Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/92), послс моето гласање против отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, го изнесувам и писмено го образложувам своето
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на Решението У.бр.120/2003, У.бр.145/2003 и У.бр.179/2003 од 30 март 2005 година, со кое се отфрлаат иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена на регулирани цени на телекомуникациски услуги бр. 20692/1 од 24 април 2003 година на АД “Македонски телекомуникации“-Скопје, во делот во кој е утврдена висината на цената на месечната претплата по телефонски приклучок, односно член 1 точка 2 од оваа одлука
Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по повеќе иницијативи и барања на граѓаните за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точка 2 од Одлуката за измена на регулирани цени на телекомуникациски услуги бр.20692/1 од 24 април 2003 година на АД “Македонски телекомуникации“-Скопје, на седницата на Судот одржана на 30 март 2005 година, со мнозинство гласови донесе решение со кое се отфрлаат иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведената одлука во оспорениот дел, бидејќи оцени дека таа одлука не претставува пропис што подлежи на уставно-судска оценка, туку дека е интерен акт на акционерско друштво за кој не е надлежен да одлучува Уставниот суд. Изразувајки несогласност со таквиот став на мнозинството од судиите, гласав против предложеното решение и го издвојувам своето мислење, според кое сметам дека оспорената одлука претставува пропис подобен за уставно-судска заштита и дека Уставниот суд претходно требаше да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост, а потоа, доколку оценеше дека таа во оспорениот дел не е во согласност со Уставот и со закон, да ја отстранеше од правниот поредок на Република Македонија.
При мојата определба да гласам против Решението за отфрлање на иницијативата, поаѓав од моето убедување дека членот 1 од Одлуката за измена на регулирани цени на тслекомуникациски услуги бр. 20692/1 од 24 април 2003 на АД “Македонски телекомуникации“ Скопје, во делот што се однесува на месечната претплата по приклучок на фиксната јавна телекомуникациска мрежа, со која се изземени бесплатните телефонски импулси од месечната претплата (со сите следни измени на Одлуката, или нова одлука со која се уредува месечен надоместок за користење на телефонски приклучок) не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 членовите 33, 55 и 68 од Уставот и член 8 од Законот за облигационите односи.
Неспорно е дека фиксната говорна телефонска услуга е јавна телекомуникациска услуга, дека нејзиното вршење е работа од јавен интерес за Републиката и дека вршењето на таа услуга преку фиксната јавна телекомуникациска мрежа со Законот за телекомуникациите е доверена, како на јавен телекомуникациски оператор, на постојниот фиксен јавен телекомуникациски оператор-АД “Македонски телекомуникации“. Исто така, неспорно е дека постојниот оператор, има обезбедено монополска положба и монополско однесување на пазарот и дека вршењето па дејноста е од јавно-правен карактер, обезбеден со Договорот за концесија. Очекуваните новини во Законот за електронски комуникации и новините во фиксната телефонија можеби ќе дадат друг приод на проблемите во оваа област, но засега и во периодот на примената на оспорените акти, тие промени немаат влијание на карактерот на вршењето на таа дејност.
Поаѓајќи од таквиот карактер на дејноста и на нејзиниот носител, јасно произлегува дека АД “Македонски телекомуникации“ во вршењето на јавната телекомуникациска дсјност, всушност врши и одделни јавни овластувања и актите што ги донесува во вршењето на таквите овластувања имаат јавно-правен карактер и во одредени случаи, како што е со оспорената одлука, имаат карактер на пропис. Според тоа, не би можело да се прифати ставот дека е доволно ако соодветен акт е донесен од акционерско друштво, само по себе, да се смета дека е тоа деловен или интерен акт и дека во одредени случаи не може да претставува пропис.
Поаѓајќи од тоа дека со оспорената одлука се востановува конкретна обврска за надоместок за секој корисник на телефонски приклучок, се утврдува претплатнички однос на корисникот спрема Компанијата, се одредува висината на месечната претплата за единечен и двојнички приклучок, се ускратува односно не се признава бесплатниот телефонски импулс, како компензација на месечната претплата, што ја имале сите корисници како стекнато право и се уредуваат други прашања од аспект на ценитс на услугите, јасно се наметнува заклучокот дека таа одлука со таква содржина и обврски е пропис подобен за уставно-судска оценка.
Посебен уставно-правен проблем претставува карактерот и основот за плаќање на месечна телефонска претплата, како надоместок за користење на телефонски приклучок, што впрочем е покренато прашање со бројните писмени поднесоци до Уставниот суд. Според моето мислење, таквиот вид на давачка нема уставен основ, таа не претставува цена на услугата, на ниту може да биде елемент за формирањето на таа цена. Најопшт поглед на месечната телефонска сметка што ја плаќаат корисниците на фиксната телефонија, води до заклучок дека секоја услуга преку импулсно и друго мерење на корисникот му се пресметува, што значи секоја облигација е подмирена, а за таков паушален износ без соодветна услуга иако нема основ, во оспорената одлука го има. Така како што е утврдена месечната претллата во паушален износ за телефонски приклучок претставува самостоен основ за наплата, независно од тоа дали претплатникот го користел или не телефонскиот приклучок. Плаќањето на тој фиксен месечен износ кој не претставува надомест за услуга (бидејќи тоа отсуствува), ниту може да претставува самостоен елемент за цена на услугата, всушност и дава карактер на јавна давачка.
На телефонската претплата, во која корисникот ги плаќа услугите што ги врши фиксниот оператор, но во која е вклучен и месечен фиксен износ како надомест за телефонски приклучок, што го плаќа секој корисник на приклучок, без оглед на услугата, всушност АД “Македонски телекомуникации“ преку оспорената одлука и дава карактер на јавна давачка, што може да ја востанови, согласно членовите 33 и 68 од Уставот, само државата со закон, а не и акционерско друштво кое има посебен статус утврден со Законот.
Понатаму, сметам дека месечниот надоместок за користење на телефонски приклучок, по својот карактер не е облигационен однос, туку однос од јавно-правен карактер. Доколку пак, би се третирал како облигационен однос, тогаш доаѓа до суштествена повреда на принципот на еднакви вредности на взаемните давања. Тоа дотолку повеќе што односот на услугата (што овде отсуствува) и цената за услугата е толку несразмерна, така што корисникот преку таа цена ја плаќа цената на говорната телефонска услуга што воопшто не ја користел.
На крајот, тргнувајќи од околноста дека во суштнна се работи за: специфичен акт со специфична содржина во оспорениот дел, дека е донесен од специфичен субјект во специфични услови; дека се работи за јавна телекомуникациска услуга од општ интерес за Републиката; дека таквата услуга ја врши само една компанија со статус утврден во закон, а не за стандардно трговско друштво; дека во добар дел услугата ја врши како јавно овластување; дека компанијата што ја врши услугата во одредувањето на цената на телефонската претплата востановува фиксен месечен надоместок за користењс на телефонски приклучок; дека таквиот надоместок ги има сите елементи на една јавна давачка; дека преку таквата јавна давачка на својот акт компанијата му вградува елементи на пропис; дека јавна давачка може да се воспостави само со закон и од страна на Собранието; дека со оспорениот дел од Одлукала се укинува едно стекнато право на граѓаните корисници на телефонски услуги да имаат бесплатни телефонски импулси до износот на висината на надоместокот за телефонски приклучок; дека преку оспорената давачка граѓаните учествувале и се уште учествуваат во создавање на основната инфраструктура за статичката говорна телефонија и дека во времето на примената на оспорсниот акт фактички не е обезбедена заштита на граѓаните за квалитетот и висината на цените на услугитс на овој “јавен“ сервис, мојата определба при гласањето беше дека Уставниот суд можеше да изнајде елементи одлуката во оспорениот дел да ја третира како пропис и во согласност со тоа да поведеше постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.
Судија на Уставниот суд
на Република Македонија,
д-р Трендафил Ивановски