Издвоено мислење по предметот У.бр.186/2002 и У.бр.130/2004

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен вссник на Република Македонија“ бр. 70/92), после моето гласање против укинување на оспорените одредби, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на Одлуката У.бр.186/2002 и У.бр.130/2004 од 22 декември 2004 година со која се укинуваат член 101 став (1) алинеите 4 и 5 и ставот (3) во делот што се однесува за став (1) алинеите 4 и 5 на овој член од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2002, 50/2002 и 46/2004)

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иниција­тивите на политичката партија “Демократски сојуз” и Марија Којзеклиска, Жарко Караџоски, Спиро Мавровски и Љупчо Балковски сите од Скопје за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 101 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, најнапред со Решение од 24 ноември 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа, на седницата одржана на 22 декември 2004 година, со мнозинство гласови донесе Одлука со која ги укина член 101 став 1 алинеја 4 и 5 и став 3 во делот што се однесува на став 1 алинеите 4 и 5 на овој член од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, бидејќи оцени дека тие одредби не се во согласност со Уставот на Република Македонија. Изразувајќи несогласност, претходно на Решението за поведување на постапката, а потоа и на Одлуката за укинување на овие одредби од Законот, гласав против и го издвојувам своето мислење, според кое сметам дека оспорените одредби беа во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија и истите не требаше да бидат укинати, односно Уставниот суд не требаше да ја донесе таквата одлука.

Најнапред, сметам дека Судот предметната одлука ја донесе, без притоа, да ги изведе и согледа сите релевантни факти што произлегуваа од природата на прашањето, а беа битни за оценување на уставноста или неуставноста на оспорената одредба, и врз основа на правно издржливи аргументи ќе можеше да се донесе правилна одлука. Останувам во уверување дека ќе беше поисправно доколку Судот постапувајќи по предметот претходно пред да поведе постапка, да одржеше подготвителна седница, или пак, од кога веќе поведе постапка, пред конечното одлучување, да одржеше јавна расправа, на која ќе се дадеше одговор на бројни прашања, кои инаку, сметам дека и по донесување на оваа одлука ќе бидат присутни и ќе создаваат одделни дилеми.

При мојата определба да гласам против Одлуката за укинување на оспорените одредби, се раководев од општите демократски вредносни принципи и од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Според моето мислење, Уставот на Република Македонија во однос на Собранието на Републиката, како една од основните полуги на организацијата на државната власт и во однос па субјектот што го анимира тој механизам т.е. пратеникот, им посветува големо внимание и во добар дел ги уредува сите релевантни прашања. Покрај тоа што директно ги уредил, предоставил со закон да се уреди начинот и условите за избор на пратениците. Уставот, исто така, уредува дека Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници, но точниот број го предоставил за законодавецот, како што не го утврдил ни моделот по кој ќе се избираат пратениците во Собранието. Според тоа, потполно е разбирлива слободата на законододавецот да го утврдува изборниот модел, изборниот процес и изборните техники и да врши нивно прилагодување. Притоа, битно е тој да не се стави над Уставот.

Според моето мислење, оспорената одредба се движи во уставни рамки и со ништо не го повредува Уставот, Имено, најелементарна анализа на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, потврдува дека: во Собранието се избираат 120 пратеника; тие се избираат според пропорционалниот модел; кандидати за пратеници се предлагаат на листа на кандидати; основни носители на предлагањето на кандидатските листи се политичките партии; гласањето се врши на гласачко ливче на кое граѓанинот, впрочем не гласа за идниот пратеник, туку само за носителот на листата и слично. Тоа укажува дека оспорената одредба не може изолирано да се посматра, туку во целина на уставниот и законскиот концепт за пратеникот и неговото место, статус и улога во системот. Во согласност со концептот утврден со Законот, кандидатот за пратеник легитимитетот за изборот од листата на кандидати го црпи од политичката партија што го олределила, а политичката партија својот легитимитет го докажува на изборите. Изборот на пратеникот е поврзан и условен со припадноста ла предлагачот на кандидатската листа, односно носителот на кандидатската листа. Според тоа, престанокот на мандатот од оспорената одредба, всушност е начин и услов за избор на пратеникот, за што постои уставен основ и тоа прашање не може да се третира како отповик, ниту да се спротивставува на уставната одредба за отповик (член 62 став 4 од Законот). Напротив, се работи за со закон однапред утврден и познат услов за избор во кој на пратеникот му престанува мандатот ако на негово барање му престане членството во политичката партија, со што го губи основот по кој што е избран или, пак, со изјава дека преминува во друга политичка партија, од која нема основ за неговиот избор. Всушност, пратеникот се откажува од основниот услов за неговиот избор и тука не станува збор за институтот на отповик, ниту пак за престанок на мандатот, за кој одлучува Собранието, туку за случај во кој само се констатира таквиот факт на првата наредна седница на Собранието (член 110 став 3 од Законот). Според тоа, престанокот на мандатот на пратеник пред истекот на време го за кое е избран во случаите опфатени со оспорената одредба, фактички зависи од самиот пратеник, а неод друг субјект, па ниту од Собранието, бидејќи во конкретниот случај се работи за лична волја на пратеникот да му престане членството во партијата, или пак, да премине во друга партија. Во вакви случаи, како што веќе напред е наведено, Собранието само констатира дека мандатот на пратеникот веќе престанал со денот на настанувањето на овие законски услови. Со други зборови, на пратеникот му биле јасни правилата на играта востановени со закон, како при изборот, така и за време на траење на мандатот и тој тоа го прифатил. Според тоа, овде не може да станува збор за “врзан“ или “слободен“ мандат на пратеникот, туку за законски утврден услов за стекнување со мандат односно за “условен“ мандат.

Востановувањето на институтот на престанок на малдатот на пратеникот под услови на настапување на одредени законски услови, како што е во оспорената одредба, очигледно е во согласпост со пропорционалниот модел на избор на пратениците на Собранието и е во функција на обезбедување на стабилен собраниски состав во времстраење на четири годишниот мандат. Со примената на овие со закон утврдени услови за престанок на мандатот по волја на самиот пратеник (искажана при самиот избор) не значи ограничување на слободата па уверувањето, мислата и јавното изразување па мислата (член 16 став 1 од Уставот), слободата на здружување (член 20 од Уставот), право да се учествува во вршењето на јавни функции (член 23 од Уставот), дотолку повеќе што не постои корелација на овие уставни одредби со оспорената одредба, па ниту истите можат да бидат повредени.

Со укинувањето на оспорените делови од одредбата на член 101 од Законот, не мислам дека ќе се придонесе кон зајакнување и почитување на принципот на уставност и законитост во организирањето на државната власт и правната сигурност во конституирањето на Собранието, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, ниту кон почитување ла принципот на владеење на правото и воопшто, почитување на Уставот, туку напротив, се создаваат услови за нестабилност на тој систем, а со можноста од промени на политичката припадност во времетраење на мандатот, без да тоа влијае на составот на Собранието, се создаваат услови за т.н. трансфери, кои, според моето мислење, нема да значат зајакнување на темелите на правната држава. Воедно, не мислам дека оспорената одредба не е во согласност со граѓанскиот суверенитет на Релублика Македонија (член 2 од Уставот), тргнувајќи од фактот дека граѓанинот при изборот гласал за носител на листата за кој верувал дека како за него, така и за другите на таа листа, нема да трансферираат во времетраење на мандатот, а ако тоа го направат, тогаш дека ќе го отстапат пратеничкото место за наредниот од листата. Таквиот начин, според моето мислење, не значи ограничување на слободниот мандат на пратеникот, на што во најголем дел се темели мнозински донесената одлука на Уставниот суд, туку со закон, во рамките на Уставот, создавање на правна сигурност при изборот и конституирањето на Собранието на Република Македонија како и во вршењето на работите од неговата со Устав утврдена надлежност.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија,
д-р Трендафил Ивановски

Одлука У.бр.186/2002 и У.бр.130/2004