишни планови за вработувања:
(1) Вработувањата во институциите на јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување (во натамошниот текст: планови), кои функционерите кои раководат со институциите ги подготвуваат врз основа на Методологијата од членот 5 став (3) на овој закон.
(2) Планот за вработување се изготвува на ниво на институција и содржи:
– точни податоци за состојбата на пополнетост на работните места во институцијата,
– податоци за планирани пензионирања и податоци за други планирани движења на вработените (мобилност во рамките на институцијата и/или јавниот сектор, унапредувања и друго) и
– план за распределба на бројот на нови вработувања во следната година по припадност на заедница.

(3) Во воспитно-образовните, високообразовните и научно-истражувачките јавни установи, во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, како и во националните театри, во кои дејноста согласно закон се врши на македонски јазик, односно на јазикот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, планот од ставот (2) не содржи податоци за распределба на бројот на планираните нови вработувања на давателите на јавни услуги по припадност на заедница.

(4) Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија.

(5) Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната или локалната власт, а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на локално или регионално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припад- ност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за единицата на локалната самоуправа во која е сместена таа институција.

(6) Распределбата на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница се врши на начин утврден во Методологијата од членот 5 став (3) на овој закон, и истата треба да придонесе за постепено намалување на позитивната или негативната разлика меѓу моменталната состојба на застапеност во институцијата и основот за распределба од ставовите (4) и (5) на овој член, односно за одржување на соодветната и правичната застапеност.

Во членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор е предвидена постапката за донесување на годишен план за вработување:

(1) Функционерот кој раководи со институцијата е должен, најдоцна до 31 март, да го изготви и да го достави планот на согласност до органот надлежен за буџетот на институцијата, односно до:
– Министерството за финансии, за институциите буџетски корисници од прва линија кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија и за јавните претпријатија основани од Република Македонија,
– Надлежното министерство, за институциите кои вршат дејности од областа на образованието и науката, здравството, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон,
– Советот на општината за единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и установи основани од единиците на локалната самоуправа и
– Друг орган доколку е утврден со закон.
(2) Органите надлежни за буџетот на институцијата се должни да дадат согласност, односно да дадат забелешки во однос на планот најдоцна во рок од еден месец од приемот на барањето.
(3) Функционерот кој раководи со институцијата е должен да постапи по забелешките дадени од органот надлежен за буџетот, односно да го усогласи планот.
(4) По добивањето на согласноста, односно по усогласувањето на планот, функционерот на институцијата е должен веднаш, а најдоцна до 10 мај да го донесе планот и истиот да го достави на мислење до Министерството за информатичко општество и администрација.
(5) По исклучок од ставот (1) на овој член, функционерот на институцијата за која нема орган кој дава согласност на буџетот, годишниот план го донесува и го доставува на мислење до Министерството за информатичко општество и администрација, најдоцна до 10 мај.
(6) По исклучок од ставот (4), доколку се работи за орган на државна управа, функционерот е должен веднаш по усогласувањето на планот со органот надлежен за буџетот, а најдоцна до 10 мај да побара согласност од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, за што истиот е должен да му одговори во рок од 15 дена, односно да даде согласност доколку распределбата на планираните нови вработувања по припадност на заедница е направена согласно со член 20-а став (6) на овој закон или да даде забелешки во однос на планот.
(7) Во случаите од ставот (6) на овој член, функционерот е должен веднаш, а најдоцна до 1 јуни да го достави усогласениот план на мислење до Министерството за информатичко општество и администрација дали годишниот план е изработен во согласност со Методологијата.
(8) Министерството за информатичко општество и администрација е должно во рок од 30 дена да постапи по барањата од ставот (4), (5) и (7) на овој член и да даде мислење, при што доколку биде утврдено дека планот не е усогласен со мислењето на органот надлежен за буџетот, и/или доколку распределбата на планираните нови вработувања по припадност на заедница не е направена согласно со членот 20-а став (6) на овој закон, мислењето ќе биде негативно и на институцијата ќе и даде дополнителен рок од 15 дена да достави усогласен план.
(9) Доколку и по истекот на рокот од ставот (8) на овој член функционерот на институцијата до Министерството за информатичко општество и администрација не достави усогласен план и не добие позитивно мислење, институцијата нема да може да спроведува постапки за нови вработувања.
(10) Доколку органот надлежен за буџетот на институцијата или Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор не постапат по барањето за согласност во роковите утврдени во ставовите (2) и (6), ќе се смета дека согласноста е дадена.
(11) Бројот на нови вработувања во планот за кој е добиено позитивно мислење од Министерството за информатичко општество и администрација може да се менува во текот на годината за која се однесува само по претходно добиена согласност од надлежните органи за давање на согласност.
(12) Министерството за информатичко општество и администрација е должно заклучно со 31 декември во тековната година да ги достави позитивните мислења за плановите на институциите за следната година до органите надлежни за буџетот на институциите и до Агенцијата за администрација, а за органите на државната управа и до Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и анализата на членовите 20-а и 20-б од Законот за вработување во јавниот сектор произлегува дека вработувањата во институциите во јавниот сектор се планираат во тековната година за наредната година за што е потребно да се изготви план за вработување за наредната година според утврдена постапка за што се дава согласност од страна на надлежни органи.

10. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорената Одлука, со која се дава согласност на Годишниот план за вработување во Општина Берово, а кој план беше предмет на анализа во конкретниов случај, Судот смета дека Одлуката за давање на согласност која е оспорена со иницијативата не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што актот за давање согласност во суштина претставува инструмент со кој се потврдува дека актот за кој се дава согласност е донесен во постапка предвидена со закон и дури по дадената согласност тој станува полноважен.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на оспорената одлука, произлегува дека оваа одлука е поединечен, односно конкретен акт затоа што со неа Советот на Општината Берово решава кадровски прашања, а не уредува определени односи на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика и елемент за секој пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука нема општ нормативен карактер и не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт од времен карактер, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената одлука со законот, на што се посочува во иницијативата, поради што во конкретниов случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

11. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

12. Ова решение,Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2018
22 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски