Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за распишување на референдум на локално ниво бр.09-6703/5 од 05.09.2017 година, донесена од Советот на Општина Карпош („Службен гласник на Општина Карпош“ бр. 12/2017).
2. Министерство за локална самоуправа, Државен инспекторат за локална самоуправа-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката, означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека согласно член 23 став 1 од Законот за државниот инспекторат за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 187/2013 и 43/2014) донел решение бр.02-835/1 од 27.09.2017 година за запирање на примената на оспорената одлука.
Во причините за поднесување на иницијативата се цитираат членовите: 20, 21, 22, 25 и 28 од Законот за локалната самоуправа „Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002. Потоа се наведува дека оспорената одлука не била законита бидејќи при нејзиното донесување не биле исполнети условите предвидени во членот 9 и членот 36. Во иницијативата не е означен називот на Законот во кој се содржани овие одредби, но според цитираната содржина и означеното службено гласило (81/2005) произлегува дека во прашање се одредби од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.
Според подносителот на иницијативата оспорената одлука е незаконита, па како таква не може да произведе правно дејство од кои причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на најзината законитост, а потоа истата да ја поништи.
3.Судот на седницата, утврди дека, врз основа на член 25 став 1 и член 28 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.05/02), член 6 став 2 и член 36 став 1 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните (“Службен весник на РМ” бр.81/05), Советот на Општина Карпош на седницата одржана на ден 30.08.2017 година, донел
ОДЛУКА
За распишување на референдум на локално ниво
Член 1
Советот на Општина Карпош, по сопствена иницијатива распишува референдум на локално ниво за подрачјето на Општина Карпош заради изјаснување на граѓаните за населување и локална интеграција на мигранти на територијата на Општина Карпош.
Член 2
За одржување на референдумот граѓаните се известуваат преку јавен повик.
За денот на одржување на референдум се определува ден недела со почеток во 07.00 часот и трае непрекинато до 19.00 часот.
Член 3
На референдумот се гласа на гласачко ливче печатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
На референдумот на локално ниво граѓаните на Општина Карпош ќе одговорат на следното прашање:
„Дали сте за населување и локална интеграција на мигранти на територијата на Општина Карпош?”
Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче го заокружува зборот “ЗА” или “ПРОТИВ”.
Член 4
Изјаснувањето по референдумското прашање од член 3 на оваа одлука се спроведува со цел граѓаните од подрачјето на Општина Карпош да одлучат дали ќе дозволат да се населуваат и интегрираат мигранти на територијата на Општина Карпош.
Член 5
Одлуката на референдумот ќе се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број кои што гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список на Општина Карпош.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.
Член 6
Доколку на референдумот се донесе негативна одлука на прашањето за населување и интегрирање на мигранти на територијата на Општина Карпош, Советот на Општина Карпош ќе ги извести надлежните државни органи за донесената одлука.
Член 7
Референдумот на локално ниво ќе се одржи во законски утврдениот рок, сметано од денот на објавувањето на Одлуката за распишување на Референдумот во Службен гласник на Општина Карпош.
Член 8
Референдумот на локално ниво ќе го спровeде Општинската изборна комисија Карпош и општинските избирачки одбори.
Член 9
Средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат од Буџетот на Општина Карпош за 2017 година.
Член 10
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.
Бр.09-6703/5 Претседател,
05.09.2017 СОВЕТ НА ОПШТИНА КАРПОШ
Скопје м-р Сашо Лазаровски
4. Согласно член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со точката 1 на Амандманот XVII на Уставот се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија. Според Амандман XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во членот 115 став 2 од Уставот е определено дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Според ставот 3 од истиот член од Уставот, Републиката може со закон да и довери вршење на определени работи на општината.
Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), во членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Во членот 21 став 1 од Законот е определено дека, општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.
Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности (став 2).
Надлежностите од ставот 1 на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон (став 3).
Во членот 22 од Законот се определени надлежностите на општините. Така, според ставот 1 од овој член од Законот, општините се надлежни за вршење на следните работи:
1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата-мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење.
3. Локалниот економски развој-планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4.Комуналните дејности-снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5.Културата-институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8.Образование – основање, финансирање и администрирње на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита-управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;
11.Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12.Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13.Други работи определени со закон.
Законот за локалната самоуправа посебно го уредува и непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините.
Според член 25 став 1 од Законот, граѓаните непосредно одлучуваат за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собир на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.
Според член 28 став 1 од Законот, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење.
Според ставот 3 на овој член од Законот, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот (став 4).
Според членот 2 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.
Во член 9 од Законот е определено дека, референдум се распишува со одлука во која се содржани:
– органот што го распишува референдумот;
– територијата или подрачјето за кое се распишува референдумот;
– називот на прописот, односно прашањето или прашањата за кои граѓаните одлучуваат на референдумот;
– образложение на прописот, односно прашањето или прашањата за кои се распишува референдумот;
– референдумско прашање или прашања, односно еден или повеќе предлози на прописи за кои граѓаните одлучуваат;
-денот на одржување на референдумот и
– видот на референдумот.
Во член 36 став 1 од Законот е предвидено дека, Референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува (став 2).
Согласно членот 37 од Законот, одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.
Во членот 38 од Законот е определено дека референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).
Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Така според ставот 1 на овој член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.
По однос на средствата за спроведување на референдум во член 62 став 1 е предвидено дека, средства за спроведување на референдум на локално ниво се обезбедуваат од буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Со средствата за спроведување на референдумот од ставот 1 на овој член располага Изборната комисија (став 2).
Од цитираните уставни и законски одредби произлегува дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон. Членот 22 од Законот за локалната самоуправа детално ги разработува надлежностите на единиците на локалната самоуправа. Исто така, во член 28 став 1 од наведениот закон е определено дека, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење.
Во конкретниот случај во членот 3 од оспорената одлука е предвидено следното референдумско прашање: „ Дали сте за населување и локална интеграција на мигранти на територијата на Општина Карпош?”
Судот, за одговор на прашањето дали населувањето и интеграцијата на мигранти на локално ниво е прашање од локално значење или не, направи анализа и на регулативата поврзана со движење, престој, населување и интеграција на странците.
Според член 1 од Законот за азил и привремена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003, 66/2007, 142/2008, 146/2009, 166/2012, 101/2015, 152/2015, 55/2016 и 71/2016) кој бил во важност во време на донесување на оспорената одлука, со овој закон се уредуваат условите и постапката за добивање и престанок на право на азил на странец или лице без државјанство (во натамошниот текст: странец) кој бара признавање право на азил во Република Македонија, како и правата и должностите на барателите и лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија. Со овој закон се уредуваат и условите според кои Република Македонија може да даде привремена заштита, како и правата и должностите на лицата под привремена заштита.
Членот 11 од Законот определува дека принципот на локално учество значи обврска на единиците на локалната самоуправа да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под хуманитарна заштита во зависност на економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што одлучува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).
Согласно членот 12 од Законот, постапката за признавање право на азил во прв степен ја спроведува и донесува одлука Министерството за внатрешни работи преку организациона единица надлежна за азил (во натамошниот текст: Секторот за азил). Против одлуката од ставот 1 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.
Според член 47 став 2 од Законот, Министерството за труд и социјална политика со цел да ја олесни интеграцијата на барателите на право на азил или на лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија ќе изготвува соодветни програми за интеграција.
Според членот 48 од Законот, барателите на право на азил до донесување на конечна одлука во постапката за признавање право на азил имаат право на:
– престој;
– бесплатна правна помош;
– сместување и згрижување во Прифатен центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика, доколку искаже потреба за истото;
– основни здравствени услуги согласно со прописите за здравственото осигурување;
– право на социјална заштита согласно со прописите за социјалната заштита;
– право на образование согласно со прописите за основно и средно образование;
– работа само во рамките на Прифатниот центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика и како и право на слободен пристап на пазарот на труд за барател на право на азил на кој барањето за признавање на право на азил не му е решено во период од една година, по истекот на периодот од една година и
– контакти со Високиот комесаријат за бегалци, како и невладини хуманитарни организации заради давање на правна помош во постапката за признавање право на азил.
Министерството за труд и социјална политика за правата наведени во ставот 1 на овој член ги известува барателите на право на азил во писмена форма на јазик за кој разумно може да се претпостави дека го разбираат или во усна форма со помош на преведувач.
Министерството за труд и социјална политика се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил, додека се наоѓаат во Прифатниот центар или друго место за сместување определено од ова министерство.
Во однос на признаените бегалци, во членот 52 од Законот е определено дека на признаениот бегалец му се обезбедува сместување, согласно со принципот на локално учество, преку давање соодветен стан на користење или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување, до обезбедување на средства за својата егзистенција, но најдолго две години од денот на доставувањето на решението за признавање на статус на признаен бегалец. Министерот за труд и социјална политика ги пропишува критериумите и начинот за користење на соодветен стан за сместување или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување на признаениот бегалец.
Според членот 55 од Законот за азил и привремена заштита, средствата за сместување, социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија. За сместување, остварување на правата од социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се грижи Министерството за труд и социјална политика.
Во однос на т.н. привремена заштита, во членот 62 од Законот за азил и привремена заштита е утврдено дека во случај на масовен прилив на лица кои непосредно доаѓаат од држава во која нивните животи, безбедност или слобода се загрозени со војна, граѓанска војна, окупација, внатрешен конфликт пропратен со насилство или масовно кршење на човековите права, Владата може да им даде привремена заштита. Владата периодично го преиспитува постоењето на околностите од став 1 на овој член и одлучува за продолжување на привремената заштита. Привремената заштита во Република Македонија не може да трае подолго од две години.
Цитираната регулатива од Законот за азил и привремена заштита е скоро идентична со регулативата на Законот за меѓународна и привремена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2018) кој сега е во сила, а по однос на истата проблематика.
Законот за странците (35/2006, 66/2007, 117/2008, 92/2009, 156/2010, 158/2011, 84/2012, 13/2013, 147/2013, 148/2015 и 217/2015) во членот 7 определил дека, работите во врска со контролата на движењето и престојот на странците во Република Македонија ги врши Министерството за внатрешни работи, доколку со закон не е определена надлежност на друг орган. Во членот 8 од истиот закон е определено дека, Собранието на Република Македонија, на предлог на Владата на Република Македонија, донесува резолуција за миграционата политика со која ќе се укаже на состојбите, проблемите и мерките што ќе се преземат во областа на миграцијата.
Според членот 23 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 187/2013, 43/2014 и 64/2018), за пропис за кој инспекторот смета дека постојат услови за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, подготвува решение за запирање на примената на прописот. За пропис за кој е донесено решение за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, инспекторот подготвува иницијатива за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на прописот пред Уставниот суд на Република Македонија.
Законот за ратификација на Европската повелба за локална самоуправа е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.40/1997. Во членот 4 од Повелбата кој се однесува на надлежноста на локалната самоуправа е утврдено дека локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.
Конвенцијата за правната положба на бегалците е усвоена во 1951 година и влегла во сила на 22 април 1954 година. Протоколот 1 кон Конвенцијата влегол во сила на 4 октомври 1967 година.
Согласно член 3 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1991), Република Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународните органи, организации и заедници ги остварува според општоприфатените начела на меѓународното право. Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики го презема членството на СФРЈ во меѓународните органи, организации и заедници.
Со Резолуција А/РЕС/47/225 од 28 април 1993 година, Генералното собрание на ООН одлучи да ја прими Република Македонија како член на Обединетите нации.
Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународно-правните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои е и Конвенцијата за правната положба на бегалците, е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година.
Бегалците се дефинирани и заштитени според меѓународното право. Конвенцијата за статусот на бегалците на ООН претставува основен документ со кој се утврдува дали некое лице ги исполнува условите за стекнување статус на бегалец и следствено на тоа за обезбедување соодветна помош и заштита.
Во регулирањето на заштитата на бегалците, Конвенцијата тргнува од принципот на недискриминација, т.е. од обврската на државите-потписнички за нејзина доследна примена врз бегалците без дискриминација во поглед на расата, верата или земјата на потекло. На бегалците со Конвенцијата им се гарантирани повеќе права како што се правото да стекнуваат имот (член 13) право на пристап до суд (член 16), право на вработување и самовработување (член 17 и член 18), право на домување (член 21), право на образование (член 22), слобода на движење (член 26), право на лични исправи и патни документи (членови 27 и 28). Еден од основните принципи на Конвенцијата е и принципот односно забраната на протерување и враќање на територија каде што ќе биде загрозен нивниот живот (принцип non-refoulement).
Имајќи ја предвид цитираната регулатива која определува дека локален референдум може да се распише само за прашања од локално значење и за прашања од надлежност на советот на општината (член 28 став 3 од Законот за локалната самоуправа, се поставува прашање дали со оспорената одлука Општината Карпош навлегла во ингеренциите на државата, Република Македонија, односно Владата на Република Македонија, заедно со нејзините министерства, кои имаат законски надлежности поврзани со приемот и интеграцијата на мигрантите.
Уставните надлежности на локалната власт се разработени во Законот за локалната самоуправа кој притоа јасно го утврдува принципот на супсидијарност определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.
Од наведените одредби од Законот за азил и привремена заштита, кој бил во сила во време на донесување на одлуката, произлегува дека во сферата на азилот и привремената заштита општините односно советите на општините немаат со закон утврдено право да одлучуваат, бидејќи сите постапки и дејствија поврзани со положбата на барателите на азил се во надлежност на Владата на Република Македонија, односно органите на централната власт, во прв ред Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.
Согласно законот, Министерството за внатрешни работи ја спроведува постапката за признавање на правото на азил преку Секторот за азил.
Министерството за труд и социјална политика изготвува програми за интеграција на барателите за азил, се грижи за нивно сместување и згрижување, за таа цел ги определува објектите што претставуваат прифатни центри за барателите на азил и раководи со тие прифатни центри. Министерството за труд и социјална политика исто така, се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил додека се наоѓаат во Прифатниот центар или друго место за сместување и за остварувањето на нивните социјални права. Притоа, сите финансиски средства за овие намени се обезбедуваат од државниот Буџет.
Улогата на локалната власт во сферата на азилот е формулирана преку т.н. принцип на локално учество кој е дефиниран во членот 11 од Законот, според кој општините имаат обврска да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под супсидијарна заштита во зависност на економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што сепак одлучува Владата на Република Македонија.
Советот на Општина Карпош со оспорената одлука распишал референдум на локално ниво заради изјаснување на граѓаните за населување и интеграција на мигранти на подрачјето на Општина Карпош. Од анализата на членовите 25 и 28 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6 и 36 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, кои биле основа за донесување на оспорената одлука, произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа, согласно постојната законска регулатива, прашањето за населување и интеграција на бегалците не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежните министерства за внатрешни работи и труд и социјална политика.
Од анализата на оспорената одлука наспрема членот 9 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните произлегува следното:
Референдумското прашање определено во членот 3 од Одлуката гласи: „Дали сте за населување и локална интеграција на мигранти на територијата на Општина Карпош?”, додека образложението на прашањето за кое се распишува референдум е содржано во членот 4 од Одлуката, според кој „изјаснувањето по референдумското прашање од членот 3 на оваа одлука се спроведува со цел граѓаните од подрачјето на Општина Карпош да одлучат дали ќе дозволат да се населуваат и интегрираат мигранти на територијата на Општина Карпош“.
Оттаму, помеѓу референдумското прашање и образложението на прашањето за кое се распишува референдум нема никаква разлика, или во оспорената одлука отсуствува образложение од кои причини се распишува референдум, што е спротивно на обврската од член 9 алинеја 4 од наведениот закон.
Исто така, од анализата на оспорената одлука произлегува дека во истата не е содржан денот на одржување на референдумот, како што бара член 9 алинеја 6 од Законот референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните. Оттаму, при објавувњето на Одлуката на граѓаните им останал непознат податокот за датумот на одржување на референдумот.
Од направената целокупна анализа произлегува дека со оспорената одлука, Советот на Општина Карпош, спротивно на наведените закони, распишал локален референдум за прашање што не е во негова надлежност односно за прашање за кое што тој не е овластен со закон да одлучува, со што за истата се поставува прашање за нејзината согласност со точка 1 на Амандманот XVII Уставот; член 20, член 22, член 25 став 1, член 28 ставови 1 и 3 и член 36 од Законот за локалната самоуправа; член 2, член 9 алинеи 4 и 6, член 36 и член 38 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните, како и со членовите 7 и 8 од Законот за странците.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.127/2017
22 мај 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски