Издвоено мислење по предметот У.бр.39/1993

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
по Одлуката У.бр.39/93

Со Одлуката се укинува член 37-ѓ од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување, затоа што со таа одредба се доведувало во прашање остварувањето на посебната заштита на инвалидите на трудот во Републиката и се загрозувала нивната социјална сигурност, како права што ги гарантира Уставот (член 34 и 35). Но, од анализата на Одлуката произлегува дека основната, суштествена, причина за неуставноста на членот 37-ѓ од означениот закон е неговата неповолност во однос на решението содржано во членот 37 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тоа по прашањето за начинот на определувањето на висината на надоместокот на личниот доход на работниците-осигуреници со преостаната работна способност.

Тргнувајќи од одредбата на член 110 алинеја 1 од Уставот, според која Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, Уставен основ за уставно-судска интервенција во законот може да биде само неговата несогласност со Уставот, а не квалитетот на неговите решенија сами по себе или во споредба со решенијата од други закони кои го уредуваат правниот однос. Нема сомневање дека неусогласеноста на одредбите од еден или повеќе закони во уредувањето на определено прашање предизвикува сериозни тешкотии во примената и непосредно се одразува врз остварувањето на правата и обврските на граѓаните и на другите правни субјекти, но решавањето на тој проблем излегува од рамките на уставно утврдената надлежност на Уставниот суд, па и во тој случај кога анализата на неусогласените одредби покажува дека некое од решенијата во нив е поповолно за граѓаните.

Неповолноста на определена законска одредба не може да биде основ за нејзиното отстранување од правниот поредок од страна на Уставниот суд, ако во исто време не се утврди дека постои и нејзина несогласност со Уставот. Во случајов, како што се гледа од цитираните одредби на двата закона, и укинатата одредба предвидува право на надоместок на личниот доход, како еден од облиците на посебната заштита на инвалидите со преостаната работна способност, со што се почитува уставната обврска за посебна заштита на инвалидите и за обезбедување на социјална сигурност, во рамките на законот, бидејќи се во прашање права, кои според Уставот се димензионираат со закон. Начинот, пак, на утврдувањето на основицата за пресметување на надоместокот не е предмет на уредување на Уставот. Поради овие причини не постојат уставни основи за укинување на спорната законска одредба.

Исто така, спорната законска одредба не може да се оцени за несогласна со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија. Имено, според оваа одредба од Уставниот закон (став 1 на член 5), “постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија”.,Исклучоците од ова правило се содржани во ставот 4 на овој член од Уставниот закон според кој сојузните прописи со кои се уредуваат организацијата и надлежноста на органите на федерацијата не се применуваат во Република Македонија. Според тоа, иако е несомнена целата на оваа одредба од Уставниот закон – да се отстранат празнините во правниот систем на Републиката, Уставниот закон со ништо не упатува на селективно преземање на сојузните прописи па ни според критериумот на нивната компатабилност и апликативност во постојниот републички правен поредок.

Затоа, преземањето на сојузните прописи, според Уставниот закон, се врши целосно, а евентуалните неусогласености со тоа ќе настанат во правниот систем (“двоен режим”) ќе се решаваат според правилата за решавањето на судирот на прописите од исто нормативно ниво.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Димитрие Димишковски

Одлука У.бр.39/1993