Издвоено мислење по предметот У.бр.169/2002

Согласно на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), после моето гласање против неповедувањето на постапката односно за поведување на постапката и, пред тоа, моето залагање дека одлучувањето треба да се заснова на други правни основи, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на Решението У.бр. 169/2002 од 19 февруари 2003 година во врска со уставноста на Законот за
амнестија (“Службен весник на РМ” бр. 18/2002)

1. Со Законот за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/2002) се ослободуваат од гонење, се запираат сите (покренати и непокренати) кривични постапки, се ослободуваат од издржување на затворска казна и се брише осудата заедно со правните последици – на сите лица за кои постои сомневање дека подготвувале или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година (член 1). За таа цел, Законот пропишува обврски за постапување на државните органи –јавниот обвинител, првостепениот суд, казнено – поправната установа (член 5), а освен тоа на јавниот обвинител му е одземено правото на жалба против актот со кој лицето е амнестирано (член 6 став 2).

Таквиот широк опфат на амнестирање, ги има следните “ограничувања” – временски, се однесува за дела сторени до 26 септември 2001 година (не после тоа) – член 1 став 1 од Законот; амнестијата не се однесува за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право кое е во надлежност на Меѓународниот трибунал (член 1 став 4).

Така конципираниот закон ги има следниве недостатоци (исклучително значајни за неговото практично применување):

– не го определува датумот од кој почнува амнестијата за кривичните дела (имено, амнестијата се однесува и пред 1 јануари 2001 година – член 1 став 2), со што се стимулира криминалците да ги поврзуваат своите дела, сторени неограничено време наназад, со конфликтот од 2001 година така што на делата ќе им даваат политичко значење со цел да ја избегнат одговорноста, а од друга страна се овозможува субјективната волја на државните органи да биде одлучувачки критериум при анализа на секој конкретен случај одделно, со што се продлабочува кризата (а не се решава);

– не се наведуваат (со позитивна или негативна енумера-ција) кривичните дела за кои се дава амнестијата (член 1 став 3), со што се овозможува криминалците да ги поврзуваат сите свои дела со конфликтот од 2001 година давајќи им политичко значење дури и кога нема таква поврзаност со цел да избегнат одговорност, а тоа е продлабочување на етничкиот јаз, нераздвојување на други недозволени однесувања од делата за кои се дава амнестијата, во крајна линија не одвојување на доброто од злото;

– не е определен механизам за постапување по меѓународни кривични дела кои никогаш не застаруваат доколку Меѓународниот трибунал не постапи по нив од било кои причини, со што се овозможува најтешките видови кривични дела да останат надвор од дофатот на правото;

– се исклучува правото на јавниот обвинител да поднесува жалба против првостепен акт со кој лицето се амнестира, со што се оневозможува институцијата надлежна за чување на јавниот интерес да ја извршува својата основна функција поради која постои и се промовира конечност по едностепено одлучување, што е повреда на основни правни принципи.

2. Наведените недостатоци во Законот, секој одделно и сите заедно, ја повредуваат темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со оглед дека одредбите не се доволно прецизни и не овозможуваат да владее објективна правна норма (неопределеност на датумот и на кривичните дела што се амнестираат), не создаваат претпоставки за доаѓање до вистината (исклучување на правото на жалба на јавниот обвинител), не раздвојување на другите кривични дела од оние за кои се дава амнестија и конечно, не одвојување на злото од доброто.

Инаку, моето залагање за интервенирање во Законот од наведените причини е со цел да се елиминираат тие недостатоци, а тоа сигурно ќе беше придонес во развојот на општествената реалност во државата (а не нејзино деградирање).

3. Правно гледано, Законот не треба да опстои во правниот поредок на Република Македонија и затоа што, давајќи им ослободувања на лицата кои се амнестираат, Законот навлегува во правата и ги оштетува граѓаните чии роднини загинале или граѓаните кои се ранети, протерани од своите домови … во конфликтот во 2001 година. Очигледно, постоење на закон со содржина која амнестира е правно неодржливо бидејќи таков закон “за едни е мајка, за други маќеа”. Евентуалната политичка оправданост за амнестирање треба да се врши со политички акт бидејќи правните акти треба да останат поштедени од квалификативот дека се само продолжена рака на политиката. Тоа мора да биде така за да навистина владее правото како збир на принципи за исправно постапување.

Од изнесените правни и фактички причини, во Законот требаше да се интервенира, а неинтервенцијата е правно неприфатлива, поради што го издвоив своето мислење.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Никола Крлески

Решение У.бр.169/2002