Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.“ од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005).
2. Т.П. “Жани”, Т.П. “Андромеди”, Т.П. “Ева Трејд” и ДОО “Фине” сите од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата, која по барање на Судот е дополнително прецизирана, со ставот 1 од оспорената одредба од Законот за заштита на пушењето, одредени продавници односно дуќани кои се наоѓале на помала оддалеченост од претшколските и школските воспитно-образовни установи се наоѓале во нерамноправна положба во однос на другите продавници. Ова од причина што со оваа забрана на продажба на цигари определена во оспорената законска одредба се влијаело кај овие дуќани да се намали прометот и со што се попречувало правото на слободата на пазарот и претприемништвото предвидено во член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со членовите 8, 10, 11, 12, 14, 25, 30,. 33, 35, 40, 50, 51, 58 и 59 од Уставот на Република Македонија, без да се наведат причините поради кои одредбата од Законот не е во согласност со наведените членови од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5-а став 1 од Законот за заштита од пушењето се забранува продажба на цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 метри и во објектите кои се сместени во спортско рекреативните површини.
Во ставот 2 од членот 5-а од истиот закон се предвидува дека се забранува продажба на тутунски производи на парче (по цигара), продажба преку автомати, места за самоуслужување, како и продажба по нарачка.
4. Членот 42 од Уставот на Република Македонија, кој влегува во глава II (Втора) со наслов “Основни слободи и права на човекот и граѓанинот” и во точка 2 со поднаслов “Економски, социјални и културни права” утврдува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Согласно членот 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина.
Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Во членот 1 од Законот за заштита од пушењето, се предвидува дека со овој Закон се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во одредени јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.
Според членот 5 од Законот се забранува продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години.
Оспоренииот член 5-а став 1 од Законот ја регулира забраната на продажба на цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 метри и во објектите кои се сместени во спортско-рекреативните површини.
Факт е дека забраната на продажба на цигари во објектите предвидени во оспорената законска норма претставува ограничување, односно попречување на правото на слобода на пазарот и претприемништвото. Факт е, исто така, дека целта на тоа ограничување е заштита на здравјето на малолетните лица како јавен интерес и дека таа преставува легитимна цел.
Преминувајќи на теренот на балансирање на поединечниот и јавниот интерес, треба да се одговори на прашањето дали изрекувањето на овој вид на мерка е неопходен до тој степен, заради зачувувањето на здравјето на луѓето, односно на малолетниците што би го оправдало ограничувањето на пазарот, односно правото на слобода на пазарот и претприемништвото.
Според Судот, изрекувањето на ваквата мерка како што е предвидено во сега оспорената законска норма, не е неопходно ниту вистински служи за постигнување на легитимната цел за заштита на децата, од причина што од целината на Законот за заштита од пушењето произлегува дека законодавецот веќе со изречената генерална мерка во членот 5 од Законот за забрана на продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало ја постигнал својата уставна обврска за заштита на здравјето кај младата популација (децата). Со тоа ефектот и целта на Законот е постигнат со генералната забрана изречена во членот 5 од Законот, поради што дополнителното ограничување на продажбата на цигари како што е содржано во сега оспорената законска одредба, според Судот е прекумерно и непотребно и се појавува исклучиво како економско ограничување и попречување на правото на слобода на пазарот и претприемништвото. Оттука, ограничувањето во оспорената одредба не може да го положи тестот на пропорционалност со легитимната цел, при што не е постигнат фер баланс помеѓу индивидуалниот и јавниот интерес.
Според Судот, оспорената одредба има и други помалку важни слабости. Така, не е за потценување да се спомене и фактот што произлегува од содржината на оспорената законска одредба, односно околноста дека истата не е јасна од причина што од неа не може да се утврди на кој начин се пресметува растојанието помало од 50 метри. Дали пресметувањето на растојанието се врши од објектот или пак од оградата на објектот, односно кој градежен поим ја опфаќа претшколската или школската образовна установа. Потоа, апсурдно е да се усвои како законска претпоставка дека деца од претшколска возраст се популација што додека се во градинка купуваат цигари!? Судот притоа не навлегува во анализа на прашањето за ефикасноста на 50 м. оддалеченост, што само би го засилило сознанието дека таа мерка не постигнува ништо, освен еднострано ограничување на економската активност.
Во прилог на тоа дека е потребно балансирање на интересите е и фактот што во делот на преодните одредби од Законот, законодавецот водел сметка и оставил време за адаптација на новиот режим така што примената на новиот режим ја одложил до јуни 2005 година со што всушност ги балансира заемните интереси (заштита на луѓето и јавното здравје и правото на слобода на пазарот и претприемништвото).
Врз основа на наведеното, според Судот, не постои оправданост на мерката содржана во оспорената законска одредба во услови кога законодавецот има на располагање други ефикасни мерки, како што е генерална забрана за продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години, предвидена во законот, а што нешто, според Судот ја доведува под сомнение оспорената законска одредба, односно се поставува прашањето дали со неа се повредува едно од основните права од областа на економските односи гарантирано во член 55 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.39/2006
18 април 2007 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи