Издвоено мислење по предметот У.бр.24/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.70/92), по моето гласање против Одлуката У.бр.24/2008 од 2 април 2008, со која Судот ги укина член 12 став 1 и член 13 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2008 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означената одлука Судот ги укина членот 12 став 1 и членот 13 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2008 година, со кои се уредуваат условите за исплата и висината на надоместоците за превоз и исхрана на вработените односно функционерите кај буџетските корисници (така како што се цитирани во Одлуката). Притоа, преку споредбен преглед на решенијата во врска со уредување на овие права во законите и колективните договори што се однесуваат на јавниот и приватниот сектор, во ставот 6 на Одлуката се констатира дека вработените во стопанството примаат повисок износ на овие надоместоци од вработените во јавниот сектор, за да се заклучи дека поради тие разлики „вработените во јавниот сектор по тие основи се ставени во нееднаква, понеповолна положба од другите вработени“ (став 9 на истата точка од Одлуката) поради што наведените одредби не биле во согласност со уставните начела на владеење на правото и еднаквоста утврдени во член 8 став1 алинеја3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.

Очигледно е во Одлуката дека таа се заснова на темелниот став дека лицата што работат во јавниот и во приватниот сектор треба да бидат во еднаква положба кога се работи за остварување на означените надоместоци. Јас не само што не се согласувам со тој темелно погрешен став на мнозинството судии, туку и со начинот на кој уставноста на Законот се оценува преку неговата споредба со други закони и со колективни договори.

Прво, ставот дека вработените во јавниот и приватниот сектор имаат еднаква положба, не произлегува од Уставот ни во генерална смисла, ни во смисла на остварување на означените надоместоци. Она што го бара Уставот во член 32 е правата на вработените и нивната положба да бидат уредени со закон и со колективни договори. Меѓутоа таа одредба не е основ да се тврди, на пример, дека државните службеници и вработените во градежништвото имаат или треба да имаат иста положба, или дека Законот за државни службеници треба да ги препушти на колективно договарање истите прашања што ги препуштил Законот за работните односи, и тн., што мислам дека не било спорно во досегашната пракса на Судот. На терен на различните надоместоци, (зошто да не и плати), разликите помеѓу приватниот и јавниот сектор се фактички прашања коишто не може да имаат правни импликации, а најмалку да бидат основ за егалитарни теории. Разликите во изворите на финансирање и границите на правото на располагање во јавниот и приватниот сектор се, ми се чини, важен критериум за тоа дали е можно во Уставот да се најде основ за егалитарна теорија. Впрочем, во Одлуката воопшто не се ни прави обид да се покаже дека еднаквоста што се сака да се заштити во овој случај е заснована врз Уставот, туку напросто воочените разлики помеѓу вработените се сметаат за недопуштени. Еднаквоста, сепак, подразбира дека со еднаквите се постапува еднакво, а со нееднаквите нееднакво. Во тој контекст, укинатите одредби од Законот за извршување на Буџетот, коишто на еднаков начин се однесуваат на корисниците на Буџетот, не се во несогласност со уставниот принцип на еднаквост.

Второ, според моето мислење, споредбата на Законот за извршување на Буџетот со други закони и со колективни договори, вклучително и од стопанството, во Одлуката има смисла ако се прави како приказ на разликите во регулирањето на ова прашање, како емпириска основа на натамошното испитување дали разлики од таков тип се уставно допуштени, а не како доказ дека постојат недопуштени разлики. Вака излегува дека Буџетот на Република Македонија и законот за неговото извршување, би требало, заради обезбедување еднаква положба на вработените во Републиката во остварувањето на надоместоците за превоз и исхрана, претходно да се усогласува со колективен договор од стопанството, барем додека таму овие надоместоци се повисоки. Законот за извршување на Буџет на Република Македонија, не може да се оценува од аспект на неговата согласност со Колективниот договор за стопанството во Република Македонија, ниту тоа може да биде посреден пат за оценување на неговата уставност од аспект на релациите на правните акти во правниот поредок на Република Македонија. Освен тоа, повикувањето на колективен договор за стопанството во овој контекст не е можно и со оглед на тоа што државата воопшто не е еден од социјалните партнери што го склучуваат колективниот договор за стопанството. Државата може да биде партнер во склучувањето на колективен договор за буџетскиот сектор, а обврските што ги презема со него да бидат основа за соодветна проекција на буџетот, што би требало да го видиме во наредната, 2009 година. Меѓутоа проекциите за идното уредување на овие прашања на ниеден начин не ја доведуваат во прашање актуелната уставност на укинатите одредби.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Одлука У.бр.24/2008