У.бр.15/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21-а став 1, во делот „членот 293-а став 3“ од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015 и 53/2016).

2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијaтивата Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија бр.124/15), има само 141 член, а со тоа може јасно и недвосмислено да се увиди дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, во делот кој се однесува на член 293-а став (3) од Законот за општата управна постапка не постои во правниот поредок на Република Македонија.

Во таа смисла, спротивноста на член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007, 81/2007, 36/2011, 18/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015, 53/2016 и 11/2018), во делот „членот 293-а став (3)“, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да се види во тоа што во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај во конкретниот случај. Во конкретниот случај член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007, 81/2007, 36/2011, 18/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 152/2015, 53/2016 и 11/2018), во делот „членот 293-а став (3)“, законодавецот навел член од Законот за општата управна постапка кој не постои во правниот поредок на Република Македонија, а со тоа, член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција , во делот „членот 293-а став (3)“ е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција предвидува дека доколку до Државниот управен инспекторат е поднесено известување од правни и физички лица за непостапување по член 293-а став (3) од Законот за општата управна постпка од страна на функционерот кој раководи со органот, односно на раководното лице на органот, инспекторот е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето, да утврди дали е спроведена постапка пропишана со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го извести подносителот на барањето за утврдената состојба. Инспекторот од државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува функционерот кој раководи со органот во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копие од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција е поместен во глава V од Законот, со наслов: „Постапка“.

Во член 21-а став 1 од Законот се предвидува дека доколку до Државниот управен инспекторат е поднесено известување од правни и физички лица за непостапување по член 293-а став (3) од Законот за општата управна постaпка од страна на функционерот кој раководи со органот, односно на раководното лице на органот, инспекторот е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето, да утврди дали е спроведена постапка пропишана со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го извести подносителот на барањето за утврдената состојба.

Инспекторот од државниот упрвен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува функционерот кој раководи со органот во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копие од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

Од содржината на оспорениот член јасно произлегува дека истиот истовремено упатува на член 293-а став 3 од Законот за општата управна постапка.

Меѓутоа, од увидот во Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), јасно и недвосмислено произлегува дека овој закон содржи вкупно 141 член, што значи дека истиот нема член 293-а, на што упатува оспорениот член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција.

Од наведеното произлегува дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, во оспорениот дел „член 239-а став 3“ упатува на примена на член кој воопшто не постои во наведениот закон, односно Законот за општата управна постапка, што според Судот, истиот во оспорениот дел основано може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот,Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.15/2018
8 мај 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски