Согласно член 25 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, издвојувајќи го своето мислење по донесената одлука на Уставниот суд под У.бр.141/97 и У.бр.146/97, од 18.11.1998 година, со која се укинати: а) Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености и б) Указот за прогласување на Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97), го давам следното образложение:
1. Уставен основ за донесување на Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености се одредбите на членот 8 став 1 алинеја 2 и членот 48 став 1 од Уставот на Република Македонија. Одредбата на членот 8 од Уставот определува дека една од темелните вредности на уставниот поредок е и слободното изразување на националната припадност. Оваа темелна вредност не може да не се поврзува со членот 48 став 1 од Уставот, според кој припадниците на националностите имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености. Републиката, гарантирајќи го културниот, јазичниот и верскиот идентитет во ставот 2 на овој член, воедно го гарантира и етничкиот идентитет на националностите, кој пак не претставува ништо друго освен слободно изразување на националната припадност кога е тоа потребно заради обезбедување на идентитетот на националноста.
Гарантирајќи ги овие права Републиката презема уставна обврска да го заштити идентитетот на националностите, покрај другите мерки и со донесување на закони, како што е постапено со оспорениот Закон.
Оттука произлегува неоснованоста на правното сваќање, изразено во одлуката на Уставниот суд, дека членот 5 на Уставот не дава простор со посебен закон да се регулира употребата на знамиња на националностите.
Со членот 5 став 1 на Уставот, имено се уредува само државното знаме, химната и грбот како државни симболи на Република Македонија, и притоа се одредува дека овие државни симболи се утврдуваат со закон. Прашањето пак на употребата на знамињата на националностите воопшто не може да се врзува со членот 5 од Уставот, кој исклучиво го регулира прашањето само на државните симболи на Република Македонија кои впрочем се на сите граѓани вклучувајќи ги тука и националностите кои живеат во Република Македонија.
Недвосмислено е дека употребата на знамињата на националностите пропишано со оспорениот Закон носи една друга логика од онаа која што е во цитираниот член 5 на Уставот. Во конкретниот случај не станува збор за државен симбол, туку се работи за сосема друго право од корпусот на основните човекови слободи и права кои се признаени и гарантирани со одредбите од членовите 8 и 48 на Уставот.
Не е во согласност со Уставот застапениот став во одлуката на Уставниот суд дека со употребата на знамињата на националностите се повредува државниот суверенитет на Република Македонија. Ова затоа што знамето кое се нормира во спорниот Закон не е израз на суверенитетот на националностите, туку во конкретниот случај се работи за изразување на националниот идентитет. Државниот суверенитет и националниот идентитет се две сосема различни работи и меѓу нив не може да се постави некаков знак на равенство. Непостоењето на еквиваленција помеѓу државниот суверенитет и националниот идентитет се гледа не само од содржината, туку и од самиот назив на Законот. Законодавецот најверојатно се раководел од потребата да исклучи било какво евентуално сомневање во однос на ова прашање.
Покрај горенаведените причини и околноста што со Законот изрично се забранува истакнувањето на знамињата на националностите пред и во објектите на трите власти (законодавна, извршна и судска власт), Уставниот суд на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија и други органи, кои всушност претставуваат главни државно-правни атрибути на Република Македонија, го исклучува становиштето дека со употребата на знамето на националностите се повредува државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Овој Закон, за разлика од поранешниот Закон од 1973 година е многу порестриктивен. Освен случајот во членот 5 од Законот (употреба во некои единици на локалната самоуправа во денови на државните празници на Република Македонија, културни, спортски и други приредби што ги организираат националностите) всушност употребата на знамето на националностите се сведува пред се во приватната сфера.
Ограничената можност за употреба на знамето на националностите во единиците на локалната самоуправа кои според Уставот немаат државно-правни атрибути (не влегуваат во ниту една од трите власти), како и наведените правни причини од овој дел на образложението на издвоеното мислење, не можат да претставуваат уставна основа за отстранување од правниот поредок на оспорениот Закон во целина.
2. При претресот на Предлогот на Уставот пред Собранието на Република Македонија (16.11.1991 година) било дадено појаснување дека националните особености како термин од членот 48 став 1 на Предлогот ги вклучува и националните симболи и дека за ова немало дилеми ниту во Уставната комисија, и притоа било укажано, воопшто на проблемите кои настануваат во практика при употребата на знамињата на националностите, со посебен осврт на искуствата на други држави во Европа.
Од ова јасно произлегува дека при утврдувањето на текстот на членот 48 од Предлогот и донесувањето на Уставот пратениците при гласањето биле со јасно уверување дека во содржината на овој член во поглед на изразување на националниот особености се вклучени и симболите на националностите.
3. Во правната наука знамето е дефинирано како државен симбол и воедно како национален симбол. Историски е докажано дека знамето понапред било национален симбол, а потоа по правило станало и државен симбол. Затоа, во паметењето на новите поколенија, знамето преди се се доживува како национален симбол. Покрај другите балкански народи, кај албанците од давнина било изразено чувството на вакво доживување.
Продолжувајќи ја традицијата, после II-рата светска војна, со одредени прекини, над пет децении, националното знаме се употребуваше во семејни, други свечености, приредби и сл. Во државните празници и други манифестации се истакнуваше заедно со државното знаме и другите знамиња. После уставните измени, во Република Македонија во 1973 година беше донесен Законот за употреба на знамињата на народностите. По укинувањето на овој Закон (1989) иако се створи правна празнина, по распаѓањето на СФРЈ, се толерираше употребата на знамињата на националностите.
Поаѓајќи од наведените факти како и причините изнесени во претходната точка, произлегува дека правото на заштита на употребата на знамињата од националностите има основа и во одредбата од членот 5 став 1 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, во која меѓу другите вредности е предвидено сочувањето на традициите и културното наследство на националните малцинства кои се суштински елементи на нивниот идентитет. Заштитата на овие права не може да се ограничат со одредбата на членот 21 од Рамковната конвенција. Толкувањето на вредностите “традициите и културното наследство” во однос на спорниот Закон не е во спротивност со основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичката независност на државите. Суштината на оваа одредба се состои во тоа што оваа Конвенција не дава право националните малцинства (националностите) да преземат активности кои се во спротивност со основните принципи на меѓународното право односно да постапуваат на тој начин со што се загрозуваат горенаведените државно-правни атрибути на земјите потписнички на Конвенцијата. Од аспект на оценката на согласноста на спорниот Закон со Рамковната конвенција, правно неодржливо е да се прима дека оваа одредба (член 21) се однесува на законодавецот, на земјата потписничка, кој суверено донесува закони, односно ја врши законодавната власт.
4. Уставниот суд наоѓајќи дека во конкретниот случај не биле исполнети условите од членот 82 од Уставот, претседателот на Собранието да го заменува претседателот на Републиката, оценил дека всушност претседателот на Собранието не бил овластен да го потпишува Указот и во име на претседателот на Републиката поради што го укинал и Указот за прогласување на спорниот Закон.
Ако се прифаќа вакво становиште произлегува дека Законот не би можел да влезе во сила, од причина што претседателот на Републиката бил оневозможен да ја врши неговата функција согласно членот 75 став 2 и 3 од Уставот (користење на правото на суспензивно вето).
При ваква фактичка и правна положба, Уставниот суд можел да го укине само Указот за прогласување на Законот, и да му овозможи на претседателот на Републиката да го користи своето право од членот 75 од Уставот (да го потпише Указот, или Законот да го врати во Собранието на повторно разгледување).
Уставниот суд наспроти ова, укинувајќи го Указот и Законот паѓа во неодржлива правна положба. Ако се укине Указот за прогласување на Законот, логично произлегува заклучокот дека во смисла на одредбите од членот 52 на Уставот не може да се прифати дека Законот влегол во сила. Закон кој што не е влезен во сила не може да се оцени неговата согласност со Уставот. Во ваков случај Уставниот суд согласно Деловникот за работа на Уставниот суд, можел да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на оспорениот Закон.
Непостапувајќи на ваков начин, Судот зазел становишта кои се правно неприфатливи од причините дадени во претходните точки на ова издвоено мислење.
Судија на Уставниот суд
на Република Македонија
Бахри Исљами