Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 02 мај 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 188 став 3 и член 189 од Законот за служба вo Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016).
2.Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на член 188 став 3 и член 189 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ја цитира содржината на оспорените членови како и содржината на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членот 51 од Уставот и наведува дека од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок и дека таа се остварува така што законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите, што не е случај со оспорените законски одредби.
Ова од причина што законодавецот во оспорените одредби го овластил министерот за одбрана да ја определува висината на надоместоците од член 188 став 3, а кои надоместоци се утврдени во член 188 став 1 точките од 6 до 9.
Меѓутоа според подносителот во Законот за служба во Армијата на Република Македонија недостасуваат критериуми врз основа на кои министерот за одбрана би ја определил висината на надоместоците што исто така не е во согласност со членот 96 од Уставот.
Со оставената можност без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместоците од ставот 1 точките од 6 до 9 од член 188 став 3 од Законот, на лицата на доброволно служење на воениот рок и припадниците на активната резерва (член 189) се остава простор за мешање на извршната во законодавната власт кои во системот за поделбата на државната власт се јасно разграничени.
Ваквиот недостаток остава можност за арбитрарност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остварат правото на споменатите надоместоци.
Имено, според подносителот актите што министерот за одбрана ги донесува врз основа на даденото законско овластување да ја пропишува и утврдува висината на наведените надоместоци без постоење на законска рамка, не претставува подзаконски акт на министерот за одбрана, за разработка на оспорените законски одредби заради нивно извршување, како што предвидува член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија бр. 58/2000 и 44/2002“).
Подносителот исто така се повикува и на член 32 став 5 од Уставот според кој, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори, а не со подзаконски акти како што е тоа предвидено во конкретниов случај.
Оттука, според подносителот оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 188 од Законот,
(1) Воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за:
1) патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство;
2) трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели;
3) трошоци за одвоен живот од семејството;
4) парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување), ако живееле во заедница;
5) штета при елементарни непогоди;
6) селидбени трошоци;
7) трошоци за превоз;
8) вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и
9) за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови.
(2) Висината на надоместоците од ставот (1) точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.
(3) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот (1) точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана (оспорен став).
Во оспорениот член 189 од Законот, „Надоместоците, нивната висина и начинот на распределување на средствата за лицата на доброволно служење на воен рок и припадниците на активната резерва, ги пропишува министерот за одбрана“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.
Според член 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016), со овој закон се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Според член 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.
Според член 3 став 1 од Законот, служба вo Армијата врши воен и цивилен персонал.
Воениот персонал опфаќа: а) активен воен персонал (воен старешина – офицер и подофицер и професионален војник; б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука (војник на доброволно служење на воениот рок, лице на стручно оспособување и усовршување за офицер односно подофицер и питомец на Воената академија и в) активен резервен персонал (лице од резервен состав на Армијата поставено на должности согласно со актот за формација на Армијата).
Според член 6 од наведениот закон, (1) Воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата е должен службата да ја врши совесно, стручно, ефикасно, уредно, навремено и одговорно во согласност со Уставот, закон и ратификуваните меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила, (2) Воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата е должен секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, да води сметка за своите постапки, да ја претставува Армијата и да го чуваат својот углед и достоинство и угледот на Армијата.
Во глава XII „Систем на плати и надоместоци на плати“ од Законот, односно во членовите од 146 до 186, се уредени прашањата кои се однесуваат на плати и надоместоци на плати на воениот и цивилниот персонал.
Во глава XIII „Други примања“ од Законот, односно во членовите од 188 до 198 се утврдени и други примања, што може да ги добие воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата.
Во членот 188 од Законот е предвидено дека:
(1) Воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за:
1) патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство;
2) трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели;
3) трошоци за одвоен живот од семејството;
4) парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување), ако живееле во заедница;
5) штета при елементарни непогоди;
6) селидбени трошоци;
7) трошоци за превоз;
8) вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и
9) за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови.
(2) Висината на надоместоците од ставот (1) точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.
(3) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот (1) точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана (оспорен став).
Во оспорениот член 189 од Законот е предвидено дека, надоместоците, нивната висина и начинот на распределување на средствата за лицата на доброволно служење на воен рок и припадниците на активната резерва, ги пропишува министерот за одбрана.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспорените членови наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова од причина што, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, содржи низа одредби кои упатуваат, односно даваат можност и обврска токму поради спецификата на воената служба и лицата кои ја вршат, одреден дел од прашањата уредени во овој закон да се доуредат и со подзаконски прописи, односно акти на министерот за одбрана.
Имено, според Судот право е на законодавецот да ги пропише видовите на одредени надоместоци на трошоците поврзани со спецификата на службата во Армијата кои се однесуваат на активниот воен и цивилен персонал во Армијата, војниците на доброволно служење на воениот рок и активниот резервен персонал, при што да го овласти министерот за одбрана во дадените законски рамки да ги доуреди овие надоместоци.
Поради изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со членовите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.163/2017
02.мај 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски